Даниела ДИМИТРОВА
Андријана Прокопенко е млада мошне трудољубива и одговорна девојка со нагласен истражувачки дух. Оштетување на нејзиниот вид од неа не направил искомплексирана и интровертна личност. Напротив таа е постојано ведра и насмеана, иницијативна и комуникативна. Неа скоро да не ја оддалечуваат од животот на врсниците.
Во кругот на семејството без предрасуди, со помош на стручни лица и литература во Заводот за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов” во Скопје се рехабилитира, односно се оспособува за користење на Браево писмо во своето образование. На нејзина желба, во нижите одделенија го учи и англискиот јазик. Средното образование го завршува во редовно училиште, во Гимназијата “Јосип Броз Тито” во Скопје. И покрај немање на учебници на Браево писмо и современи технички помагала за визуелно хендикепирани, резултатите од нејзиниот труд и упорност не изостануваат. Во третиот клас, заедно со својот другар, изготвува проект за систем на оценување на учениците, кои јавно го образложува и е објавен во весник.
Бидејќи животната љубов и определба на Андријана и е англискиот јазик, по матурирањето конкурира на најеминентниот центар во светот за образование и оспособување на визуелно хендикепирани Овербрук училиштето за слепи-интернационална програма во Филаделфија, Соединетите Американски Држави. Од финансиски причини не се запишува.
Високото образование го започнува на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје-група англиски јазик и книжевност, наставна насока, како редовен студент. По завршување на јунската испитна сесија, постигнала просечна оценка 9,25.
Нејзин текст е објавен во списанието на Кралскиот институт на слепите на Велика Британија. Има учествувано во емисијата во живо на Глас на Америка. На нејзин предлог оваа радио станица има реализирано специјална емисија посветена на можностите за образование на визуелно хендикепираните лица. Исто така, учествувала во повеќе радио и телевизиски емисии кај нас. Притоа нејзиниот основен мотив е надминување на конзервативните сфаќања и предрасуди, како и осовремување на условите за образование и рехабилитација на лицата со оштетен вид во Р. Македонија.
Во мај оваа година, Андријана Прокопенко е примена во Овербрук училиштето за слепи-интернационална програма во Филаделфија, а воедно има добиено и половична степендија од 17.000 САД $, а преку спонзори успеала да го добије и остатокот на пари потребни за школување.