Анета БАРАКОВСКА
Педагошките димензии на слободното време
Слободното време во современото општество, посебно во периодот на интезивните општествени промени, станува сé поизразено подрачје и на воспитно-образовната дејност, а наедно значи и нова димензија на педагошката стварност. На него повеќе не се гледа само како на универзална социјална појава или здравствено-терапевтска можност, туку и како на доминантна педагошка категорија која во себе содржи повеќестран и богат воспитно-образовен потенцијал.
Поимот “слободно време” на прв поглед изгледа познат, лесно одредлив и едноставен. Меѓутоа во расправиите за овој проблем е присутна поимовна и терминолошка конфузија. Дијапазонот на сфаќањата за слободно време е мошне широк и се движи од општествен идеал, па сé до сфаќањето дека тоа е апсолутно субјективно чувство на поединецот. Разновидни се гледиштата и толкувањата на односот на општеството и поединецот по однос на располагањето со слободното време. шаренилото е присутно, а тоа е предизвикано од разновидноста на науките и нивните специфични аспекти, како како и од разновидните филозофско-идеолошки основи.
Иако при дефинирање на поимот “слободно време” има доста разминувања, сепак кај поголем број автори како конститутивни елементи се истакнуваат: време, вонпрофесионалните, општествените, семејните обврски и животни потреби, потоа слободно располагање со преостанатото слободно време и на крај користење на неговите општествено-позитивни содржини за одмор, разонода, образование, културно усовршување и развиток на личноста воопшто.
Она што е за нас посебно интересно е воспитно-образовната функција на слободното време односно општествената корист од активностите во слободното време, покрај здравствените аспекти со нивното значење.
Во обидот да се доближиме до педагошката суштина на проблемот слободно време, сосема спонтано се наметнува прашањето во колкава мера навистина слободното време може да биде шанса за слободен развој на младиот човек. Како живее и се развива денешната млада генерација во услови на интезивни општествени промени кога се рушат старите структури, а новите сé уште не се поставени. Дали слободното време на младите онака како што тие денес го поминуваат можеме да го сметаме за простор што придонесува за позитивен физички, психички и социјален развој.
Резултатите од некои истражувања ни ја даваат следнава слика; (6; 227-29).
Ако горе наведените податоци ги анализираме во целост не наведуваат на констатацијата дека станува збор за хедонистички и потрошувачки карактеристики на слободното време. Активностите со кој се занимаваат младите во слободното време не бараат значителни физички и интелектуални напори, тие овозможуваат забава и разонода преку бегство од реалноста во некој свет на илузии и желби во кој се отфрлаат општо прифатените норми на однесување. Ваквиот начин на користење на слободното време е карактеристичен за нестабилни и потрошувачки општества. Во оваа епоха, епохата на потрошувачкото општество мораме да се свртиме кон вистинските човекови вредности, кои денес се потиснати, обезвредени и често запоставени.
Педагошките димензии на слободното време и неговите функции треба да се движат на релација педагошко дејствување преку слободното време и за слободното време. Преку слободното време треба да се развие смислата за неговото позитивно искористување, така што луЃето ќе станат културни корисници на слободното време кое денес во облик на “добра и лоша стока” сé повеќе се нуди на пазарот на секојдневниот живот.
Ако човек сака навистина да се почувствува повикан да решава за сегашноста, овде и сега, за себе, но и за иднината на генерациите што доаЃаат, тогаш мора сериозно да се пристапи кон искористување на сé она што му го нудат активностите во слободното време, кои постојано ќе ги обновува, модернизира и збогатува. “широко отворен кон пораките на својата епоха хомо урбаникус е неизбежно вклучен во промените што ја имаат сегашноста и иднината на човештвото. Современиот човек во развојот и порастот на своите потреби и можности, должности и права, заштитеност и загрозеност, здруженост и отуЃеност, единствено со творечки решенија на својата реалност може да го оствари правото на очовечување на својот опстанок и понатамошно зацврстување на својата егзистенција воопшто”. Тоа му го овозможуваат активностите во слободното време кои треба да прераснат во систем на слободни активности. (7; 141).
Значи преку активностите на слободното време човекот има реални услови да биде и социјализиран и креативен и културен и инвентивен во идниот развој.
Владимир Јанковиќ разликува превентивно, формативно и терапевтско дејствување на активностите на слободното време. Нивното превентивно дејствување се согледува во пресретнувањето и потиснувањето на некултурни и асоцијални облици на однесување, ангажирање на младите и возрасните со педагошки и општествено вредни дејности. Воспитно-формативно значење на тие дејности е во нивно помагање при изградувањето на позитивни особини на личноста и карактерот, а теравпетското се манифестира во процесот на превоспитание (реедукација и ресоцијализација) на оние лица со девијантни облици на однесување. (1; 292)
Слободното време е комплексна појава колку што се комплексни факторите, активностите што ги сочинуваат неговиот обем и содржина и што се испречуваат и произлегуваат од бројни други појави со кои тоа е во меЃузависност. Дека тоа има воспитни и образовни потенцијали е неоспорно. Ако факторите на неговото влијание се бројни институции, семејство, медиумите, а тоа се истовремено главни воспитни фактори кои влијаат врз формирањето на личноста, што друго би можело да значи освен дека самото тоа има и воспитни аспекти.
За стручно научното осмислување, организирање и канализирање на воспитно-образовните можности на слободното време се занимава педагогијата на слободното време. Предметот на оваа педагошка научна дисциплина е проучувана на сите пригодни, случајни, ненамерни и неорганизирани влијанија на младите и возрасните, со цел да ги запознае и да ги потисне негативните, а да ги зајакне позитивните влијанија во слободното време. Смислата на педагогијата на слободното време е да ги пронајде патиштата и начините на слободното време да се направи значаен фактор за перманентно учење, дејствување, создавање и усовршување на човекот во сообразност со позитивните стремежи на една човекова заедница.
Педагогијата на слободното време го проучава воспитанието на слободното време со цел откривање на нови сознанија во развитокот на теоријата и унапредувањето на воспитната работа на ова подрачје како и вреднувањето на теретските и практичните достигнувања. Оттука произлегуваат и нејзините задачи:
Оваа педагошка дисциплина денес има голем број на тешкотии што се наѕираат меЃу другото и во тоа што таа мора да се занимава со анализа на сите влијанија и фактори, испитувања и преферирање на одделни активности, толкувања на специфични принципи и слично. Истовремено таа не смее да се претвори ниту во дескриптивна ниту во нормативна дисциплина, значи слободно кажано, ниту во збир на есеи ниту во збир на прописи.
Сметаме за потребно дека овде треба да í обрнеме внимание и на една друга крајност, а тоа е опасноста од претерано програмирање, стандардизација, духовно информирање, стерилизација на творештвото, а пред сé, на преоптеретеноста. Проблемот на преоптеретеноста посебно се поставува за еден слој на деца од поголеми градови.
Денес евидентна е ситуацијата кога не мал број на родители премногу се грижат за организирање на слободното време на своите деца, па така врз хипертрофираните училишни програми се додаваат и програми преку кој се реализираат неостварени амбиции на родителите како на пример учење на повеќе странски јазици истовремено, свирење клавир, учење балет и друго. Со ваквиот начин на претерано програмирање и стандардизација на слободното време на детето се нарушува основната карактеристика на слободното време, а тоа е правото на слободен избор. Оваа слобода е елементарна човекова потреба и без неа се губи смислата на човековиот живот.
Од сето ова, уште еднаш се потврдува ширината и сложеноста на слободното време што се движи: од бројни можности до бројни опасности, од уживање до товар. Оваа материја бара навистина сериозен приод во нејзиното проучување. Поради тоа во рамките на своето целосно дејствување, педагогијата на слободното време мора да биде најтесно поврзана со другите општествени науки и нивните дисциплини.
Со користење на резултатите од научните истражувања од социологијата, антропологијата, етиката, психологијата, социјалната медицина, а во поново време и екологијата се проширува и обемот и квалитетот на нејзиното понатамошно дејствување.
Литература: