Follow us!

FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Publish with JSER

JSER DATA

  Frequency: quarterly
 
  ISSN: 1409-6099 (Print)

  ISSN: 1857-663X (Online)

Login Form



Polls

What do you think about the JSER Online website?
 
SCImago Journal & Country Rank



Зорица НИКОЛОВА

 

Правата на хендикепираните лица во рамките на Законот за социјална заштита

Правната регулатива е една од основните претпоставки за организирање и воспоставување на систем на социјална заштита и рехабилитација на лица со пречки во психофизичкиот развој.
Со оглед на специфичноста на потребите на овие лица, во смисла на нивната хетерогеност, природно е истите да се остваруваат во различни сфери на општествениот живот, со учество на различни системи, подсистеми, установи и институции. Нивната дејност, а со тоа и остварувањето на различните права на овие лица е регулирана со повеќе закони и подзаконски акти. Еден од нив е Законот за социјална заштита, во кој се опфатени различни права од областа на социјалната заштита.
Во глобала, скоро сите права предвидени со овој Закон, наполно или во одредени свои сегменти се однесуваат и на хендикепираните лица. Но, постојат и права предвидени исклучиво за хендикепираните лица.
Согласно Законот за социјална заштита (Сл. Весник на Р.М., бр. 50/97), хендикепираните лица можат да користат права во рамките на вонинституционалната и институционалната заштита.
                Вонинституционалната заштита (Чл. 10) ги опфаќа следните права:

  • прва социјална услуга на корисниците на социјална заштита;
  • помош на поединец;
  • помош на семејство;
  • домашна нега и помош на поединец и на семејство;
  • дневно згрижување како облик на помош на поединец и на семејство и
  • сместување во друго семејство.

Правото на прва социјална услуга на корисник на социјална заштита во случај на хендикепирано лице, произлегува од потребата за благовремено воочување на проблемот и откривање на лице во состојба на социјален ризик. Што значи тоа? Ова право хендикепираното лице ќе го користи повеќе на посреден начин. Родителите или старателот на хендикепираното лице (дете) имаат право на детална услуга во смисла на благовремено стручно информирање за видот и карактерот на проблемот, како и за можните решенија (непосредна, конкретна интервенција или упатување во установа или институција каде може да се добијат соодветни услуги).
Во практиката сî уште постојат случаи кои поради неинформираност и неупатеност, не само што не ги оствариле своите права, туку го изгубиле и драгоценото време за развој и рехабилитација на хендикепираното лице.
Ова право нашите граѓани можат да го остварат во Службата за непосредна социјална заштита и превентивна работа, која функционира во рамките на Центарот за социјална работа на град Скопје, а свое одделение има на територијата на секоја општина во градот. Доколку постои потреба, корисниците се упатуваат и поврзуваат со други (соодветни) стручни служби што функционираат како во рамките на Центарот, така и надвор од него.
Правото на помош на поединец и семејство подразбира примена на соодветни форми на стручна советодавна или советувалишна работа, прилагодена на конкретните потреби на хендикепираното лице, а со цел да се обезбеди зачувување и развој на здравите потенцијали на личноста и нормално функционирање на семејството. На реализацијата на ова право се работи во Службата за старателство, како и во Службата за односи на родители и деца, во чии рамки функционира и советувалиштето за брак и семејство. 
Имено, присуството на хендикепирано лице во семејството бара и соодветен начин на организирање. Специфичните потреби на хендикепираните лица бараат дополнителни информации на сите членови од семејството, а особено на родителите. Искуството покажува дека е неопходна стручна помош и при градењето на рационален однос на сите членови од семејството кон хендикепираното лице.
Во спротивно, честопати доаѓа до меѓусебно недоразбирање, обвинување, самообвинување, жестоки конфликти, дисфункција на целото семејство, па и до распаѓање и сепарација на семејниот систем. Меѓутоа, проблемот со хендикепираното лице на тој начин, не само што не се решава, туку најчесто уште повеќе се усложнува, а честопати како жртва на овие семејни односи се јавуваат други членови од семејството-обично помалото дете.
Во зависност од видот и степенот на попреченоста, согласно Чл.14 од Законот за социјална заштита, хендикепираното лице има право на домашна нега и помош. Ова право може да го користи изнемоштено и инвалидизирано лице, кое не е во состојба да се грижи за себе, и во задоволувањето на егзистенцијалните потреби, потребна му е помош и нега од друго лице. Домашната нега и помош на хендикепираното лице се обезбедува и кога тоа живее во семејство. 
Остварувањето на ова право е поврзано со Чл. 73 од овој Закон, со кој е предвидено формирање на Центар за давање помош во домашни услови. Во нашата практика, за жал, сî уште не функционираат, поточно не постојат овакви центри. Нашите корисници ова право го остваруваат во вид на паричен надоместок, што сигурно ниту приближно не ги покрива нивните потреби и, се разбира, би било подобро кога би се создале можности за отварање на Центри за помош во домашни услови.
Правото на дневно згрижување на хендикепираното лице се предвидува со Чл. 15 од овој Закон, каде прецизно се наведува кој се може да го оствари ова право. Посебно се истакнуваат лицата со умерени и тешки пречки во психофизичкиот развој и инвалидизирани лица кои не можат сами да се грижат за себе.
Правото на дневно згрижување (престој, услуги околу исхраната, осмислено и организирано користење на времето) се обезбедува и за деца инвалиди, пред сî, заради нивното интегрирање во секојдневниот живот.
Ова право наведените лица можат да го користат и кога живеат во своето семејство. За жал во наши услови, и покрај сознанието дека ова е една од најдобрите форми на социјална заштита, сî уште не е доволно застапена. Постојат обиди, но за нивната функционалност во суштинска смисла, неопходно е координирано дејствување на повеќе системи и подсистеми.
Правото на сместување во друго семејство е едно од најкористените права од страна на хендикепираните лица. Претпоследниот став од Чл.16 на овој Закон вели:“Лице со умерени и тешки пречки во психичкиот развој упатено на оспособување за работно-производна активност, лице со најтешки пречки во психичкиот развој и телесен инвалид кому му е крајно потребно згрижување и нега, старо лице, возрасно-инвалидно лице и лице со пречки во психичкиот развој, кое не е во состојба само да се грижи за себе, а поради станбената и семејната положба не постои можност да му се обезбеди заштита на друг начин” има право на сместување во друго семејство.
Ова право, кое е воедно и форма на социјална заштита е многу застапено во секојдневната работа на Скопскиот Центар за социјална работа, особено при згрижување на деца без родители и родителска грижа, кои истовремено се со пречки во психичкиот или физичкиот развој. (Во градот Скопје 76 семејства чуваат, односно целосно се грижат за 126 деца, од кои 50% со пречки во психо-физичкиот развој.)
Искуството покажува дека децата сместени во друго семејство покажуваат многу подобри резултати во својот развој во однос на децата сместени во некоја од институциите. Ова веројатно е резултат на влијанието на семејната атмосфера (исполнета со секојдневна грижа, топлина, со чувство на припаѓање, можност да се сака и да се биде сакан; место каде може да се најде модел за идентификација, да се стекнат навики, да се добие прекор, но и поттик да се учи и напредува).
Новиот Закон за социјална заштита предвидува и дава можности за ширење на овој облик на заштита, со тоа што овозможува оваа хумана дејност да биде поадекватно валоризирана-овозможува да се заснова работен однос, договорно, доколку се чуваат три и повеќе деца. Од друга страна се создаваат и услови за поставување на повисоки критериуми при избор на семејствата, што секако позитивно ќе влијае врз унапредувањето на овој облик на заштита.
Во рамките на институционалната заштита на хендикепираните лица се предвидуваат следните права:

  • право на оспособување за работно-производна активност и
  • право на сместување во установа за социјална заштита.

Според Чл. 18 од овој Закон право на оспособување за работно-производна активност имаат лица со умерени и тешки пречки во психичкиот развој.
Правото на оспособување за работно-производна активност опфаќа упатување во установа за социјална заштита, надоместок на трошоците за сместување и исхрана, надоместок на трошоците за оспособување за работно-производна активност и надоместок на трошоците за превоз.
Право на сместување во установа за социјална заштита, според овој Закон Чл. 19) имаат лица кои немаат соодветни услови за живеење во своето семејство или оние на кои од било кои други причини им е потребно сместување во установа за социјална заштита, а не може да се примени друг облик на социјална заштита.
Ова право може да го користи и лице со умерени и тешки пречки во психичкиот развој, упатено на оспособување за работно-производна активност, лице со најтешки пречки во психичкиот развој и телесен инвалид кому му е потребно трајно згрижување и нега.
Оценка за способноста за оспособување за работно-производна активност на децата и младинците со умерени и тешки пречки во психичкиот развој дава соодветен орган. Поточно, од страна на Министерството за труд и социјална политика е изготвен посебен Подзаконски акт-Правилник за оценка на специфичните потреби на децата и младинците со пречки во развојот.
Зависно од видот на попреченост, според пропишаните критериуми во Подзаконскиот акт, а со дозвола на Министерството, се формираат посебни комисии за распоредување. Тие изготвуваат наод и мислење, врз основа на кои Центарот за социјална работа изготвува решение за секое лице посебно, со кое лицето се упатува да го оствари своето право.
Така, постојат следните комисии за разврстување:

  • За лица со оштетен слух-Заводот за слух, говор и глас;
  • За слепи и лица со слаб вид-Заводот за слепи;
  • За телесно-инвалидните лица-Заводот за физикална медицина и рехабилитација и
  • За лица со пречки во психичкиот развој-Центарот за социјална работа.

Лице со пречки во психофизичкиот развој во одредени услови има и право на постојана парична помош. Ова право може да го оствари лице неспособно за работа, со умерени, тешки и најтешки пречки во психичкиот развој, кое заради степенот на попреченоста не може да се стекнува со образование, како и лице кое по развојниот период стекнало инвалидност, а при тоа е и социјално необезбедено.
Со Чл. 30 од овој Закон е нормирано правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, за лица кои не можат да ги вршат основните животни потреби, односно кои се неподвижни, потполно слепи, заболени од дистрофија или сродни мускуларни или невромускуларни заболувања, целебрална или детска парализа, параплегија, како и лица со тешки и најтешки пречки во психичкиот развој на возраст над 26 години.
Потребата од ова право треба да е утврдена од надлежниот стручен орган, предвиден со Чл. 31 од Законот, кој дава оценка за работната способност. Тоа е всушност, Комисијата за оценка на работната способност при Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Правото на здравствена заштита, според Чл. 32, од овој Закон, им припаѓа на корисниците на постојана парична помош, лицата сместени во друго семејство, во установа за социјална заштита и на корисниците на надоместок за помош и нега од друго лице, ако не можат да се осигураат по друг основ.
Како новина, Законот за социјална заштита го уредува и надоместокот на плата за скратено работно време, поради нега на хендикепирано лице-дете.
Ваквото право е предвидено за вработените родители на хендикепираното дете во Законот за работни односи, а со Законот за социјална заштита е предвиден надоместокот на плата до полното работно време на родителот, што се остварува во Центарот за социјална работа. Ова право може да се регулира согласно Чл. 33 од Законот за социјална заштита.
Сите горенаведени права може да се реализираат преку воспитно-образовните, здравствените, и социјалните установи, односно преку перманентна стручна соработка меѓу сите овие установи. Меѓутоа неопходна е и соработка со разни здруженија и хуманитарни-невладини организации, чија улога и придонес може да се многу значајни за оваа категорија корисници.

 

ЛИТЕРАТУРА

  1.   Закон за социјална заштита, Службен весник на Р. Македонија, бр. 50/97.
  2.   Правилник за утврдување на специфични потреби на лица со пречки во психофизичкиот
  3.   развој, Службен весник на Р. Македонија, бр. 53/98
  4.   Дефектолошка теорија и практика, бр. 1,
  5.   Горан Ајдински “Од нормативно-правната меѓународна регулатива за хендикепирани лица”.