Петре ГЕОРГИЕВСКИ

 

МЕТОДОТ НА АКЦИСКОТО ИСТРАЖУВАЊЕ

 

Вовед

Еден број методолози и истражувачи акциското истражување го сметаат за нова парадигма во социолошката и педагошката методологија или како критика на традиционалната методологија, иако тоа се јавува во четириесеттите години на овој век. Според францускиот социолог Жорж Лапасад (Lapassade, 1996:61) терминот “акциско истражување”, прв го употребил антропологот Колие (Collier), а негова елаборација и примена прв ја направил Крт Левин (Lewin) во 40-тите години. Неговото акциско истражување се однесува на модификацијата на ставовите и поведенијата на Американците во поглед на нивните навики за исхрана за време на војната. Левин ги опиша фазите на акциското истражување на следниот начин: С# започнува со генерална идеја на истражувањето, прв план; потоа, овој првичен план се подложува на интервенција и се проценуваат (евалуираат) првите резултати. Врз таа основа се планира нова етапа на акциското истражување и така активностите циклично се повторуваат. Ова кумулативно движење, има форма на “спирала” на односи меѓу практиката, набљудувањето и теоризацијата. Оваа Левинова концепција на акциското истражување според Ж. Лапасад, би можела да се спореди со онаа на Ј. Морено практикувана под името “социодрама”.
Левиновата концепција или модел на акциско истражување, нешто автори го означуваат како класично (Lapasad) или како првично (Barbier) означува како активност на експерти по некој предмет од општествените науки што често дејствуваат како “консултанти” на барањата на клиентите и што не се ослободени од “употребата на специфичен вокабулар со математичка инспирација” (Barbier, 1996:38).
По критиките на Левиновиот модел на акциско истражување од страна на Кар и Кемис (Carr and Kammis, 1983) во стручната литература с# почесто се употребува терминот “ново акциско истражување”. Имено, додека класичното акциско истражување означува активност на експерти што дејствуваат како консултанти на барањата на клиентите, групите, спротивно во “новото акциско истражување” експертите се заменуваат со практичари што стануваат истражувачи и што го водат нивното истражување однатре: тие прават “интерни анализи” на нивната практика (Boumard, 1989).
Кар и Кемис го употребуваат поимот “практика” (Praxis) повикувајќи се, притоа, на марксистичкиот поим таков каков што посебно го елаборира Ј. Хабермас (Habermas) што е за нив основна теориска референца. Во рамките на херменевтиката и интерпретативниот пристап, Кар и Кемис истакнуваат дека практиката треба да се разбере во нејзиниот историски контекст; таа е акција што означува информирано и инплицирано дејствување. Praxis означува здружена акција на една стратегија, одговор на определен проблем, конкретно поставен во една историски дефинирана и локализирана ситуација, што се сака да се промени. Оттука, според нивното сфаќање само практичарот има пристап кон импликациите и кон практичните теории што ја информираат практиката, само практичарот може да ја проучува сопствената практика. Тргнувајќи од ваквото поимање на практиката, Кар и Кемис акциското истражување го дефинираат како форма на истражување што го вршат практичари преку својата сопствена практика. Се работи за акциско истражување што еманципира и критикува. Поради тоа, акциското истражување, како наука на практиката, е внатрешно (однатре), истражување на единствената практика на практичарот. (Karr and Kammis, 1986).
Со оглед на фактот што “новото акциско истражување” се во спротивстав на позитивизмот, и е за “деобјективизација” на сознанието, с# повеќе се доближува до етнографијата, стремејќи се да станат комплементарни. Таа тенденција, според пишувањето на Ж. Лапасад, доаѓа до израз во текстот на заедничко публикуваното дело на П. Вудс (Woods), специјалист по етнографија на училиштето и Б. Кемис (Kammis), што го практикува акциското истражување во училишната средина.
За да може успешно да одговори на современите практични проблеми, според Кар и Камис, новото “акциско истражување” треба да задоволи пет основни барања, особено во образовната средина:

  • да прекине со позитивистичките концепции на “рационалност”, на објективност” и на “вистинитост”;
  • тоа треба да ги употреби интерпретатитвните категории од страна на наставниците и другите учесници во образовните процеси;
  • да пронајде средства за разликување на идеите и интерпретациите што систематски се искривувани од идеологијата, со тоа што ќе ги одвои оние што не се тоа и ќе се запраша како да се надмине таквото искривување;
  • тоа треба да се обиде да го идентификува она кое во постојниот општествен поредок ја блокира рационалната промена и предлага теориски интерпретации на ситуациите што дозволуваат учесниците во образовниот процес да ги надминуваат овие блокади;
  • тоа е базирано врз фактот дека се работи врз практично знаење и дека прашањето за неговата вистинитост ќе биде решено преку неговата релација со практиката.

Во оваа смисла, акциското истражување ги поврзува процесите на испитување со животите на луѓето како што тие се соочуваат со проблемите и стресовите што ги притискаат нив во нивниот секојдневен живот. Според Е. Стринџер (Stringer, 1996:10), акциското истражување во современите демократски општества ги има следните карактеристики:

  1. Тоа е демократско и го овозможува учеството на сите луѓе;
  2. Тоа е изедначувачко; ја осознава еднаквата вредност на луѓето (истражувачот има сит статус во истражувањето како секој друг субјект учесник во него);
  3. Тоа е еманципирачко, овозможувајќи слобода од потиснувачките услови, и
  4. Тоа е подобрување на животот, овозможувајќи го изјаснувањето на човековиот целосен хуман потенцијл.

Меѓутоа, не треба да се сфати дека акциското истражување е лек за сите болести и дека ни дава решенија за сите проблеми, но сепак, обезбедува средства за луѓето да се “справат” со нивните ситуации и да формулираат ефективни решенија за проблемите со што се соочуваат во своите јавни и професионални животи. (Stringer, 1996, 16).
Со решавањето на определени практични животни проблеми акциското истражување се приближува до апликативното (применетото), иако тие треба што појасно да се разликуваат. Така, Л. Коен и Л. Манион (Cohen and Manion, 1994), откако акциското истражување прелиминарно го дефинираат како мала скала за интервенција во функционирањето на реалниот свет и блиско испитување на ефектите од таквата интервенција, акциското истражување го разграничуваат од применетото на следниот начин: двата вида истражување го користат научниот метод. Но, применетото истражување главно се занимава со воспоставување врски и тестирање теории, тоа е многу ригорозно во својата апликација на примена на условите на овој вид истражување. За крајна цел тоа истражување има-проучување на голем број случаи, воспоставување што е можно повеќе контрола врз варијаблите, прецизира техники на примерок, и води сериозна грижа за генерализирање (воопштување) на неговите сознанија и компарабилни ситуации. Тоа не бара да придонесува директно за решение на проблемите. Спротивно на применетото истражување, акциското истражување го употребува интерпретативниот метод и го поима научниот метод многу полабаво, зашто неговиот фокус е специфичен проблем во специфична рамка. Тука нагласката не е врз постигнувањето на воопштување, колку што е врз прецизното познавање и разбирање на специфичната ситуација и цел.
Акциското истражување ги користи методите на повеќе истражувачки ориентации, притоа, прилагодувајќи ги на специфичните проблеми на конкретните истражувачки ситуации. Целта на овој вовед беше само да укаже на настанувањето и на определени особини на акциското истражување како и на задоволување на определени барања, а не поцелосно и пошироко да се навлегува во карактеристиките на ова истражување. Сметам дека овој вовед може да овозможи подобро разбирање на методот на акциското истражување што е и основната цел на овој труд.

 Методот на акциското истражување
Поимот “метод” во социолошката методологија, но и во методологијата на другите општествени науки различно се дефинира, тргнувајќи од тој поим да се изедначува само со пристапот или само со техниката, или постапката на прибирање на податоци, или со анализата на податоците, така што се создава определена “конфузија во употребата на тој поим” (Dirand et Weil 1993).
Поимот метод како начин на доаѓање до сознание е сложенка од повеќе елементи и тоа: пристапот, постапката или постапките на прибирање на податоци, и со тоа и на комуникација и постапка или постапките на анализа на податоците. Во оваа смисла, во основни црти, ќе биде елабориран методот на акциското истражување, поопширно задржувајќи се на постапките за прибирање на податоци, но не запоставувајќи го пристапот и постапките за анализата на податоците.

Пристапот
Методот како пристап кон стварноста содржи определено теориско гледиште за карактерот на општествениот живот и како можат да се објаснат причините или да се разберат појавите и со тоа да се сфати нивното значење. Исходиштето на првата теориска ориентација е квантитативниот или позитивистичкиот пристап, а излезната точка на вториот е квалитатитивниот пристап. Со оглед на инсистирањето за “деобјективизација” на сознанието и прекинување со позитивизмот, акциското истражување претежно се засновува врз квалитатитвниот пристап, со што се се настојува појавите не само да се разберат и соодветно да се интерпретираат (што е својство и на интерпретативниот пристап), туку и да се изврши промена на конкретната ситуација. Со тоа, се експлицира Хабермансовата критичка теорија на практиката како надминување на позитивистичкиот и интерпретативниот пристап и метод во целост.
Меѓутоа, за да ги задоволи своите барања акциското истражување не може да истрае само врз употребата на квалитативниот пристап и квалитативните постапки на прибирање и анализирање на податоците. С# повеќе се истакнува потребата од “плурализам на пристапи и методи” (Adam, 1984); триангулација (Elliott, 1991, Bryman, 1988). Џон Елиот смета дека триангулацијата не е толку техника за набљудување колку поопшт метод за доведување во меѓусебна врска на повеќе различни видови доказен материјал заради споредба и контраст. На тој начин, Елиот триангулацијата ја сфаќа тесно, т.е. само врз комплементарноста за собирање на доказен материјал. Брајмен многу пошироко ја сфаќа триангулацијата како комбинирање на квантитативното и квалитативното истражување, што има долга историја и е очигледно во пристапот на М. Вебер (Weber). Брајмен верува дека квантитативниот и квалитативниот пристап во целост имаат свои предности и дека употребени во исто истражување обезбедуваат корисни погледи во општествениот живот. Таквиот “интегрален”, “комбиниран”, “мешан” (mixt) пристап и постапки на истражување с# повеќе и повеќе има приврзаници во социолошките и педагошките истражувања.
Основната карактеристика на акциското истражување Е. Стринџер ја шематизира во три постапки: 1) види, 2) мисли 3) дејствувај:

Шема 1. Рутината на базичното акциско истражување

Стрингер напоменува дека рутинските активности што се назначени во шемата 1 имаат свои корени во процедурите што вклучуваат еден број на области од професионалниот живот во САД, Европа, Азија, Африка и во Австралија и биле користени во еден широк ранг на контексти, вклучувајќи рурални, градски и субурбани локации во фабриките, училиштата, фармите, болниците, фирмите, приватните организации и во јавните агенции.
Акциското истражување има повеќе фази. Секоја фаза го менува неговиот интерактивен систем. Дијалектиката на професионалниот истражувач и на истражувачите практичари, во рамките на колективниот истражувач, потоа и дијалектиката на колективниот истражувач со групата-цел го анимираат постојано движењето на акциското истражување (Barbier, 1996:86) за време на целото планирање, темпоралноста се препознава со својата лепеза од конфликти и медијации поврзани со акцијата.
Шемата 2. јасно покажува дека предметот на акциското истражување с# повеќе и повеќе станува колективно конструиран, “ко-конструиран”, сразмерно врз што анализата се прави поиздржана од целиот колективен истражувач. Со тоа и хипотезите за акција и објаснување настануваат и се дискутираат во рамките на колективниот истражувач и се ставаат на увид на членовите на групата-цел. Постојат две фази на оваа елаборација: во првата се поставува дијагноза, опфаќајќи ја и внатрешната логика на поведението на субјектот во проблематичната ситуација; втората фаза е референцијална во општествените и хуманистички науки и работи врз клучните точки на блокадата на ситуацијата; елаборацијата е повеќе во надворешноста на групата-цел, како и на практичарите на колективниот истражувач. (Barbier, 1996:88).


Во реализацијата на генералниот план на акциското истражување, преку спиралните чекори на истражувањето, важно е како процесот на имплементација и неговите ефекти треба да бидат набљудувани. Во оваа смисла, според Џ. Елиот важно е да се запомни следното:

а.

треба да се користат набљудувачки техники што обезбедуваат податоци за тоа колку добро се имплементира текот на активноста;

б.

треба да се користат техники што обезбедуваат податоци за несакани како и за сакани ефекти;

в.

треба да се користи низа на техники што ќе овозможи да се види што се случува од различни агли или гледни точки.

Се разбира дека е потребно определено време за да се успее во имплементирањето во текот на активноста. А тоа пак, подразбира промени во однесувањето на сите учесници (Elliott, 1991:76) во конкретната ситуација што е предмет на акциското истражување.

Постапки во собирањето на податоци
Џ. Елиот во наведениот труд го употребува терминот “техники и методи” (во множина-П.Г.) во собирањето на податоци” во процесот на акциското истражување; притоа не разграничувајќи што се “техниките” а што се “методите”, бидејќи во исто рамниште ги става дневниците, фотографските материјали, снимките на видео касети, со интервјуирањето и набљудувањето, што создава нејаснотија во поимањето на категориите “методи” и “техника”, додека пак, во француската методолошка традиција, Р. Барбие го употребува терминот “техники на акциското истражување”, правејќи ја иста грешка како Џ. Елиот, ставајќи ги во овој термин заедно партиципативното набљудување, животните приказни, “техники на патувачкиот дневник”.
Сметам дека термините “техника или техники на собирање на податоци” со помош на партиципативното набљудување, неструктурираното интервју, и животните приказни не се соодветни, зашто имплицираат определени теориски и идеолошки погледи на самите истражувачи, без оглед на тоа дали се професионални или пак, практичари истражувачи. За да се избегне “збрката” или “конфузијата” на ваквата употреба јас ќе го користам терминот “постапка(и)” во прибирањето на податоци како една од компонентите на претходно изнесениот поим-“метод” што е поврзана со првата негова компонента-пристапот.
Начелото на триангулација што означува комплементарна, интегрална, мешана употреба на повеќе методи во истражувањето важи и за постапките на создавање искуствена евиденција и кај акциското истражување и покрај тоа што добар дел истражувачи и методолози триангулацијата ја сфаќаат многу потесно, ограничувајќи ја само врз постапките на собирање на податоци, што е недоволно, зашто различните методолошки постапки за собирање на податоци произлегуваат од различните пристапи, и бараат различни постапки на обработка и анализа на податоците и нивна комплементарна употреба.
Р. Барбие смета дека вообичаените “техники” во општествените науки се погодни да бидат употребени во едно акциско истражување, така што можат да придоенсат за решавање на проблемот. Но, со оглед на тоа дека “техниките на собирање на податоци не се “неутрални”, тој се ограничува пошироко да пишува за две техники што според неговото мислење се специфични за акциското истражување со егзистенцијална и интегрална доминанта: учесничкото набљудување и дневникот (Barbier, 1996:90).
Џ. Елиот ја елаборира употребата на следните “техники и методи”: дневници, анализа на документи, фотографска евиденција, користење на надворешен набљудувач, интервјуирање, “студија во сенка” и прашалници (Elliott, 1991). Е. Стринџер за прибирање на податоци во текот на акциското истражување ги наведува следниге: интервјуирање на учесниците во некоја група на истражувањето, учество во нивната работа или општествени услови за набљудување на активностите и настаните; читање и проучување на документи и белешки, помагање на секоја учесничка група да развие подетален опис на проблемот и контекстот ( Stringer, 1996:61).
Не исцрпувајќи ги сите постапки во собирањето на податоци во процесот на интеракциско истражување, овде накусо ќе бидат изложени следните постапки: учесничкото набљудување, интервјуирањето, патувачкиот дневник и употребата на документи (каде што покрај официјалните спаѓаат и личните документи, слично како и при употребата на биографскиот метод).

a) Учесничкото набљудување

Употребата на набљудувањето не е “забранета” од кој и да било истражувачи што застапуваат одреден методолошки пристап, но сепак, учесничкото набљудување (партиципативното) е карактеристика на квалитативниот пристап на истражување. Тоа, заедно со неструктурираното интервју се средишни постапки и во акциското истражување. Учесничкото набљудување, според Лапасад (Lapassade, 1991:23-24) е решение за истражувањето. Како што наведува Р. Барбие, Адлер и Адлер предлагаат три вида на импликација на набљудувањето:

  • периферно учесничко набљудување (ПУН);
  • активно учесничко набљудување (АУН) и целосно учесничко набљудување (ЦУН)1

Во првиот вид (ПУН) истражувачот прифаќа парцијална импликација за да може да биде третиран како “член”, без да му биде дозволено да влезе во “центарот” на активностите на групата. Во вториот вид (АУН) истражувачот со улогата во групата настојува да добие статус внатре во групата или во институцијата што ја проучува. Тој е и во групата и на друго место.


Во третиот вид на импликација (ЦУН), истражувачот е или беше имплициран член на групата пред да го започне истражувањето, или станува имплициран со конверзија, зашто доаѓа однадвор. АУН и ЦУН се два типа на набљудување, што се најприфатени во акциското истражување со егзистенцијална доминанта (Barbier, 1996:90-91). Притоа, најзначајно е улогата на учесник-набљудувач да биде прифатена од групата како и членовите на групата да стекнат доверба кај истражувачот со учесничко набљудување.
Како што се среќаваат истражувачите во процесот на акциското истражување со членови на учесничките групи, така тие ќе имаат можности да добијат појасна слика за истражувачкиот контекст преку набљудување на условите во што учесниците живеат и работат. Притоа, од посебно значење е тие што попрецизно и подетално да водат белешки од набљудувањето на теренот. Таквите белешки треба да содржат описи што ќе бидат резултат на бележењето додека трае настанот, или веднаш по враќањето дома, со цел деталите што можат да го сочинуваат богатиот мозаик од информации да не исчезнат и описот да добие површност или избледнетост.
Овие белешки, според Е.Стринџер, можат да вклучат описи на следните видови елементи:

Е. Стринџер, со право истакнува дека учеството во истражувачките контексти кога се користи набљудувањето на истражувачите, им овозможува употреба и на интервјуа и разговори што го прошируваат обемот на достапните информации. Соодветните прашања им овозможуваат на истражувачите да ја опишат ситуацијата со зборовите на самите учесници, но и комплементарно со белешките од учесничкото набљудување.

б) Интервјуирање

Интервјуто е методолошка постапка на собирање на податоци по пат на вербално комуницирање што имаат научна релевантност. Интервјуто и водењето на разговори е нераскинлив сегмент на комуникацијата во сите фази на акциското истражување, без што тоа не може да се реализира. Интервјуата е неодминлив начин за утврдување на тоа како изгледа ситуацијата од гледна точка на учесниците во истражувањето на конкретната ситуација. Интервјуата им овозможуваат на овие учесници да ја опишат својата ситуација. Оттука, произлегува дека треба да се интервјуираат лицата со што истражувачот нормално се среќава во конкретната ситуација. Така, во контекстот на истражувањето на активноста во училницата, напомнува Џ. Елиот, еден примерок (број) ученици треба често да се интервјуира. Извлекувањето на “автентични” искази од нив во почетокот не е лесно, со оглед на авторитетната позиција на наставникот. Еден начин за надминување на овој проблем е да се побара од некој надворешен консултант да направи неколку почетни интервјуа. Таа или тој, со дозвола на учениците може да му го предаде снименото интервју на наставникот, кој го слуша, а потоа разговара со учениците за темите што се планирани во него. Доколку во разговорот наставникот покаже способност за отвореност и непристрастност, ученицте с# повеќе ќе бидат согласни отворено и директно да разговараат со него. Надворешниот посредник, потоа, може да се елиминира. (Elliott, 1991:80).
Ова јасно покажува дека истражувачот, уште на почетокот е неопходно да ги надмине проблемите на воспоставување на контакти и добивање на согласност за соработка во водењето интервју и во истражувањето во целост.
Во секој случај, за да биде успешно интервјуто, односно за да се добие довербата од страна на интервјуираните лица и тие да даваат целосни, искрени и отворени одговори, истражувачот, според Е. Стринџер, треба да го прави следното:

  • да се идентификува себе си, својата улога и своите цели;
  • да дава дозвола или согласност за разговор со луѓето и бележење или снимање на разговорите (податоците);
  •  да провери дали времето е соодветно за една поширока дискусија, и
  • да договори и алтернативно време и место за интервју, ако тоа е неопходно. (Stringer, 1996:62).

Интервјуата можат да придобијат неколку форми во зависност од тоа како се структурирани: структурирани, полуструктурирани и неструктурирани. Целосно структурирано интервју е едноставно прашалник, воден од истражувачот, на кого не му е дозволено да се оддалечува од претходно дадените прашања. Во друга спротивна крајност е целосно неструктурираното интервју, што добива форма на конверзација и каде што интервјуистот, нема однапред дадени прашања и одговори. Меѓу овие два типа интервјуа е полуструктурираното. Токму во акциското истражување, најчесто се употребуваат полуструктурираниот и неструктурираниот тип на интервју.
Како постапки на квалитативниот метод, полуструктурираното и неструктурираното интервју се употребени и од страна на Ален Турен (Tourain), во проучувањата на свеста на работниците, особено во книгата Гласот и окото (1978), каде што ја предложи употребата на методот социолошка интервенција со иста или со слична конотација на акциското истражување. Методот на Туреновата социолошка интервенција може да биде спореден и со методот на “поттикната (provokie) и придружна самоанализа” од неодамна предложен од исто така истакнатиот француски социолог Пјер Бурдие, во книгата Светската беда (Bourdieu et autre, 1993). Како излезна точка на надминувањето на подвоеноста меѓу објектот и субјектот, како и социолошката интервенција на чии методолошки квалитети се повикува и ги опишува Пјер Бурдие, исто така и “поттикнатите и придружни самоанализи” предизвикуваат директно учество на општествените актери како што прават и актерите на социолошката интервенција и акциското истражување.
Социолошкото интервју е наречено со терминот “поттикнато” (предизвикано, провоцирано), зашто се одвива во сите случаи кога е барано или “поттикнато” од страна на социолозите со цел да се следи предметот на нивното проучување. Тоа е “придружно” интервју, зашто интервјуистот, според Б. Бурдие, мора да го придружува интервјуираното лице, во согласност со смислата што е водена од неговите забелешки. (Пошироко види: Hamel, J. 1998). Интервјуата во зависност од проблемот на истражувањето добиваат форма на поединечни или на групни интервјуа. Нормално е еден интервјуист да интервјуира еден испитаник. Ова има определен број предности. Може да биде полесно да воспостави пријателски односи, а доверливоста да биде осигурана и интервјуираното лице да не биде под влијание од интервјуистот или да се чувствува непријатно во присуство на други испитаници. Меѓутоа, во нешто околности што се карактеристични и за акциското истражување, социолозите и педагозите спроведуваат групни интервјуа. На пример, Пол Вилис (Willis) во своето истражување за образованието интервјуирал неколку “момчиња” одеднаш. Може да биде докажано дека е поверојатно да се добијат валидни податоци на овој начин, во споредба со “лице во лице” (поединечно интервјуирање). Активностите на момчињата обично се вршеле во контекст на групата и групното интервју би го изразило тоа. Во групните интервјуа, П. Вилис бил во состојба да ја набљудува интеракцијата меѓу “момчињата” и тие се чувствувале послободно отколку кога би зборувале сами со еден повозрасен интервјуист од средната класа (Наведено според Haralambos and Horlborn, 1995:840).
Највообичаен начин за водење на интервју е да биде ненасочувачки: воздржување од нудење на мислења и избегнување на изразите на одобрување и несогласување. Сепак, главен проблем во процесот на интервјуирање е тоа што самите прашања и начинот на кој тие се поставуваат можат да бидат обоени од восприемањата, погледите, перспективите и интересите на истражувачите, односно интервјуистите. Спредли (Spredlay, 1979) дава корисна рамка за релативно неутрални и ненасочувачки прашања. Оваа рамка што ја изложува и Стренџер, е следната:
Прашањата за обиколка на главните градови на Европа се премногу глобални за да им овозможат на учесниците да ја опишат ситуацијата со сопствени термини. Тие ја добиваат следната форма: “Кажете ми за вашата работа?” Што обезбедува фокус без давање на насока или сугерирање на видови или форми на одговори. Други видови на глобални прашања подразбираат:

  • типични прашања што им овозможуваат на испитаниците да говорат за начинот на кој настаните вообичаено се случуваат (пример, обично, како работи вашата група? Опишете типичен ден во вашата канцеларија).
  • Специфични прашања што се фокусираат врз специфични настани или појави (пример, Можете ли да ми кажете за вчерашниот состанок? Опишете што се случи минатиот пат... Истражувачот, понатаму може да го растегне описот преку употреба на активности што им овозможуваат на учениците да ја визуелизираат својата ситуација појасно. Определена натамошна информација може да биде барана преку вештата употреба на прашања што им овозможуваат на учесниците да откријат повеќе детали за појавата околу што дискутираат.
  • Прашања со екстензија (пример, Кажете ми нешто повеќе за... Дали има уште нешто што би сакале да ми кажете за...? И што друго...?
  • Прашања (коментари) за охрабрување (пример, продолжете ..., Да? Ах, ах...)
  • Примери прашања (пример, Можете ли да ми дадете пример за тоа? (Stringer, 1996:62-63).

При водењето на разговорите или интервјуата е корисно да се употребува касетофон, доколку за тоа дадат доброволна согласност интервјуираните лица. Меѓутоа, употребата на касетофон има предности и недостатоци. Предноста е во тоа што на интервјуистот му овозможува да го сними разговорот детално и точно и повторно да го слушне. Или пак, да го пренесе на хартија онака како што е снимен. Недостатокот е во тоа што добар број интервјуирани лица можат да се посомневаат во можноста за злоупотреба на податоците изнесени од страна на интервјуистот и со тоа да го прекинат разговорот или да продолжат да даваат неискрени, нецелосни или фиктивни податоци. Тоа има значителна импликација не само во добивањето на реални сознанија за конкретната проблематична ситуација што е предмет на акциското истражување, туку и за соодветна нејзина промена или решение. Поради тоа, само со доброволна согласност на учесниците во интервјуто може да се употреби касетофонот како помошно средство.

в) Употребата на дневник

Постапката на водење дневник во создавањето на искуствена евиденција е пренесена од етнологијата или културната антропологија во социологијата и во другите општествени науки. Дневникот во акциското истражување стана речиси неминовна и вообичаена постапка комплементарна на учесничкото набљудување, интервјуто и официјалните и лични документи на учесниците во истражувањето на конкретната проблематична ситуација. Притоа, е важно да се напомене дека во процесот на акциското истражување не води дневник само истражувачот, туку пожелно е дневник да водат и учесниците во конкретната ситуација. Така, илустрација на ова може да послужи проектот “Фордовото предавање” (Ford Teaching Project) што го наведува Џ. Елиот, каде што на наставниците што преземаат сопствени акциски истражувања во училницата, им се предлага да ги поттикнат и учениците да водат дневници. Ова на наставниците им овозможува да го споредат сопственото искуство за ситуацијата со она на учениците. Важно е да се запомне, напомнува Џ. Елиот дека водењето дневник е неопходна лична и приватна работа и дека изложувањето на неговите содржини на други лица треба да биде под контрола на неговиот автор. Не треба да има задолжително собирање на дневниците на учениците на крајот од училишниот час. Еден од начините за контрола на учениците е наставникот да одржува “состаноци на проценка (евалуација)” откако некоја од страните ќе ги прочита белешките во дневникот. Во текот на состанокот на евалуација некоја страна заклучува за “податоците од дневникот” за изразените погледи. Сепак, не постои причина поради што не би се извршила “размена” на дневниците, се разбира доколку се согласни двете страни (Elliott, J. 1991:77).
Рене Барбие посебно елаборира еден вид дневник што го нарекува “дневник од патување” (Le journal d’itinérance), “патувачки дневник”, што е од значителна корист во акциското истражување. Според овој автор, се работи за истражувачки инструмент, за себеси во однос со групата и што го става во акција тројството: клиничко, филозофско и поетско слушање / зборување на трансферзалниот пристап. Патувачкиот дневник каде што секој го става она што го чувствува, она што го мисли, она што го медитира, што го поетизира, она што го памети од теоријата, од некој разговор, од прочитаната книга, роман, она што тој го создава за да му даде смисла на својот живот (Barbier, R. 1996:95). Притоа, Р. Барбие напомнува дека за време на педагошкото акциско истражување, во траење од три години, водел свој дневник, трудејќи се притоа, да го средува секоја вечер за време на сесиите; потоа, пак го продолжувал неговото водење по неговото враќање во Париз. Овој истражувачки дневник им бил систематски соопштуван на сите учесници помеѓу сесиите. Овој автор смета дека “патувачкиот дневник” е специфичен методолошки инструмент кој се разликува од другите видови дневници. Така од личниот, интимниот дневник, патувачкиот дневник се разликува по тоа што во личниот дневник, личностите или соодветните ситуации не се никогаш реално изложени и бидејќи по правило дневникот останува во фиоките на писателот (авторот) и не се публикува (освен ако се работи за автор со големо реноме за таков интимен дневник да биде објавен и тоа најчесто по неговата смрт). Патувачкиот дневник го содржи интимниот карактер, како и кај личниот со срдечноста и реакциите во поглед на светот кој не опкружува; но тој исто така, покажува карактеристика да биде подготвен за издавање (публикување). Меѓутоа, патувачкиот дневник, слично како и личниот дневник се пишува ден-за ден, без чекање и во непредвидливи ситуации.
Патувачкиот дневник, според Р. Барбие, може да се споредува со “патувачкиот дневник” на етнологот, кој проучува некое примитивно општество што е на пат на исчезнување. Нешто дневници за патувањата на етнолозите (како на пример, на Андреј Жид) се вистински литературни ремек дела. Етнологот не се задоволува само да го опише и да го анализира собраниот етнографски материјал, туку тој исто така, ги изнесува комплексните односи со истражувачката екипа и односите со набљудуваните и интервјуираните. Како што забележува Рене Лоро (Laurau) “објективноста се потврдува во парохистичката употреба на субјективноста и научното признавање на сведоштвото.” Патувачкиот дневник може да се споредува и со институционалниот дневник, што според Хес (Hess), е методолошка техника што се состои во секојдневно пишување како и кај личниот дневник, мали факти организирани околу еден живот во една институција. Во институционалниот дневник секој ден се впишува по некој значаен факт што има врска со целта што му е дадена на овој дневник: институцијата на што припаѓаме (брачна заедница, училиште, образование, систем на истражување итн.). Блискоста на патувачкиот дневник со институционалниот произлегува од една димензија на концептот на трансферзалност, што е во срцевината на двата истражувачки инструмента. Имено, секоја индивидуа како социус е поврзана со други, една мрежа на припадност и референци, крајно комплексни и често пати повеќе или помалку свесни за тоа. Оваа мрежа ја сочинува неговата трансферзалност и дека институционалниот дневник не подучува на својста економско-функционална композанта. Патувачкиот дневник, според Р. Барбие, може да се спореди и со истражувачкиот дневник, со напомена дека и тој е истражувачки дневник “до таа мерка што претставува методолошки инструмент за истражување, изразувајќи го секој ден приспособувањето и реализацијата на еден главен проблем: трансферзален пристап со неговиот метод на егзистенцијално акциско истражување (Barbier, 1996:97-98).
Патувачкиот дневник, според Р. Барбие, се состои од три фази: дневник-концепт, елабориран дневник и коментиран дневник.
Во првата фаза дневникот-концепт, истражувачот трансферзалист е вклучен во акциско истражување и го води својот дневник, секојдневно во што тој го впишува с# она што тој има желба, или пак, смета дека треба да го забележи во текот на акцијата или во процесот на набљудувањето или од разговорите со членови во конкретната ситуација. Во тие услови на бележење, тој не бара стилски ефекти или определена структура на настаните. Овој концепт-дневник е “хаос” на многу референци, на настани, на размислувања, на научни или филозофски коментари итн.
Во втората фаза-елаборираниот дневник, произлегува од дневникот-концепт откако истражувачот-трансферазалист сака да каже нешто на некој друг преку неговиот посредник. Во оваа фаза се организира структурата на написот, со што може да биде и целосно променета хронологијата на фактите. Тука се вклучуваат научни, филозофски или поетски коментари најдени во книги или импровизирани од страна на самиот автор на дневникот. Авторот се обидува да пишува едноставно за с# што е сложено, без да се откажува од својата култура, од своите референси, од своите познавања, или од сопствените афективни изрази. Авторот во оваа фаза мисли на читателот и го одржува она што филозофот Коста Акселос го нарекува “конфликтно пријателство”.
Третата фаза-коментиран дневник, според Р. Барбие, е главната фаза: фаза на искушение. Додека авторот на оваа фаза пишува за себе, сега тој го подготвува, го привршува дневникот за друг, им го дава да се чита на други, било да им го дава како фрагмент, или во целост. Ако е добро избрана темата и ако е добро напишан извештајот, тогаш има голема веројатност читателот да биде заинтригиран или заинтересиран да го прочита и да го коментира, да го критикува или да го поддржува, или и првото и второто заедно. На тој начин, коментираниот дневник станува инструмент за демократизација на групата или една трага на критичка свест во заемна лична врска.
На крајот, без разлика на видот на дневникот, содржината на дневниците треба да биде соодветно изложена, датумирана и просторно да биде означена, односно да се назначи описот на местото на настанот.

г)  Употребата на документи

Во контекст на акциското истражување, можат, но е и неопходно, според начелото на триангулација, да се користат и различни документи како извор на податоци. Поделбата на овие документи може да биде различна, во зависност од темата на истражување или проблематичната ситуација што се настојува да се промени. Според административниот критериум позната е Џанкеровата класификација на документи: јавни (официјални), тајни, доверливи, приватни и лични. Друг вид поделба е онаа што ја прават Ж. Гиберт и Г. Жимел на: 1) пишувани документи, 2) визуелни, 3) звучни и 4) филмувани (Giubert et Jumel, 1997:124) итн. Во пишуваните документи спаѓаат разновидни архивски документи врз што може да се врши внатрешна и надворешна критичка анализа; потоа, разни мемоари, текстови (пишувани предавања, говорои, писма, различни списи, извештаи и книги, студии); во визуелните документи Гиберт и Жимел ги вбројуваат: сликите, графитите, цртежите, картите, фотографиите и поштенските картички и на границата меѓу овие и снимените звучни радио-телефонски материјали, се наоѓаат подвижните видео касетни и ТВ документи. Како пример на документи може да послужи училишната документација доколку се работи за акциско истражување во училишна ситуација. Така, сите видови официјални документи се интересни: дневниците, распоредите на часови, внатрешното уредување на училницата и училиштето, различните извештаи за успехот на учениците, за работата на училиштето, разните записници што опфаќаат повеќе рамништа (одделение, генерација, наставнички совет, родителско-наставнички совети итн.), ѕидните слики, училишните фотографии, писмата на предупредување, тетратките на учениците со домашни задачи и писмените состави, есеи, песни, наставни планови и програми, учебници, библиотечната литература што ја читаат учениците итн.
Рене Барбие напомнува дека од перспектива на акциското истражување треба да се прегледаат и личните документи, особено писмата и личните дневници. Тој наведува пример од неговата архива што содржи тетратки со песни илустрирани со цртежи, направени во затвор од еден војник-“лош војник”, осуден на војнички затвор во 1920 година, во кој опширно се прикажува воената клима на епохата и за отпорот на некои војници во зависнсот од нивното класно потекло (Barbier, 1996:92).
Покрај пронаоѓањето на готови документи за потребите на акциското истражување, истражувачите од учесниците во конкретната ситуација би било корисно да побараат создавање на нов документ што може да добие форма на автобиографија, биографија, или животна приказна што често пати како инструменти се од исклучително значење, не само за сознавање и разбирање на ситуацијата, туку и за соодветно решавање на проблемот. Тоа повлекува длабока реорганизација на сликата за себе, на субјектот, кој е интевјуиран и на истражувачот. Со создавањето и употребата на нови документи во претходно наведените видови како и со употребата на личните документи, посебно писмата во контекстот на методот на акциското истражување, него го комплиментира со биографскиот метод порнајден и прикажуван уште од почетокот на овој век од страна на познатите социолози В. Томас и Ф. Знаниецки.
Во определени услови на акциското истражување, самиот истражувач создава документ или “профил” како што го нарекува Џ. Елиот. Профилот, според неговото сфаќање, обезбедува поглед на ситуацијата или на личноста, во текот на времето. Во ситуација на предавање можат да се обезбедат профили на часовите, или на настапот на определени ученици (Elliot, J., 1991:78). Притоа, Џ. Елиот го наведува “Водич на училишното набљудување” од Вокер и Аделман (Wolker and Adelman, 1975), како одличен пример за профил на час што се поместува и во овој прилог.

                Употребата на постојни документи како и создавањето на нови документи во акциското истражување како и комплементарната употреба на податоците добиени од овие документи со оние од учесничкото набљудување, интервјуирањето, значително го зголемуваат квалитетот на искуствената евиденција од една страна, а од друга се моќно средство за меѓусебна контрола на податоците добиени од различни постапки во собирањето на податоците што ја зголемува нивната релевантност за објаснување и разбирање на конкретните ситуации и овозможува посоодветна проценка и солуција за нејзина промена.

Постапки во анализата на податоците
Како дел од методот, постапките на анализа на податоците, се комплементарни како и постапките на создавање на неговата искуствена евиденција. Поширока заснованост врз оваа комплементарност, или повеќе методолошки пристап се наоѓа во мултинивовската анализа (Бурнс, Баумгартнер, Микер, Адам). Според наводите на Ф. Адам, уште Бекер (1963) како алтернатива на синхрониот модел на мултиваријантна анализа ја понудил секвентната анализа, модел што овозможува увид во промената низ временски периоди (секвенци).
Имено, се тргнува од претпоставката дека секоја секвенца бара посебно објаснување (она што е “причина” во една секвенца, не е суштинско во друга). Речиси идентична излезна точка е  значајна за мултинивовската анализа. Дескрипцијата и анализата на социјалниот свет се состои во различните нивоа на агрегација. Секое ниво има свое значење, релации и закони што не можат да им се препишат, или да им се пренесат на другите нивоа (Adam, 1984:97).
Ова пак, кореспондира со анализата на системот и моделот на флексибилните системи, односно со акциското истражување со прагматични придонеси како што изнесува Жан-Мари Ван Дер Марен (Jean-Marie Van der Maren, 1995:173-178). Според овој автор, општо земено, постапките што се инспирирани од системите претставуваат компромис меѓу постапките за разрешување на проблемите, инженерството на систем-машините, и анализата на хуманите системи.
Со оглед на барањето да новото акциско истражување прекине со позитивизмот, позитивистичкиот метод (Кар и Кемис) и претежната ориентација кон квалитативните пристапи и постапки на прибирање податоци, исто така и во анализата на податоците од акциското истражување ќе преферираат квалитативни постапки на анализа. За разлика од квантитативните податоци што се изразени во бројки, проценти, индекси, коефициенти и со други нумерички симболи, квалитативните податоци се во форма на текст, пишувани зборови, реченици или симболи што опишуваат или претставуваат луѓе, дејства и настани во секојдневниот општствен живот, што е една од основните карактеристики на методот на акциското истражување. Анализата на квалитативните податоци иако различна од квантитативната, сепак и таа може да биде логички строга и систематски изведена. Квалитативните анализи и интерпретации често користат неваријабилни концепти или едноставни варијабли од номинално рамниште.
Според Лоренс Нојмен (Neuman, 1994:406), концептуализацијата е прва фаза во анализата на квалитативните податоци. Формирањето на концептот е интегрален дел на анализата на податоците и започнува за време на собирањето на податоци што често се означува и како дел од секвенцијална анализа, карактеристична за теренските истражувања, а акциското истражување е всушност, вид на теренско истражување.
Така, концептуализацијата е еден начин на кој квалитативниот истражувач се организира и ги осознава податоците, нив ги организира во категории врз основа на темите, концептите, или сличните карактеристики. Тој развива нови концепти, формулира концептуални дефиниции и испитува односи меѓу концептите.
Следната постапка по концептуализацијата, според Л. Нојмен, е кодирањето. Оваа постапка има различно значење во однос на кодирањето на квантитативните податоци. Наместо едноставната рутинска задача, квалитативното кодирање е интегрален дел на анализата на податоците. Тоа го ослободува истражувачот од заплеткување во деталите на необработените податоци. Кодот во квалитативната анализа означува кратенка или симбол што се применува врз еден сегмент на зборови со цел тие да се класифицираат. Кодовите се категории. Вообичаено тие произлегуваат од истражувачките прашања, хипотезите, клучните концепти и значајните теми. Л. Нојмен го елаборира Штраусовото (Strauss, 1987) сфаќање за три вида кодирање: отворено, осковно (оска) и селективно. Отвореното кодирање се применува за првото средување на податоците. Истражувачот ги лоцира темите, тие се на многу ниско рамниште на апстракција и доаѓаат од иницијалното истражувачко прашање, од концептите во литературата, од термините употребени од членовите учесници во конкретната ситуација и пошироко во општествената средина. Осковното кодирање започнува со второ прегледување на податоците. Во овој вид кодирање истражувачот ги поврзува темите и ги елаборира концептите што ги претставуваат темите. Во основното кодирање, истражувачот започнува со организирана група на иницијални кодови или прелиминарни концепти. И тој повеќе се концентрира врз овие концепти отколку врз податоците. Осковното кодирање стимулира размислување за поврзаноста меѓу концептите и темите и тоа поттикнува нови прашања. Тоа може да предлага испуштање на некои теми или испитување на други со значително поголема продлабоченост. Селективното кодирање е последно испитување на искуствената евиденција. Истражувачот, откако ги има добро развиено концептите, започнува со организирање на поцелосни анализи околу неколку суштински генерализации или идеи. На пример, истражувачот кој го проучува животот на работничката класа во кафеаната, одлучува да ги направи половите релации главна тема. Во селективното кодирање тој ги прегледува своите теренски белешки, барајќи разлики за тоа како мажите и жените зборуваат за излегувањата, веридбите, свадбите, разводите, врските надвор од браковите или за односите меѓу мажот и жената. Потоа, тој ги споредува ставовите на мажите и жените за секој дел од темата-брак (Neuman, 1994:409).
Анализата на квалитативните податоци во контекстот на акциското истражување се врши на софистициран компјутерски начин. Иако компјутерските анализи на податоците беше вообичаено речиси исклучиво да се поврзуваат со квантитативните статистички анализи, на квантитативните податоци, во последните две декади беа согледани главните предности во развојот на компјутерски заснованите алатки за менаџмент и анализа на квалитативните податоци.
Оттука, без разлика дали се работи за квантитативни или квалитативни, текстуални) податоци, како што истакнуваат Андерс Хансен, Симон Котле (Hansen, Cottle and all, 1997), компјутерите вклучуваат три главни чекори или области на разгледување: 1) трансфер од “сурови” податоци од нивната оригинална (почетна) форма или медиум како што се распоредите за кодирање прашалници; рачно напишани белешки, откуцан текст во компјутерот; 2) организација на податоците (во фајлови на податоци, фајлови на текстови итн. во компјутерот); 3. анализа на податоците, користејќи соодветни компјутерски апликации или програми. Така на пример, СПСС (SPSS) програмата е флексибилна за статистичка анализа, односно за анализа на квантитативните податоци и е една од најупотребуваните во социолошките истражувања, а и во другите општествени науки, додека пак, компјутерските програми за обработка и анализа на квалитативните податоци, на што првенствено им припаѓаат податоците од акциското истражување, се означени како конкордански програми со азбучен попис на сите зборови од некој текст. Таква е на пример, Оксфордската конкорданска програма (OCP). Таквите програми, покрај различните степени на прочистеност можат да дадат список на речник со детализирање на секој збор (термин), што е употребен во самиот текст. Тоа овозможува испитување и анализирање на заедничко појавување на поврзаните зборови, односно зборови или термини што се поврзани, или се појавуваат во определен контекст. Самото заедничко појавување и терминолошка поврзаност, според Хансен и др. даваат важни решенија и ја покажуваат “рамката”, “размислувањето од заднина”, перспективата или идеологијата на текстот. Така, јасно е, дека е различно, дали на пример, “алкохолизмот” или “употребата на дрога” се дискутирани со термини на “третман”, “здравје”, “жртви”, “пациенти”, “општествени способности” или пак, алтернативно со термини “девијација”, “криминал”, “спроведување на законот”, “казна” (Hansen and all, 1998:310-311).
Овде, сепак, треба да се спомене дека е заблуда да се смета дека компјутерските програми и механичките програми за обработка и анализа можат да ги вршат самите компјутери. Рената Теш е во право кога предупредува на оваа констатација, истакнувајќи со право дека проценувањето, одлучувањето, интерпретирањето итн., с# уште се извршуваат од истражувачот; компјутерот не донесува одлуки, како што се: што теми или зборови се значајни за нивно фокусирање или кој следен аналитички чекор да се преземе. Овие интелектуални задачи с# уште се препуштени целосно на истражувачот. Така, с# што прави компјутерот е слевање на инструкциите во однос на зборови, реченици, или текстуални сегменти, претходно означени како единици за анализа (Tesch R., 1991:25/6). Во трансформацијата на квалитативните податоци, Хари Волкот (Wolcott, 1994) разликува три фази: опис, анализа и интерпретација. Меѓутоа, без оглед на различните фази на трансформацијата на квалитативните податоци од акциското истражување, неопходно е анализата да биде теориски осмислена, теорија што индуктивно настанува и е втемелена во самото истражување (Graunded Theory). Потоа логички и рационално да се создаваат категориите и единциите на анализа, секогаш имајќи го предвид општествениот контекст на истражувањето, како и користењето на компаративната постапка и разбирањето на конкретната ситуација што е предмет на истражувањето.

Заклучок
Прилогот се ограничува на методот на акциското истражување со оглед на фактот дека тоа е средишното прашање и речиси воопшто не разработено прашање во методолошката и стручната литература во општествените науки во нашата земја. Со оглед на фактот дека акциското истражување с# повеќе се актуелизира, не само во добивањето на определени сознанија за низа области и посебно во образованието, но и за решавање на определени проблеми или промени во определена визија или стратегија, што е иманентна карактеристика на акциското истражување, сметав дека ќе биде од практична и стручно научна полза пошироко да се елаборира методот на акциското истражување со сите негови компоненти.
Овој метод ги зема сериозно критиките на традициионалните истражувачки методологии што се инхерентни во постмодерната, феминистичката и критичката теорија.
Акциското истражување има низа сличности со низа други видови истражување како што е истражување на случајот (Case study), што и самото тоа го користи како еден од начините за создавање на искуствена евиденција; потоа со теренското истражување, бидејќи и самото е теренско истражување, со етнографскиот пристап, со биографскиот и со другите истражувања што употребуваат квалитативни или интерпретативни методи и процедури на истражување, или мешани, комплементарни, интегрални, односно што се придржуваат на начелото на триангулација.
Меѓутоа, од сите нив акциското истражување се разликува, во тоа што тоа покрај тоа што има за цел да дојде до ново сознание или да ги разбере испитуваните ситуации, има за цел да изврши интервенција за промена на ситуацијата или решавање на проблемот на средината во што се реализира истражувањето. Следната основна карактеристика и специфика е во тоа што во него се надминува подвоеноста на објективното и субјективното, што е карактеристично за истражувањата засновани само врз квантитативниот или позитивистичкиот метод, со што суштински се менува и позицијата на истражувачот. Имено, истражувачи се учесници во конкретната ситуација, нејзини субјекти, истражувачот нема некаков посебен епистемолошки или друг статус и најмногу што тој може да добие е статус на истражувањето, статус на консултант, или статус на еднаков учесник во истражувањето, како и другите истражувачи, практичари во рамките на истражувачката група. Акциското истражување е колективно истражување на определена група практичари-истражувачи, обучени за таа улога. Неговиот процес е цикличен, повеќе фази и секвенци што не се линеарни како кај анкетното истражување, туку се циклични што се повторуваат во форма на спирала. Засновано врз комплементарноста на повеќе пристапи, постапки на собирање и на извори на податоци и со ориентација да ја промени ситуацијата, има перспектива на доаѓање до поцелосни сознанија и до посоодветни солуции. Како сложена процедура, акциското истражување има определени потешкотии во неговата реализација, поради можноста на определен број учесници во ситуациите да не дадат согласност да учествуваат во истражувањето, или на дел од нив на прекинување на соработката во текот на самото истражување. Потоа, тоа има ограниченост за генерализација на резултатите на истражувањето, зашто се однесува на една конкретна ситуација, што е различна од другите. Понатаму, истражувачот, или истражувачите и овде се сретнуваат со етичкиот проблем на објавување (публикување) на резултатите од истражувањето, поради тоа што многу извештаи на истражувањата содржат податоци што често имаат личен и приватен карактер, што произлегуваат од секојдневниот живот на учесниците во конкретната ситуација. Објавуавањето на такви податоци може да ги повреди учесниците или дел од нив во истражуваната средина, што е во спротивност со определена научна етика. И тука треба да му се придржуваме на начелото, испитуваната средина да биде не само информирана за резултатите од истражувањето, односно за информациите внесени во извештајот за публикување, туку и за тоа таа да даде согласност за публикување и дури тогаш може извештајот да биде објавен; во спротивно тоа е измама.2
Без разлика на овие ограничувања и проблеми, акциското истражување има перспектива и сe повеќе има приврзаници во истражувањата во социологијата, педагогијата и во другите општествени науки.


ЛИТЕРАТУРА

  1. Адам, Ф., 1984. Акционо исртаживанје, Београд: Организације СК у Београду.
  2. Barbier, R. 1996, La Recherche action, Paris: Anthropos.
  3. Bourdieu, P. et autres, 1993. La misere du mond, Paris: Seuil.
  4. Boumard, P.1989. Les Savantas de l`interieur, l`analyse de la societe scolaire par ses acteurs, Paris, Armand Colin, Bibliotheque europeenne des sciences de l`education.
  5. Brymana A. 1988. Quantity and quality in Social Research, London: Unimin Hyman.
  6. Carr, W. and Kemmis, S. 1986. Becoming Critcal Education, Knowlige and action research, London and Philadelphia: The Palmer Press.
  7. Cohen L. and Manion, L. 1994. Research Methods in Education, London and New York: Routledge.
  8. Durand, J. et Weil, R. 1993. Sociologie contemporaine, Paris: Vigot.
  9. Elliot, J. 1991. Action research for Educational change, Philadelphia: Open Univrsity Press.
  10. Guibert, J. et Jumel, S. 1997. Methodologie des pratique de terrain en sciences humains et sociales, Paris: Armand Colin.
  11. Hamel, J. 1988. The position of Pierre Bourdieu and Alain Tourain respecting qualitative methods, The British Journal of Sociology, Vol. 49, No 1.
  12. Hansen, A., Cottle, S. and others 1998. Mass Communication Research Methods, London: Macmillan Press Ltd.
  13. Haralambos, M. and Holborn, M. 1995, Sociology, Themes and Perspectives, London: Colins Educational.
  14. Lapassad, G., 1991., Lethonosociologie, Paris: Meridiens Klincksieck
  15. Lapassad, G., 1996., Les microsociologies, Paris: Anthropos.
  16. Neuman, L., 1994. Social Research Methodos, Qualitative and Quantiative approaches, Boston, London, Toronto; Allyn and Bacon.
  17. Пешич, М. 1990, Акционо истраживанје и критичка теорија васпитанја, Педагогија, Но 3.
  18. Stringer. T. E., 1996. Action research, A handbook for Practitionens, London, New Delhi: Sage Publications.
  19. Teshe, R., 1991. `Software for qualitative researchs: analysis needs and program capabilities` in N. G. Fieding and R.M. Lee(eds) Using computers in qualitative research: London: Sage.
  20. Tourain, A. 1978. La voix et la regard, Paris, Seuil.
  21. Van der Maren, J. 1995. Methodes de recherche pour l`education, Montreal: Press de l`universite.
  22. Volcott, H., 1994. Transforming Qualitative Data: Description, Analysis and interpretation, Califorria, London: Sage.

1Оваа типологија на набљудувањето е слична, но и во определена мера е различна од познатата Џанкерова класификација: 1. целосен набљудувач. 2. набљудувач-учесник, 3. учесник-набљудувач и 4. целосен учесник (Junker, F. 1960, Field Work, Chicago, University of Chicago Press)

2За  една  таква  измама пишува Шарлота  Ален  (Allen) во списанието “Lingua Franca”, Vol. 7, No 9, 1997. Текстот е пренесен и во загрепското списание “Revija za sociologiju”, 1-2, 1998 год. Шарлота Ален пишува за случајот на социологот Каролин Елис, што ги објавила податоците од повеќегодишното истражување во една рибарска населба, без да ги запознае испитуваните лица со извештајот, дури и за тоа додека таа истражувала се претставувала како турист. Откако луѓето од рибарската населба дознале не само за објавената книга, туку како се претставени во неа, како “нечисти”, “со мирис на риби”, тие се почувствувале навредени и ја нарекле “лажливка” и persona non grata. Написот на Ш.  Ален и носи наслов:  “Кога социолозите ги измамуваат своите субјекти”.

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in

Tweets