JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 115123
Наташа АНГЕЛОСКА-ГАЛЕВСКА
ТЕКОТ И ЕТАПИТЕ НА КВАЛИТАТИВНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ
Една од разликите меѓу квалитативните и квантитативните истражувања се однесува на текот и етапите низ кои поминуваат овие истражувања. Квантитативните истражувања главно имаат утврден редослед на одвивање на етапите. Тој започнува со една предистражувачка фаза во која се избира и формулира проблемот на истражување и се изработува истражувачки проект. Потоа доаѓа истражувачкиот дел во кој со примена на соодветни техники и инструменти се собираат податоците, по што следи нивна анализа, интерпретација и донесување заклучоци. На крајот се пишува извештајот за истражувањето.
Шема 1: Вообичаен редослед на етапите кај квантитативните истражувања
Процесот по кој се одвива квантитативното истражување е линеарен, што значи етапите следат една по друга по редоследот прикажан на шема 1. Ваквиот редослед на одвивање на етапите на научното истражување со помали или поголеми измени го прифаќаат повеќето методолози. Разлики се јавуваат околу содржината или називот на некои етапи, на пример, повеќе американски методолози, под влијание на Дјуи (J. Dewey), сметаат дека формулирањето на хипотезите треба да следи веднаш по дефинирањето на проблемот за истражување како посебна втора или трета етапа на истражувањето. Други методолози, особено од источноевропските земји зборуваат за уште една, седма и последна етапа на истражувањето која има посебно значење, а тоа е етапата на примена на сознанијата од научното истражување во практиката. Меѓутоа она што е заедничко за сите е линеарниот тек на истражувањето, односно правилниот и утврден редослед на етапите, една по друга.
Кај квалитативните истражувања не важи овој линеарен модел на одвивање на истражувањето. Редоследот на етапите кај овие истражувања не е строго утврден и тие може да се повторуваат, односно истражувачот може повеќе пати да се навраќа на одделни етапи доколку смета дека е тоа потребно.
Текот на квалитативните истражувања графички е претставен со шема 2. Како што може да се заклучи, истражувачките етапи кај квалитативното истражување имаат цикличен, а не линеарен карактер. Во текот на целото истражување генерираат нови прашања, нови хипотези, кои го враќаат истражувачот на некоја од претходните етапи.
Во наредниот текст накратко е разработен текот и содржината на одделните етапи на квалитативното истражување.
Шема 2: Текот на етапите кај квалитативните истражувања
Избор на проблем за истражување
Изборот на проблем за истражување е прва етапа, карактеристична и за квалитативните и за квантитативните истражувања. Од оваа етапа директно зависи карактерот на истражувањето како и содржината на сите наредни етапи. Кај квалитативните истражувања може да зборуваме за четири основни категории на истражувачки проблеми:
- дескриптивни, што го анализираат постојното, она што е присутно во дадена ситуација или контекст. Нешто автори, како на пример, Ричи и Спенсер (Ritchie, J; Spencer, L), ваквите истражувачки проблеми ги нарекуваат контекстуални, бидејќи со нив се доаѓа до информации и се опишува ситуацијата во определен социјален контекст. Тоа можат да бидат проблеми што се однесуваат на потребите на испитаниците од определена популација, на нивните ставови и мислења, на тешкотиите со што се среќаваат во системот, одлуките и акциите што ги преземаат, итн.
- дијагностички, што анализираат зошто нештата се случуваат. На пример, зошто постојат определени ставови кај група испитаници, зошто службите се недоволно ефикасни, зошто се преземаат или не, определени активности. Кај ваквите проблеми е карактеристично длабинското проучување на појавите и иницирањето на вистински прашања.
- евалуативни, што анализираат како се одвиваат работите, како оперира еден систем, како се постигнати определени цели, какви се ефектите од некое искуство. Во оваа група припаѓаат истражувањата што имаат за цел да проверат или верифицираат определена теорија или да дадат оценка за определена ситуација.
- стратешки, што анализираат што е потребно понатаму да се направи, на пример, какви служби се потребни за да се одговори на барањата, на кој начин програмите за обука да станат поефикасни, како да се подобри системот. Во оваа категорија може да влезат проблемите со што се занимаваат развојните истражувања и оние што имаат за цел да развијат определена теорија.
Дизајнирање на истражувањето
По определувањето на проблемот на истражување се оди кон дизајнирање на истражувањето, односно изработка на истражувачки проект со кој ќе се конципира истражувањето, неговите димензии, пристапот, итн. Со изработката на проектот на истражување истражувачот треба да ги определи целта и задачите на истражувањето, да постави појдовни хипотези, да се одлучи за видот на примерок, да се определи за методите и техниките за собирање на податоците и да ги изработи инструментите на истражување.
Дизајнирањето на истражувањето всушност значи да се даде одговор на повеќе прашања врзани за неговиот тек, како што се прашањата од типот:
- Што конкретно ќе се истражува? Што настани?
- Каде ќе се одвива истражувањето? Што ќе бидат истражувачки единици, каде се наоѓаат тие?
- Што се субјектите на набљудување? Какви се нивните лични карактеристики, пол, возраст, образование, националност или нешто друго што може да биде релевантно за проблемот на истражување?
- Како ќе се врши истражувањето? Со што методи, техники, инструменти?
- Кога ќе се истражува? Во кое време на годината, седмицата, денот, колку често и колку долго ќе се следи појавата?
Дизајнирањето на истражувањето треба да ги разреши сите дилеми околу неговиот тек, онолку колку што е тоа можно во предистражувачката фаза. Проектот на истражувањето и понатаму ќе трпи промени, особено по првите излегувања на теренот. Преобемноста на материјалот и податоците што ни ги нуди квалитативното истражување понатаму ќе наметне потреба од уште попрецизно дефинирање на предметот на нашиот интерес и видовите податоци што сакаме да ги добиеме.
Избор на примерокот
При дизајнирањето на квалитативното истражување некои постапки се мошне слични како кај квантитативните истражувања, но некои значително се разликуваат. Една од компонентите што добива поинаков тек кога станува збор за квалитативни истражувања е стратегијата на избор на примерокот. Во квалитативните истражувања најчесто не може да се врши селектирање на примерокот по случаен избор, туку е потребно користење на други стратегии. Во литературата посветена на квалитативните истражувања се зборува за повеќе видови примероци добиени по различен пат. Ние ќе ги споменеме само најтипичните како што се примерокот по проценка, пригодниот примерок и примерокот “снежна топка”.
Примерокот по проценка (анг.-judgement) е најтипичен за квалитативните истражувања. Поаѓајќи од предметот на своето истражување, истражувачот одлучува какви испитаници му се потребни и формира критериуми за избор според релевантните карактеристики: пол, возраст, националност, образование, занимање, претходно искуство, итн. Потоа, бара популација на испитаници со такви карактеристики и доколку не се јават определени проблеми, тие стануваат субјекти на неговото истражување. Овој примерок значи е условен од проценката на истражувачот какви испитаници му се потребни. Како стратегија на избирање, примерокот по проценка не се применува само при изборот на испитаниците-субјектите на истражување, туку и при изборот на настани, активности или процеси што сакаме да ги проучуваме.
Друг вид на примерок донекаде сличен на претходниот е пригодниот примерок. Овој вид примерок се нарекува уште и опортунистички (opportunistic) затоа што истражувачот ги избира оние испитаници што му се достапни, со кои смета дека ќе може да соработува и кои ќе можат да му ги дадат потребните информации.
Варијанта на пригодниот примерок е примерокот “снежна топка”. За овој примерок е карактеристично што се формира постапно со користење на информации од еден извор, па од друг, итн. Истражувачот стапува во контакт со една група испитаници или со неколку индивидуи за што знае дека можат да дадат информации за проблемот што го проучува тој. Тоа се испитаници што лично ги познава или на некаков начин стапил во контакт со нив. Овие испитаници натаму го запознаваат истражувачот со нивни пријатели, колеги или познајници што стануваат предмет на интерес на истражувачот. Од нив добива информации и врски за контакт со трети испитаници и така следејќи ја нивната мрежа на односи се формира примерокот. Називот на овој примерок ја изразува аналогијата со снежна топка која тркалајќи се надолу по ридот станува сé поголема.
Ова се некои од најчесто користените видови примероци во емпириските квалитативни истражувања.1 Може да се забележи дека ниеден од нив не ги почитува критериумите на репрезентативен примерок и не е заснован врз теоријата на веројатност. Причините што квалитативните истражувачи сепак се одлучуваат за вакви видови примероци произлегуваат од природата на овие истражувања. Кај нив тешко може да се формира конечна листа на популацијата релевантна за истражувањето од која со помош на математички методи ќе избереме репрезентативен примерок. Кај овие видови истражувања најчесто се работи за општествени, социјални и други специфични групи на испитаници за што речиси е невозможно, а и непотребно да се направи список на членови. На пример, чест предмет на истражување се однесувањата во групите со девијантно однесување, потоа религиски секти, симпатизерите на некоја партија или движење, училишни заедници во определени субкултурни региони, итн. Ако од овие популации избереме испитаници по пат на случаен избор, многу се мали шансите да ни биде дозволено едно продлабочено истражување на појавата што нас нé интересира. Интензивно проучување на појавата е можно само во група која нé прифатила и стекнала доверба во нас.
Примената на репрезентативен, случајно избран примерок во квалитативните истражувања често станува непотребна и поради тоа што истражувачот не го интересираат варијациите на појавата во различни групи, туку токму она што претставува карактеристика на групата што ја избрал тој.
Собирање податоци
По дизајнирањето на истражувањето и разрешувањето на одделните негови компоненти, доаѓа етапата на собирање податоци.
Успешноста на оваа етапа од истражувањето зависи од неколку предуслови за што истражувачот претходно треба да размислува, а тоа се прашањата:
- постојат ли податоци за неговиот проблем на истражување и какви видови податоци му се потребни (примарни, секундарни, итн.)?
- доколку постојат податоци релевантни за неговиот проблем на истражување, дали се тие достапни?
- доколку се достапни, дали се доволни (може ли да собереме доволен број?)
- доколку сите овие предуслови се исполнети, може ли податоците да ги собереме во еден одреден временски рок предвиден за истражувањето?
Во врска со овие прашања посебно важен предуслов секако е обезбедувањето пристап на теренот. Тоа значи дека за претходно лоцираното место или единица на набљудување, потребно е да се обезбеди одобрение од надлежните лица или институции за реализирање на истражувањето, идентификување на респондентите или партиципиентите во истражувањето, итн.
Достапноста на теренот или податоците не треба да биде пресуден критериум од кој ќе се раководи истражувачот зашто наместо сигнификантни и релевантни податоци за неговиот проблем на истражување може да дојде до нецелосни и тривијални податоци.
Во етапата на собирањето податоци се применуваат предвидените истражувачки техники и инструменти, било да се работи за набљудување со партиципација, анализа на конверзација, интервјуирање или комбинирано користење на различни техники. Во зависност од тоа за која техника станува збор, собирањето на податоци има свои специфичности.
Анализа и интерпретација на податоците
Во литературата за квалитативните истражувања со која досега се располага, главно се пишува за значењето на овие истражувања, за начинот на нивно спроведување, за начините на собирање податоци и истражувачките техники што се користат во нив. Помалку внимание им е посветено на постапките на анализа на тие податоци. Нешто истражувачи се обидуваат да разјаснат што се фазите на обработка, анализа и интерпретација на квалитативните податоци и што се практичните постапки што ќе нé доведат до финалниот продукт на истражувањето. Во таа смисла Мајлс и Хјубермен (Miles; Huberman) велат:
“... во областа на квалитативните истражувања се неопходни експлицитни, систематски методи за извлекување заклучоци и нивно внимателно тестирање-методи што ќе можат понатаму да бидат користени од други истражувачи, како што се корелацијата и тестирањето на значајност кај квантитативните истражувачи.” (Miles and Huberman, 1984)
Причините за избегнувањето на оваа проблематика и покрај нејзината значајност, можеби лежи во самата природа на квалитативната анализа за која се смета дека е индуктивна, интуитивна и неексплицитна. Следствено на тоа, не постојат голем број систематизирани и адекватно документирани анализи на квалитативни податоци од што би можеле да извлечеме генерални правила за начинот на кој се врши квалитативната анализа. Еден од авторите кој се залага за развивање на методите на квалитативна анализа е Штраус (A.L. Strauss). Тој истакнува дека:
“Ако направиме споредба меѓу квантитативните анализи на податоци и постојните добиени податоци на квалитативните аналитичари, методите за квалитативно анализирање на материјалите се рудиментирани. Тие треба да се развиваат и трансмитираат широко и експлицитно во светот на општествените науки.” (Strauss, 1987)
Определувањето на целите и постапките на анализата е значајно затоа што податоците добиени од квалитативните истражувања се преобемни, неструктуирани, гломазни. Тие најчесто се во форма на детални вербални дескрипции и белешки на набљудувани појави на теренот или транскрипции од интервјуа или дискусии. Определувањето на целите на анализата води кон стратегијата за средување, категоризирање и презентирање на податоците, односно обезбедување кохерентност и структура, а сепак задржувајќи ја нивната оригиналност. Анализата треба да ја зачува автентичноста на податоците, а од друга страна да биде систематска и целосна.
Квалитативната анализата се одвива по определени фази, но тие не се строги и секогаш по ист редослед како кај квантитативната анализа. Карактеристично е што таа се одвива низ истражувачкиот процес. Во неформален вид се јавува уште при собирањето на податоци, на пример при набљудувањето или поставувањето прашања и може да влијае врз менувањето на стратегиите за собирање податоци, односно да го насочи интересот на истражувачот кон нови податоци кои претходно не ги имал планирано. Анализата се јавува и во фазата на прегледување и читање на белешките од теренот кога повторно може да влијае врз менувањето на дизајнот на истражувањето. Ваквата анализа соодветствува на флексибилноста на проектот на квалитативното истражување кој се менува во од, па затоа и ваквиот вид анализа може да се нарече продолжена анализа. (анг. on-going, која е во тек, која трае.)
Покрај овој прилично слободен вид анализа, кај нешто автори се сретнува поформален концепт на анализа, со кој се предвидува користење на кодови, шифри, кратенки и потсетници за групирање на податоците, што донекаде наликува на апаратурата на квантитативната анализа. Се смета дека создавањето ваков концепт на анализа на квалитативни податоци ќе ги намали критиките за нивната нерелијабилност. Оваа анализа определени автори ја нарекуваат интерим или привремена анализа и таа предвидува пет фази на анализата на податоци.
Првата фаза е запознавање со податоците. Истражувачот се запознава со податоците уште во самиот процес на истражувањето, но овие впечатоци најчесто се фрагментарни, недоволни, едни се појаки, а другите избледеле. Запознавањето со податоците подразбира добивање генерален впечаток за податоците или може да се каже, добивање една општа претстава за нивната содржина, богатство, обем, разновидност и квалитет. Во оваа фаза е потребно истражувачот да ги преслуша податоците, доколку се работи за аудио записи, да ги прелиста своите белешки и белешките на другите истражувачи доколку постојат такви, да ги прочита транскриптите, или да го прегледа видеоматеријалот. По ваквиот увид тој може да направи и селекција, при што ќе ги оддели поуспешните, специфичните и репрезентативни податоци, а нецелосните и нејасните ќе ги отфрли.
Втората фаза на анализата се состои во определување тематскарамка за работа. Уште од самиот преглед на податоците истражувачот ќе забележи групи на проблеми за што испитаниците искажале свое мислење, ќе забележи типови на однесување и реагирање кај определена група испитаници или други појави што може да се окарактеризираат како заеднички или специфични. Во оваа фаза истражувачот често се навраќа на идејната рамка од која тргнал пред да го спроведе истражувањето, размислува колку од неа да отстапи, се јавуваат нови прашања за што тој може да даде одговор, се двоуми колку да задржи од деталите на неговата дескрипција, како да ги определи категориите на појави, итн. Преку процесите на апстракција и конкретизација тој доаѓа до концептуализација, односно до изборот на нешто клучни теми околу што ќе ги групира податоците. Тоа може да бидат разновидни карактеристики на испитаниците, како на пример:
- работно искуство на наставниците/воспитувачите;
- модели на наставна работа;
- ставови кон определени видови иновации;
- очекувања и планови за нивната иднина /кариера;
- социо-демографски карактеристики на учениците;
- видови пречки во развојот или проблеми во учењето, итн.
Откако е поставена иницијалната рамка може да се премине на третата фаза на индексирање2. Тоа значи повторно читање на податоците, сега на секој транскрипт поединечно, определување на која тема тој се однесува и бележење на соодветни знаци, индекси. При тоа може да се случи претходно определените теми да станат недоволни, односно да се јави потреба од формирање нови или корегирање на постојните. Доколку истражувачот смета дека еден текст се однесува на повеќе теми, може да стави и повеќе индекси. Индексирањето тогаш станува мултипликативно.
Според начинот на бележење индексирањето може да биде нумеричко (со броеви) или дескриптивно (со помош на текст). Предноста на дескриптивниот систем е што е достапен и за другите и секој може да има увид како се бележени и организирани податоците. Од друга страна, тој е подолг и бара повеќе време за примена.
Фазата на индексирање не е еднакво применлива во различни истражувања. На пример, кај истражувања со примена на интервју, истражувачот треба да реши дали текстот од транскриптите ќе го организира и групира во теми или ќе ја задржи неговата целосност при што секој транскрипт ќе го разгледува и интерпретира поединечно. Секако тоа зависи и од целта и насоченоста на истражувањето кон самите испитаници како индивидуи или кон определени групи прашања за што од испитаниците бараме мислење. И податоците добиени по пат на партиципативното набљудување можат да се групираат по теми, на пример, по видови слични забележени ситуации и на тој начин да се врши индексирањето. При тоа треба да се внимава дали за истражувањето е поважно групирање на настаните по теми или пак е потребно да се задржи континуитетот на случување и настаните да се презентираат хронолошки. Во случаи кога целовитоста или континуитетот на настаните се поважни од нивното групирање, постапката на индексирање, сепак може да има своја улога. Епизодата од набљудувањето ја задржува својата целосност, но се ставаат индекси на делови од текстот што се однесуваат на определени теми. Тие на крајот ќе помогнат при проверувањето на хипотезите, доколку постојат такви, и изведувањето заклучоци.
Во случаи кога целиот материјал од истражувањето се индексира по теми понатаму се продолжува кон фазата што нешто ја нарекуваат групирање или табелирање. Индексираните податоци сега се издвојуваат од оригиналниот контекст и се групираат, односно реорганизираат според тематиката. Овде се присутни процесите на апстракција и синтеза. Доколку податоците се внесени во компјутер ја користиме постапката на “cut and paste” (пресечи-залепи). Во определени случаи може да се направат табели во што тие ќе бидат внесени, особено ако се работи за интервју на повеќе испитаници на иста тема. Тогаш табелата ќе има толку редови колку што има интервјуирани испитаници и толку колони колку што теми сме определиле. Текстот што го внесуваме во табелата треба да ја задржи оригиналноста и да биде презентиран дословно така како што е забележен во истражувањето. Во заграда може да стои и податок на која страна од нашите белешки се наоѓа тој, со што ќе се овозможи полесно проверување и навраќање на оние делови каде што е тоа потребно.
Петтата фаза на анализата која веќе преминува во интерпретација на податоците е категоризацијата. Кога сите податоци се обележени и разделени по теми, аналитичарот мора да се врати на изворните цели и задачи на неговото истражување. Преку збировите карактеристики тој дефинира концепти или креира типологии. Сортирајќи ги исказите на испитаниците, компарирајќи ги сличностите и разликите меѓу нив, тој настојува да открие нешто внатрешни димензии на појавата. Користејќи ја индукцијата тој креира модели на асоцијација и дефинира концепти. За нив истражувачот дава свое објаснување и коментар и развива стратегија на дејствување.
Концептот на анализа прикажан овде може да му помогне на истражувачот во етапите на анализа и интепрепретација на податоците. Содржината на одделните фази на анализата не е применлива и адекватна за сите истражувања, туку треба да се користи зависно од целта и карактерот на конкретното истражување.
Компјутерска анализа на квалитативните податоци
Иако квалитативните податоци по својата природа се многу понепогодни од квантитативните за компјутерска обработка, сепак постојат можности да се олесни работата на истражувачот со помош на компјутерска анализа на податоците. Проблемите што се јавуваат при компјутерската обработка на податоците од квалитативните истражувања произлегуваат од самата нивна природа, односно нивната насоченост кон дескрипција и интерпретација.
Популарноста и омасовувањето на квалитативните истражувања во развиените земји сепак придонесоа компјутерските програмери да се позанимаваат и со оваа проблематика, што како резултат доведе до креирање на софтвер специјално наменет за анализа на податоците од квалитативните истражувања. Софистициран на високо ниво, овој софтвер овозможува полесно ракување и анализа на текстуалните податоци. Особено е голема неговата помош во почетните етапи на содржинската анализа.
Една од програмите која веќе нашироко се користи во Британија е софтверскиот пакет Етнограф (Ethnograph). За жал тој не може да помогне во етапите на комплексно интерпретирање на податоците. Но развојот на овој вид софтвер оди понатаму. Еден од поновите програмски пакети е т.н. Нудист (Nudist) што претставува кратенка на називот "Non-numerical Unstructured Data Indexing, Searching and Theorising" или во превод “Индексирање, барање и теоретизирање на ненумерички неструктуирани податоци”. Овој пакет го надминува обичното средување податоци и овозможува нивно организирање, конструирање и резонирање.
Примената на компјутерите во анализата на квалитативните податоци сигурно има добра перспектива. При тоа, секогаш, треба да ги користиме нивните предности имајќи ја на ум и нивната ограниченост. Финалните продукти на анализата што со нив се добиваат не смеат да останат и финални резултати на нашето истражување, туку само олеснителен чекор до нив.
Литература
- Burgess, R.G. (1984), In the Field: An Introduction to Field Research, London: Allen & Unwin.
- Miles, M.b., Huberman, A.M. (1984), Qualitative Data Analysis, London: Sage.
- Ritchie, J., Spencer, L., and The Analysis of Qualitative Data: An approach to analysis for applied social policy research. Social & Community Planning Research. (working paper)
- Strauss, A.L. (1987), and Qualitative Analysis for Social Scientist, Cambridge: Cambridge University Press.
1 Подетално за стратегиите на избор на примерокот во квалитативните истражувања може да се прочита во книгата на Burgess,R.G. (1984), In the Field, London:Allen&Unwin, стр. 54-58.
2 Оваа фаза од средувањето на податоците некои автори ја нарекуваат кодирање.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE