JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 8293
Љупчо АЈДИНСКИ
КОН РАЗВОЈОТ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА ЗАШТИТА,
РЕХАБИЛИТАЦИЈА И ОБРАЗОВАНИЕ НА ХЕНДИКЕПИРАНИТЕ
ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА
(основи за натамошни проучувања)
Лицата со пречки во развојот, односно хендикепираните лица како мошне голема популација, околу 10% од вкупното население во светот (според Светската здравствена организација), го окупираат човештвото со своите проблеми што немаат само индивидуална, туку и општествена димензија.
Засилениот интерес за решавањето на животните проблеми на овие лица во целиот свет, особено кај нас се манифестираше во текот на втората половина од XX век. Ова е видливо низ сè поголемото научно и општествено отворање на овој проблем, потоа низ зголеменото финансиско ангажирање, нормативното регулирање во меѓународни и национални рамки, ширење на мрежата на различни установи и облици за работа за лицата со пречки во развојот и сè поголемото интересирње и давање определена помош од значаен број на меѓународни и национални хуманитарни организации.
Организираната општествена грижа за хендикепираните лица во Македонија, како што се глувите, слепите, ментално ретардираните, телесно инвалидните и други лица, изразена преку заштитата, образованието и рехабилитацијата кај нас започнува по Втората светска војна.
Пред тоа на територијата на денешна Р. Македонија не постоело организирано образование и рехабилитација за овие деца. “Постоеле само две одделенија за деца со пречки во психичкиот развој со по 15 ученици при основните училишта “Ѓура Јакшиќ" и “Св. Богородица" во Скопје и едно одделение со 18 ученици во Куманово”. (3)
Отсуството на институционални облици, стручни кадри и практично искуство во ова подрачје на човековото живеење до ослободувањето на нашата земја, создаваше огромни тешкотии во развивањето на нашиот систем, кој патем речено се создаваше по моделите на европските земји. Мораше да се тргне од самиот почеток во решавањето на напластените проблеми и потреби на овие лица кои со векови биле запоставувани.
Правејќи увид на општествената грижа за хендикепираните лица за период од пет децении, не е можно да се каже сè. Може да нагласиме дека се постигнати значајни резултати и дека општествените напори беа постојано насочувани кон максимално развивање на преостанатите психофизички потенцијали кај овие лица.
Мошне брзо по ослободувањето, тогашното Министерство за социјални грижи на Македонија и организациите на слепи и на глуви во Македонија ги согледаа основните животни проблеми на хендикепирните лица и презедоа мерки за организирање разновидни облици на грижа за нив.
Најнапред се започна со згрижување на слепите. Првиот дом за слепи е отворен на 8 ноември 1946 година, во Битола, со 32 корисника. Од нив само 5 беа описменети, преку Домот за слепи во Земун, додека сите други беа неписмени. Во отсуство на стручни наставници-тифлопедагози, работата околу описменувањето на неписмените слепи ја презедоа самите писмени корисници, исто така слепи. (3)
На 20 февруари 1949 година се отвори Домот за деца со оштетен слух (глуви и наглуви) во с. Петровец-Скопско. За управник се поставува глувиот функционер на Здружението на глувите на Македонија, Панта Ѓерасимов, а функционерката на ова здружение, Драгица Штандрухер (исто така глува), за негувателка-воспитувачка.1 Во август истата година Министерството за социјални грижи на Македонија донесе акт за формирање на училишта со интернат и за управник го назначува Славчо Ќерамитчиевски, дефектолог-сурдопедагог. 2
Во ноември во таа година доаѓаат на работа во Домот и сурдопедагозите: Деса Александрова, Славко Андреевски и Илија Пецевски кога и започнува со работа и Училиштето, односно организираниот воспитно образовен процес во установата, а со тоа и првата учебна година во Македонија за децата со оштетен слух.
Периодот од август до ноември е исполнет со напори за организациско поставување на установата, обезбедување минимални простории и материјални услови за интернатот и училиштето и селекција на хетерогениот состав на децата кои што беа насобрани под извонредно тешки услови. Така од 57 собрани деца, 26 беа вратени дома како ментално заостанати и со други недостатоци, а 31 глувонеми деца останале во училиштето.
Во март 1950 година во Домот се назначуваат и првите воспитувачи: Цвета Јанева и Марија Игнова, со што беше обезбедена и систематската воспитна работа во установата.
Лошите просторни услови, отежнатата комуникација со градот, условени од преголемата оддалеченост, како и сè поголемиот прилив на деца, наложуваа преземање на мерки за соодветно решавање на овие проблеми. Така во септември 1950 година Домот се сели во Скопје, формирајќи два дела: училиште и интернат. Во интернатот беа назначени воспитувачите: Петар Павловски и Елена Јованова, а во училиштето дефектологот Ангел Трајков.
Министерството за социјални гиржи во октомври 1950 година донесува решение за припојување на Домот за слепи деца и Училиштето за глувонеми деца и формира Завод за дефектни деца, како што тогаш се викаше. Така од прибраните слепи деца беше формирано прво одделение за слепи при Заводот во учебната 1950/51 год. со кое раководеше учителката Блашка Димитрова, па со тоа во Македонија започна и првата учебна година за слепи деца.
Со започнувањето со работа на Установата во Скопје се зголемува и интересот за примање и на логопати (деца со проблеми во говорот и гласот) и психички заостанати деца, така што во оваа учебна година Илија Пецевски-дефектолог, започнува со индивидуална работа со логопати и психички заостанати деца. Според содржината на работата установата добива карактер на институција за згрижување и почетна рехабилитација на децата со пречки во развојот.
Тешките услови за работа на Установата условија ново селење на Заводот во Битола, во 1951 година во значително подобри просторни и други услови за работа. Со тоа во учебната 1951/52 година беа одбележани традициите на специјалното школство во Македонија со своите специфичности, односно започнува организиран третман на децата со пречки во развојот што во квалитетна смисла претставува значаен чекор напред.
Во оваа учебна година ја започнува работата и првата генерација на дефектолози-тифлопедагози: Рахилка Андова и Викторија Автовска што работеа во две паралелки за слепи деца. Исто така во работата со овие деца се вклучи наставникот по музика Марија Гудељ. Тоа практично беше и основата за сестрано користење на музиката во воспитно-образовниот, одосно во терапевтскиот процес како веќе верифицирана претпоставка за емотивниот и социјалниот развој на слепите лица.
Во учебната 1950/51 година Браевото писмо беше прилагодено и за македонскиот јазик, така што можеше да се пристапи кон изработување и преведување на учебници за слепи деца и печатење на литература на ваквото писмо. Овие околности овозможија Рахилка Андова и Викторија Автовска да ги изготват првите прирачни учебници и забрзано да работат врз оформувањето и збогатувањето на посебна библиотека на Браево писмо за слепите деца.
Во таа смисла оваа учебна година е карактеристична и по активностите врз класификацијата на учениците во училиштето со формирањето на паралелки за глувонеми деца, паралелки за наглуви деца, како и паралелки за глувонеми деца кои наедно се и психички заостанати. Паралелката за глувонеми со психичка заостанатост беше доверена на олигофренопедагогот Спасија Пецевска. Исто така беше формирана и паралелка за психички заостанати деца кои не се глувонеми, а беа екстерни деца од Битола.
Со оглед на големиот прилив на деца со разновидни недостатоци во Заводот работеше комисија за распоредување и прием на деца, составена од: лекар, сурдопедагог, олигофренопедагог и логопед. Овие активности во Заводот создадоа услови за натамошен посебен развој на третманот, односно воспитанието и образованието на децата со разни пречки во развојот (со оштетен слух, со оштетен вид, со говорни недостатоци и ментално ретардирани деца). Посебно е значајно што во оваа година беше формирана и првата логопедска амбуланта во Македонија. Се работеше со интерни и екстерни деца. Како први логопеди што работеа со децата беа: Илија Пецевски, Славчо Ќерамитчиевски, Јонче Неделковски, Атанас Ташковски, Цвета Јанева, Драгица Кубурова и други.
Од учебната 1952/53 година се издвојуваат паралелките за деца со пречки во психичкиот развој и преминуваат во редовното основно училиште “Коле Канински" во градот.
Учебната 1953/54 година претставува преломна година кога се започнува со посебен институционален третман одделно за секоја категорија на хендикепирани лица во Македонија, со издвојувањето прво на слепите деца во 1954 година со отворањето на училницата за слепи деца и на глувите младинци, со отворањето на средното занаетчиско училиште и двете во Скопје.
Во учебната 1956/57 година беше отворено и училиштето за логопати, во нова наменски изградена зграда во составот на Заводот во Битола. (1)
Накусо ќе се осврнеме врз развојот на мрежата на установи што се создаде во изминатиот период.
Прво, во процесот на развојот на мрежата на установите, првата установа која веќе ја споменавме продолжи со работа како Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор “Кочо Рацин" во Битола чии основни задачи беа и останаа: предучилишното воспитание, основното образование и корекција на слухот и говорот.
Подоцна, во 1955 година Извршниот совет на Македонија го отвори првото стручно занаетчиско училиште за глуви младинци, кое и денес работи како Центар за образование и рехабилитација на младинци со оштетен слух “Партение Зографски" во Скопје.
За превентивната заштита, детекција, дијагностика и раниот третман на слушно и говорно оштетените деца од предучилишна возраст беше основан Аудиолошки центар со седиште во Скопје, кој и денес работи како Завод за рехабилитација на слухот, говорот и гласот. Подоцна од оваа установа се издвои нејзиното одделение што работеше во Битола во посебна установа-Завод за рехабилитација на слух, говор и глас што и денес работи под тој назив.
Со отварањето на првата заштитна работилница “Светлост" во 1960 година во Скопје и другите заштитни работилници за глуви лица во Републиката се оформува мрежата на институционална заштита и рехабилитација на лицата со оштетен слух што го опфаќа нивниот третман од предучилишното, па сè до нивната интеграција во животот и во работната средина.
Второ, паралелно со тоа се развиваше и мрежата на институциите за лицата со оштетен вид, односно за слепите и слабовидните деца и младинци. Така, во 1954 година Извршниот совет на Македонија основа училиште за основно образование на слепи деца во Скопје, а во 1959 година беше основан и Завод за работно и професионално оспособување на слепи лица во Драчево, Скопско. Во 1962 година беа создадени нови современи просторни и кадровски услови за третман на овие лица, што доведе до интеграција на овие две установи во една установа која и денес постои и работи под назив Завод за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов" во Скопје, што обезбедува предучилишно воспитание, основно образование, насочено образование и музичко образование.
Значителен број на слепи лица се вработуваат на отворени работни места и во заштитни работилници во Републиката, кои претежно вработуваат слепи лица, како што се работилниците во Скопје, Битола, Охрид и други.
Трето, основањето на установите на ментално ретардирани лица се вршеше нешто подоцна, зависно од степенот на менталната ретардација. Бидејќи најмногу се манифестираат проблемите на најтешко ментално ретардираните лица како за родителите така и за општеството, затоа првата установа за нив беше формирана во 1958 година во Демир Капија, каде што и денес работи.
Во исто време беше актуелизиран и проблемот за заштита и рехабилитација на умерено ментално ретардираните лица, за што се направија проучувања и непосредно запознавање со проблематиката во повеќе европски земји и беше изработен обемен елаборат што обуслови Извршниот совет на Макединија во 1965 година да донесе решение за основање на Завод за рехабилитација на умерено ментално ретардирани деца и младинци во Скопје. 3
За лесно ментално ретардираните деца и младинци мрежата на установи за основно и средно образование, покрај скромното искуство што го имавме со неколку паралелки при редовните училишта во Републиката поинтензивно започна да се реализира во учебната 1966/67 година со отворањето на првото специјално училиште во Прилеп, а потоа во Битола, Скопје, Велес, во Ново Село (Струмичко), две специјални училишта за средно образование за лесно ментално ретардирани деца во Скопје и Штип, како и со отворањето на околу 80 посебни паралелки за ленсо ментално ретардирани деца во повеќе од 20 редовни основни училишта.
За лесно ментално ретардираните младинци што не можеа да се вработат во редовното стопанство, и за умерено ментално ретардираните младинци беа формирани заштитни работилници во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и во другите места во Републиката. Во последните години започна процесот и со отворањето на дневни центри за умерено и тешко ментално ретардирани лица и со комбинирани пречки во развојот. Беа отворени два такви центри во Крива Паланка и во Скоје, а во текот на оваа година се отворија и 10 групи за дневно згрижување на тешко ментално ретардираните деца и за децата со комбинирани пречки во равојот од предучилишна возраст при детските градинки во Штип, Куманово, Охрид, Скопје, Тетово, Битола, Гевгелија и на други места.
Четврто, за телесно инвалидните лица, поради тежината на оштетувањата и други причини што не можат да се вклучат во редовното образование, беше основан Завод за заштита и рехабилитација на тешко инвалидни деца и младинци во Бања Банско (Струмичко) во 1970. Во овој Завод се обезбедуваа соодветни облици на заштита и образование на корисниците за здобивање на сите степени на образование.
Петто, во последниве години исто така се започна и со интегративното, односно инклузивното воспитание и образование на деца со пречки во развојот во редовните градинки и училишта. Иако тој процес е инцидентен, неорганизиран и некоординиран, бројот од околу 400 интегрирани деца не треба да се потцени, туку нè обврзува на овој сложен процес да му пристапиме многу организирано и подготвено.
По овој кус преглед, можеме да констатираме дека во Републиката е обезбеден соодветен систем на институции и други облици за заштита, воспитание, образование и рехабилитација на хендикепираните лица со нагласена потреба од осовременување на сите процеси на третман во сегашниве услови на модернизација и компјутеризација.
Ова се потврдува со фактот што во нашата Република беа основани и денес работат:
- 15 установи за заштита, образование и рехабилитација со капацитет од 1500 корисници;
- 75 посебни паралелки за основно образование при редовните училишта во повеќе од 20 општини со опфатеност од 560 ученици.
Ваквиот развој се должи, пред сè, на ангажирањето на организациите, органите, заедниците и лично од одделни општественици, при што голем придонес дадоа и даваат, дефектолозите чии број во Македонија се движи околу 500, што непосредно со децении беа и се со овие лица и ја делеа и делат нивната судбина.
Дефектолозите во Македонија не само што ја збогатија практиката, туку дадоа значаен прилог во дефектолошката теорија и во научно-истражувачката и научната дејност. Особено тоа се почуствува со отворањето на дефектолошките студии при Филозофскиот факултет-сегашниот Институт за дефектологија.
Во изминатиот период беа одбранети и неколку докторски дисертации и магистерски трудови од областа на дефектолошката проблематика, беа објавени повеќе десетици стручни и научни публикации и определен број универзитетски учебници од областа на заштитата и рехабилитацијата. Потоа беа објавени околу 500 стручни и научни трудови во домашни и во странски списанија, а од дефектолозите што беа вработени во практиката беа напишани и излезени од печат определен број учебници за потребите на посебните училишта и другите установи во Републиката.
Прикажувајќи ја оваа ретроспектива, се разбира во минимални рамки, нашата цел е да дадеме елементарни податоци и насоки, за да можат идните истражувачи полесно да ги ориентираат своите истражувања, пред сe, од историски аспект, што треба да имаат превасходна цел, компарација и континуитет во обезбедувањето поповолни услови за севкупните грижи за овие лица. Тука, пред сè, мислиме на создавање подобри услови за живот и работа на хендикепираните, усовршување на законодавството, подобрување на материјалната основа на установите, создавање можности за стручно усовршување на дефектолошките кадри, доследна примена на правата и стандардите за хендикепираните лица од меѓународните документи и друго.
ЛИТЕРАТУРА:
- Ајдински Љупчо: Општествена заштита и рехабилитација на лицата попречени во физичкиот и психичкиот развиток во СР Македонија (1945-1985)
-
Ајдински Љупчо: Општествена заштита и рехабилитација на лицата попречени во физичкиот и психичкиот развиток во Р. Македонија “Дефектолошка теорија и практика"
бр. 1-2/1999 -
Кондарко Благоја: Специјалното школство во СР Македонија “Просветно дело"
бр. 5-6/1961
1 За тоа време логично е да биде негувателка-воспитувачка со скромно образование и глува, за да се реализира елементарната комуникација во целокупниот живот со употребата, пред сè, на гестикулациониот говор, со кој тогаш единствено можеа да воспостават глувите контакт во нивната животна средина.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE