JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6748
Весна СТЕПАНОВСКА
ЗАСТАПЕНОСТА НА ПЕЛТЕЧЕЊЕТО КАЈ МАШКИТЕ ДЕЦА
ВО ОДНОС НА ЖЕНСКИТЕ НА ВОЗРАСТ ОД 6 ГОДИНИ
Вовед
Пелтечењето е синдром на бројни манифестации на говорно, јазично, психолошко, физиолошко, телесно и социјално поле. Тоа е нестандардно говорно однесување изразено во повторување на делови на зборови и реченици, продолжување на гласовите, застој во говорот, неадекватни паузи, додавање на различни гласови или слогови, продолжено траење на говорот и друго.
Наведените ситуации ги следи страв од говорот: Тикови (различни движења на главата, телото и на екстремитетите), неадекватни физиолошки реакции (потење, црвенило, забрзана работа на срцето, зголемена напнатост на мускулатурата), емоционална нестабилност и намалена концентрација. Конечен резултат е нетолерантниот став кон говорната ситуација, количински намалена комуникација и неприлагоденост. Долготрајното повратно дејство на пелтечењето на лице што пелтечи, делува врз формирањето на карактерните црти на личноста, често негативно. Тоа се лица, несигурни, плашливи, недоверливи во извршувањето на задачите и им недостига истрајност.
Можеби пелтечењето најдобро го опишува Prins (1991)кој вели дека тоа е нарушување изразено и содржано на три нивоа:
- Првото е оштетување како последица на дефицитот во лингвистичката формулација и говорно-моторната контрола.
- Второто ниво е неспособност што го вклучува моментот на нефлуентност и реакција на случувањето.
- Третото ниво е хендикеп што произлегува од нарушувањето здружено со карактеристиките на личноста, интерперсоналните односи и со секундарниот конгенитален фактор.
Овој модел покажува релација меѓу неспособноста и нејзините последици. Prins (1991) разликува пелтечење како ситуација од пелтечење како нарушување. За ситуација го изнесува феноменот на перцепцијата на говорната нефлуентност, која слушателот ја категоризира како “пелтечење” или ги означува како епизоди на пелтечење Wingate (1998). Под пореметување подразбира хронични причини во кои пелтечењето привлекува внимание врз себе, интерферира со комуникацијата или предизвикува нелагодност кај говорникот (Van Riper 1963).
Пелтечење кај децата
Пелтечењето најчесто се јавува во детството. Многу автори тврдат дека дури 95% од сите видови на пелтечење се јавуваат до седум годишна возраст, иако не е заобиколена ниедна возраст. Според испитувањата на Froechels во 1924 год. и според Emerick и Haynes 1986 год., што анализирале над 20.000 испитаници, секој од испитаниците различно пелтечел. Daugllas и Quainington во 1952 год., според Emerick и Haynes во 1986 год. наведуваат постоење на интериоризирано и екстериоризирано пелтечење, меѓутоа и за случаи што се во состојба да го предвидат појавувањето на пелтечењето, додека други не се.
Motsh 1981 год. и Wyatt 1969 год. разликуваат развојно или примарно пелтечење (што се јавува со развојот на говорот) од доцнежно пелтечење кога говорот е усвоен и од синдромално што се јавува наспоредо со нарушувањето на фината моторика, перцепцијата и вниманието. Кога понатаму се елаборираат овие три видови пелтечење, за првите две може да се каже дека се последица на тешкотии во процесот на прешифрирање на психолингвистичките симболи во низа моторни секвенци. Таквите деца немаат проблем со перцепцијата на говорот. Проблемот е во експресијата.
Синдромално или кортикално или неврогеното пелтечење е последица на искривена, нецелосна или блокирана перцепција што е последица на дисматурација или дисфункција на средишниот нервен состав. Овде, неправилната експресија е последица на неадекватна перцепција на говорот. Неврогеното детеско пелтечење со вообичаените симптоми на пелтечење, го карактеризира несаканото повторување на примерно-коректните гласови и слогови на кое и да било место во зборот, проблеми со вокалите (повторување, застој и развлекување) варирање на тонот во гласот и др.
Дијагностиката на пелтечењето кај децата на почетокот е многу сложена, крајно осетлив, а често и проблематична како процедура, особено ако се присутни родителите. Кај малите деца процесот на дијагностика и терапија, па макар и да е соодветна, практично се провлекува и надополнува во подог временски период.
Цел на истражувањето
а) |
Колкав процент од сите говорни растројства на децата од возраст на шест години отпаѓа пелтечењето? |
б) |
Каков е соодносот изразен во проценти меѓу половите на шест годишна возраст? |
в) |
Во кој облик е изразено пелтечењето кај децата на оваа возраст? |
а) |
|
Според современите статистички податоци зачестеноста на пелтечењето е проценето на 1% или помалку (Bloodstein, 1995 год.) Во ДСМИВ (1994 год.) е наведено дека зачестеноста на претпубертетските деца од 1%, кај адолесцентите отпаѓа 0,8 Van Riper 1971 год. Според Брестовци, 1986 год. резимирајќи го прегледот од разни истражувања на зачестеноста на пелтечењето изнесува:
- до 3-тата година од животот пелтечат околу 0,55% деца;
- до 8-мата година тој процент достигнува максимум од 1,6%;
- во 12-тата година се стабилизира како кај возрасните на 1,1%.
Нашите испитувања вршени во Битола во ЦОУ “Св. Климент Охридски#, ЦОУ “Даме Груев#, ЦОУ “Тодор Ангелевски# и установите за предучилишно воспитание и образование “Естреја Овадија Мара# и “Мајски цвет# во забавишните групи на деца на возраст од шест години во периодот 1997-1999 год. ги покажуваат следните состојби:
- Во 1997 год. од 789 испитаници, 248 или 31,93% се со говорни растројства, од кои 18 испитаници или 2,31% се со пелтечење од испитуваната популација или 7,26% во однос на сите откриени говорни растројства.
- Во 1998 год. од 696 испитаници на шест годишна возраст, 169 односно 24,28% се со говорни растројства од кои 10 испитаници се со пелтечење, односно 1,44% од целата популација или 5,92% во однос на сите откриени говорни растројства.
- Во 1999 год. од 689 испитаници, 217 односно 31,49% се со говорни растројства, од кои 12 испитаници се со пелтечење, т.е. 1,74% од испитуваната популација, односно 5,53% од сите откриени говорни растројства.
Резултатите од ова истражување можат да се видат од следната табела:
б) |
Сооднос меѓу половите изразен во проценти |
Досегашните испитувања што се однесува на преваленцијата на машката и женската популација ги покажуваат следните наоди: Hull 1969 год. на група од 6.287 деца нашол 0,30% испитаници со пелтечење со полов размер машки 6 спрема 1 женско. Gillespie и Cooper во 1973 год. кај 5.054 испитани деца нашол 2,12% кои пелтечат со полов размер 2,7 машки спрема 1 женско: Leavitt во 1974 год. кај 10.445 испитаници нашол 0,84% со пелтечење со полов размер 6,3 машки спрема 1 женско. Brady и Hall во 1976 год. од 197.420 испитаници 0,35% со пелтечење се со полов размер 3,9 машки спрема 1 женско: Леске 1981 год. од 7119 испитаници нашол 2% со пелтечење со полов размер 2,6 машки спрема 1 женско.
Нашите испитувања го покажуваат следното:
- Во 1997 год. од 779 испитаници 2,31 се со пелтечење и тоа со полов размер 1,54 машки, а женски 0,77; т.е. во однос на сите говорни растројства машките учествувале со 4,84 а женските со 2,42.
- Во 1998 год. од 696 испитаници 1,44 се со пелтечење и тоа со полов размер 1,01 машки, спрема 0,43 женски; т.е. во однос на сите говорни растројства машките учествувале со 4,14 а женските со 1,78.
- Во 1999 год. од 689 испитаници 1,74 се со пелтечење и тоа со полов размер 1,16 машки, спрема 0,58 женски; т.е. во однос на сите говорни растројства машките учествувале со 3,69 а женските со 1,84.
Од вкупно 2164 испитаници на шест годишна возраст, 634 или 29,30% се со говорни растројства од кои 40 или 1,85 од сите испитаници се со пелтечење, односно 6,31% од другите говорни растројства. Преваленцијата изразена во полов размер изнесува машки 1,25 спрема женски 0,60 од вкупната популација, односно машки 4,26 спрема женски 2,05 во однос на другите говорни растројства.
Соодносот меѓу половите може да се види од следната табела:
в) |
Облик во кој е изразено пелтечењето |
Обликот на пелтечењето претежно кај сите испитници беше изразен во клонична форма, со благ степен, без изрзаени спазми на мускулатурата, без тикови, со благо нарушена фонација. Само кај две машки деца, едното во 1997 год., а другото испитано во 1998 е забележано пелтечење од потежок степен изразено во клоно-тонична форма, со изразени спазми на мускултатурата на говорните органи, со изразити тикови и пореметена фонација. Едниот испитаник (1998 год.) се бореше за воздух и после неколку неуспешни обиди се откажа од понатамошната соработка.
На сите дијагностицирани испитаници им е препорачан соодветен логопедско-психолошки третман.
Резиме
Истражувањето е вршено во период од три години и беа опфатени 2164 испитаници на возраст од шест години од нормална популација.
Од вкупниот број на испитаници со говорни растројства има 634 што во процент изнесува 29,30%.
Од целата испитана популација пелтечењето учествува со 40 што претставува 1,58% од вкупниот број ан испитаници, односно 6,31% во однос на другите говорни растројства.
При истражувањето е утврдено дека преваленцијата меѓу половите е следната: 1,25 машки спрема 0,56 женски во однос на вкупниот број на испитаници.
Резултатите од ова истражување покажуваат дека и на овие простори пелтечењето е застапено со 1,58% на возраст од шест години, што се совпаѓа со истражувањата на претходно наведените автори чии резултати се 1,6% на оваа возраст.
Што се однесува до преваленцијата меѓу половите за разлика од истражувањата на претходно наведените автори каде разликата е поизразена и се движи од 6,3 машки спрема 1 женски до 2,7 машки спрема 1 женски. Резултатите од ова истражување покажаа дека на овие простори соодносот меѓу половите не е толку драстично изразен и изнесува 1,25 машки спрема 0,60 женски.
Обликот на пелтечењето претежно кај сите испитаници беше изразен во клонична форма со благ степен.
На сите дијагностицирани испитаници им е препорачан соодветен ллогопедско-психолошки третман.
ЛИТЕРАТУРА:
1. |
Општа дефектолошка дијагностика-Александар Ђордић-Светозар Бојанин- Белград, 1992. |
2. |
Општа реедукација психомоторике-Татијана Говедарица-Белград, 1989. |
3. |
Говорни поремећаји-Душанка Вулетић-Загреб, 1987. |
4. |
Рехабилитација поремећаја функције говора-Др. Ц. Брајовић-Белград- Научна књига. |
5. |
Муцање-Логопедија II-др. Спасенија Владисављевић-Белград, 1982. |
6. |
Неуропсихологија развојног доба-Белград, 1985. |
7. |
Први међународни логопедски семинар: Муцање, Рано препознавање, дијагностика и терапија-Загреб, 1998. |
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE