JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5956
Димитар ЛОЗАНОВСКИ
ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС И СОЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА НА МЕНТАЛНО РЕТАРДИРАНИТЕ ДЕЦА КАКО КОМУНИКАЦИЈА
Биолошките потреби за опстојување, одржување и потребата да се живее во заедница од самиот почеток го терале човекот да се грижи за своето младо поколение-што подобро да го подготви за живот т.е. да го воспитува. Според тоа ниту постоеле луѓе, ниту постоело општество во кое во исто време не постоело и воспитување.
Нашето општество бара и свесно се бори за што потесно поврзување на воспитувањето со животот и работата. Воспитанието и образованието, како педагошки процеси меѓусебно се условени и дијалектички поврзани.
Условите во кои се врши образованието ја определуваат и неговата цел, а што може да се дефинира како: “Изградување и развивање врз база и по пат на пренесување и усвојување на научени знаења, интелектуални, работни, технички, производни, хигиенски, културни, и други вештини и навики. Тоа е процес на оспособување на личноста за да може да се служи со стекнатите знаења, заради што треба образованието најтесно да се поврзи со животот во општеството и максимално да ја активира личноста што се образува.”
Воспитанието е неделиво од образованието и претставува сложен, комплексен и долготраен процес на изградување и обликување на личноста. Тоа како педагошка категорија секогаш се стреми кон остварување на некоја цел. Исто така, тоа е општествено условена и насочена дејност. Под воспитание се подразбира збир на односи и влијанија на општеството, институции и поединци, со разни средства, методи, на разни содржини и под услов сето тоа да е насочено кон остварување на поставената цел-воспитанието.
Во процесот на изградувањето на една личност образованието и воспитанието сочинуваат сложен и единствен процес. Целта на воспитанието организирано и плански се остварува преку наставата и преку разни форми на педагошко дејствување.
Попреченоста во психичкиот развој (менталната ретардација) се дефинира како потпросечна општа интелигенција, што се јавува во развојниот период и е поврзана со проблеми во адаптивното поведение.
Менталната ретардација како “Хендикеп” според “Стандардните правила за обезбедување еднакви права за хендикепираните лица” (усвоени на Генералното собрание на ОН на 20.12.1993 год.), значи губење или ограничување на можностите да се учествува активно во општествениот живот на исто ниво како и другиот свет. Тој го означува допирот на лицето со определена мана со околината. Целта на овој термин е да го стави фокусот на недостатоците на околината и на многу организирани активности во светот, како што се на пример информациите, комуникацијата и образованието, што ги спречуваат лицата со определени мани да учествуваат на исто ниво со другите.
Главни црти на ментално ретардираните лица се слабата мотивираност да се надмине фрустрираноста, бавноста во мислењето и незрелоста. Ваквата комбинација на интелектуална и персонална дефициенција доведува до тешкотии во прилагодувањето на лицето на барањата од животот во општествената средина. Но, постојат показатели дека определена минимална социјална способност не зависи непосредно од интелигенцијата што ја мериме со тестовите за интелигенција, туку и од други фактори како што се: искуството, адекватното вежбање и мотивацијата на детето.
Зборот “Комуникација” значи не само пренесување соопштенија, воспоставување и одржување допир со некого, туку и примање на некого во некаква организација или некаква работа. Кога ќе се рече дека и учењето е комуникација се мисли на тоа што со учењето, пред сî, се пренесуваат знаења, вештини и навики од повозрасните на децата и младината. Значи, учењето без сомневање е процес на пренесување или соопштување и примање на информации.
Теориите за учењето зборуваат дека процесот на учењето се состои од пренесување на знаења или вештини од оној кој тие знаења или вештини ги има на оној кој нив треба да ги усвои или да ги научи. Она што треба да се научи главно е со осмислена содржина, во текот на практичната примена доаѓа и до феноменот разбирање, па потоа и до проверување на исправноста на тоа разбирање. При сето тоа, учењето во целост е процес на комуникација, процес на пренесување знаења, умеења и навики од постарите генерации на помладите.
Со учењето детето ја усвојува човековата култура и ги развива своите способности, тоа со учењето постанува човек-член на општествената заедница. Ако пак нема никакви можности за учење тоа останува на блед степен од развојот. Со учењето детето се вклучува во општествената заедница, станува човек со карактеристични човечки способности и особини-усвојува знаења, вештини и навики. Учењето како процес на комуникација може да го сметаме како една од основните човечки активности, затоа треба да се стремиме тој процес постојано да се усовршува, да се направи што поинтензивен и поефикасен.
Учењето најчесто е врзано за говорната комуникација и дека се спроведува со помош на говорни симболи-наједноставен модел на учење е обичниот разговор.
Работата со ментално ретардираните деца и младинци се изведува по современи концепции базирани врз достигањата на науката и практиката кај нас и во светот. Надминато е мислењето дека установите наменети за оваа категорија, особено оние за умерено и потешко ментално ретардирани деца, во својата основна дејност да имаат само згрижување, во што се подразбира сместување, исхрана и здравствена заштита, туку напротив да се создаде средина и содржина во која ваквите лица го наоѓаат својот свет на вистинско, културно и социјално живеење. Современите концепции за работа со ментално ретардирани деца наметнуваат посодржаен, похуман и покреативен пристап, со што би се створиле можности за максимален развој на нивните способности, затоа што ментално ретардираните не само што имаат исти потреби како и другите, туку и специфични потреби што ќе се задоволат само ако се овозможат услови за максимално развивање на нивните способности. Треба да им се овозможи да живеат во што понормални услови, затоа што имаат исти права како и другите. Тоа е и обврска на секоја земја потписничка за постапување по Стандардните правила за еднакви можности за хендикепираните лица.
Издвојувањето на ментално ретардираното дете од родителскиот дом и од неговата средина и сместување во установа (Завод) е потребно само тогаш кога нема друг излез, но при тоа секогаш треба да се има предвид дека животот и работата во установата (Заводот) треба да бидат организирани врз принципот нормализација и интеграција, што поблиску до нормалниот живот. Според тоа, првенствена задача на установата е развивање на способностите на секој корисник, а по завршувањето на третманот нивна интеграција во нормалната средина. Значи, и покрај нужноста од сместување на ментално ретардираното дете во установа не треба да престане комуникацијата со неговата природна средина. За реализирање на оваа концепција е потребно вклучување на стручен кадар чија работа ќе биде усмерена кон корисникот (детето), семејството (родителите) и околината.
ЛИТЕРАТУРА
- Љупчо Ајдински, “Интегрална рехабилитација на ментално ретардираните лица”, Белград 1982
- Иван Фурлан, “Учење као комуникација”, Педагошко-књижевни збор, Загреб 1978
- Педагогија 1 и 2, Матица Хрватска, Загреб 1969
- Стандардни Правила за изедначување на можностите за хендикепираните лица, Обединети нации 1993
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE