Љупчо АЈДИНСКИ, Ристо ПЕТРОВ

 

СОДРЖИНИТЕ НА РАБОТАТА ВО ДНЕВНИТЕ ЦЕНТРИ ЗА РАБОТНО ПРОИЗВОДНА АКТИВНОСТ ЗА УМЕРЕНО И ТЕШКО МЕНТАЛНО РЕТАРДИРАНИ ЛИЦА ВО ФУНКЦИЈА НА РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА
                               

                Менталната ретардација како што ни е познато претставува инсуфициенција на интелектуалните способности, која негативно влијае врз можностите за учење, врз емоционалната прилагоденост, адаптацијата во социјалната средина, способноста за користење на искуствата, како и врз психофизичкиот развој на ментално ретардираните лица во целост. Поради тоа, социјалната неадекватност, функционалната неспособност, утврдување и регулирањето на сопствените потреби и желби, потоа значително намалените можности за економска самостојност и издржување без помош на општеството, се придружни манифестации на менталната ретардација.
Во зависност од тежината на последиците изразени во овие и други манифестации, менталната ретардација како што ни е познато, се распоредува на четири степени: лесна, умерена, тешка и длабока. Според тоа и на планот на социјалната интеграција ментално ретардираните лица можат да постигнат различно ниво ако се обезбедени определени претпоставки за хуманизација на животните и работни услови на овие лица низ рехабилитациониот третман.
Оттука произлегува задачата на третманот да ги ублажи последиците на ментално ретардираните лица и да се создадат услови на можности таквите лица да се прилагодат на барањата кои животот секојдневно ги поставува пред нив. Тоа претпоставува изградување и примена на специфични социјални, медицински, дефектолошки и други облици на работа кои, меѓу другото, треба да обезбедат основни стимуланси и мотивација кај ментално ретардираните лица за да можат да се совладаат голем број пречки и проблеми, како и стекнување на определено искуство.
Рехабилитационата работа е пресудна за создавањето на хумани услови за развој на ментално ретардираните лица, посебно на умерено и тешко ретардираните. Постојните материјални услови колку í да се поволни, изолирани од рехабилитационата работа не можат да ги дадат саканите резултати на овој план. Неспорно е значењето на рехабилитационата работа која во социјален контекст може најадекватно да обезбеди услови за изградување:

  • чувство на сигурност (во чија основа е задоволувањето на елементарните биолошки потреби);
  • чувство на припадност (да биде сакан);
  • чувство за контакт и заеднички живот со други лица;
  • чувство за лична вредност и општествена улога и друго.

                Со цел посоодветно да се димензионираат облиците на задачите и активностите во непосредна работа, потребно е да се истакне дека менталната ретардација како стостојба со своите карактеристики го ориентира процесот на хуманизација и социјализација според однесувањето, според видот и степенот на попреченост.
Значаен процент од овие лица остануваат на некој начин делумно или наполно зависни низ целиот свој живот од степенот на усовршеноста на општествени односи и ставови, како и од културниот и социјалниот статус на луѓето од нивната непосредна животна средина. Ова посебно се однесува на длабоко, тешко и умерено ментално ретардираните лица. Покрај тоа, нема да се направи грешка ако процесот на хуманизација и социјализација на умерено и тешко ментално ретардираните лица се сфати како прилагодување на определен квантитет на позитивни норми, односи, како и однесување во нивната животна средина во зависност од нивните психофизички способности.
Центрите за дневен престој за возрасни умерено и тешко ментално ретардирани лица, претставуваат нов облик во Републиката, за разлика од другите земји во светот каде што масовно се применува таков облик за згрижување на умерено и тешко ментално ретардирани лица. Тие се создаваат за да се обезбедат услови за згрижување на возрасни умерено и тешко ментално ретардирани лица кои не се и не можат да бидат во работен однос. Работат со мали групи 30-40 лица.
Центрите за дневен престој имаат за цел на корисниците да им овозможуваат згрижување и заштита, стручен третман, работно-производна активност, работна терапија, социјализација и интеграција во семејствата и поблиската средина, а исто така да им помагаат на родителите на овие лица да можат да го организираат својот живот, колку толку, нормално во секојдневниот живот и да ги вршат своите семејни и општествени обврски. На тој начин со стручна помош на установата за дневен престој, во која овие лица го минуваат поголемиот дел од денот се овозможува зачувување на функционирањето на семејството што има свое влијание врз ретардираното лице.
Овие облици на згрижување се предвидени со надлежните законодавства, но и во меѓународните документи. Така на пример со Декларацијата на ООН за правата на ментално ретардираните лица, а особено со точка 2-правото за помош и грижа, преку кои овие лица ќе бидат во состојба да ги развиваат своите умеења и ќе ги откријат своите можности, или точката 3-правото овие лица да се занимаваат со умствена работа во границите на нивните можности, како и точката 4-правото да учествуваат во некои форми од животот на заедницата. Така се споменува и неопходната грижа за сместување во посебна установа, што треба да се врши во околности колку што е можно поблиску до оние во нормалниот живот, за да се подобри социјалната интеграција на хендикепираните лица.
При определувањето на ваков вид згрижување, работно ангажирање и други облици на социјализација на оваа категорија лица, се поаѓа од тоа што лицата со умерена и тешка ментална ретардација не можат да се оспособат за самостоен живот и работа и им е потребна трајна грижа во семејството-преку посебни облици на згрижување и третман. Затоа со прилагодување на содржините и организацијата на работа кон психофизичките можности, способности и потреби на овие лица, дневните центри за работно-производна активност за умерено и тешко ментално ретардирани лица ќе претставуваат оптимален облик на нивната институционална заштита.

Предноста на овие центри е повеќекратна:
прво, овие лица остануваат во нивните семејства и со тоа не се прекинуваат емотивните врски и односи со членовите на семејствата, тука тие и натаму се негуваат и развиват, како битна компонента на емоционална сигурност. Во тој однос семејната топлина не може да се надомести ниту во една социјална институција, без оглед како таа е функционално поставена и кадровски опремена;
второ, центрите даваат можност за поголема флексибилност при определувањето на организационите облици, содржините на работа и другите активности во нив, при определувањето на работното време и друго, зависно од потребите на ментално ретардираните лица, при што влијанието на родителите во оваа смисла, ќе биде мошне значајно;
трето, со лоцирањето на центрите што поблизу до местото на живеење се овозможува натамошно одржување контакти на овие лица со природната социјална средина, која исто така претставува мошне значајна компонента за нивната способност за ориентација во просторот, навика да се служат со локалните превозни средства и друго; и
четврто, создавањето на просторни услови за работа на овие центри и нивната опременост не бараат поголеми инвестициони вложувања, бидејќи во повеќе случаи за оваа намена ќе можат да се адаптираат погодни објекти што служеле за други намени, а и функционалните расходи ќе бидат значително помали во однос на стационарното сместување.

Услови за прием на корисниците во центрите

Можеме да наброиме повеќе услови, но засега само неколку:

  • да имаат умерени или тешки ментални или ментални и физички пречки;
  • да имаат навршено 18 години и без ограничување на возраста;
  • да имаат каде да престојуваат през ноќта и во деновите за одмор-со своите родители, со други роднини или за повозрасните во специјални домови;
  • ретардираните да не бидат психијатриски пациенти;
  • времето за доаѓање и одење од местото каде што ноќеваат до дневниот центар не треба да бидат подолго од еден час;

                Во работата на дневните центри треба да се прецизираат и определени принципи. Така на пример дневниот центар од Евергем-Белгија ги почитува следните принципи:
1. Оценување
Ментално ретардираните исто така имаат што да предложат
2. Восприемање
Во општеството луѓето не се еднакви, не е секој умен или вешт, но никој не е подолу од другите и никој не е со пониска вредност
3. Возможности за иднината
Работата би била бесмислена ако нема иднина; ментално ретардираните лица исто така имаат иднина, а секој поглед кон утрешниот ден е исто така иднина
4. Одговорност
Луѓето со пречки во развојот исто така можат да почувствуваат што е добро и што е зло; ние им даваме можност да прифатат одговорност
5. Промени
Многу нешта во нивниот живот ќе се променат во иднина; ние треба да ги научиме да се снајдат, кога нивните родители ќе починат, а нивните браќа и сестри ќе се оженат
6. Интеграција
Треба да ја поттикнуваме интеграцијата
Еден од најважните принципи на дневниот центар во Евергем е барањето на независнот на индивидуите. Тоа значи тие да се научат на многу нешто и не само технички, туку да си ги бранат своите права, да се заштитуваат, да можат да си ги бранат идеите, да имаат свое мислење и слично.
Во таа смисла Мартен Вандер Хенде ќе рече:
“Од големо значење е да се ислушуваат ретардираните лица, да се сфати не само буквалната смисла на кажаното, туку и што означува тоа за нив. На пример, ако некој каже не сакам да одам на прошетка со тебе, тоа може да означува дека тоа всушност не сака да отиде на прошетка, но исто така може да означува дека не му се допаѓаш. Содржината на зборовите е нешто многу поважно од самите зборови”.
                Целите и задачите на рехабилитационо-воспитната дејност на дневните центри се:

  • да им помогнат на ретардирантие лица за секојдневно самозгрижување;
  • да ги оспособат корисниците за основна комуникација;
  • да им овозможат развивање на психомоторните функции;
  • да им овозможат здобивање на елементарни знаења од одделните рехабилитационо-воспитни подрачја;
  • да им овозможат на корисниците корективни активности на говорот, говорната комуникација и целокупната психомоторика; и
  • да обезбедат работно-производна активност и работна окупација.

                Организацијата на работата на дневните центри треба да биде конципирана така што наизменично, во текот на денот да се сменува работниот и рехабилитационо-воспитниот третман со ретардираните лица.

1. Работен третман
Во работилниците, зависно од можностите на корисниците, се организираат:

  • работно-производни активности (изработка или доработка на определени производи на пример по пат на кооперација);
  • тренинг за определени работни операции од работната окупација;
  • разни работни активности за рачна работа (пластика или ликовно ангажирање). Така во работилниците за ликовна работа можат да се изработуваат теписерии, гоблени, цртежи и се применуваат определени сликарски и вајарски техники во собразност со нивните психички и физички можности. Во наведените активности можат да се користат материјали и средства како што се: волница, конец, канап, бои, ножици, игли, ножеви, четки, а сî со цел да се развијат моторните способности, вештината и чувството за убаво.

2. Рехабилитационо-воспитна работа
Рехабилитационо-воспитната работа што се одвива во простории за таа намена може, на пример, да опфаќа: самопослужување, психомоторика, говорна комуникација, домаќинство-практична работа во кујна и стекнување на основни поими од природата, семејството и непосредната средина.
Самопослужувањето е мошне важно подрачје од областа на рехабилитационо-воспитната работа. Така во реализацијата на програмските содржини од ова рехабилитационо-воспитно подрачје се инсистира кон практично совладување на основните социјални вештини како што се: облекувањето и соблекувањето, одржувањето на личната хигиена, исправното земање на храна, однесувањето на користењето на јавните превозни средства на улица и слично.
                Психомоториката е подрачје на рехабилитационо-воспитната работа што има за цел кај ретардираното лице да развие доживување на просторот, времето, присуството на другите лица, на предметите и на другите појави што го опкружуваат и на тој начин да стане свесно за својата целосност и посебност меѓу другите лица. Програмските содржини од ова подрачје можат да се дадат низ определени вежби, што се сообразни со можностите на лицето и можат да ги користат родителите во секојдневното ангажирање на своите деца, со консултации и сугестија на стручњаците.
Посебен акцент се става врз говорот и говорната комуникација, што кај корисниците се развива до максимални можности во сообразност со нивните способности.
Интересно е и корисно подрачјето на рехабилитационо-воспитната работа за домаќинството, односно практичната работа во кујната. Тука ретардираните лица на непосреден и конкретен начин се запознаваат со просторот, со намената и функцијата на кујната. Исто така, тие се учат за елементарниот ред и хигиената во куќата, се запознаваат со основните намирници, подготвување на сендвичи, прават едноставни напитоци и  едноставни јадења, се учат на однесување и држење при јадењето, со сервирањето, со послужувањето и конзумирањето на храната, расчистување по јадењето, одржувањето на кујната по јадењето и подготвувањето на заеднички свечености, како што се прослави на родендени, дружење и слично.
Програмските содржини од подрачјето на природата, семејството и непосредната средина придонесуваат развивање на љубов кон природата и правилен однос кон другите лица од семејството и средината. За постигнување на сето тоа потребно е тие лица што почесто да престојуваат во природата и во општествената средина. Тоа бара:

  • посета на поважни установи во градот (пошта, железничка, односно автобуска станица и слично), одење на кино стадион и сл.:
  • користење на разни сообраќајни средства и сл.;
  • запознавање на домашни животни;
  • разликување, именување и употреба на прехранбени продукти (млеко, сирење, путер, месо, колачи сл.);
  • ракување со храна за животни;
  • одржување на фармички (за зајци, пилиња, кози и сл.).

Слободни рекреативни активности и јавна и културна дејност.
Слободните рекреативни активности и јавно-културната дејност на корисниците претставуваат дел од рехабилитационо-воспитните активноти и имаат за цел:

  • да ги развиват индивидуалните желби и интереси кај лицата за спортски и културни активности;
  • да го поттикнуваат развојот на социјалнитие функции и моториката;
  • да го развиваат другарството и смислата за социјално однесување и сл.

                Со оглед на природата на попреченоста, овие активности ги насочуваат дефекторите и се организираат за сите корисници.

Општествено корисна работа

                Општествено-корисната работа во дневните центри претставува дејност што е насочена кон непосредно реализирање на целите и задачите на третманот, а со тоа и на Центарот.
Преку организирање на разновидни форми на општествено-корисната работа со цел за реализирањена следните задачи:

  • да се развиват конкретни работни навики;
  • да се развие чувство на одговорност за чување на она што го користат;
  • да се формира смисла за чување на површините и објектите во непосредната околина;
  • кај корисниците да се создаваат навики за одржување на хигиената во центарот и неговата околина.

                Наведените работи и активности претставуваат сеопфатна меѓусебно поврзана целост, имаат јасна цел и практичен карактер, мораат да се спроведуваат организирано и координирано како во дневниот центар така и во семејството.
Целокупниот третман во дневните центри за умерено и тешко ментално ретардираните лица се изведува од дефектолози, инструктори, терапевти и друг стручен кадар.

Организирање на слободното време

                Од посебно значење за социјализацијата на умерено и тешко ментално ретардираните лица е користењето на слободното време. Од тоа во колкава мера ќе се користи организираното слободно време, во толкава мера ќе зависи и прилагодувањето на овие лица кон нормални услови за живот и работа. Заради тоа дневните цетри покрај горенаведените задачи својата работа треба да ја насочат кон:

  • обезбедување услови за учество на умерено и тешко ментално ретардираните лица во различни приредби, празнични и викенд излети;
  • давање помош на семејствата за организирањто на годишните одмори;
  • обезбедување услови за учество во различни видови на заеднички активности со други лица од иста возраст;
  • давање соодветна помош за разрешувањето на некои лични проблеми од животот и работата на овие лица.

 

Следење и спроведување на рехабилитационо-воспитна
дејност и соработка со родителите

                Со ова подрачје се цели перманентно следење на рехабилитационо-воспитна дејност од страна на дефектолозите и другиот стручен кадар со секојдневни индивидуални белешки за секој корисник одделно во смисла следење на совладувањето на рехабилитационо-воспитните содржини, како и на напредувањето на физичките и психичките функции кај корисниците.

Презентирање на странско искуство

                На крајот го изнесуваме искуството од работата на Дневниот центар од Евергем-Белгија како еден од неколкуте примери за работа на дневните центри:
“Низ неделата секое утро нашите автобуси ги собираат ретардираните лица и ги доведуваат во Центарот за дневен престој. Тие пристигнуваат околу 9 часот, пијат кафе и започнуваат различни дневни занимања. Сите 30 корисници, колку што ги има, во текот на денот се разделени во пет мали групи.
Различните активности што ги извршуваат се следните:
1. мешани групи (мажи и жени) или одделно: шиење, плетење, цртање (со молив и со бои), ткаење;
Цел: Групна дејност-кооперација-солидарност
2. за друштво и
3. дејности по групи: дрводелство, игра во приредби, народни ора, градинарство, грижа за животни;
Цел: Исполнување на определена работа со помош на воспитувач
4. работа во групи надвор од Центарот
Цел: Интеграција преку давање помош на организации со определена цел: без наплатување; работата тече под раководство на лица што не му припаѓаат на Центарот за дневен престој. На пример, сечење на дрва во природен резерват, чистење во музејот на индустријата, работење во градина како помош на општината.
5. дејности поврзани со сетилата-звук, светлина, топлина, студ, музика; и
6. социјални дејности надвор од Центарот: кино, ресторан, пазарење, театар, јавање на коњ, прошетка крај морето и слично:
Цел: Социјална интеграција на ретардираните лица

Кадар
Воспитувачот: еден за 10 ментално ретардирани лица (може да биде дефектолог, ерготерапевт, физиотерапевт или предавач по домаќинство или по креативни техники), во зависност од видот на техниката од која имаат потреба ментално ретардираните лица-корисници на Дневниот центар.
Освен тоа кај нас имаме здравствено-негователски кадар, социјален работник, психолог и општ лекар. Имаме и технички кадар како возачи, готвачи, градинар и хаус мајстор.”

 

ЛИТЕРАТУРА
  1. Ајдински Љупчо:  Интегрална рехабилитација на ментално ретардирани лица, Београд, 1982
  2. Ајдински Љупчо и Андреевски Величко: Улога дефектолошког и социјалног рада у хуманизацији животних и радних услова умерено ментално ретардираних особа, Реферат, 1990.
  3. Ајдински Љупчо и Џутевски Нелко: Програма за работа со умерено ретардирани лица со потежок степен, Демир Капија, 1970.
  4. Дауновић Александар: Могућности радног ангажовања ментално заосталих лица у Центру за дневни боравак и продица, Београд, 1996.
  5. Закон за социјална заштита,  Службен весник на Р. Македонија бр. 50/97.
  6. Марте Вандер Хенде- Белгија: Дневни центри, Збориник на трудови, Софија, 1991.
  7. Програма за воспитание и образование на деца и младинци со умерени, тешки и најтешки пречки во психичкиот и физичкиот развој и други додатни пречки, Љубљана, 1994.
Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in