JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7600
Василка РАЗМОВСКА
Координација на работата на Заводот за рехабилитација
на слух, говор и глас-Битола со установите и кадрите од областа
на здравството, социјалната заштита и образованието
Основната цел на ова излагање е изворно и поцелосно информирање на јавноста за дејностите што ги извршува Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас-Битола, како и услугите што ги обезбедува во доменот на здравствената заштита.
Повеќето објективни и субјективни причини придонесоа во изминатиот период јавноста, а во прв ред заинтересираните поединци, како и службите, установите и организациите кои на определен начин професионално се задолжени со оваа проблематика да бидат недоволно, нецелосно или погрешно информирани за дејноста и услугите што ги обезбедува овој Завод во доменот на превентивата, дијагностиката и третманот на лицата со растројства во слухот говорот и гласот.
Поради тоа до скоро постоеше еден несфатлив однос; при постоење на една ваква организирана дефектолошка рехабилитациска установа во која дијагностички се обработуваат и рехабилитационо се третираат случаи со растројство во слухот говорот и гласот, лицата со вакви растројства за себе или за своите деца да бараат помош во центрите на поранешните ЈУ-Републики или пак во другите европски земји за што беа изложувани на огромни материјални трошоци.
Загрижувачи е и фактот што и голем број на родители не можат да им помогнат на своите деца и навреме да ги преземат неопходните мерки, поради неинформираност за можностите од добивање на рехабилитациски услови што можат во целост да ги задоволат потребите во однос на превентивата, дијагностиката, протетиката и третманот на лицата со растројства во слухот говорот и гласот, како и незнаењето како да постапат и до кого да се обратат за добивање на упат кај стручњак и кои установи се надлежни и можат да им помогнат.
Ова состојба и натаму ќе егзистира ако јавноста, а пред сé, здравствените, просветните и социјалните работници не бидат информирани за дејностите и можностите што ги нуди овој Завод како и правото на рехабилитација на лицата со растројство во слухот говорот и гласот како и за начинот на нивното упатување на третман во ваквите установи.
Со намера сите заинтересирани да ги информираме, а на корисниците на услугите да им помогнеме во иднина навреме и без тешкотии да ги добиваат нашите услуги, го чиниме овој чекор во целост да ги информираме за услугите од овој вид на здравствена заштита, како и начинот за добивање на овие услуги.
Рехабилитацијата е составен дел во здравствената заштита на населението.
Рехабилитацијата на болните ја обезбедуват медицинските установи, а рехабилитацијата на лица со психофизички недостатоци и пречки во развитокот претежно ја обезбедуваат дефектолошките установи, а една од нив е и нашиот Завод.
Основна дејност на Заводот е рехабилитација на лица со растројство во слухот, говорот и гласот од сите возрасти. Од овие растројства никој не е имун. Тие можат да настанат во секој период од животот на човекот, посебно денес во услови на сé поголема бучава, динамичност на современиот живот, токсичност и загаденост на човековата средина, што доведува до сé поголем пораст на лицата со растројство во слухот говорот и гласот од сите возрасти на животот.
Своите работни задачи во спроведувањето на својата основна дејност, Заводот ги спроведува преку превентивата, дијагностиката, третманот и аудиопротетиката на лицата со растројство во слухот говорот и гласот.
Се применува: стационарен, полустационарен, амбулантен и патронажно-советодавен облик на работа.
Во Заводот се обезбедува рехабилитација и корекција кај деца со неразвиен говор (Alalia).
- Dyslalia (неправилен говор и артикулација на гласовите);
- Пелтечење кај деца и младинци;
- Тешкотии во читањето и пишувањето;
- Проблеми во гласот;
- Аудитативен третман кај деца од предучилишна возраст;
- Се укажува помош на возрасни лица со Aphasya (односно изгубена способност за говор од различни причини);
- Обезбедува аудиометрија, аудиопротетика и сервисно протетски услуги на лица со оштетен слух од сите возрасти.
Посебно внимание во последните години им е дадено на превентивата и раното откривање на случаи со растројство на слухот говорот и гласот бидејќи навременото преземање на мерки за нивно отстранување или ублажување е од непроценлива корист како за детето, така и за семејството и општествената заедница.
Тргнувајќи од ова, формирани se 7 логопедски амбуланти во сите детски градинки како и логопедски амбуланти во сите основни училишта во градот, каде што се постигнуваат завидни резултати на овој план.
Годишно низ сите овие облици на работа минуваат од 400-500 случаи со разновидни слушни и говорни растројства.
Сите оштетувања на слухот, говорот и гласот денес со успех се решаваат ако се откријат навреме и ако се преземат адекватни и ефикасни медицински мерки и ако се обезбеди навреме дефектолошко-рехабилитациски третман.
Методите и средствата на современиот рехабилитациски третман се ефикасни и може да се постигне скоро целосна рехабилитација.
Но за сето гореизнесено основен услов е времето на преземање на овие мерки. Така на пример ако едно дете од предучилишна возраст се држи до 7 годишна возраст само на медицински третман на лекување, кај него никогаш нема да се постигне можниот рехабилитациски ефект бидејќи се прескокнати и изгубени оние биолошки закономерни развојни фази кои за развитокот на говорот, јазикот и јазичната мисла се пресудни и кои со ништо не можат да се надоместат.
Ако младинецот и возрасната личност навреме не се лекуваат и ако не добијат рехабилитациски третман, нема да имаат соодветни комуникативни, ментални, социјални, економски и професионални последици.
Поради тоа основна задача на родителот е навреме да побара лекарска помош, а на лекарот родителот, учителот, педагогот, социјалниот работник заедничка задача им е напоредно или веднаш по лекувањето, онаму каде што е индицирана потреба од рехабилитациски третман (превентивен, дијагностички, терапевтски или протетски) случајот навреме да го упатат во дефектолошко-рехабилитациска установа што е специјализирана за растројство во слухот, говорот и гласот, каков што е и нашиот Завод.
Тука треба да се нагласи дека секое колебање, задржување индолентно или тесно професионално однесување при вакви случаи значи играње со судбината на детето. Секое задржување на третманот на лекување ги ограничува можностите за успешна рехабилитација.
Сите заостанувања и оштетувања во говорот, ако се откријат дијагностицираат и третираат навреме во соодветна логопедска установа целосно се рехабилитираат уште во предучилишниот период.
Говорот е средство за меѓучовечко општење, преку него човекот како единка е дел од општествената заедница. Со говорот тој воспоставува контакт со други членови на заедницата и на тој начин се вклопува во општествената средина.
Детето научува да зборува, односно да воспоставува говорна комуникација спонтано, без да вложува голем свесен напор.
Но за навремен и нормален развиток на говорот неопходни се следните објективни услови, како што се:
- Здрав и во функционална смисла неоштетен мозок;
- Здрав нервен систем;
- Здрави и нормални говорни органи;
- Здрава говорна средина.
Слушајќи го говорот на мајката и другите членови на средината во која што расте и се развива детето научува да зборува.
Според тоа што и како слуша, детето спонтано научува и да зборува. Значи, за да научи да зборува, тоа мора и да слуша.
Од претходно реченото може да се види дека во поголем број на случаи првиот контакт и примарната надлежност скоро во сите растројства ги има медицината.
Таа ги дијагностицира и третира сé додека трае болеста, или додека се смета дека со медицински средства може и треба да се третира случајот, а после тоа пациентите се праќаат на рехабилитационен третман во установи специјализирани за вакви растројства, како што е и Заводот за кој станува збор.
Надлежност на лекарот е да ја индентификува болеста, траумата и аномалијата, како и предлагањето и преземањето на мерки за лекување. Но за жал и по преземањето на мерките за лекување пациентите остануваат со последици што бараат друг вид на третман.
По третман на лекување за разлика од болеста, траумата и аномалијата минуваат во надлежност на дефектологијата, односно на соодветните дефектолошки научни особини, а во случајот во прв ред на логопедијантот и сурдологијата.
Логопедот е професионален носител во процесот на рехабилитацијата на лицата со патологија во вербалната комуникација, а пак сурдопедагогот е носител во рехабилитацијата на наглуви, глуви и практично глуви лица.
Подрачјето на логопедската дејност долги години е третирано како споредно и помалку важно подрачје во областа на здравствената заштита, предучилишното воспитание и образование како и во областа на социјална заштита.
Статусот на логопедот во некои установи (надвор од нашиов Завод) најчесто зависи од способностите на поединецот да се афирмира или од степенот и познавањето и разбирањето на логопедската проблематика од страна на раководните структури и надлежните министерства. Логопедската мрежа во целава земја се развива повеќе стихијно отколку плански.
Воочено е дека причините за неповолен статус на логопедот и логопедската работа лежат во недостаток на темелни и единствени документи што се темел за индентитетот на секоја дејност, а тоа се:
- Опис на занимањето;
- Регистар на услуги, нормативи и дејности.
Работата и работните задачи логопедот ги изведува индивидуално, во стручниот тим, во соработка со другите стручни лица и институции и во контакт со останатите фактори во процесот на говорната рехабилитација а тоа се: семејството, градинката, училиштето и работната средина.
Во практика работата во решавање на проблемите во вербалната комуникација се одвива во рамките на здравството, предучилишното образование и воспитание, на социјалната заштита, односно во сите дејности каде што се третира патологијата на слухот говорот и гласот.
Според најновите статистички испитувања кај нас (Скопје, Битола, Прилеп) 5% од населението страда од растројство во говорот и гласот, 2% се оштетувања на слухот а 1% се глуви. Овие показатели во ништо не се разликуваат од показателите добиени во поранешните ЈУ-Републики и во светот.
За причините на оваа распространета патологија на слухот говорот и гласот во оваа информација поопширно не навлегуваме, но уште еднаш ќе напоменеме дека динамичноста на современиот начин на живеење и потребите во врска со тоа: бучавата (индустриска и сообраќајна), загаденоста и токсичноста на атмосферата како и други постморбидни и посттрауматски состојби придонесуваат оваа патологија да избие меѓу првите места во дефектологијата.
Од сето напредизложено може да се види дека логопедската дејност во рамките на здравствената заштита зазема важна улога со една нагласена потреба за тесна поврзаност и соработка со некои од одделенијата на медицинскиот центар и тоа: со одделението за уво, нос и грло треба да се воспостави поголема поврзаност околу вистинското продолжување на лекувањето во смисла на рехабилитацискиот третман на нарушените функции на слухот говорот и гласот кај сите пациенти во однос на најраното откривање и индентификување на слично оштетено дете.
Интервенција кај пациентот со оштетен слух по сите оперативни зафати.
Рехабилитација на сите случаи по медикаментозни и хирушки зафати каде што последица е растројство во гласот, па натаму кај сите патолошки состојби на споменатите функции каде што е потребен рехабилитациски третман, вклучувајќи го и слушното помагало со сите протетски адаптации (дистрибуција, сервисирање, снабдување со слушно помагало и негова адаптација).
Поголема соработка со одделението за нервни болести од каде што се рехабилитираат пациенти со нарушена говорна функција (дисфазии, афазии, дислексии, дисграфии) и сите придружни психички проблеми како последица од најразлични лезии на централниот нервен систем (C.N.S.).
Поголема функционална поврзаност со службата за здравствена заштита на децата окулу раното откривање, дијагностицирање како и лекување на децата попречени во психофизичкиот развиток. Во склопот на овој хединкеп постојат повеќе или помалку попречености во функцијата на говорот.
Постои потреба од поцелосна функционална поврзаност со одделението за лицево-вилична хирургија, на овие деца родени со најразлични синдроми каде што е најмногу засегнато лицево-виличниот комплекс. Јасно е дека тука, во прво време, детето е погодено само физички, а родителот психички. Неопфаќањето на овие деца со рехабилитациски третман, неминовно со растењето на детето се зголемува комплексноста на проблемот, а оттука и проблемот на заедницата во изнаоѓање на облици во рехабилитацијата при што е неопходна тимска работа помеѓу две одделенија (советодавни консултациии со родителите во кои треба да учествуваат психологот и логопедот заедно со ортодонтот и другите медицински профили).
Поширока соработка со ортодонтските служби во врска со логопедскиот третман на деца со аномалии на забалото, јазикот, мекото и тврдото непце.
Отворање на логопедски амбуланти во сите оние градови каде што населението не може да ги добие нашите услуги (Охрид, Ресен, Кичево, Струга и Демир Хисар).
Отворање на дневен престој (дневна болница) на деца попречени во психофизичкиот развиток како и дневна болница за аутистички деца.
Вклучување на логопеди во систематските прегледи на учениците заради раното откривање на растројството во слухот говорот и гласот и благовремено преземање на соодветни мерки.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE