JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5487
Јове ХАЏИЕВСКИ
НЕКОИ АСПЕКТИ ОД РАБОТАТА НА ПСИХОЛОГОТ-ГЕШТАЛТ ТЕРАПЕВТ ВО РАЗВОЈНОТО СОВЕТУВАЛИШТЕ ВО БИТОЛА
Во Битола, веќе 10 години, во склопот на Службата Советувалиште и вакцинации, работи стручниот тим како посебен сегмент наречен Развојно советувалиште. Овој тим е составен од педијатар, медицинска сестра, дефектолог соматопед и двајца психолози.
Работата во Советовалиштето во основа е од превентивен карактер, но, доколку се наиде на проблеми што се во доменот на работата на стручниот тим, тогаш се изведува и терапија.
Превентивниот дел се изведува преку систематски прегледи на деца од 3-5 годишна возраст. Работата е организирана така што од страна на психологот се покануваат сите деца, со родителите, во месецот на раѓање, од градот Битола.
Во склопот на систематскиот преглед спаѓаат неколку посебни прегледи. Прво се изведува психолошкиот преглед. Потоа сестрата врши мерење на тежината и висината и со внесените податоци во картонот детето го проследува до лекарот. Дефектолошкиот преглед се изведува доколку постои одредено сомневање дека кај детето има проблеми во моториката. Покрај овие прегледи што се изведуваат во Советувалиштето, лекарот задолжително го упатува детето во лабараторија за анализа на крв, мочка и фецес, како и во Ортооптика на очен преглед. Доколку постои сомневање од страна на лекарот, дефектологот или психологот, за постоење на некои други проблеми, кои не се во доменот на работата на стручниот тим, тогаш детето се упатува кај специјалист што е надлежен за конкретниот проблем. На пример, ако постои сомневање дека кај детето постои MCD или CD, тогаш детето се испраќа кај специјалист кој извршува EEG и понатаму тераписки го следи детето, или ако се констатира проблем во сферата на говорот, тогаш детето се испраќа кај логопед итн.
Целта на овие превентивни систематски прегледи е следење на психофизичкиот развој на децата од предучилишна возраст, навремена детекција на определени растројства и нивна корекција или целосно лекување ако е тоа можно.
Во ова излагање најмногу ќе се задржиме на некои аспекти од работата на психологот во Советувалиштето.
Работата на психологот-гешталт терапевт е процес во кој се испреплетуваат неколку сегменти, а пред сè, превентивен дел и терапија.
Превентивниот дел е составен од изведување на систематски психолошки прегледи на деца од 3 и 5 годишна возраст. Систематскиот психолошки преглед е составен од три дела и тоа:
- испитување на психомоторниот развој на детето со тестирање, тука паралелно се користат два теста СПП-3 и РТЧ.
- Испитување на социалниот статус на детето, при што се користи скала за испитување на социалниот статус СПП-1.
- Интервју со родителот кој што е даден во структурна форма како листа за собирање на податоци.
Збирот од добиените податоци го сочинуваат психолошкиот наод. Текот на Систематскиот психолошки преглед најчесто е адаптиран на конкретна ситуација.
Целта на превентивниот Систематски психолошки преглед е рана детекција на определени растројства како во психомоторниот така и во емоционалниот развој на децата од предучилишна возраст и превземање на опредлени чекори за нивно коригирање или целосно излекување, ако е тоа можно.
Теравпетскиот дел се изведува тогаш кога психологот, или клиентот ќе констатира постоење на проблем за кој се претпоставува дека е потребен понатамошен терапевтски третман. Ова е само еден услов за терапија. Другиот услов е готовноста на клиентот да се вклучи во терапевтскиот процес. Во практика најчесто се случува или детето или некој од родителите да не е готов за терапија од различни причини. Трет услов за терапија се капацитетите на клиентот за терапија. Доколку овој услов клиентот не го исполнува, тогаш терапевтскиот процес се сведува на површинска или советодавна психотерапија.
Според нашето досегашно искуство, клиенти најчесто доаѓаат на терапија од следните причини:
- самоиницијативно, бидејќи постојниот проблем ги притиснал толку што едноставно неможат да издржат, едноставно биле поминати нивните граници на толеранција на фрустација,
- под влијание или препорака на некои нивни блиски кои веќе биле на терапија,
- по препорака на некое стручно лице,
- или по препорака на психологот кој предложил, изведување на систематски преглед, натамошен теравпетски третман.
Кога доаѓа самоининицијативно, родителите, или еден од нив, најчесто ја користат жалбата “Имам проблем со моето дете...” и потоа го образложува проблемот. Ова го дефинираме како “механички став”, односно, како кога ја носиме колата на поправка и на механичарот му велиме “Попрај ми ја колата”. Во овој контекст тоа е “поправете ми го детето нешто не е во ред со него”. Овој став се обидувам да го елиминирам образложувајќи им на родителите дека симптомот, или симптомите, што се јавиле кај нивното дете е само “црвен сигнал” дека нешто не штима во комуникацијата во семејството или во пошироката социјална средина (на пример ако детето оди во градинка, во игротека или го чува некој друг или пак оди во забавиште). Откако во текот на првата средба на површина ќе излезат важните незавршени работи, или како што во Гешталт-терапијата се нарекуваат незавршени гешталти, тогаш откорен се менува терапевтската ситуација. Се јавува свесност за вистинскиот проблем.
Но, откако фокусот на работата ќе се префрли од “проблем” детето на проблемите во комуникацијата меѓу родителите или комуникацијата родител дете или нешто друго, тогаш психологот предлага работа или со еден од родителите или самостојна терапија. Најчесто по овој предлог на сцена стапуваат отпорите, избегнувањата, од страна на еден или двајцата родители. Терапијата завшува или по првата или по неколку средби.
Покрај работата со здрава популација, психологот во Советувалиштето работи и со деца што имаат проблеми во психомоторниот развој (MCD, CD, DOWN и др.). Овие деца најчесто се испратени од Комисијата за категоризација, многу ретко се случува родителите со вакви деца сaмоиницијативно да дојдат на терапија. Работа на психологот првенствено се состои од констатирање на нивото на психомоторниот развој кај детето и ако постојат услови, тогаш тој врши терапија со родителите.
При работење со родителите што имаат деца со определени растројства во психомоторниот развој се наидува и работи на следни проблеми: чувство на вина, проблем со прифаќање, “погрешни” очекувања, растројства на его граници и др.
Користејќи ги методите и техниките на Гешталт-терапијата, психологот заедно со родителот или родителите работи врз разрешувањето на проблемот.
Цел и резултат на терапевтската работа е постигање свесност, а со тоа и одговорност за конкретниот проблем. Потоа се работи за прифаќањето на проблемот, за јакнењето на самодовербата, а со тоа и готовноста да се преземат чекори кон разрешување на проблемот.
Сега во кратки црти ќе кажеме за карактеристиките на Гешталт-терапијата со намера да им се доближиме на оние кои можеби и прв пат слушаат за неа.
Поимот Гешталт е од германско говорно подрачје и значи целина што се разликува од збирот на своите делови. Нејзин оснивач е Frederik Salamon Perls, германец од еврејско потекло. Суштината на оваа терапија е свесноста, односно човек да стане свесен, а со тоа и одговорен за својата целокупна егзистенција. Гелштат-терапијата се изведува индивидуално, групно или како семејна терапија. Работата се изведува по принципот “Јас и Ти. Овде и сега” Нагласакот се става на рамноправниот однос меѓу терапевтот и клиентот. Постојат многу техники кој се користат во работата. Ќе наброиме неколку: празна маса, одење во круг, појачување, незавршени реченици, индентификација со, останување со, и други. При користење на овие техники најбитна е креативноста на терапевтот.
Гелштат-терапијата не нуди сервирани решенија, односно готови одговори за решавање на проблемот. До решението на проблемот доаѓа клиентот сам во текот на работата со терапевтот. Тој станува свесен “што” прави во врска со проблемот и “како” се однесува во врска со проблемот, односно станува свесен за својата одговорност во врска со проблемоти станува свесен како да го реши. Гелштат-терапијата е доживувачка терапија, некои ја викаат искуствена. Клиентот мора сам да помине низ процесот, да го искуси процесот на разрешување на проблемот. Гелштат-терапијата не се користи само за терапевтски цели, туку таа се изведува и со “здрави” личности што сакаат да работат врз развивањето на сопствените капацитети, на сопственото созревање што се смета за процес кој трае низ целиот животен век на индивидуата.
Во овој труд начнавме само еден сегмент од работата на психологот-гелшталт теравпет, вработен во Развојното советувалиште во Битола, со намера накратко да го прикажеме придонесот на психологот, преку лична пракса, во раната детекција, односно да го прикажеме превентивниот и терапевтскиот аспект на неговата работа.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE