JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 22216
Ристо ПЕТРОВ
ВЛИЈАНИЕТО НА ВЕЖБИТЕ ЗА РЕЕДУКАЦИЈА НА ПСИХОМОТОРИКАТА НА СПОСОБНОСТА ЗА МАНИПУЛАТИВНА ВЕШТИНА НА РАЦЕТЕ КАЈ ТЕШКО МЕНТАЛНО РЕТАРДИРАНИТЕ ЛИЦА
Последниве години на планот на работното ангажирање на тешко ментално ретардираните лица се правени повеќе истражувања. Сите тие укажуваат на потребата од вклучување на овие лица во сите оние активности за кои низ практиката е утврдено дека со успех можат да ги извршуваат.
Бидејќи работното ангажирање е составен дел на третманот на тешко ментално ретардираните лица, оттука и целокупниот процес треба да биде насочен во тој правец. А тоа значи дека на работното ангажирање треба да му претходи добро организиран и реализиран воспитно образовен процес во кој низ разни активности треба да се настојува да се развиваат работните навики, истрајноста, правилниот однос кон работата, кон средствата и материјалите за работа итн.
Во претходните истражувања (6) дојдовме до констатација дека тешко ментално ретардираните лица постигнуваат поголем успех во процесот на работното ангажирање доколку нивото на психомоторната организираност е на повисок степен. Оттука се поставува прашањето дали со примена на вежби за реедукација на психомоториката, паралелно со другите рехабилитациони методи, може да се зачува и евентуално да се подигне нивото на психомоторната организираност, за да биде таа во функција на работното ангажирање.
Во 1992 и 1995 година во Специјалниот завод во Демир Капија организиравме истражувања на оваа тема. Во првото истражување основна цел беше да утврдиме, кај тешко ментално ретардираните лица од постара возраст (над 20 години), сместени во заводски услови, дали повисокото ниво на психомоторна организираност влијае врз зголемувањето на работната способност кај овие лица.
Со оглед на тоа што поставените хипотези беа потврдени, си поставивме за цел во наредното истражување, во 1995 година, да го проучиме влијанието на вежбите за реедукација на психомоториката на ефикасноста на работното ангажирање на тешко ментално ретардираните лица.
Способноста за манипулативна вештина на рацете, која има влијание на ефикасноста на работното ангажирање, беше еден од сегментите од психомоторната организираност што ги истражувавме.
Нашата претпоставка дека со примената на вежби за реедукација на психомоториката ќе се зголеми способноста за манипулативна вештина на рацете, а сето ова во функција на повисок степен на работна ангажираност, беше потврдена.
Вежбите за реедукација на психомоториката кои ги применивме со испитаниците од експерименталната група, во траење од шест месеци, ги презедовме од Општата реедукација на психомоториката (5). Вежбите што беа презентирани во четири такта, а со оглед на тоа што тешко ментално ретардираните не можат да повторат таква вежба, ние ги поедноставивме, со тоа што дел од нив ги поделивме во два такта. Во наведеното време од шест месеци беа реализирани следните вежби:
- вежби за прилагодување на движењето по ритам;
- вежби за визуомоторна контрола;
- вежби за манипулативна вештина на рацете;
- вежби за издиференцираност на моториката на прстите;
- вежби за контрола на моториката при мирување;
- вежби за одржување рамнотежа на телото;
- вежби за координација на движењата на горните екстремитети;
- вежби за координација на движењата на горните и долните екстремитети;
- вежби за координација на движењата на горните и долните екстремитети по ритам; и
- вежби за доживување на телесната целовитост.
Манипулативната вештина на рацете ја испитувавме низ два примера: нижење топчиња на жица (за време од една минута) и навртување на завртки на винт долг 10 см (за време од две минути).
Во првиот пример, нижење топчиња на жица, пред примена на вежбите за реедукација на психомоториката, во експерименталната (Е) и контролната (К) група ги добивме следните резултати:
Во вториот обид, по шест месечна примена на вежби за реедукација на психомоториката, ја констатиравме следната состојба:
Анализирајќи ги овие две табели можеме да заклучиме дека применетите вежби за реедукација на психомоториката во траење од шест месеци дадоа позитивен резултат. Бројот на испитаниците кои нанижаа повеќе од осум топчиња во експерименталната група е значително зголемен во табелата број 2.
Овде заслужуваат да се споменат резултатите од истражувањето од 1992 година, во истата установа, при испитувањето на истата способност и тие да се споредат со резултатите од ова истражување, презентирани во табелите 1 и 2.
Во 1992 година до три топчиња, за една минута, на жица нанижаа 19,3% испитаници, а во 1995 година 24,8%; од четири до осум топчиња во 1992 година нанижаа 43,2% испитаници, а во 1995 година 43,9%, додека над осум топчиња во 1992 година нанижаа 37,5% додека во 1995 година 29,3%. Наведените податоци укажуваат на фактот дека периодот од 3-4 години влијаеше врз намалувањето на способностите на тешко ментално ретардираните лица и во исто време укажуваат на потребата од примена на вежби за реедукација на психомоториката, со кои ако не се подигне нивото на успешноста, ќе се влијае врз зачувувањето на постјните способности кај овие лица.
Податоците во истовреме укажуваат, кога зборуваме за возраста на испитаниците, дека најдобри резултати постигнаа оние на возраст помеѓу 20 и 30 години.
Во вториот пример, навртување на завртка долга 10 см, за време од две минути, пред примената на вежби за реедукација на психомоториката може да се констатира следното:
При втората процена, по шест месеци, ги добивме следните резултати:
При споредбата на табелите број 3 и 4, како и при првиот пример (табелите број 1 и 2), можеме да констатираме дека далеку поуспешни беа испитаниците од експерименталната група, при втората процена по шестмесечна примена на вежби за реедукација на психомоториката.
Вежбите за реедукација на психомоториката придонесоа во експерименталната група да се намали и бројот на нус движењата кои испитаниците ги манифестираа при извршувањето на вежбите. Така на пример:
- 51,4% испитаници пред вежбите работеа со исплазен јазик, додека по вежбите нивниот број се намали на 18,9%;
- 56,8% пред вежбите при работата се вртеа во место, го искривуваа телото, по вежбите нивниот број значително се намали 2,7%.
Наведените податоци недвосмислено укажуваат дека вежбите за реедукација на психомоториката влијаат врз зголемувањето способноста на манипулативна вештина на рацете и кај тешко ментално ретардираните лица на возраст од над 20 години, сместени во заводски услови.
Имајќи ги предвид презентираните резултати, во установите при организирањето на третманот со тешко ментално ретардираните лица треба да се води сметка на следното (7):
- При приемот на лицата во установата, со дефектолошка дијагностика да се утврди нивото на психомоторната организираност;
- Да се препорача примена на вежби за реедукација на психомоториката, како задолжителен начин на работа со тешко ментално ретардираните лица, покрај примената на другите рехабилитациони методи, со која ќе се подобри работната кондиција како и значаен дел од сегментите на психомоторната организираност (како што е во случајов манипулативната вештина на рацете).
Со примена на оваа метода не треба да бидат опфатени само лицата сместени во соодветна установа, со неа треба да се опфатат лицата и кога се наоѓаат во рамките на други облици на заштита и рехабилитација.
ЛИТЕРАТУРА
- Ајдински Љ., Соколовски Ж., Методика рада са умерено, теже и тешко ментално ретардираних лица, Београд, 1991.
- Ајдински Љ., Џутевски Н., Програма за работа со тешко ментално ретардирани лица, Демир Капија, 1971.
- Бојанин С., Неуропсихологија развојног доба и општи реедукативни метод, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1985.
- Говедарица Т., Општа реедукација психомоторике, Институт за ментално здравље Београд, 1989.
- Петров Р., Ниво организованости психомоторике и могу¢ности радног ангажовања умерено и теже ментално ретардираних лица старијег узраста у заводским условима, Магистарска теза, Дефектолошки факултет Београд, 1992.
- Петров Р., Радно ангажовање теже ментално ретардираних лица, Докторска дисертација, Дефектолошки факултет Београд, 1985.
- Ћордић А., Бојанин С., Општа дефектолошка дијагностика, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1992.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE