Мира ПОЛАЗАРЕВСКА

ПРОГРАМА “BIG BROTHERS / BIG SISTERS OF AMERIKA”

Програма Големи и Мали”-Македонија

 

                Програмата “Big Brothers/Big Sisters” за прв пат беше иницирана во САД во 1990 година како обид да се воведе грижа и оддршка во животот на старите и изнемоштени лица, како и болничките пациенти во клиниките. Помошта се обезбедува од страна на волонтери што се сретнуваат со пациентите континуирано и им помагаат за полесно пребродување на кризната ситуацијата.
Со текот на времето се менувала и концепцијата и услугите што се нуделе. Педесетина години подоцна се формира агенција со сегашниот назив, која како приоритет ги зема децата со потреба и посредува при здружувањето на волонтерот и детето.
Традицијата на ваков тип помагање и поддршка има основи и на територијата на Европа. Во 1995 год. Со посредство на Институтот “Отворено Општество”-Њујорк програмата беше имплементирана во Литванија, а следната година во Чешка. Во февруари 1997 год. во Вилнус, Литванија ИОО-Њујорк овозможи едукативен семинар со учество на 10 земји од Источна и Јужна Европа: Македонија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Естонија, Латвија, Чешка, Молдавија, Киргистан и домаќинот Литванија. Целта на средбата беше обука на заинтересираните учесници за воведување на програмата и формирање агенција за посредување во матичните земји.
Со оглед на општествените и културните разлики, програмата BB/BS се прилагоди кон условите во нашата земја. Адаптираниот назив на програмата BB/BS гласи програма Големи и Мали-Македонија.
Идејата на програмата е здружување на “Големиот” (волонтерот) и “Малиот” (детето со потреба), со цел во животот на детето да му се зголеми и да зајакне поддршката и прифаќањето не само во семејството, туку и во пошироката средина. Програмата нуди можност да му се обезбеди другарување на детето со возрасен, а преку тоа да му се овозможи чувство на сигурност, грижа, поткрепа како и позитивен модел на однесување.
Пристапот меѓу возрасниот и детето е индивидуален (еден со еден), а таа релација му дава на детето шанса да се почувствува почитувано и посебно во неговата природна околина.
Дете со потреба подразбира дете кое има тешкотии во прилагодувањето меѓу своите врсници (нема пријатели, тешко склопува пријателства), има послаб успех во училиштето, има помала самодоверба), како и деца во потенцијална стресна ситуација (одвоеност од родителот, загуба на член од семејството, развод на родителите и сл.). Според возраста се опфаќаат децатата меѓу 7 и 14 години.
Потенцијалните волонтери ги баравме меѓу студентската популација, претежно студенти на психологија, педагогија, дефектологија, социјална работа и политика, медицина заради нивните афинитети и предзнаења, но сепак тоа не е пресуден фактор. Заради олеснување на улогата на волонтерот, а пред да се изврши здружување со детето, обезбедуваме задолжителен тренинг со обработка на соодветни теми. Задачата на волонтерите е да се сретнуваат со детето еднаш неделно, час и половина, во текот на учебната година, најпрво во кругот на семејството, а подоцна и надвор од семејната средина.
Во организацијата и оперативата на програмата се вклучени пет стручни лица.
На програмата Големи и Мали гледаме како можност за остварување на следните три програмски цели:

  1. да се зголеми сензитивноста во општеството за потребите на децата, да се прошири ставот дека децата со кои работиме не се деца со недостаток, туку деца на кои им треба поддршка во определен период од животот со кој не можат да се справат;
  2. да се поддржат децата да бидат отворени за проблемите, за многуте алтернативи што можат да ги бираат за да го решат проблемот, да се почитуваат едни со други и да бидат активни учесници во своите животи и општеството;
  3. да се создаде позитивна атмосфера за придонесување во општеството, да бидеме активни учесници во животот на детето и во општеството, да си помагаме едни со други врз доброволна основа, па тука ја гледаме шансата за развивање на волонтеризмот во нашата земја.

Ние веруваме дека обезбедувањето волонтери ќе им помогне на децата да станат посигурни, да имаат доверба во себе и да се грижат за другите, а под професионална поддршка на Агенцијата “Големи и Мали”-Македонија.     

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in