Величко АНДРЕЕВСКИ

 

Третманот на лицата со пречки во развојот во новиот 
закон за социјална заштита

 

                Како организирана дејност на општеството односно државата, грижата за лицата со пречки во развојот во Македонија започнува по нејзиното ослободување, 1945 год. Оттогаш до сега таа бележи постојан развој во корелација со општествено-економски напредок, развојот на културата, образованието, научно-истражувачката работа, а во тој контекст и со менувањето на ставовите кон хендикепираните лица како и влијанието на социјално-хуманитарните организации и други организации и здруженија на граѓани од земјата и светот.
Концепциски грижата односно заштита и рехабилитацијата на лицата со физички и психички пречки во развојот, гледано како од стручен така и од правен аспект се одвива во процес со постојана интенција да се имплицираат современите теоретски и практични искуства од земјата и светот. При тоа значајно е да се одбележи дека во рамките на социјалната заштита како општествено-државна функција се јавуваат првите зачетоци на организирано згрижување на хендикепираните лица како и првите посеопфатни согледувања за нивната заштита и рехабилитација врз основа на светските искуства, формирајќи свој специфичен систем со своја правна регулатива, мрежа на установи, стручни кадри и своевидна организација на функционирање.
Социјалната заштита како дејност со своите институции имаше многу понагласена улога односно надлежности во третманот на лицата со пречки во развојот и нивната заштита и рехабилитација уште во почетокот, задржувајќи го тој примат и за правното регулирање на највиталните прашања од оваа област чие успешно решавање во голема мера ја условува целокупната грижа за граѓаните со пречки во развојот и нивната судбина. Токму заради тоа останува сознанието дека досегашната законодавно правна регулатива во областа на социјалната заштита имаше посебно значење во решавањето на низа егзистенцијални прашања на овие лица што представува фундамент за новиот закон. Но тоа не значи дека досегашната нормативно правна регулатива најцелосно и најсоодветно ги опфаќаше и ги решаваше проблемите на грижата за хендикипираните лица. Во таа смисла присутни се бројни дилеми и проблеми што треба во идниот период да се решаваат, а кои уште повеќе ќе се диференцираат и физиономираат со сите свои специфични обележја за нивно натамошно нормативно правно регулирање со самата примена на новиот Закон за социјална заштита и актите што произлегуваат од него во даден временски период.

  *  
  *

Оваа е ретка пригода да спомнеме и го нагласиме значењето на некои законски прописи кои биле во важност определени временски периоди и одиграле значјна улога за развојот на социјалната заштита, а посебо и за развојот на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот, нагласувајќи некои определени резултати во определени подрачја.
Мошне сложениот комплекс проблеми и потреби карактеристични за животот на лицата со пречки во развојот, гледано од аспект на нормативно-правната регулатива, е парцијално решаван и тоа во повеќето домени на општествените дејности. Не може да стане збор за постоење на единствен кохерентен правен систем сконцентриран само на заштитата и рехалибитацијата на лицата со пречки во развојот односно инвалидните лица воопшто. Имено оделни прашања од заштитата и рехабилитацијата на овие лица се решавани низ нормативно-правната регулатива од областа на социјалната заштита, здраството и здраственото осигурување, пензиско инвалидското осигурување, вработувањето и работните односи, образованието и воспитанието, детската заштита како и определени закони од областа на оданочувањето, царинските давачки, јавниот патен сообраќај и користењето на радио дифузните средства. * Покрај тоа во целиот временски период на постоење целокупната нормативно-правна регулатива, а особено до 1974 година во најголема мера беше условена, зависна и лимитирана од ваквата регулатива што се одвиваше на сојузно ниво во бившата СФРЈ односно СРЈ. Но и во таквите услови во рамките на социјалната заштита како дејност во нашата Република беа донесени определени републички законски прописи што ја збогатија заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот како во квантитативна така и во квалитативна смисла. Во тој поглед значајна улога одриграа следните прописи:

  • Закон за социјални установи (Сл. весник на СРМ, бр. 40/55);
  • Закон за социјална заштита ( Сл. весник на СРМ”, бр. 18/70);
  • Правилник за начинот на водењето на евиденцијата и за категоризацијата на децата со пречки и недостатоци во физичкиот и психичкиот развој и за нивното примање во специјалните училишта и социјалните установи (“Сл. весник на СРМ“, бр. 30/73);
  • Закон за социјална заштита (“Сл. весник на СРМ”, бр. 9/78);
  • Правилник за распоредување и евиденција на лицата попречени во физичкиот и психичкиот развиток (“Сл. весник на СРМ”, бр. 8/81);
  • Самоуправна спогодба за поблиско определување на корисниците на социјална заштита (“Сл. весник на СРМ”, бр. 5/79);
  • Спогодба за висината на цените и услугите на организациите на здружен труд од областа на социјалната заштита  (“Сл. весник на СРМ”, бр. 28/79);
  • Самоуправна спогодба за видот и обемот на социјалната заштита што се обезбедува на лицата сместени во организациите на здружениот труд (“Сл. весник на СРМ”, бр. 5/79);
  • Самоуправна спогодба за обезбедување на матрејална основа за создавање услови за вработување на инвалидни лица, објавена во (“Сл. весник на РМ во јануари 1981година);  и др.
  • Практичната примена на наведените прописи како и поголем број на други што не се споменати а се однесуваат пошироко на социјалната заштита во рамките на развојната политика до почетокот на деведесетите години овозможи да бидат создадени основните претпоставки за актуелизирање и решавање на низа проблеми во областа на социјалната заштита а со тоа и во доменот на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот како нејзин значаен сегмент. Тоа најевидентно може да се согледа преку:
  • Посодветно дефинирање на функцијата и задачите на социјалната заштита како дејност;
  • Создавање  услови за поадекватен третман и развој на превентивните активности преку обезбедување на просторни и кадровски услови за функционирање на центрите за социјална работа   во сите општини на подрачјето на Републиката, како и во другите установи за социјалната заштита;
  • Јакнење на материјалната основа на социјалната заштита;
  • Подобрување на стандардот на корисниците на социјалната заштита преку определен пораст на паричните давачки, а особено преку подобрувањето на условите за работа на установите за социјалната заштита и обезбедување на поквалитетни услуги на социјалната работа и социјалната заштита односно на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот;
  • Создавање услови за вработување на лица попречени во развојт (преку обезбедување на инвестициони срества за заштитните работни организации како и обезбедување срества за вработување на овие лица како во заштитни организации така и на отворени работни места во стопанството);
  • Натамошно развивање и унапредување на стручно-аналитичката и научно-истражувачката дејност во областа на социјалната заштита;
  • Подобрување на информирањето за прашањата од областа на социјалната заштита и унапредување на издавачката дејност;*и др.
  • И покрај сегашниве мошне отежнати прилики на транзициониот период низ кој Република Македонија минува, останува вербата заедно со напорите и тешкотиите кои се неизбежни, дека со новиот Закон за социјалната заштита ќе се овозможи не само континуитет туку и понагласен натамошен развој на заштита и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот како и на социјалната заштита во целост, ако при тоа не отсаствува ефикасноста, рационалноста, стручноста, професионално-етичката одговорност и доследноста во практичната реализација на новите системски решенија.

*
*          *

  •                 Новиот Закон за социјална заштита е донесен на седницата на Собранието на на Република Македонија одржана на 25 септември 1997 година, а е објавен во  Службен весник на РМ” број 50 од 3 октомври 1997 година.
  •                 Карактеристично е да се одбележи дека во овој Закон многу попрецизно и понепосредно се определуваат услугите и мерките односно правата, установите и нивната дејност, корисниците, финансирањето, постапката за остварување правата од социјална заштита и др.
  •                 Според Општите одредби на Законот, основен носител на социјалната заштита е Државата (чл.1), а Владата на Република Македонија донесува Програма за остварување на социјалната заштита, специфичните потреби на населението, начинот на остварувањето на социјалната заштита и мрежата на јавните установи (член 2).
  •                 Во членот 5 од Општите одредби се вели: Покрај мерките за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните што се утврдени со овој Закон, грижата на државата за спречување на настанување на социјален ризик се остварува и преку преземање мерки во даночната политика, вработувањето, политиката за стипендирање, политиката за станови и семејства, здравството, воспитанието и образованието и на другите подрачја во согласност со Закон”. Ваквата одредба гледано од аспект на заштитата на лицата со пречки во развојот дава широки можности да бидат соодветно регулирани и низа други проблеми поврзани со оспособувањето за самостоен живот на овие лица и нивниот секојдневен живот, а кои и до донесувањето на овој Закон беа регулирани и со други законски прописи, освен досегашниот Закон за социјална заштита.
  •                 Во рамките на Вонинституционалната заштита се обезбедува право на дневно загрижување на лицата со умерени и тешки пречки во психичкиот развој кои неможат да се грижат за себе. Исто така право на дневно згрижување се обезбедува и за деца инвалиди, заради нивното вклучување во секојдневниот живот (член 15).
  •                 Според овој Закон, лицата со умерени и тешки пречки во психичкиот развој ги имаат и следните права:
  • сместување во друго семејство (чл.16);           
  • оспособување за работно производна активност (чл.18);         
  • постојана парична помош (чл.21 и 22);
  • право на домување како корисници на постојана парична помош под одредени критериуми и др (чл.35);

Право на сместување во установа за социјалната заштита имаат и лицата со најтешки пречки во психичкиот развој и телесни инвалиди на кои им е потребно трајно згрижување и нега (чл. 19).
Овие лица како и сите други лица со пречки во развојот кои заради степенот на попреченоста не се способни за работа имаат и право на постојана парична помош под одредени услови (чл. 20,21 и 22).
Според овој Закон лицата со пречки во развојот имаат и право на паричен надоместок за помош и нега (чл. 30 и 31).
Една од новините во овој Закон е правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на хедикипираното дете предвидено со членот 33 кој гласи: Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на потешко хедикепирано дете утврдено со Законот за работни односи, се остварува во центарот за социјална работа” Со овој член се регулираат висината и начинот на остварување на ова право (став 2,3 и 4). Исто така новина во овој Закон е можноста да се основаат и приватни установи за социјална заштита (чл.36 и 38).
Кога се во прашање лицата со пречки во развојот со членот 74 од овој Закон се предвидени само установи за сместување на деца и младинци со пречки во психичкиот развој и установи за сместување на деца и младинци со телесна инвалидност. Дејноста на овие установи поконкретно е одредена со членовите 80, 81 и 82.
Кои од постојните организации за социјална заштита ќе продолжат со работа како јавни установи за социјална заштита ќе утврди Владата со акт за мрежата на јавните установи за социјална заштита (чл.132).
За прв пат во овој закон се среќаваме и со називите “инвалидно” и “хендикепирано” дете.
Самиот факт што во законот посебно се нагласува превентивната работа посебно “социјалната превенција” како и научно истражувачката и издавачката дејност, не може да се избегне впечатокот дека и социјалната заштита досега повеќе третирана како маргинална дејност може да добие вистинско место во целокупниот развоен контекст во општествено економскиот развој и цивилизациските придобивки особено во сегашните проблеми манифестирани со длабоките промени што како историски феномен настануваат во земјите на транзиција. Но притоа не треба да се занемари огромната потреба за мобилност на државните институции во ефикасното оживотворување на одредбите од овој Закон како и десетината акти што произлегуваат од истиот, а сî уште не се донесени.
Грижливото и педантно следење и анализирање на ефектите од примената на овој Закон со придружните акти, во најблиска иднина неминовно е да ги верифицираат позитивните резултати како и можните пропусти во однос на целосното опфаќање на социјалната проблематика која на жалост се манифестира така речи во неограничен регистар на варијанти на тлото на социјалната патологија и во нашата земја..
Од непознати причини овој Закон го исклучува поширокиот третман на асоцијалните појави, алкохолизмот, наркоманијата, проституцијата, питачењето, најверојатно  поради претпоставката дека тоа можат да го вклучат одредбите што се однесуваат на “Социјалната превенција”. Исто така социјалната заштита во вонредни околности-масовни несреќи и катастрофи (земјотреси, поплави, сообраќајни несреќи, суши, епидемии, штрајкови од поголеми размери, војни и сл.) не е третирана поконкретно со овој Закон, како што не се третирани насилствата врз децата и жената, бездомниците и други прашања кои непосредно или посредно се однесуваат и на хендикепираните лица.
Во врска со заштитата и рехабилитацијата на хендикепираните лица, мошне е значајно да се одбележи дека во чл. 102 е регулирано Центарот за социјална работа да води евиденција на лицата со пречки во физичкиот и психичкиот развој врз основа на наод и мислење од стручен орган. Исто така со овој член е предвидено стручниот профил на членовите на стручниот орган, начинот на оценувањето на специфичните потреби и водењето на евиденцијата на овие лица како и установата што ќе дава наод и мислење со посебен акт да ги определи Министерот за труд и социјална политика во согласност со ресорните министри за здравство и за образование и физичка култура.
Од овој Акт треба да очекуваме и соодветни решенија за називите (термините) кои во голем број и со голема различност се употребуваат за лицата со пречки во физичкиот и психичкиот развој.

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in