Димитар ТРАЈКОВСКИ

 

НЕКОИ АСПЕКТИ НА ЗАШТИТАТА НА НЕСПОСОБНИТЕ ЗА РАБОТА
И НА ИНВАЛИДНИТЕ ЛИЦА

                Во контекстот на социјалната заштита се појавуваат неколку категории на граѓани за кои државата води определена грижа. Тоа се следните категории: “немоќните граѓани “, “неспособните за работа граѓани” и “инвалидните лица”. На првите две категории граѓани “Републиката им гарантира право на помош“ (според член 35, став 2 од Уставот на Република Македонија), а на третата категорија, согласно со член 35, став 3 од Уставот на Република Македонија “Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот”.
Заедничко за сите три категории граѓани е што тие лица не се способни за работа, но некои од нив, како што се инвалидните лица (зависно од степенот на инвалидност) можат да бидат способни за вклучување во општествениот живот по пат на рехабилитација.

а)  Помош на немоќните и неспособните за работа граѓани
Немоќните лица се посебна категорија и најчесто таа произлегува од најсиромашните слоеви на населението, што немаат сопствено семејство во смисла на законските одредби (задолжено да се грижи за немоќните лица). Тие лица се најчесто бездомници, без сопствен покрив над глава, без сопствени приходи, најчесто остарени, болни и неспособни за работа.
Кон овој дел од маргинизираните лица секоја држава има сопствен пристап. Така на пример, во високоразвиените европски држави постојат посебни прифатилишта, потоа, организирани народни кујни, но и различни добротворни акции за прибирање помош (во облека, обувки, стар мебел и сл.). Несомнено дека Република Македонија треба да има диференциран пристап кон ваквата категорија граѓани во смисла на нивното евидентирање, определување на соодветна законска регулатива, а пред сe кон организирано згрижување и давање на определена социјална помош, делумно парична, делумно во натура и во услуги (пред сe здравствени).

б) Социјалната заштита на инвалидните лица  
Терминот инвалидност произлегува од латинскиот збор ИНВАЛИДУС, што означува неспособност, немоќ и слабост, го употребувале старите Римјани, а се однесува на онеспособените војници.
Суштинскиот поим инвалидност е далеку поширок од оној кој во практичниот живот се мисли, бидејќи во себе содржи повеќе аспекти: медицински, психолошки,социјално-социолошки итн.
Во општа најширока смисла на зборот инвалидноста претставува оштетување или деформација на човечкиот организам или растројство и нарушување на неговите функции што предизвикуваат неспособност или осетно намалување на способноста за живот и работа или тешкотии во нормалната активност за остварување на животните потреби и тоа без оглед на возраста, без оглед на причините за состојбата на лицето кај кое настанала инвалидноста.
Со оглед на тоа што се занимаваат со проблемите на инвалидноста стручњаци од разни научни дисциплини, оттука се и различните сфаќања за поимовното определување на инвалидноста. На пример, во законските прописи од областа на работните односи се користат термините: “работна способност”, “здравствена способност”, “стручна способност” како да се синоними. Оттука во исто време произлегува и потребата од усвојување на прецизна дефиниција на поимите и на адекватните термини во сите научни дисциплини што се занимаваат со проблемите на инвалидноста и работната неспособност. Основен поим во ова подрачје од кој треба да се тргне е поимот на работната способност. Од дефиницијата на овој поим произлегуваат дефинициите на другите поими.
Под работна способност на човекот се подразбира хармонија помеѓу неговите биолошки и психолошки карактеристики, како и неговите стручни знаења од една страна и барањата на определена група занимања од друга страна. Значи човековата работна способност ја сочинуваат три основни компоненти:

  • физички и физиолошки потенцијали;
  • психички потенцијали;
  • и соодветни стручни знаења.

                Под физички и физиолошки потенцијали ја подразбираме човековата физичка конституција (висина, тежина, сила, издржливост) и функционалната способност на неговите органи или систем на органи (сетила, срце, бели дробови).
Психичките потенцијали ја подразбираат човековата општа интелигенција, неговите моторни способности, перцептивни способности, особини на личноста и друго.
Стручните знаења се однесуваат на сите знаења неопходни за извршување на конкретна работа без оглед на начинот на нивното стекнување.
Пандан на терминот работна способност е терминот работна неспособност. Ако работната способност се дефинира како хармонија помеѓу човекот и определени видови работа, тогаш губењето на таа хармонија значи негова работна неспособност само за тој вид на работа. На пример, до работна неспособност може да дојде кога ќе настапат промени во која и да било од компонентите па дури и во компонентата што е означена како “соодветни стручни знаења”. Па така работникот сe додека не ги стекне потребните знаења нема да има работна способност. Значи работната способност на човекот зависи од неговите потенцијали и неговите знаења, а терминот “способност за работа” ја подразбира и зависи од моменталната состојба на неговото здравје. Врската помеѓу овие два поима постои само доколку со болест или повреда се оштетат токму оние функции на човековиот организам врз кои се заснива неговата работна способност и тоа доколку оштетувањата се од трајна природа.
Во медицината терминот-инвалидност релативно ретко се употребува, но кога ќе се употреби обично означува хронична болест, или последици на хронична болест, или последици на повредата или последици од стареењето. Според тоа инвалидноста од медицинска смисла настапува тогаш кога поради болест, повреда или стареење ќе дојде до трајно оштетување на органи или системи на органи без оглед на видот и степенот на оштетувањето. Ваквата дефиниција бара од нас инвалиди во медицинска смисла да се сметаат лицата кај кои е утврдено на пример оштетување на видот или слухот во кој и да било степен, а и лицата на кои им недостасува еден прст на екстремитетите. Според некои статистики на Светската здравствена организација само 20% од населението на земјата можат да ги задоволат критериумите на дефиницијата на здравјето, што значи другото население би можело да се прогласи како инвалидно во медицинска смисла. Оттука е причината за ретката употреба на терминот-инвалид во медицината. Но, во исто време, тој факт бара од нас јасно да го разграничиме поимот инвалид во медицинска смисла на поимот инвалидност во легално-правна смисла. Имено, инвалидност во легално-правна смисла настапува тогаш кога кај човекот е оштетена токму онаа функција на органите и системите на органи што е битна за исполнувањето на барањата на занимањето со кое се занимава, односно тогаш кога доаѓа до загуба на неговата работна способност. Тоа значи дека инвалид во медицинска смисла не мора задолжително да биде инвалид во легално-правна смисла без оглед на степенот на оштетувањето на функциите што се утврдени кај него. Тоа исто така значи дека инвалид во легално-правна смисла не мора да биде инвалид во медицинска смисла кај кој се оштетени оние функции врз кои се заснова неговата работна способност, доколку го промени своето занимање, односно доколку добие други работни задачи.
Како илустрација за потребата од разликување на поимот “инвалидност во медицинска смисла” и “инвалидност во легално-правна смисла” може да послужи едно од најчестите недоразбирања кои настануваат со погрешна употреба на терминот инвалидност. Тоа особено се однесува на т.н. инвалиди од трета категорија, каде што работникот поради болест или повреда ќе ја изгуби својата поранешна работна способност, па со промена на занимањето или работните задачи ќе воспостави нова работна способност. Таквиот работник и понатаму е инвалид во медицинска смисла, но не и инвалид во легално-правна смисла бидејќи неговата работна способност и неговата работна ефикасност е еднаква со здравите работници и таквиот работник не треба да се нарекува инвалид. Тоа значи дека во легално-правна смисла како инвалид треба да се смета само оној инвалид во медицинска смисла, кај кого што рехабилитацијата на работната способност не е можна. Оттука може да се заклучи дека доколку кај работникот по завршувањето на лекувањето и медицинската рехабилитација не е можно да ја рехабилитира својата работна способност, тој станува инвалид и во медицинска и во легално-правна смисла.
Ставот кон положбата на инвалидните лица низ историјата се менувал и еволуирал од одбивен и непријателски, па сe до тенденцијата на нормализација на нивниот третман и интеграција во нормална средина. Процесот на ослободување од стигмата која ја изедначува инвалидноста со неспособноста влијаела да се создаде уверување за неупотребливоста на инвалидните лица. Тоа создава еден стереотип дека инвалидните лица се неспособни лица, дека ним треба да им се додели помош, дека тие во секој случај се нешто друго, нешто посебно. Ваквата стереотипност во сфаќањето на инвалидноста доведе до тешка положба на инвалидните лица. Со текот на годините грижата на инвалидните лица се развила од елементарна грижа во определени институции, преку образование на инвалидните деца, па сe до рехабилитација на лица што станале инвалиди како возрасни луѓе. Преку образованието и рехабилитацијата, инвалидните лица станале поактивни и станале движечка сила во понатамошниот развој на грижата за инвалидите, преку нивните организации, семејства и законски преставници започнаа да бараат подобри услови за инвалидните лица. По втората светска војна е воведен концепт за интеграција и нормализација, што беше одраз на растечката свест за способностите на инвалидизираните лица.
Кон крајот на 1960-тите, организациите на инвалидните лица во некои земји започнаа да формулираат нов концепт на инвалидност. Овој концепт ја покажа блиската поврзаност помеѓу ограниченоста што ја чувствува инвалидното лице, структурата на неговата околина и пристапот на луѓето кон нив. Во исто време се потенцира проблемот на инвалидите во неразвиените земји и нивниот мошне висок процент. Заради тоа ООН во 1981 година ја прогласија како година на инвалидните лица, а подоцна ја прогласија и Декада на инвалидните лица (1983-1993), во која беа донесени низа документи и преземени акции, што значеше голем пресврт во односот кон инвалидноста.
Со оглед на тоа што Република Македонија во член 35 од Уставот се прокламира како социјална држава која се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните и обезбедува и гарантира посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот, таквата уставна определба преточена во законска регулатива со која се уредува системот на социјалната сигурност (Закон за ПИО, Закон за социјална заштита, Закон за здравствена заштита, Закон за основно и средно образование, Закон за вработување, Закон за работни односи) ја содржи концепцијата на целосната општествена заштита и социјална сигурност на инвалидите.
Бидејќи инвалидноста е придружена со оштетување на организмот и животните функции на инвалидизираната личност, таа доведува до влошување на квалитетот и шансите во животот и предизвикува потреба од специфични мерки на заштита на инвалидот за да може да се оспособи за самостоен живот и работа и да може на нормален начин да ги задоволи своите животни потреби.
Состојбата на инвалидноста предизвикува потреба од примена на повеќе облици на социјална сигурност врз ваквите лица како што се: здравствена заштита, социјална заштита, материјалното обезбедување заради намалените можности и зголемените потреби на инвалидот, вработување, даночни олеснувања и друго.
Преку системот на социјална заштита на инвалидните лица им се обезбедува да бидат корисници на следните права:

  • право на постојана парична помош до оспособување за работа;
  • право на оспособување до навршени 22 години во траење од најмногу 4 години, ако тоа право не можат да го остварат по друг основ;
  • право на сместување во установа за социјална заштита или во друго семејство-за лица упатени на оспособување за работа надвор од местото на живеење и лица што се неспособни за рехабилитација;
  • право на паричен надомест за помош и нега од друго лице-за лица со тешки и најтешки пречки во психичкиот и физичкиот развој.

                Основна претпоставка за остварување на соодветна и ефикасна заштита на лицата попречени во физичкиот и психичкиот развој е нивното рано откривање и раниот третман.
Успешното вклучување во Центарот за социјална работа во решавањето на овој проблем зависи од степенот на неговата соработка со здравствените установи, училишта и социјално-хуманитарните организации на локално ниво, а тоа е претпоставка за соодветен натамошен третман на овие лица.
Во рамките на остварувањето на процесот на заштита и рехабилитацијата на инвалидните лица е многу важна улогата на ЦСР. Улогата на ЦСР е посебно важна за подготвувањето на средината за прифаќање и интегрирање на овие лица, и тоа во средината на живеењето и средината каде што ваквото лице треба да биде вработено.
Целокупниот процес на рехабилитацијата на инвалидните лица има свое општествено оправдување во вработувањето. Гледано од психо-социјален аспект работата претставува облик на егзистенција и централна структура во човечкиот живот и мерило за неговата вредност. Гледано од економски аспект, голема загуба е ако ваквото лице не се вработи, бидејќи за негово оспособување се направени големи трошоци и понатаму ќе остане врз товар на општеството.
Вклучувањето на инвалидните лица во процесот на трудот се врши согласно со видот и степенот на инвалидноста, нивната оспособеност за работа и општествено-економските можности на државата. Првото ниво обезбедува вработување на инвалидните лица под исти услови како и за другите лица во отвореното стопанство доколку имаат соодветна стручна квалификација, а работните задачи не се контра-индикативни на видот и степенот на инвалидноста. Второ ниво е вработување на инвалидните лица во заштитни претпријатија што работат под бенефицирани услови на стопанисување, каде што се вработуваат инвалидните лица кои не можат да се вработат во отвореното стопанство. И трето ниво на вклучување на инвалидните лица во процесот на трудот се изведува преку работно-производна окупација. Тука не се заснова работен однос, туку се врши згрижување на инвалидното лице преку работни активности прилагодени на видот и степенот на инвалидноста.
Поаѓајќи од горенаведеното, а имајќи ги предвид сложените и неповолни општествени и економски состојби во сферата на вработувањето, ЦСР треба посебно да се ангажираат за изнаоѓање и користење на определени приоритети и погодности за инвалидните лица што ги обезбедува општеството (места наменети за вработување на инвалиди, за вработување без оглас и конкурс, за вработување со партиципација на неповратни инвестициони средства).  

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in