JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4972
Зора ЈАЧОВА
НАДЕЖДА Д. ДИМИЌ:
“МЕТОДИКА НА АРТИКУЛАЦИЈАТА”
Во рамките на востановената едиција на книги од страна на Дефектолошкиот факултет во Белград е објавена и книгата на д-р Надежда Д. Димиќ со наслов: Методика на артикулацијата,1 што го расветлува процесот на демутизација кај слушно оштетените деца, особено значаен во сурдопедагошката теорија и практика.
Со проблемите на артикулацијата кај овие деца се занимавале повеќе автори како што се: М. Матиќ, Џ. Костиќ, Љ. Савиќ, С. Владисављевиќ, Д. Димиќ, П. Матијашевиќ, Р. Поповиќ, К. Николиќ, Л. Логио и Ш. Арнаутовиќ. Затоа, д-р Надежда Д. Димиќ во оваа книга се обидува да пристапи на најрационален начин кон овој проблем, врз основа на досегашната литература и нејзиното долгогодишно искуство во работата на артикулацијата на слушно оштетените деца и во исто време да расветли неколку дополнителни аспекти.
Оваа книга на д-р Надежда Д. Димиќ претставува драгоцен ракопис за студентите на Дефектолошките факултети и на другите профили што работат со слушно оштетени деца.
Книгата содржи 11 поглавја напишани на 295 страници кои претставуваат една целост.
Во воведниот дел на оваа методика, како што е и вообичаено се истакнува предметот и задачите на методиката на артикулацијата. Потоа, следат поглавја што ги обработуваат проблемите на јазикот и говорот, методите на демутизација, помошните средства во развојот на говорот, улогата на играта во процесот на артикулацијата, читањето на говорот од уста и лицето на соговорникот. Авторот во најголем дел од оваа книга се задржува на проблемите на артикулацијата и гласовите на српскиот јазик и нивното формирање, така што го обработува секој глас посебно и врши толкување и фонетско разјаснување на грешките во изговорот на слушно оштетените деца, укажувајќи на можните начини за отстранување.
Во првото поглавје што се однесува на релацијата помеѓу јазикот и говорот, д-р Надежда Д. Димиќ ги презентира најновите пристапи во анализата на јазичкиот систем и неговата конкретна реализација-говорот, истакнувајќи го користењето на остатоците на слухот во формирањето на говорот, како и познавањето на развојните фази на говорот што ќе овозможи правилен пристап во отстранувањето на евентуалните отстапувања и нарушувања.
Во второто поглавје авторот укажува на значењето на техниката на говорот како научна дисциплина за изградување на навики за правилно дишење, дикција и правилно поставување на гласот, базирајќи се врз досегашните научни достигнувања.
Д-р Надежда Д. Димиќ ги обработува во третото поглавје гласот и неговите особености, притоа истакнувајќи ги дефектите на гласот кај слушно оштетените деца поврзани со проблемот на интензитетот, висината и бојата, поделени во две основни групи: растројства со функционален и органски карактер.
Во четвртото поглавје што се однесува на методите на демутизација, авторот дава преглед на застапените методи низ историскиот развој на сурдопедагошката наука а тоа се: оралната метода, комбинирани методи, методата на пишување и методата на тотална комуникација. На крајот од ова поглавје се дадени четирите искристализирани методи кои денес егзистираат во светот: орална метода, аудиторната метода, Рочестер методата и симултаната метода, а најпопуларната метода-на тотална комуникација како нејзино продолжение.
Петтото поглавје е посветено на помошните средства во развојот на говорот кај слушно оштетените деца (мимика, дактилологија и гест), така што авторот го изнесува својот став дека во комуникацијата со слушно оштетените деца треба да се користи говор придружен со гест, сî додека детето не научи да го чита изговорениот збор и не го сфати неговото значење а потоа гестот да се изостави и да се користи само говорот.
Во шестото поглавје од книгата д-р Надежда Димиќ ја истакнува улогата на играта во процесот на артикулација и грешките што се јавуваат во изведувањето на игрите и вежбите за артикулација со децата со оштетен слух. На крајот од овој дел авторот дава примери на игри за автоматизација и диференцираност на гласовите и истакнува дека игрите за формирање на правилен изговор на гласовите треба да им овозможат на слушно оштетените деца јасно, точно и чисто изговарање на различните гласови или групи на гласови.
Во седмото поглавје што се однесува на значењето на ритмиката во говорот на слушно оштетените деца, авторот нагласува дека ритмичките вежби се неопходни за постигање на сигурност на тактилно-вибрациските сетила, создавање на можност за развој на моторна координација и рамнотежа, зголемување на слушното сфаќање и подобрување на изговорот, квалитетот на гласот и развојот на говорот.
Осмото поглавје авторот го започнува со прикажување на дефиниции за артикулација, неопходните услови за правилна артикулација и развој на говорот, принципите во наставата на артикулација, отстапувања во артикулацијата кај децата и битните фактори за процесот на артикулирање на гласовите кај слушно оштетените деца. На крајот од ова поглавје авторот го истакнува значењето на правилната артикулација во процесот на совладувањето на читањето.
Во деветтото најобемно поглавје во оваа книга “Гласовите на српскиот јазик и нивното формирање”, авторот ја разработува класификацијата на гласовите на српскиот јазик според различни автори, дава преглед на акустичката структура на гласовите и постапките за нивното формирање (за секој глас посебно) и грешките во изговорот на гласот, укажуваат на неопходноста од правилно формирање на основниот глас.
Десеттото поглавје од книгата се однесува на читањето на говорот од уста и лицето на соговорникот како еден дел од говорната верига на комуникација што го опфаќа говорникот и оној кој го чита говорот. Авторот во ова поглавје го прикажува и користењето на читањето на говорот од уста и лице на соговорникот низ историјата на образованието на глувите лица. На крајот Надежда Д. Димиќ укажува на значењето на говорните органи, на слухот и на видот во процесот на читањето на говорот и дава табеларен приказ на читливоста на гласовите на испитаници со нормален слух и глуви и наглуви испитаници.
Последното поглавје во книгата на д-р Надежда Димиќ е посветено на наставните и технички средства (како извори со помош на кои се стекнува знаење) и помагала (објекти за изучување и стекнување на знаењата) за учење на говорот, со чија помош се остварува основната цел во процесот на наставата, а тоа е: оспособување на ученикот за самостоен живот и работа.
Мошне богатата библиографија на странски автори дадена по секое од наведените поглавја, ја зголемува вредноста на оваа книга.
Оваа книга, пред сî, е намената за студентите на Дефектолошкиот факултет, меѓутоа јас топло ја препорачувам на сите оние што се во контакт со лицата со оштетен слух и сакаат да го озвучат светот на тишината.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE