Верица СТАМЕНКОВА-ТРАЈКОВА, Иван ТРАЈКОВ

 

СЕМЕЈСТВОТО И РАНИОТ ТРЕТМАН НА ДЕТЕТО
СО ПРЕЧКИ ВО ИНТЕЛЕКТУАЛНИОТ РАЗВОЈ



Вовед
Практичните искуства и теоретските сознанија во светот и кај нас не­дво­смислено го истакнаа значењето на раниот третман за развојот и успеш­ната рехабилитација на децата со пречки во развојот. Современите искуства зборуваат за тоа дека колку што ќе се почне порано со соодветен третман (стручен и семеен) во воспитувањето, толку порано ќе биде можно да се пробудат и активираат често и најскромните преостанати способности кои како предиспозиции постојат кај децата со пречки во развојот. Раниот третман нема да ја отстрани интелектуалната попреченост кај детето, но во значајна мера ќе може да го подобри функционалното ниво на неговата психосоматска структура. (Јовев, Ј. 1992) Неговата основна цел е во функ­ци­ја на корекцијата и развојот на физичките, интелектуалните, говор­ните и на социјалните сопособности кај детето со пречки. За успешно одвивање на раниот третман, покрај медицинските и други стручни актив­ности, неопходна е и соодветна средина што ќе обезбеди оптимално стиму­ла­тивни услови за развој на детото. Со раното обезбедување на оптимални услови за развој и подучување со определен тренинг, многу недостатоци можат да бидат кори­ги­­рани до започнување на училиштето.
Најодговорно за обезбедување на оптимални услови за развој на де­те­то е неговото семејство. Успехот на раниот третман мошне зависи од можностите на родителите за активно учество во овие долготрајни и сложе­ни активности. Основно при тоа е: прифаќање на фактичката состојба на детето, соработка со стручњаците од секоја област (лекари, психолози, дефектолози, социјални работници), вклучување во третманот во врска со планирањето на воспитувањето на детето, планирање на него­вата рехаби­ли­тација и школување. Семејството како прв и најзначаен агенс на социјали­за­ција е најодговорно и како стимулативна средина за развој на преостана­тите способности кај детето со пречки.
Имајќи го во предвид значењето на семејството како најприродна сре­ди­на за развој на секој негов член, во овој труд се определивме за испи­ту­вање на условите за развој во семејствата со деца со лесна интелекту­ал­на попреченост (материјални, социо-културни, образовни) и нивното влија­ние врз успешноста на раниот третман.

Семејството на дете со пречки во интелектуалниот развој

                Семејството како прв и најзначаен агенс на социјализација на детето е и најодговорно за обезбедувањето на оптимални услови за него­виот раз­вој. Сî она што важи за семејството и улогата на родителите во развојот на детето што не е попречено во развојот, важи и за родителите што имаат дете со пречки, со тоа што родителите на ова дете имаат и специфични проблеми кои другите родители ги немаат или ги немаат во толкав обем, тежина и разноликост. Многу истражувања предупредуваат на неповолното влијание од појавата на “хендикепиран” член во семејството врз животот на целото семејство. Во некои од нив се истакнува тврдењето дека “хенди­кепираното” дете значи хендикепирано семејство (Battle, 1976., по Bezluk-Mozovic. 1993, с. 43). Родителите на децата со пречки во интелек­туалниот раз­вој мораат да бидат подготвени за појава на многу проблеми и тешкотии во подигањето на детето, почнувајќи од различните психолошки реакции, кои често се јавуваат при споредувањето на нивното со другите деца, па до донесувањето на голем број одлуки во врска со неговото воспитание, образование, рехаби­литација, планирање на неговата иднина итн. Зголеме­на­та грижа и заштита на децата со интелектуални пречки од страна на родителите и другите членови на семејството им е мошне попотребна на овие деца. Родителската грижа се остварува под влијание на целокупниот начин на живот на семеј­ството. Јачината и емоционалната сила на повеќе секојдневни фактори на семејниот живот може да ја претвори функционал­ната грижа во успешен педагошки процес.
Многу истражувања ја потврдуваат силата на влијанието на семеј­ство­то која варира во однос на староста на детето. Меѓутоа, гледајќи го семејството на деца со ментален хендикеп, тоа влијание е непрекинато, а најголемо е кога се остварува во најоптималната возраст на детето-раното детство. Токму за тоа информираноста и ангажираноста на семејството мо­же да придонесе во реализирањето на развој на детето, неговата соција­ли­зација и интеракција со средината.
Денешните искуства зборуваат за тоа дека родителите како актив­ни учесници во планирањето и реализирањето на раниот третман имаат пред­ности пред другите учесници во овој процес. Тие непосредно се пого­де­ни од појавата на хендикепот, подлабоко ги чувствуваат последиците од поединечните случаи, подлабоко го запознаваат проблемот следејќи го, заради родителската љубов се подготвени на поголеми жртвувања за соп­стве­ното дете. Можностите за позитивно влијание врз семејството и родите­лите на децата со интелектуална попреченост и во процесот на рехабилита­ци­ја се неограничени. Значи, неоспорна е потребата од учество на родите­лите во третманот на нивното дете. Тоа е веќе постојана практика во раз­ви­ените земји во светот, посебно во Англија, Франција и Холандија. Длабокиот интерес на семејството за сопственото дете се проширува и низ нивното влијание врз работата на институциите одговорни за третман на ментално ретардирани деца. Бидејќи родителите се одговорни за своето дете, тие треба да соработуваат и во создавањето на програмите и во плани­рањето на работата со детето, со помош на стручњаци, а можат да послужат и како проценувачи на соодветноста и успешноста на програмата за ран третман, во кој е вклучено и нивното дете. За жал, често со родителите не може ус­пеш­но да се соработува од повеќе причини: значаен дел од нив не го прифаќаат или тешко го прифаќаат фактот што нивното дете има потреба од специјален третман; други, очекуваат за нивните деца да се грижат струч­њаци за тоа подготвени; трети, немаат основни знаења за состојбата на детето, за неговите потреби и одговорноста на семејството во процесот на воспитување на детето. Од друга страна и големите промени во структу­рата и условите на нашите семејства денес значајно го отежнуваат овој процес. Зголемениот број на нецелосни семејства, на семејства со загрозена егзис­тенција, на родители оптоварени со проблеми на своите работни места, заради сî потешкиот живот, неретко значаен дел од нив сî помалку се грижат за заштитата и воспитанието на своите деца, па и на децата со тешкотии во развојот. Заради значајната улога на родителите во негата, воспитувањето и рехабилитацијата на децата со пречки во развојот и тешкотиите во извршувањето на воспитната улога на семејството, цел на ова истражување е да ги испита условите за живот во семејствата на лесно интелектуално попречените деца и можностите на родителите за активно учество во третманот на детето во раниот развоен период.

Истражување на условите и можностите на семејството
за ран третман на лесно ментално ретардирани деца
Успехот на раниот третман, како што веќе истакнавме, значајно за­ви­си од условите за живот и развој на детото во сопственото семејство и можностите на родителите за активно учество во тој процес.
И покрај дефицитараноста на научни истражувања кои непосредно се однесуваат на влијанието на депривациите во семејството (материјални социо-културни, воспитно-образовни, психолошки, здравствени) врз третма­нот на децата со пречки во интелектуалниот развој, практичарите имаат јасни сознанија за тоа дека секој вид на депривација во семејството се одразува негативно врз развојот на секое дете, а особено врз ментално ретардираното дете чии што здравствени, воспитно-образовни и социјални и други потреби се поголеми и посложени отколку кај здравото дете.
Не навлегувајќи подетално во анализата на широкиот спектар на фак­­тори во семејството од кои зависи успешноста на раниот третман на детето со пречки во интелектуалниот развој, во овој труд ќе се осврнеме врз ана­лиза на најосновните фактори од кои зависат условите и можнос­ти­те на семејството за развој на детето со пречки во интелектуалниот развој.
Предмет на истражувањето се: социјално-економскиот статус на се­меј­ство­то, здравствената состојба на другите членови во семејството и образовните можности и подготвеноста на родителите за планирање и учес­твото во активностите на раниот третман на детето со пречки во интелек­туал­ниот развој.
Цел: утврдување на причините во семејството што го попречуваат навремениот третман на децата со лесна интелектуална попреченост.
Основна метода е аналитичко-дескриптивната метода.
Користени техники се: неструктуирани интервјуа и анализа на досие.
Резултатите се прикажани графички со хистограми. Примерокот на испитување го сочинуваат 100 семејства со лесно ментално ретардирани деца (ре­гис­трирани во Центарот за социјална работа).
Генералната хипотеза гласи: Опфатеноста на лесно ментално ретардира­ни­те деца со ран третман и нејзината успешност значајно зависат од условите во семејството и од можностите на родителите за учество во планирањето и реализирањето на овие активности.
Помошни хипотези:

  1. Семејството со понизок социо-економски статус, поради ограни­чените материјални и стимулативни можности, е неповолна средина за успешно реализирање на раниот третман на лесно ментално ретардираните деца.
  2. Нецелосното семејство е неповолна средина за успешен ран трет­ман на децата со пречки во интелектуалниот развој.
  3. Неповолниот здравствен статус на членовите во семејството (осо­бе­но на родителите) е причина за запоставување на раниот третман на детето со лесна ментална ретардација.
  4. Ниското ниво на образование на родителите е основна причина за непо­волна социјализаторска средина и ограничените можности на роди­те­­лите да ја согледаат состојбата кај своето дете, потребата од специјален третман и успешно да учествуваат во планирањето и реализирањето на раниот третман.

 

Резултати и дискусија

                Анализата на основните карактеристики на семејствата опфатени со испитувањето покажа: 57% семејства живеат на село; 43% во град и приградските населби. Најголем дел од семејствата од првата група имаат решено станбено прашање-живеат во сопствена куќа. Во втората група семејствата тоа е случај кај 19%.
Анализата на семејната структура покажа дека 59% се нецелосни семејства.
Во понатамошното излагање за семејните услови и можности за ран третман ќе се осврнеме врз социјално-економската, здравствената и обра­зов­ната ситуација во семејствата на деца со лесна ментална ретардација.
1. Социо-економски статус на семејството
Значаен показател на социо-економскиот статус на семејството се неговата станбена и материјална состојба. Испитуваните семејства иако во голем број го решиле станбеното прашање, сепак во повеќе од половина станбените услови не одговараат на основните стандарди за соодветност на станбениот простор.
Следниот показател на материјалната состојба се приходите во се­меј­ството. За анализа на овој параметар ни послужија податоците за врабо­те­носта на родителите и на другите членови во семејството. (слика 1)

Анализата на податоците од хистограмот (1) покажува: во 16% семеј­ства се вработени и двата родитела; во 32% вработен е само таткото; во 11% само мајката; во 3% друг член (брат-сестра); во 38% семејства нема вработен член. Дел од семејствата кои живеат на село имаат приход од земјоделска дејност што е недоволен за егзистенција на семејството.
Ваквите сознанија упатија на заклучокот дека најголем број од испи­туваните семејства, со лесно ментално ретардирани деца немаат соодветни услови за развој. Ангажираноста на родителите со основни егзистенцијални проблеми остава малку време за ангажирање со специфичните и ком­плексни потреби на децата од оваа група на попреченост, што е и една од причините за задоцнетиот третман кој скоро кај сите (96%) започнува најчесто во периодот непосредно пред поаѓање во училиште, при утврду­вањето на подготвеноста, зрелоста, при што најчесто и се открива лесната ментална ретардираност. Кај овие деца е пропуштен најзначаниот период за влијание со организираната активност предвидена со раниот третман-перио­дот на најбрз психофизички развој. Органичените социјализаторски усло­ви во семејството кај голем број од овие деца доведува и до социјална заоста­натост што е резултат на ограничените стимулации што ги добива детето во своето семејство.
Социјалните депривации во семејствата со низок социо-економски ста­тус се уште поизразени кај нецелосните семејства чии што број во испитуваниот примерок е доста висок. Нецелосното семејство е деприви­ра­­на средина за развој на детето од повеќе причини: прво, поради огра­ничени­те услови за социјализација, особено за идентификација со еден од родите­ли­те; второ, поради неповолните материјални мож­ности што се поизразени во овие семејства; трето, поради ограниче­ните можности на еден родител да ги задоволи специфичните потреби на ментално ретардираното дете (здрав­ствени, воспитни, психолошки) и не е во можност да учествува во реализа­ци­јата на раниот третман на детето. Според тоа, ќе заклучиме дека во социјално и структурно деприви­ра­ните семејни средини не постојат услови за ран третман на лесно мен­тал­но ретардираните деца, што е и потврда на првата и втората претпоставка.

2. Здравствен статус на родителите и другите членови во семејството
Анализата на здравствената состојба на родителите и на другите чле­но­ви кај испитуваните семејства покажува: во 33% семејства нема друг хенди­кепиран член или член со посериозно психичко или соматско заболу­ва­ње; во 24% семејства здравствени проблеми има мајката; во 18% таткото; во 17% еден од браќата и во 8% од сестрите на детето. (слика 2).

Вкупниот број на семејства со заболен еден или два члена во истра­жу­ваниот примерок е висок (67%), односно во 42 семејства постојат здрав­ствени проблеми кај родителите, што е една од причините за нивното недо­волно ангажирање околу детето со пречки во развојот и запоставување на неговиот ран третман. Овој проблем е уште поизразен во нецелосните семејства во кои покрај хендикепираното дете има уште еден или два члена со здравствени проблеми. Според тоа, причини за малиот број лесно мен­тално ретардирани деца опфатени со ран третман е лошата здравствена состојба на родителите.
3. Образовен статус на родителите
Меѓу факторите во семејството од кои зависи навременото започну­ва­ње и успешното одвивање на раниот третман на лесно ментално ретарди­ра­ното дете, особено значење има образовниот статус на родителот од кој мошне зависи нивната способност да ја согледаат состојбата на своето дете, а особено потребата од специјален негов ран третман, како и можноста активно да учествуваат во тие активности.
Структурата на родителите според нивото на образованието во испиту­ваниот примерок е следната: во 44% семејства родителите се без школска подготовка; во 18% семејства тие се со нецелосно основно обра­зова­­ние; во 25% се со завршено основно или со нецелосно средно образо­вание и во 11% семејства родителите се со средно образование (слика 3)


Ниската образовна структура на родителите е показател и на огра­ни­чената социо-културна средина и недоволниот број на стимулатори за поттикнување на развојот на детето во семејната средина. Покрај тоа што и родителите со исклучиво ниско образовно ниво не се во состојба да ја сфатат ситуацијата на детето со лесна ментална ретардација и неговата потреба од посебен третман, значителен број од нив воопшто и незнаат дека нивното дете има интелектуален недостаток. Особено тоа е случај со роди­те­лите од сел­ската средина во која децата со ментална ретардација што немаат видливи надворешни дефекти (што е случај со најголем број деца со лесна ментална ретардација), и не се перципираат како деца со одреден проблем бидејќи тие учествуваат во сите оние активности како и другите деца. Тие најчесто, како што истакнавме порано, се откриваат со поаѓањето во училиште кога е веќе доцна за започнување со соодветен третман за поттикнување на развојот. Социјалната, покрај интелектуалната заостана­тост на децата од оваа категорија, најчесто се среќава токму кај децата од семејствата со низок образовен статус. Родителите со недоволно образо­вание не се во можност успешно да учествуваат и во реализацијата на активностите предвидени со раниот третман. Тоа се однесува и на родите­лите од градска средина кај чии деца попреченоста е навреме откриена.
Ваквите резултати ја потврдија и последната претпоставка.
Генерален заклучок што може да се изведе од презентираните резул­тати е: ниското социјално, економско, образовно ниво, како и неповол­ната здравствена ситуација во семејството се основна причина за задоцнета и мала опфатеност на лесно ментално ретардираните деца со ран третман.
Секако, овие причини не се единствени, бидејќи одговорни за рано откри­­ва­­ње, примена на медицински, дефектолошки, воспитни и друг вид актив­­ности предвидени со раниот третман, се и разни здравствени, образов­ни и други општествени институции, што треба да му помогнат на семејството во прифаќањето и одвивањето на овие активности.
 

ЛИТЕРАТУРА

1.

Ајдински, Љ: Интегрална рехабилитација на ментално ретардирани лица. Југословенска конференција за социјални дејности, Белград, 1982.

2.

Јовев, Ј: Психопатологија и ментална ретардација. Сојуз на друштвата за ментално ретардирани лица на Македонија, Скопје, 1992.

3.

Безук-Моровни¢, Ј.: Неки учиниоци рада с породицама на развој деце с посебним потребама, Наша обитељ данас, Министарство за рад Р. Хрватске, Загреб, 1994,
с. 43-51

4.

Хрњица, С.: Психологија хендикепираних, Клиничка психологија, Наша књига, Београд, 1990, с. 433-443

 

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in