Лена А. ДАМОВСКА

 

СТАТУСОТ НА ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ
ВО ПРЕДУЧИЛИШНИТЕ УСТАНОВИ

 

Предучилишното воспитание и образование, претставува поле на примарно организирано влијание врз развојот на детската личност. Периодот на раниот и предучилишниот период е значаен за сите деца. Тоа е период кога се поминуваат развојните фази по вообичаен редослед, меѓутоа, кај секое дете индивидуално.
Кај децата со пречки во развојот, се јавуваат специфичности во развојниот тек, директно условени од видот и типот на попреченоста, како и од можните неадекватни социјални влијанија.
Потребата од целосен увид во животниот контекст на секое дете, како и раната детекција на децата со пречки во развојот, е исклучително важно од аспект на крајните ефекти на воспитно-образовната работа во предучилишните установи. Според Левандовски (1987) “Колку е детето поголемо, расчекорот помеѓу времето кога некоја активност се очекува и времето кога таа се совладува е поголем”. Оттука и програмите за рана интервенција, кои директно се наменети за раната стимулација на развојот, треба да започнуваат колку е можно порано.
Во досегашниот закон, предучилишното воспитание и образование на децата со пречки во развојот, можеше да биде организирано:

  • во предучилишните установи со сите деца;
  • во предучилишните установи во посебни групи;
  • во специјални установи.

Факт е дека во најголем број случаи оваа категорија деца, досега беа главно само физички присутни во предучилишните установи. Тие го немаа адекватниот третман и статус. Со нив, сî уште не е разработен систем на индивидуална компензаторска работа. Оттука произлегуваа и сî уште произлегуваат бројните импровизации во воспитно-образовната работа и тоа со двете категории деца, како и дилетантскиот пристап во воспитно образовната работа.
Меѓутоа дали досега кај нас, во предучилишните установи постоеја и беа создадени вистински услови за правилна интеграција на децата со пречки во развојот?
Потребата од интеграција налага индивидуален пристап во воспитно-образовната работа. Колку е тоа остварливо во сегашни услови и системска поставеност? Секојдневно се соочуваме со непочитување на нормативите и стандарите за бројот на децата во групата; Ова повлекува потреба од поголем број на воспитувачи во групата; Обезбедување на општи и посебни дидактички материјали и средства; Создавање на услови за правилна работа од дидактичко методски аспект, т.е. прилагодување на облиците, методите, формите, средствата, на специфичностите на децата со пречки во развојот итн. Колку во вакви услови можеме да зборуваме за квалитетна воспитно образовна работа?.
Интеграцијата налага индивидуален пристап во планирањето и програмирањето со секое дете посебно. Секое дете е индивидуа сама по себе и за себе. Секое дете со пречки во развојот, и не само тоа, има различни потреби, интереси, желби, можности и тоа мора да се прифати како реалност. Секое дете е субјект со свој интегритет и индивидуалитет. Секое дете се одликува со особености на психофизичкиот развој, социјализаторскиот и сознајно-когнитивниот развој.
Само адекватното разбирање и третирање на децата со пречки во развојот, може да има ефекти во работата.
Потребата од интеграција бара обука и едукација на воспитно- образовниот кадар во предучилишните установи и тоа не само на воспитувачите, туку и воопшто на сите оние што доаѓаат во контакт со овие деца. Едукацијата на предучилишните кадри веќе мора да води сметка и за теоретската и за практичната оспособеност за работа со децата со пречки во развојот, како и координација со другите кадри од областа на здравството, социјалната заштита како и соработката со родителите.
Интеграцијата значи голема соработка со родителите, семејството.
Родителите се клучните фактори за успешна социјализација, воспитание и образование на децата со пречки во развојот. Семејството на децата со пречки во развојот се наоѓа во специфична ситуација заради многу објективни и субјективни причини.
За секое семејство фактот дека со нивното дете не е сî во ред, претставува стрес. Обично се појавуваат проблеми од типот: неприфаќање на реалноста, социјална изолација, срам и обвинување на себеси, авторитарен однос што се граничи со агресивност, и сето тоа од нарушените очекувања за идеално дете. Тоа понатаму повлекува и нарушување на интерперсоналните односи во семејството. Кризата што некои родители ја поминуваат може да трае од 3 до 10 години, а понекогаш и цел живот. Тоа е условено од структурата на личноста на родителот, стабилноста на бракот, полот на детето, видот на попреченоста, општествените услови, итн.
Наспроти овие примери има родители што ја прифаќаат реалната ситуација, се активираат, се информираат, ги проценуваат вистинските можности на детето. Сите овие состојби можат многу да му помогнат, односно да му одмогнат на детето со пречки во развојот.
Наведените работи се битни од аспект на остварувањето на контакт и соработка со родителите. Нивно директно вклучување во програмите за рана интервенција, односно за рана стимулација на развојот на децата со пречки во развојот. Основната претпоставка за успешна соработка на воспитувачот и родителот е меѓусебното разбирање, почитување, тоа е еден интеракциски, отворен однос , каде што учењето има значајно место.
Конечно, досега раното опфаќање и третман на децата со пречки во развојот, кај нас, беше на ниво на декларација. Членот 23 од Конвенцијата за правата на детето и други документи како Standard Rules on the Equalization of opportunities for persons with disabilities, 1993, The Riga Declaration on Alternatives to institutional child care,1994-сите тие содржат силен морал и обврска секоја држава-потписник да води сметка за оваа категорија деца. Меѓутоа тоа да го прави без импровизации, почитувајќи ги реалните потреби и можности, притоа постојано водејки сметка за можните педагошки импликации во воспитно-образовната работа и тоа на двете категории деца.
Бидејќи крајно време е, со поголема научна и стручна аргументација да се пристапи во решавањето на проблемите во предучилишното воспитание и образование во Македонија.


ЛИТЕРАТУРА

  1. Левандовски Д.: Значење ране интервенције за дијецу с тешкоћама у развоју Во: Рано откривање и праћење дијеце с тешкоћама у развоју предшколског узраста, Савез друштава дефектолога Хрватске, Загреб, 1987.
  2. Diversity and Developmentally Appropriate Practices, Challenges for Early Childhood Education, Teachers College Press, Columbia University, 1994.
Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in