JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 9084
Верица ПЕТРОВА, Ристо ПЕТРОВ
ВКЛУЧЕНОСТА ВО ПРЕДУЧИЛИШНИТЕ УСТАНОВИ-ПРЕДУСЛОВ ЗА УСПЕШНО ОБРАЗОВАНИЕ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ДЕЦАТА
СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ
|
“Да се сака човекот заради неговите добри особини, не е никаква вештина. Но, ние мораме да го сакаме и покрај неговите недостатоци” |
Денес во светот е општо прифатено гледиштето дека со третманот на децата со пречки во развојот треба да се започне на што помала возраст, всушност од моментот кога ќе се констатираат определени пречки во развојот.
Со стручниот третман, поставен на научни сознанија, и во практиката потврдени, треба да се активираат постојните, преостанатите способности кај детето и само на овој начин кај него можат да бидат коригирани многу недостатоци во периодот пред поаѓање на училиште, со што се обезбедува посигурна основа во совладувањето на воспитно-образовната програма. Ова треба да се има предвид за сите видови и степени на попреченост во развојот.
Прв педагошки предуслов за успешен развој на лесно ментално ретардираните деца е смисленото, организираното предучилишно воспитание. Воспитно образовната интеграција треба да започне многу рано, во предучилишната возраст на детето. Треба да се инсистира кон промени во организацијата на предучилишните установи, во смисла на нивна што поголема хуманизација и прифаќање на децата со пречки во развојот, меѓу кои најзастапени се децата со лесни пречки во психичкиот развој.
Организираното предучилишно воспитание на лесно ментално ретардираните деца е во корелација со развојот на предучилишното воспитание воопшто. Поради доста тешката идентификација на лесно ментално ретардираните деца во предучилишната возраст, стручно е оправдан ставот овие деца да бидат опфатени во интегралното предучилишно воспитание.
Меѓутоа, како да се постигне тоа кога се знае дека во Македонија со организирано предучилишно воспитание е опфатен мал број на деца. Затоа, сметаме дека е нужно, за правилен развој на детето, да се овозможи сите деца од предучилишна возраст да бидат опфатени со општествено организиран облик на предучилишно воспитание, посебно во годината пред поаѓање во основно училиште, а за децата со пречки во развојот најмалку две години пред да се вклучат во основното образование.
Полна поддршка и помош на установите за предучилишно воспитание треба да им дадат здравствените организации (овде, пред сî, мислиме на развојните советувалишта) и социјалните служби при откривањето на децата со пречки во развојот. Врз основа на нивните известувања, установите за предучилишно воспитание треба да ги прифатат овие деца и секако, да им обезбедат соодветен стручен третман.
При реализацијата на програмата за предучилишно воспитание во работата со децата со пречки во развојот, посебно со децата со лесни пречки во развојот, треба да се инсистира на следните вежби:
Вежби за реедукација на психомоториката
Примената на вежби за реедукација на психомоториката, во смисла на стимулација на психомоториката, кај овие деца треба да започне уште по првиот систематски преглед од страна на педијатрите, доколку се опфатени децата во детски јасли и во предучилишните установи.
Во првите три-четири години вежбите за реедукација на психомоториката би требало да се состојат во тоа со детето да се увежбуваат оние моторни активности што се појавуваат спонтано во текот на развојот. Овде пред сî мислиме на вежби за подигање на главата и за седење, за стоење и одење, посегнување по предмети, па сî до вежби за стимулација на говорот. Овие моторни активности раѓаат задоволство и чувство на насоченост кон околината, што претставува основна мотивација на децата за извршување на предвидените вежби за реедукација или стимулација на развојот на личноста на детето.
Развој на говорот
Говорот на децата со лесни пречки во развојот се карактеризира со евидентен застој во однос на интелектуално просечните врсници. Нивниот јазик е во согласност со нивната намалена ментална зрелост. Тоа се манифестира во послаба артикулација и квалитет на говорот, сиромашен и неисправен речник, со аграматизам, сигматизам и асигматизам. Кај одделни деца се манифестни тешки говорни пречки, поради што им е неопходен систематски логопедски третман.
Говорот сам по себе не се поправа, затоа примарна задача на дефектологот-воспитувач во предучилишната установа, по идентификацијата на таквото дете треба да биде реализација на вежби, при што ќе настојува да придонесе во ублажувањето на говорните и гласовните недостатоци. Со систематска работа на развивање на јасна артикулација се проширува и фондот на активниот детски речник при што му помага во неговото слободно и јасно комуницирање со говорот.
Поради сиромаштво од идеи и оскуден речник на детето, дефектологот од самиот почеток треба систематски да работи на развивање на функционалниот речник. Прва етапа во тој процес е препознавање нови зборови со помош на одделни средства и помагала и дидактички материјал и нивно именување. Тоа се постигнува низ игра, при што, се настојува секоја играчка и секој предмет околу детето да се именува, т.е. треба да биде придружен со адекватен збор. Кога ќе се усвојат поединечните зборови се поминува на втората фаза, а тоа е употреба на ново-научените зборови во составување на кратки, но јасни реченици.
Треба да се нагласи уште дека со исправањето на детскиот говор се започнува од првиот ден на организираниот предучилишен третман, при што се постигнува солидна основа за успешно комуницирање на детето на почетокот на основното образование.
Вежби за развој на сензомоториката
Паралелно со развојот на говорот, притоа користејќи ја потребата за игра и активност, дефектологот воспитувач посебно внимание треба да му обрати на развојот на сензорните и моторните способности кај детето со пречки во развојот.
Посебно внимание треба да му се посвети на развојот на способноста за визуелна перцепција. Токму на полето на визуелната перцепција, според истражувањата на многу автори, ментално ретардираното дете покажува заостанување во споредба со неговите врсници. Неговите перцепции се сиромашни, површни и неразвиени.
Марија Монтесори, и други бројни автори по неа, конструирале дидактички материјали за развивање на визуелната дискриминација, односно на способноста за успешно воочување на разликите помеѓу формите и предметите, како нужна претпоставка за натамошно совладување на читањето и пишувањето. Значи, уште на предучилишната возраст ментално ретардираното дете мора со бројни вежби за визуелна дискриминација да биде подготвено за почетно читање и пишување.
За време на целокупниот предучилишен третман, мошне е важно да се реализираат и вежби за развој на грубата и фината моторика на прстите, што се постигнува со примена на следните вежби: туткање, кинење, превиткување и сечење на хартија, лепење на разнобојни хартии и слично, со месење или моделирање со глина, пластелин, вежби за откопчување и закопчување на копчиња, одвртување и завртување на завртки, нижење на куглички на жица, провлекување на врвци и врзување на обувки.
Вежби за развој на интелектуалните способности
Целокупната програма за работа во предучилишните установи во сите подрачја: физичко и здравствено воспитување, запознавање на блиската и подалечната околина, на мајчиниот јазик, на ликовното и музичкото изразување, има за задача да ги развива интелектуалните способности кај предучилишните деца.
Имајќи во предвид дека кај лесно ментално ретардираното дете интелектуалните способности се недоволно развиени, должност на дефектологот-воспитувач е да ги систематизира и индивидуално да работи на нивниот развој. Со ова, пред сî, мислиме на вежбите за развој на вниманието користејќи интересни игри и други активности блиски на детето, како што е опишувањето на сликовници, слики, дијафилмови, детски филмови...
Вежби за емотивна и социјална зрелост
Кај детето треба да се развива способноста за контрола на сопствените чувства. Работата во предучилишните установи треба да придонесе за емотивна стабилност на секое дете. Овде пресудна улога треба да одигра дефектологот-воспитувач со својот правилен однос кон децата и кон секојдневните обврски во установата. Детето треба постојано да се навикнува на воздржување од агресивни реакции во однос на играчките, предметите во околината, другите деца, како и кон возрасните.
Врз основа на сî што е досега речено во однос на потребата од предучилишно воспитание на децата со пречки во развојот, а посебно на ментално ретардираните деца, можеме да заклучиме дека во раната возраст кај детето треба да се коригираат и развиваат неговите физички, емотивни, социјални и говорни способности, за да го подготвиме и така подготвено, стабилизирано, да го вклучиме во системот на основното воспитание и образование. Значи, навременото и перманентно предучилишно воспитание на децата со пречки во развојот е најважна и најадекватна подготовка за нивното успешно вклучување во основното воспитание и образование, како и работно оспособување.
ЛИТЕРАТУРА
1. |
Ајдински Љупчо, Методика на ран третман и предучилишно воспитание на децата со пречки во развојот, Скопје, 1996. |
2. |
Бојанин Светомир, Неуропсихологија развојног доба и општ реедукативни метод, Београд, 1985. |
3. |
Реформа одгоја и образованја дјеце с тешкоќама у развоју, Савез друштава дефектолога Хрватске, Загреб, 1985. |
4. |
Соколовски Живко, Третман метално ретардиране деце предшколског узраста, Београд, 1995. |
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE