JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5181
Димитар ЛОЗАНОСКИ
УЛОГАТА НА СОЦИЈАЛНО-ХУМАНИТАРНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ (СОЈУЗОТ НА ДРУШТВАТА ЗА ПОМОШ НА МРЛ) ВО РАБОТАТА СО РОДИТЕЛИТЕ
Современите концепции за работа со ментално ретардираните деца наметнуваат таков пристап што ќе овозможи максимален развој на нивните способности. Да им се овозможи да живеат во што понормални услови затоа што имаат исти права како и другите да бидат интегрирани во нормалниот живот и средина. За реализирање на ваквата концепција работата на стручниот кадар треба да биде насочена кон детето, родителите (семејството) и околината. Во овој момент ќе се задржиме на работата со родителите (семејството).
Не е доволно да се рече дека хабилитацијата и подготовката за живот на ментално ретардираните неможе да се замисли без учество на родителите, тие не се потребни само на децата туку и на стручните работници. Родителите, старателите и другите членови на семејството треба да се сметаат за рамноправни соработници.
Родителите треба да ги знаат психофизичките карактеристики на ментално ретардираното дете, треба да го запознаат своето дете со сите негови особини и пречки како и законитостите на неговиот развој и факторите што влијаат врз тој развој. Треба да се запознаат со можностите за воспитание, образование и работно оспособување. Понатаму работата со родителите треба да се насочи кон тоа родителот да го прифати своето дете и неговата попреченост затоа што е познато дека родителите имаат различен приод кон своето дете и неговата попреченост.
Сознанието дека нивното дете е ментално ретардирано претставува болка за родителите што ги придружува понатаму во целиот живот. Од тогаш почнува нивното лутање и неизвесност, при тоа наидуваат на големи неразбирања и на крајот така оптоварени кога конечно ќе дојдат на соодветното место бараат разбирање и помош. Родителот треба да се прифати, да му се укаже внимание и разбирање со одмерени реакции без да се доживува тоа како товар, да се најде некој со кого што ќе може да поразговара и од кого што ќе биде сфатен, за да биде придобиен за соработка. Придобивајќи го родителот за соработка можеме да почнеме да ги менуваме неговите ставови. Поведението кај луѓето е мошне сложено, затоа што врз него влијаат различни фактори, па за соодветно поведение потребно е и адекватно водење на родителите. Кај родителите постојат разлики во однесувањето, реагирањето и доживувањето на ретардираното дете, но заедничко е тоа што кога ќе сознаат дека имаат ментално ретардирано дете паѓаат во конфузна состојба. Од литературата и од искуството познато ни е кои реакции се јавуваат кај родителите кога ќе дознаат дека нивното дете е ментално ретардирано:
- Негирање, неприфаќање на вистината дека нивното дете е заостанато и префрлување на вината на други.
- Чувство на вина од што произлегува:
- Претерано жртвување за детето;
- Претерано заштитничко дејствување кон детето;
- Нарушување на семејните обрски зошто едниот родител ја префрлува вината на другиот дека поради него или неговото семејство дошло до растројство на детето.
- Чувство на непријателство кон ретардираното дете што ги оневозможува и спречува родителите во работата или разонодата. Некои од родителите се повлекуваат во себе, не остваруваат социјални контакти и се изолираат.
- Инфантилизација на детето, т.е. кон него секогаш се однесуваат како кон “постојано мало дете”.
- Реално согледување-кога родителот му овозможува на детето толку колку што е потребно при тоа давајќи му чувство на сигурност, топлина; родителите бараат стручна помош, ги познаваат неговите способности, го следат неговиот развој и секогаш се готови да го прифатат во семејството.
Целта на нашата работа со родителите треба да биде токму таква што повеќе родители да се вклопат во групата што има реални согледувања. Во зависност од реакциите на родителите можеме да направиме глобална поделба на оние кои премногу се врзани за детето и на оние кои целосно го отфрлиле, па според тоа и работата треба да биде насочена и во едниот и во другиот правец.
Од сето ова произлегува прашањето кога и од каде да се почне со работата со родителите, но и само по себе се наметнува дека почнувањето треба да биде со самото откривање, дијагностицирање, а особено при упатувањето на детето на соодветен третман во установа и сл.
Информирањето на родителите треба да биде навремено и правилно, треба да се даваат објективни процени за можностите и напредувањето на нивното дете.
За формирање на личноста на детето важна улога играат ставовите, постапките и емоционалната клима во семејството во кое живее тоа. Родителите на ментално ретардираните деца имаат уште и додатни разновидни и потешки проблеми, па тргнувајќи од нивната улога потребно е што повеќе да бидат вклучени во третманот на детето. Работата со родителите треба да биде организирана и планска и ако се има предвид разноврсноста на проблемите и потребите се наметнува и потребата од вклучување на разни стручни работници.
Поради карактерот на својот хендикеп ментално ретардираните лица, за разлика од оние со друг вид на хендикеп, не се во состојба сами да се организираат во разни здруженија и организации заради задоволување на своите потреби и права, па затоа постојат друштва за помош на ментално ретардирани лица што треба да го надоместат тоа.
Според концепцијата и програмата за работа на друштвата и Сојузот, покрај другите активности значајно место заземаат активностите за превенција, раното откривање, дијагностицирањето на детето, прифаќањето на родителите, нивното упатување на соодветно место, посредување меѓу родителите и соодветните служби и установи за остварување на нивните права.
Во програмата за работа на Сојузот на друштвата за помош на МРЛ на Р. Македонија посебно место зазема работата со родителите на ментално ретардираните деца. Така, барајќи начин за посовремена работа, во 1991 год. Сојузот почна со организирање на таканаречените “Викенд средби” со родители и нивните ментално ретардирани деца и младинци, кое како облик на работа не е непознато во поразвиените средини, но прилагодено и во наши услови се покажа како успешно и корисно, така што веќе станаа традиционални и секоја година се организираат 2-3 викенд средби.
На овие средби, по системот на една голема тераписка заедница, се собираат стручните кадри (невропсихијатар, педијатар, дефектолог, психолог, социјален работник, медицински сестри и др. потоа родителите и нивните ментално ретардирани деца).
Во текот на три дена, во прв ред се прави едукација на родителите за работа со децата од разни манипулации во смисла на физио и кинези терапија, па се до терапија со игра и окупација. Потоа секое дете поединечно е предмет на тераписката заедница кога се дискутира за неговата состојба од неговото раѓање па се до денот на “Викенд средбата”-што е сторено на дијагностички план, на планот на рехабилитацијата и што треба да се прави во иднина. Посебно внимание им се обрнува на психолошките проблеми на родителите, при што се извршува и една семејна групна психо-терапија.
Од една страна, покрај борбата за нормализација и интеграција, низ многубројни примери може да се потврди дека ментално ретардираните лица не се прифатени во своите средини, а нивните родители средината не ги разбира. Од друга страна пак, најголемиот број на родителите многу повеќе очекуваат отколку што е можно децата да учат и да напредуваат. Така распнати меѓу желбите и можностите тие се во постојана тензија и очекување. Работата со овие родители треба да биде упорна и долготрајна заради измена на нивните нереални ставови. Преку ваквата работа (“Викенд средби”) се запознаваме со психолошките проблеми на родителите на ментално ретардираните деца што помага за успешна промена на нивните ставови и психотерапиското дејствување на нивните семејства, заради успешна хабилитација и рехабилитација на ментално ретардираните деца.
Дека “Викенд средбите” како форма за работа со родителите се успешни и корисни го потврдуваат и самите родители преку усни и писмени изјави на благодарност што ете некој се интересира за нив и за нивните проблеми, што им се овозможува да се сретнат со цела стручна екипа на едно место и уште повеќе, што извесно време се во можност да бидат заедно со други родители со слични проблеми па размената на искуствата е од голема корист.
Семејството игра важна улога во постигнувањето на определен степен на социјализација на ментално ретардираното дете и ако тоа е условено од просторните, временските, материјалните, воспитно-образовните, здравствените, културните и други погодности. Затоа една од појдовните основи за работа со родителите треба да биде помошта на семејството во однос на создавањето на адекватни услови, пред се, за создавање на поволна емоционална атмосфера во него.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE