JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5711
Љупчо АЈДИНСКИ, Зоран КИТКАЊ, Горан АЈДИНСКИ
ПОЈДОВНИ ОСНОВИ
за изготвување на Националната стратегија за спроведување на стандардните правила за изедначување на можностите на хендикепираните лица
Вовед
Во октомври 1999 година, во Скопје, се одржа семинар за стандардните правила на Обединетите нации за изедначување на можностите на лицата со хендикеп. Семинарот беше организиран од страна на Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Заедницата на инвалидските организации на Македонија и Британската амбасада. На семинарот учествуваше и Виктор Валштрон, Заменик на специјалниот известувач на ОН и член на Панел експертите на ОН за Стандардните правила.
На крајот на дводневниот семинар едногласно беше донесена декларација за Национална стратегија во Република Македонија за правата на лицата со хендикеп. На семинарот, исто така беше заклучено, Владата на Република Македонија да превземе итни акции за донесување на Национална стратегија за хендикепираните лица во Република Македонија.
Согласно овој заклучок Министерот за труд и социјална политика формира комисија за изготвување на Националната стратегија. Комисијата, во текот на декември минатата година се обрати до повеќе установи и стручни лица од оваа област и побара мислење и предлози што би помогнале за подобро изготвување на Националната стратегија.
Во врска со тоа, авторите на овој труд како прилог за изготвување на Националната стратегија до комисијата доставија текст под наслов Појдовни основи за изготвување на Националната стратегија во Република Македонија.
I |
ЗАСНОВАНОСТ НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА |
Националната стратегија треба да се засновува врз:
-
Темелно согледување, анализирање и донесување соодветни одлуки од Владата на Р. Македонија за заштита, образование и рехабилитација на хендикепираните лица и тоа за:
- Превентивата, раната детекција, раната дијагностика и раниот третман;
- Предучилишното воспитание, основното образование, средното образование и високото образование за сите оние што е можно;
- Оспособувањето и вработувањето,семејниот, општествениот и културно забавниот живот;
- Обезбедување на услови (во семејствата, центри за полудневно и целодневно згрижување, како и стационарно згрижување) за сите оние хендикепирани лица од потежок степен кои имаат потреба од таква помош.
II |
ПОЧИТУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ДОКУМЕНТИ И НАЦИОНАЛНОТО ЗАКОНОДАВСТВО ПРИ ИЗГОТВУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА |
За да се постигне горе споменатото треба максимално да се испочитуваат меѓународните конвенции и резолуции, националното законодавство и неодамна донесената Декларација за национална стратегија во Република Македонија за правата на лицата со хендикеп. За таа цел потребно е:
-
Да се направи преглед, односно да се извлечат сите права објавени во меѓународните документи и да бидат достапни на надлежните органи, организации, установи и медиумите, особено треба да се земаат во предвид:
- Конвенцијата за правата на детето (1989),
- Декларацијата за правата на хендикепираните лица (1985),
- Резолуцијата за спречување на хендикепираноста (1975),
- Декадата за рехабилитација (1971-1981),
- Меѓународната година на инвалидите (1981),
- Декадата на инвалидите (1983-1992),
- Стандардните правила за изедначување на можностите на хендикепираните лица донесена од ООН (1993),
- Извештајот на УНЕСКО за образование на децата со хендикеп од Саламанка (1994) и др.
- Да се направи преглед, односно да се извлечат сите права вградени во националното законодавство, врз основа на Уставот на Р. Македонија и тоа законите од областа на здравството, образованието, социјалната заштита, пензиско-инвалидското осигурување, работните односи и прописите од урбанизмот, царината, сообраќајот, медиумските средства и др.
- Од Националното законодавство задолжително ќе треба да се внесат одредбите од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на правата на инвалидните лица, потоа одредбите од законите за здравствена заштита, социјална заштита, основното и средното образование, за посебните (заштитните) работни организации и др.
- Врз основа на изнесеното да се направи анализа за изготвување операционализирана програма како основа за измена и дополнување на постојното законодавство во однос на подобрување на правата на хендикепираните лица и нивното ускладување со усвоените права во меѓународните документи, како што се Законот за детска заштита, Законот за здравствена заштита, Законот за социјална заштита, Законот за основно образование, Законот за средно образование, Законот за посебните работни препријатија и други, што ќе ги содржат сите нови решенија од меѓународните документи кој досега не беа вградени или делумно застапени во конкретните одредби на овие закони.
III |
СОДРЖИНА НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА |
Националната стратегија треба да ја опфати целокупната здравствена и социјална заштита, едукацијата, рехабилитацијата и општествениот живот на хендикепираните лица
1 Здравствена заштита
Превентивата, откривањето, дијагностиката, како и раната интервенција (третманот), треба да бидат вклопени и третирани во примарната, односно основната здравствена заштита. При тоа да се настојува да се обезбеди целосна бесплатна здравствена заштита за сите лица со хендикеп.
1.1 Превентива
Превентивната заштита како специфична фаза во процесот на комлетната рехабилитација обезбедува отстранување на причините за разни видови растројства и инвалидитет и спречување или сведување на минимум на последиците од состојбите по заболувањето, односно оштетувањето.
Превентивната заштита треба да биде утврдена како право на соодветен систем на заштита, така да се знае и јасно да се утврди обврската на соодветните општествени фактори и надлежни институции за системски, конкретни и јасни решенија низ целокупната нормативна регулатива.
1.2 Откривање
Откривањето на децата со хендикеп преставува првата и мошне важна фаза во целокупниот третман. Од правилното поставувањ, посебно од навременото откривање зависи успехот на рехабилитацијата во сите нејзини фази.
Во практиката, откривањето на ризичноста и попреченоста во развојот на децата кај нас, освен во Битола и во Скопје е различно и зависи од видот и степенот на попреченоста, но главно се врши доцна. Особено тоа е забележително кај децата со психички хендикеп.
Недоволното ангажирање на здравствените работници (лекарите) во детекцијата ја наметнува актуелноста дека овој проблем треба да се решава организирано на ниво на здравствени институции, со насочување и едуцирање на кадарот кон оваа проблематика.
Во рамките на примарната здравствена заштита неопходно е потребно:
- откривањето на хендикепираните деца да продолжи со пренесување во надлежност на специјализирани здравствени установи, а пред се, во развојните советувалишта;
- следење на сите морбидни агенси (пренатални, перинатални, и постнатални) за да се овозможи рано откривање и дијагностицирање;
- да се воведе обврска за формирање на досие на детето во рамките на лонгитудиналното следење на неговиот развој од страна на педијатарот, невропсихијатарот, дефектологот, психологот, социјалниот работник и др. ;
- да се воведе обврска за евиденција (регистер) на децата додени со фактори на ризик;
- потребно е да се вклучат дефектолози во здравствените установи, а посебно во развојните советувалишта, детските диспанзери, специјализираните здравствени установи, како и да се организира дефектолошка патронажна служба.
1.3 Дијагностика
Дијагностицирањето на децата со хендикеп, како рана интервентна мерка преставува втора наредна фаза во интегралниот пристап во третманот на децата со хендикеп, но и услов за успешна рехабилитација до колку е таа адекватно поставена.
Поставувањето на дијгнозата е важно да се изврши колку што е можно порано, односно во времето кога постојат максимално биолошки услови, а и широк регистар на други погодности за натамошен развој на детето.
Резултатите од досегашната практика покажуваат дека дијагностицирањето на децата со хендикеп почнува мошне доцна, главно по повод нивното тргнување на училиште. Освен тоа во досегашната практика имаше доста недостатоци во процесот на дијагностицирањето, неускладеност во класификацијата, терминологијата и критериумите, во голем дел заради нестручност на одделни комисии и непостоење на соодветна опрема и други потребни услови за дијагностицирање.
Од тие причини во иднина тој процес исклучиво треба да им се довери на стручните дијагностички установи што имаат потребен стручен кадар од сите профили во постојан работен однос и кои имаат и други потребни услови за опсервација и дијагностика, како предуслов за успешна дијагноза, а пред с¢, овој процес треба да се довери на развојните советувалишта.
1.4 Третман (рана интервенција)
Третманот, односно раната интервенција, исто така, како сложена компонента, е важен дел на рехабилитационата практика што ги отстранува, односно што ги ублажува и ги доведува до толерантно ниво пречките во развитокот на личноста, за да може таа со соодветни корекциони и наменски мерки да достигне максимално можно ниво на психофизичките и социјалните способности.
До колку ќе се почне порано со стручен третман, поставен врз научни сознанија и врз практично искуство ќе биде можно активирање на постојните, но и на преостанатите способности латентни кај детето. Со раниот третман може да бидат корегирани многу недостатоци кај децата до нивното поаѓање на училиште со што им се обезбедува посигурен старт во совладувањето на воспитно-образовните програми.
Треба исто така да се воведе и организира патронажниот дефектолошки третман кој претставува помош на родителите во процесот на негата, воспитувањето и образованието на децата со пречки во развојот, раното вклучување во рехабилитацијата и одржувањето на неговиот континуитет, како и помош на детето при инеграцијата во пошироката социјална средина.
Запоставената патронажна стручна работа, односно дефектолошката стручна работа со хендикепираните деца во нивните семејства ќе треба да го добие своето рамноправно место во целокупната организација на работата со овие лица.
Во исто време, покрај патронажната работа во семејството, мора да се организира и ран институционален третман на децата со хендикеп, што треба да започне уште во развојните советувалишта и да продолжи во установите за детска заштита или во другите рехабилитациони установи за да се обезбеди следење на развојот на детето и евентуална покомплексна корекција на развојот.
2. ЕДУКАЦИЈА
1.3 Предучилишно воспитание
Предучилишното воспитание како составен дел на раниот третман, односно на неговиот континуитет во подготовката на децата со хендикеп за воспитно образовен процес треба да го добие своето рамноправно место и со нагласена влученост на овие деца.
И покрај битните разлики што постојат меѓу децата со хендикеп, значајно е да се истакне дека тие разлики се подложни на менување и корегирање и дека развојот на овие деца, без оглед на видот на пречките во развојот, се одвива по исти законитости на развојот што важат и за децата без хендикеп, но со значителни задоцнувања и многу намален биланс на развојните резултати. Токму поради тоа е неопходно на предучилишна возраст на сите деца со хендикеп да им се обезбеди поинтезивен систем на рехабилитационо корекционен и социјално-педагошки инструментариум на дејствување и обезбедување услови за задоволување на нивните потреби заради успешна рехабилитација.
Како што е познато постојат многубројни облици за организирање на предучилишно воспитание и тоа почнувајки со лесните случаеви во редовните групи на детските градинки, па преку формирањето на посебни групи исто така во редовните градинки за деца со потешка попреченост, па с¢ до организирањето посебни установи за третман на најтешките случаи.
Но, и покрај научните сознанија дека предучилишното воспитание на децата со хендикеп во нашата република, освен извесни исклучоци што се појавуваат во определени временски периоди во две рехабилитациони установи (во едната за деца со оштетен слух и говор, а во другата за умерено ретардирани деца), до денес не е организирано, иако за тоа постоеле услови, да се задоволат потребите на таквите деца, како во редовните детски установи, така и во рехабилитациони установи.
Осовременувањето на предучилишното воспитание на децата со хендикеп, покрај другото зависи и од правилната информираност, од ставовите и заинтересираноста на пошироката средина како и од други фактори. Заради тоа од извонредна важност е задоволувањето на суштествените потреби за преземање на соодветни мерки за усогласување на ставовите и за осовременување на сфаќањето на надлежните општствени институции на подрачјето на предучилишното воспитание и на раниот третман како што се: органите за образование, за детска заштита, за социјална заштита, за здравство и здравствено осигурување, заводите за унапредување на воспитанието и образованието, заводите за здравствена заштита, центрите за социјална заштита, предучилишните установи, хуманитарните организации и други организации и институции.
Предучилишното воспитание на хендикепираните деца треба да биде бесплатно и задолжително како и основното, бидејќи тоа е предуслов да биде успешно понатамошното образование на овие деца. Тоа би требало да се организира и спроведува, пред с¢, со вклучување во редовните детски градинки заедно со другите деца, а за оние со потешки и со комбинирани недостатоци да се организираат и отвораат посебни групи за дневен престој во градинките.
Во градинките неопходно е да се вклучат посебни стручњаци-дефектолози кои ќе му помагаат на воспитниот кадар во чии групи ќе има вклучено хендикепирани деца и повремено врз основа на посебна изготвена програма индивидуално ќе работат и со децата.
Со децата кои ќе бидат вклучени во посебните групи за дневен престој исклучиво треба да работат стручни лица-дефектолози.
2.2 Основно образование
Основното образование, со оглед на неговиот век на постоење, може да се каже дека во последните неколку децении има остварено квалитетни резултати, пред с¢, во неговото стручно поставување и поопштествување. Поради тоа, може да се каже дека тоа денес се наоѓа во фаза на ослободување од класното обележје, од тесното професионално и доктринарно поставување, автономност и изолираност и на с¢ она што ја оневозможуваше изградбата на современиот систем на школување на оваа популација, како дел на современите системи на заштита, едукација и рехабилитација на хендикепираните лица.
Но, неможе да се каже дека тоа во целост е поставено врз таква основа што би можело со максимално можен ефект да го остварува своите цели и задачи. Поради тоа, во последно време дојде до израз меѓународното движење за отстранување на воочените слабости и недостатоци, до неговото посовремено поставување и до започнување со интегративните процеси.
Реформните зафати на образованието во нашата земја кои се извршија досега имаа значајно но недоволно влијание врз постојното школство. Поради тоа, во последните децении дојде до организирано и силно движење во нашата земја за реформа на специјалното воспитание и образование, со барање за нормализација и интеграција.
Основното образование треба да биде достапно за сите хендикепирани деца (деца со оштетен вид, деца со оштетен слух, деца со пречки во психичкиот развој, телесно инвалидните деца, деца со аутизам, деца со церебрална парализа и др.). При тоа да се настојува максимално вклучување на истите во редовните училишта заедно со другите деца, таму каде што е тоа можно според видот и степенот на попреченоста на децата и овозможените услови (просторни, кадровски, опрема и техника) и исполнување на другите потребни подготовки (подготвување на: децата со хендикеп и без хендикеп, на родителите и на едните и на другите деца, на наставниците во чии одделенија има вклучено деца со хендикеп, изготвување на посебни програми за индивидуална работа со децата; обезбедување на потребната опрема и отстранување на постојните бариери; вклучување на стручни лица-дефектолози во редовните училишта за работа со наставниците во чии одделенија има вклучено ученици со хендикеп и за работа со таквите ученици во текот на денот врз основа на посебни програми и друго).
Исто така ќе треба да се настојува посебните (специјалните) основни училишта с¢ повеќе да опфаќаат деца со потежок и комбиниран хендикеп и да ги превземат и извршуваат новите задачи во врска со вклучените ученици со хендикеп во редовните училишта, односно ќе треба постепено да ја превземаат улогата на "ресурс училишта", односно "ресурс учители", во покривањето на одделни редовни училишта каде има вклучено ученици со хендикеп.
1.3 Средно образование
Средното образование треба да му овозможи на младиот човек подигање на општата култура и стекнување на практични знаења и умеења за определен вид работа и оспособување на работниот човек за исполнување на правата, обврските и положбата на човекот како општествено битие.
Реформираното средно училиште го зафаќа и специјалното школство, бидејќи и тоа треба да му обезбеди на лицето со пречки во развојот поголемо работно и општествено-економско образование, оспособување за натамошно образование, со оглед на неговите психофизички можности, за општествен живот и самоуправување и за слободен развој на личноста. Тој систем главно обезбедува:
- исти почетни основи;
- еднакви услови на школување во заедничката фаза на другата целост на насоченото образование и воспитание и
- еднакви можности за поминливост во втората фаза на средното образование и воспитание.
Како што не може воопштено да се зборува за основното образование на децата со пречки во развојот, исто така не може воопштено да се зборува во однос на средното образование.
Објективните специфичности на состојбата на лицата со пречки во развојот ја наметнуваат потребата за усогласување на концепциите за нивното насочено образование заради остварување на конечните цели на рехабилитацијата, како што се:
- стекнувањето на средно образование што ќе ñ овозможи на оваа младина успешно вработување, а за дел од неа ќе биде и добра основа за натамошно образование;
- вклучувањето на оваа младина во занимања и работи врз кои ќе можат целосно да ги искористат своите способности и да бидат толку успешни што себе си да си обезбедуваат личен доход неопходен за самостоен или за делумно самостоен живот;
- формирањето на таква личност која со сета своја работа и однесување би се стремела кон што поцелосна самостојност, односно кон помала зависност од семејството, од општествената заедница и од нејзините служби во врска со грижата за задоволување на основните и на специфичните потреби, и би се оспособила во услови на својот инвалидитет да работи во редовната, а само исклучително во релативно заштитена животна и работна средина.
Средното образование ќе треба повеќе да се осовремени. Тоа ќе треба посмело да ги прати интеграционите процеси, се разбира со претходно обезбедени и исполнети услови, кои беа набројани за основното образование. За оние ученици со потежок и комбиниран хендикеп за кои ќе има потреба да се организираат и работат посебни средни училишта ќе треба да се разработи посовремена концепција за организацијата, системот на образованието, изборот на занимањата, осовременување на наставата, опремување со потребната опрема и наставно-аудио-визуелни и други технички средства.
2.4 Високо образование
Високото образование на хендикепираните лицата не задоволува. Има извесен број што студираат или што завршиле високо образование и сето тоа охрабрува за поголемо вклучување на сите хендикепирани лица кои се способни и за тоа имаат објективни можности и способности. Но, за да се постигне тоа ќе треба да се извршат поголеми подготовки уште во средното образование, односно најмногу ќе зависи и од оние мерки што ги наведовме за средното образование.
2.4 Професионална и работна ориентација
Решавањето на оваа проблематика треба да биде во корелација со специфичностите на објективните можности на рехабилитантите, обусловени од потребите од организацијата, од целите и од задачите на рехабилитацијата.
Целокупниот систем на образование и оспособување за работа на лицата со пречки во развојот во однос на професионалната и работната ориентација треба:
- да ги процени способностите и можностите на образованието и оспособувањето во определена насока;
- во максимална можна мера да им помогне да го разберат изборот на занимањето и да ги запознаат факторите што ги обусловуваат;
- да го развие потребниот интерес за определено занимање преку запознавање на поголем број занимања;
- да му помогне во максимална можна мера, со оглед на реалните психофизички можности, на рехабилитантот да учествува при донесувањето на одлука за избор на занимањето;
- да обезбеди мотивираност за занимањето или за работната дејност, кои одговараат на нивните психофизички способности, на интересот и на наклоностите.
2.4 Професионално оспособување и вработување
Проблематиката на професионалното квалификување и оспособување, како и потребата за организирање на научно засновани и поинтензивни мерки за работа со лицата со пречки во развојот е многу актуелна.
Работното оспособување треба да доведе до продуктивно вработување кое единствено овозможува интеграција во околината. Кога работи инвалидот, околината увидува дека не е неспособен и така се надминува основната заблуда и се олеснува неговата интеграцијата во средината каде што живее. Така се овозможува неговиот живот да биде исполнет со задоволство и достоинство.
Искуството и науката потврдија дека:
- активната работа е подобра од пасивната, бидејќи дејствува попозитивно врз околината;
- работата на автомат и слично исто така е поимпресивна;
- работата која бара дисциплина дава подобар впечаток;
- работата во редовни услови делува поимпресивно отколку работата во заштитни услови;
- висината на заработувачката исто така е знак на престиж на работа.
Компоненти на системот на професионалното оспособување:
- селективниот процес на оспособување бара индивидуален пристап на секој рехабилитант и подготовка на програмата на средно образование што одговара на неговите способности и потреби;
- професионалното оспособување уште во текот на основното училиште низ работното и техничкото воспитување и во текот на наставата служи за да се подготви ученикот за работа и живот;
- поширокиот избор на работите, а не на една операција се покажува нужна во современиот процес, каде што етапите бргу се менуваат и едни исчезнуваат, а други настануваат;
- самото оспособување и совладување на социјалните вештини во секојдневниот живот треба да биде според барањата на околината (превозот, исхраната, облекувањето, комуникациите со околината и др.);
- ефикасната служба за барање и вклучување во работата најдобро е да им се довери на заводите за вработување, што ги познаваат облиците и условите на работа, а имаат постојана врска со производните организации.
Оспособувањето и вработувањето на хендикепираните лица максимално ќе треба да се организира и спроведува во отвореното стопанство, односно на постојните работни места за сите лица и да им се даде подеднаква можност според стекнатите квалификации и можности. Се разбира таму каде што тоа не ќе може да се организира и спроведува од објективни причини, поради видот и степенот на попреченоста или не постоење на услови од техничко-технолошки карактер, ќе биде потребно да се извршат претходно потребните подготовки за сето тоа.
За оние лица со потежок и комбиниран хендикеп ќе треба и понатаму да се задржат, организираат и усовршуваат заштитните работните организации (заштитни работилници) што ќе работат под посебни услови.
Исто така ќе треба да продолжи и понатаму отворањето на дневните центри за работна окупација и активности за возрасните лица со потежок и комбиниран хендикеп.
3. Социјална заштита
3.1 Заштита на лица со тежок и комбиниран хендикеп
За оние лица со најтешка и комбинирана попреченост, кои од било какви причини ќе имаат потреба да бидат стационирани во посебни социјални установи, ќе треба максимално да се настојува таквите установи да бидат што е можно со помали капацитети и да бидат отворани и организирани што е можно поблиску до семејствата на ваквите лица.
Врз основа на ова ориентација, ќе биде потребно да започне процесот на реорганизација и реформа на постојниот Завод во Демир Капија, односно да започне процесот на намалување на сегашниот капацитет и непримање на нови корисници, и подобрување на условите за живеење и третман на оние што се сега таму и што ќе останат понатаму.
За започнување на оваа реформа ќе мора претходно да се обезбедат потребните услови: подготвување на надлежните органи во општините за прифакање на лицата со потежок хендикеп кои се корисници на Заводот; согледување на проблемот и донесување на соодветни одлуки; отворање на дневни центри во општините каде ќе се вратат сегашните корисници на Заводот за кои постојат објективни услови; дел од корисниците (што се сместени во депандансот на специјалниот завод) да се преместат и вклучат во Заводот за рехабилитација на деца и млдинци Скопје како и обезбедување на материјални, просторни и кадровски услови за сите овие форми на згрижување.
3.2 Заштита и третман на деца со аутизам и церебрална парализа
Со оглед на тоа што до денес не е ништо сторено во нашата Република по однос на децата со аутизам и децата со церебрална парализа, потребно е во прв план во активностите што ќе се превземат од надлежните органи да се донесат соодветни решенија и одлуки за организирање на соодветен третман на овие лица, со отворање на потребните дневни центри за истите. Со ваквиот чекор ќе може во најскоро време да се излезе во пресрет на големиот број на родители што го бараат тоа.
3.2 Други форми на третман
4. Вклучување на родители во третманот
Во сите фази, односно делови и компоненти на третманот на хендикепираните лица ќе треба максимално да се вклучат родителите, односно семејствата на лицата со хендикеп. Тие треба да бидат рамноправни партнери на стручњаците во процесот на третманот.
Исто така ќе треба да се проучи обликот за сместување на младинци и возрасни хендикепирани лица за сместување во претходно обезбедени станови во станбени згради (купени или изградени) како што постои пракса во светот. Да се сместуваат по 5-6 такви лица каде што ќе живеат и обавуваат активностите со помош на едно стручно лице (дефектолог). За таа цел ќе треба да се изгради концепција, да се донесе одлука од надлежните органи и да се обезбедат потребните материјални и кадровски услови.
5. Вклучување на хендикепираните лица во општествениот
живот
Треба да се создадат услови и да се настојува хендикепираните лица односно инвалидните лица што помасовно и активно да се вклучат во сите активности (опшествено-политички, културно-уметнички и спортски активности), не само во своите инвалидски организации туку и надвор од нив.
6. Стручен кадар за работа со хендикепираните лица
Со потребниот стручен кадар за работа со овие лица (дефектолози, психолози, педагози, социјални работници, инструктури и др.), за сега можеме да констатираме дека сме задоволни бидејќи се организирани потребните високо-образовни установи за подготвување на овие кадри.
Потребно е во стратегијата да се предвиди потребата од дополнително стручно усовршување и информирање, особено со запознавање и пренесување на стручното искуство од земјите со поразвиени системи и практично искуство.
Потребно е да се обрне посебно внимание на кадрите од редовните воспитно-образовни установи што ќе работат со интегрираните деца. Просветните и другите стручни работници во редовните училишта не се оспособени за работа со хендикепирани деца. Во досегашниот период не е превземено ништо во таа смисла да им се помогне, па дури и тоа што постоеше е укинато. Имено се укина предметот дефектологија кој долго време се предаваша на групата педагогија на Филозофскиот факултет и на Вишата школа за социјални работници, односно Институтот за социјална работа и социјална политика. Во врска со тоа е потребно Министерството за образование, Филозофскиот факултет и Педагошките факултети да се ангажираат да се воведе предметот дефектологија на сите факултети што оспособуваат наставен, здравствен и социјален кадар.
Поради тоа што досегашниот кадар не е запознат со проблематиката на хендикепираните деца, ќе биде потребно од страна на Педагошкиот завод да се организират советувања, семинари и други облици за стручно оспособување на овие работници за да можат да работат со учениците што ќе бидат вклучени во нивните установи, се разбира со помош на дефектолозите што ќе работат во нивните установи. За таа цел ќе треба да се изготви Програма за стручно и организирано подготвување на овие кадри од страна на Министерството за образование, а на предлог на Педагошкиот завод и Институтот за дефектологија.
7. Информативни средства и информирање
Потребно е да се продолжи со масовно вклучување на медиумите во информирањето за проблематиката, потребата и правата на лицата со хендикеп. Исто така тие ќе треба поактивно да се ангажираат преку редовното и стручното информирање да помогнат за промена на свеста кај граѓаните за лицата со хендикеп во пошироката јавност (гледање на овие лица како на рамноправни граѓани, да се прифатат во средината на живеење, во работа и во општествената активност).
8. Други права
- Потребно е да се овозможи воспитно образовен и рехабилитационен процес на хендикепираните лица сместени во болнички услови.
-
Исто така треба да се овозможи заштита, образование и рехабилитација на сите возрасни инвалидизирани лица, особено на оние што подоцна се стекнале со инвалидитет.
- Да се овозможи бесплатен градски превоз на учениците и другите лица со хендикеп.
- Да се овозможи понатамошно зголемување на правата од ослободување на царински давачки за техничко-технолошки и аудио-визуелни средства потребни за овие лица.
- Ќе треба да се настојува од страна на надлежните органи во сите нови објекти и нови улици одстранување на бариерите за комуникација, а во постојните објекти да се изврши одстранување на постоечките бариери.
- Да се овозможи бесплатно летување и зимување на хендикепираните лица, како и бесплатно посетување на кино престави, спортски натпревари, театарски престави, концерти, фестивали и др. манифестации кои имаат културно-забавен карактер или тоа да биде со минимално учество.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
Related Articles
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE