JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5657
Слободан ЈАКУЛИЌ
ИНТЕРПЕРСОНАЛНА КОМУНИКАЦИЈА ВО СОВРЕМЕНИТЕ УСЛОВИ
За оваа тема се одлучив, зашто живееме во време на настанувањето на некои “нови” интерперсонални комуникации, не само кај нас, туку и во целото цивилизирано општество. Човекот функционира само во општествениот контекст, така што е неопходно да се познаваат неговите интеракции кои не ја обусловуваат само комуникацијата, тука и не информираат како стапува човекот во односите со другите и со општествената заедница. “Сообразно на тоа квалитетот на тие интеракции го обусловува не само квалитетот на личното функционирање, туку и квалитетот на средината и на општеството како целина” (Марковиќ).
Оттука интерперсоналната комуникација е од големо општествено и индивидуално значење, така што историјата на човештвото ни покажува и докажува дека феноменот на интерперсоналната комуникација, од најраните времиња до денешни денови, го детерминира општественото битие на човекот, не само во рамките на семејството и на нацијата, туку и во рамките на општествената заедница во најширока смисла. Човекот е општествено суштество што е родено во група и во неа умира, во групата се развива или стагнира, а исто така во групата може да остане здрав да стане болен, среќен или несреќен, добар или лош, така што групата можеме да ја сфатиме како “матрица” на секој конструктивно-креативен но и деструктивно-патолошки развој (Амон), кое посебно се манифестира низ интерперсоналната комуникација.
Да не постои група, не би имало ни интерперсонално комуникација, барем не онаа што ја познаваме ние. Во светлото на теориските поставки за интерперсоналните односи и обработена и психологијата на групата, па така сега постојат и некои аксиоми што се однесуваат на односите на групата како што се:
- Кохезијата на групата го сочинува моралот на нејзините членови, усогласеноста на мотивите, кохезијата на групата зависи од целите, програмите, општествениот углед, а и од потребите на одделни нејзини членови. Кохерентна е онаа група во која се усогласени претходно наброените елементи;
- Влијанието на одделни членови внатре во групата зависи од уедначеноста на однесувањето на членовите на групата, значи треба определен конформизам, што би имал две функции: овозможување на групата да ги воспостави зададените цели да и ја продолжи егзистенцијата на групата. Меѓутоа, во општествената сила на групата нема таинственост, таа се базира врз одлуките создадени внатре во групата и истовремено врз дејствувањето на членовите на групата на кои службено или молчешкум им се доверува должноста на другите членови да им се наметнува послушност;
- Секоја група се формира заради постигање на оние цели што им одговараат на поединци внатре во таа група, а целокупната дејност на групата е насочена кон остварување на заедничките цели, кон одржување на групата но секогаш со цел донесување на корист на поединци и кон остварување на нивните поединечни цели;
- Иако групата мора да биде кохерентна, структурата на интерперсоналната комуникација внатре во неа е различна, како и социометриската структура, структурата на моќта, односно хиерархијата како и структурата на мобилноста;
- Власта во групата е анализирана од многумина автори, но со контраверзни заклучоци. Предмет на многуте расправи е утврдување на обележјата и на функциите на раководителите, како и облиците на поделбата на власта;
- Несомнено е, како што го тврди тоа Тротер, дека човековото членство во групата може да се согледа и како израз на таканаречениот “грегарен” или “афилијален” инстикт, кој покрај инстинктот на самоодржување, исхрана и секс, е еден од инстиктите што имаат енормна улога во животот на секое човечко суштество;
- Најпосле, секоја група покажува определена динамика “кон надвор”. Така на пример активноста на психотерапетските групи претежно е свртена “кон внатре”, а социотерапевтските “кон надвор”.
- Историски гледано интерперсоналната комуникација постои откако постои човекот, таа претставува некој примерен нагон, така што со развојот на општеството се развива и интерперсоналната комуникација.
- Теоретските претпоставки на интерперсоналните односи ги втемелиле лекарите поради потребата на практиката. Всушност, првите великани во оваа област Фројд, Мек Дудел не биле само врвни медицински стручњаци туку имале и голема терапевтска практика. Оваа историска врска меѓу интерперсоналните односи и практичната примена од оваа област посебно е прикажана во книгата на проф. Марковиќ “Интерперсоналните односи во рамките на човечката заедница” каде што авторот дава анализа на современата комуникација во светот, опишувајќи ја на реален начин како сосема сурова и патогена. Колку денес наивно звучат зборовите на Фром кој претпоставува дека доаѓа време кога човекот ќе најде простор за своите специфични потреби и менувајќи го општеството ќе ги усогласи своите желби и мотиви. Токму по оваа прашање Јаковлевиќ своевремено даде синтетички приказ на социопатогените општествени состојби, во кои според неговото мислење, генезата на факторите што влијаат врз менталното здравје на луѓето се:
- анахроната социокултурална средина
- дезорганизираната или дезориентираната социокултурална средина
- брзиот социјален развој на една средина
- трансплантацијата на општествените групи или на поединците во хетерогената социокултурална средина
Поставките на Јаковлевиќ укажуваат на патогеноста на современата средина, но малкумина автори дури и во светски размери укажуваат дека споменатите социокултурални растројства влијаат врз интерперсоналната комуникација и дека е тоа евидентно во секојдневниот живот. Општествените промени предизвикуваат страв кај луѓето, што пак ги користат разни лидери, што се кријат зад маската на лажната демократија, ова се огледа низ современата политичка манипулација со масите, низ кој “живите богови” во облик на “новиот светски поредок” ги користат социокултуралните растројства во целиот цивилизиран свет, за да ги реализираат плановите сообразно со сопствените мотиви и цели. Во ваквите околности е нарушена интерперсоналната комуникација, зашто таа е детерминирана со низа надворешни и внатрешни фактори, при што индивидуалното одлучување често има безначајна улога. Личноста според Марковиќ го губи своето индивидуално Јас, што е додатен фактор за растројството на комуникацијата.
Теоријата на “социјалниот интеракционизам” (М. Меад) се занимава токму со анализата на настанувањето на “индивидуалното Јас” во тековите на човечката комуникација. “Личноста е нешто што се разива, се јавува во процесите на социјалното искуство и активноста, т.е. се развива како резултат на односите на поединецот со другите луѓе”. Не може да се стане човечко суштество, индивидуата не може да оствари здраво човечко јадро на личноста што ја нарекуваме самосвест, одговорност, морално Јас, без контакти и интеракција со другите луѓе, или пак доколку е таа интеракција патолошка. За жал, како што вели Фром, човекот мисли и го сака она што другите веруваат дека треба да мисли, да чувствува и да сака, поради тоа е и толкава желбата на сите политички системи да ги овладеат медиумите, за да можат да манипулираат со мислењето на поединецот. Марковиќ предлага оптимална интерперсонална комуникација, како и интеракција на човекот и средината, што би создале услови за максимално историски можно самореализирање на човекот, а во смисла на превентива на нарушената интерперсонална комуникација. Меѓутоа, според моето мислење, не само нашето општество туку целокупната светска заедница моментално се наоѓа во состојба на различни социопатолошки состојби, што варираат од земја до земја, па денес превентивата ми звучи утопија.
Луѓето се инхерентни општествени суштества и тие за својата дејност се мотивирани првенствено од општествените стремежи, тие се поврзуваат со другите луѓе и го освојуваат стилот на животот кој претежно е поврзан со другите луѓе а кој е претежно општествено ориентиран-забележува Адлер. Меѓутоа Фрејд, Јунг и Адлер исто така го подвлекуват и значењето на биологистричкото во човекот во однос на личноста, па и на комуникацијата. Така Фројд говори за либидо, Јунг ги истакнува приморијалните мисловни калапи, а Адлер ја нагласува вродената склоност кон чувствување на заедништвото. Од овие тројца великани на психолошката и психијатриската мисла, Адлер значително повеќе од споменатите автори ја нагласува општествената ориентација на однесувањето, а со самото тоа и комуникацијата.
Склопот на егзистенцијата “битието на светот”, според Хајдегере поим што ја означува состојбата на постоењето во светот во кој целокупната егзистенција на поединецот, што постои и што мора да постои, може да се пројави, да настане и да биде присутна. Луѓето немаат егизстенција освен во светот, и светот нема егзистенција освен со луѓето. Основната особина на “суштествата во светот” е неговата моќ на восприемање и одговорот на она што живеат во светот за да го нагласи нераздвојното единство на “суштествата во светот”. “Суштеството во светот” го лечи расцепот меѓу субјектот и објектот и го воспоставува единството на човечките суштества во светот. Човечките суштества секогаш коегзистираат или живеат заедно во истиот свет, човечката егзистенција никогаш не е приватна, освен во определени патолошки состојби, светот секогаш е дел со другите.
Следејќи ги претходно цитираните великани на психијатриската мисла, Марковиќ вели: “И на крајот можеме да кажеме дека успешната интеракција не е само корисна за поддржување на поединецот, туку од квалитетот на односот со другите зависи и општественото здравје, социјалната и психолошката рамнотежа. Така нарушувањето на интерперсоналните односи често е извор на психички тегоби, нарушување на социјалната рамнотежа што пак предизвикува судири, жаришта па и војни, чии сведоци денес сме ние”.
Многу трудови на Саливан се однесуваат на полето на интерперсоналните односи. Теоријата на Саливен тргнува од претпоставката дека на функцијата на интерполарните односи и се дава биолошка основа, иста како што ја има на пример нагонот за самоодржување. На таа човечка потреба за комуникација со околината Саливан í дава првенствена вредност и нагласува дека без неа не може ни да се замисли природното психичко реагирање. Според него не постои личност како единка и таа се забележува само по пат на нејзините интерперсонални односи. Врз таа основа Саливан смета дека феномените воведени во психологијата како на пример импулсот, мотивацијата, садизмот, мазохизмот итн. се само јазични експресии на функцијата на интерперсоналните, односно на меѓусебните односи, а особините на личнота, здравите или болните не се последица на задоволувањето или фрустрацијта на нагонот, туку можности и начини на поврзување на индивидуата со околината. Личноста би била склоп на интерперсоналните односи. Според овој автор, погрешното воспитно влијание може да биде извор на болеста, како резултат на лошите интерперсонални односи, па затоа Саливан или дава важност на психотерапијата, на трансферот и на контратрансферот, како и на улогата на психотерапевтот, кој во процесот на лечењето мора да влезе со определена доза на здравје, за да може да биде во можност да ја регулира нарушената интерперсонална комуникација.
Хуманистичката теорија на Фром тргнува од претпоставката дека здравјето е способност на спонтаното воспоставување на односот со другите луѓе и со природата, а при тоа да не се жртвува сопствената индивидуалност. Во човечката природа, според овој автор, нагонските мотивации имаат секундарна улога, а примарната човечка мотивација е од социјална природа, па може да се пројавува како потреба за поврзување со другите луѓе, за постојано усовршување, за познание, потреба за творештво, уметност, работа во науката и за заземање на определена положба во хиерархијата на заедницата.
Во врска со оваа постапка многу трудови се занимаваат со социјалната мотивација на лидерите, со нивниот начин на комуникација, но и со комуникацијта на групата со која владеат тие. Водачот и неговите следбеници се во динамична поврзаност. Следбениците се свесни за чувството на немоќ на инферираност, не се несвесни за својта желба за моќ, што се задоволува со идентификувањто со моќниот, често мегаломански водач.
Историјатот на интерперсоналната комуникација опширно му се презентира комуникацијата низ вековите од “археологијата на комуникацијата” до современата комуникација преку медиумите. Со оваа проблематика би го поврзал и поглавјето за омразата и интерперсоналната комуникација, зашто современата комуникација во светот е кај нас, посебно онаа пласираната преку некои медиуми има значајни елементи на омраза. Во неделникот Фокус (Минхен, 9 мај 1996) под наслов “Омразата стигнува со интернетот” во опширната статија се изнесуваат застрашувачки можности на Интернетот во промоцијата на омразата на националисти од разни бои. Нивниот повик за борба против црнците, Евреите, Србите итн. трепери преку компјутерскиот монитор. Десно ориентираните блујачи на отров со своите изопачени и гнасни клевети го кријат идентитетот со Интернетот. Модерната техника ги претворила некои јавни средства на комуникација во моќно оружје за манипулирање со луѓето со немораливи размери, чии ефекти, за нас сî уште непознати ефекти, можат само да се насетат. Веќе во светот се појавуват гласови за цензура на Интернетот (Абрахам, Купер, Визентал) и тоа за “доброволна цензура”, за да се затворат страниците на омразата. Меѓутоа, со оглед на западната “демократија” мали се шансите оваа цензура и да се изведе.
- Во психијатријата и во психологијата често се говори за психичка нормалност и за психичка абнормалност, за поими разно дефинирани од разни автори, но со сигурност може да се тврди дека комплексноста на поимите на психичката нормалност и абнормалност, упатува кон комплексноста на нормалната и патолошката комуникација, зашто нормалното и абнормалното, здравото и болното е недоволно дефинирано во интерперсоналната комуникација, особено кога се набљудува феноменолошки а не динамички, односно длабинско-психолошки, така што како што можат две клинички слики да имаат различна психодинамика и поголема (Vice Versa) а тоа исто така важи и за интерперсоналната комуникација.
- Психопатологијата и интерперсоналната комуникација исто така се предмет на разгледување на многумина автори. Уште во мислиењето на Саливан стремежот на психијатрискиот и на психолошкиот интерес се пренесува на поединецот, како биолошки обусловена единка, на поединецот како дел од групата, поточно на интерперсоналните односи како генератор на психопатологијата. Предметот на психијатријата наведува овој автор “не е присутна болеста на поединецот, туку процеси што се одигруваат меѓу луѓето”. Опсегот на психијатриското интересирање се интерперсоналните односи и тоа во сите облици и околности во кои постојат. Се покажа дека личноста никогаш не може да се издвои од склопот на интерперсоналните осноси во кои таа егзистира. Значи и терепијата мора да биде насочена кон воспоставување на интерперсоналните односи, што е и основна цел на ресоцијализацијта на сите па и на хендикепираните лица. Така и во психијатријата, во психологијата во дефектологијата се јавуваат методите кои за терепевтски цели ги користат интерперсоналните односи, односно динамизмот на човековото постоење во групата, што значи дека групата во сосема определена смисла станува инструмент на терапевтската постапка (Вељковиќ Ј., Ѓуриќ З.).
Интерперсоналната комуникација е поврзана и со агресијата. Уште Адлер укажал дека агресивноста е поважна од сексуалноста. Малку подоцна истиот автор импулсот кон агресивноста го заменува со поимот “Волја за моќ” за подоцна “волја за моќ” да го замени со поимот “стремеж кон совршенство”. Така Адлер го изнесува главниот стремеж на човекот: Да се биде агресивен, да се биде моќен, да се биде совршен. Адлер децидирано изнесува дека под совршенство не го подразбира општеството истакнување, преземање на водството, ниту угледната положба во општеството, туку мошне слично на Јунговиот поим јамство или Голдштајновото начело на самоостварување, а агресијата е како еден од двата клучни нагони на манихејското двојство секогаш присутни во човечката комуникација.
Интерперсоналната комуникација е тесно поврзна со културата и религијата. Уште Тајлер ја дефинирал културата како комплексно заедништво, што подразбира уметност, вера, морални правила, правни норми, обичаи и навики што ги стекнал човекот како член на општествената заедница. Вака дефинирана културата ги опфаќа специфичностите што не се занемарливи во контекстот на интерперсоналната комуникација. Потврда за оваа постапка се добива (замислете!) со читањето на книгата “Љубовта и смртта кај Балиј” (Вицки Баум). Културните норми кај Балиј искажуват посебен облик на интерперсоналната комуникација, комуникација која во белиот човек му е тешко поимлива, а таа притоа е главниот фактор на недоразирањето меѓу домородците и Холанѓаните, и извор на многу непотребни недоразбирања и човечки жртви.
За Јунг, религијата, пред сî, е универзален, човечки феномен. Сликата на некое вишо суштество кое на непредвидлив начин управува со Космосот, а има удел и во поединечното човечко дејствување. Архетип, наследниот психички “талог” е сопственост на колективното, несвесното на секој од нас. Идејата за Бог треба свесно да му се признае на човекот вели Јунг, “зашто инаку по правило што и да било друго станува Бог”. Верската комуникација, како и културната има свои специфичности што се слабо обработени во нашата литература, зашто нашиот човек низ претходните децении го изгубил Бога и го заменил со разни сурогати, пред сî, со секти, а пак да го цитирам Јунг “религијата и припаѓа во целост на личноста, динамичен е факторот во живата душа на човекот, и човекот не живее целосно ако нема религија во себе”.
Во светот на иднината веројатно ќе егзистира информативното општество, човекот ќе комуницира со целиот свет. Илјадници стручњаци од разни профили денес ја развиваат и ја проучуваат инфраструктурата на иднината што треба да одговори на клучни прашања на општествениот развој на XXI век, а првенствено се занимава со социјални и со организациони иновации кои на овие нови технологии ќе има смисла и општествена оправданост. Визиите на разни модели на информатичко општество се слични, но поради различното културно опкружување, како и степенот на општествениот развој и креирањето на шансата за разни социјални слоеви, оние (визии) заслужуваат посебна обработка во секое општество одделно, па веројатно и овде проблематиката ќе биде предмет на интересирање на компетентните научници во иднината.
Материјата што му ја презентирам на слушателот и на читателот е во стилот на “благонаклонетиот еклектизам”. Изнесов многу хипотези и теории за интерперсоналната комуникација без каква и да било пристрасност, без желба да ги спротивставувам теоретските претпоставки и да предлагам некои нови решенија. Се обидов да бидам строго неутрален и тоа според моето мислење има добри страни, зашто на слушателот и на читателот му оставам самиот да размисли, некои теории да ги прифати, а некои да ги отфрли. Мислам дека е тоа чесен однос, зашто статиите и книгите во кои доминира “теоретскиот империјализам”, односно маѓепсаноста на авторот од една хипотеза можат да предизвикаат доктринарни мислења, кои по прашањето на изложената материја за интерперсоналната комуникација би можеле да имаат многу повеќе штета отколку корист.
Со изглед на постоењето на мноштво теории за интерперсоналната комуникација, се поставува прашање дали е непожелно да се има толку противречни гледишта во една емпириска област? Теоретичарот може да изврши синтеза, да ги установи заедничките фактори. Меѓутоа, многу теории на интерперсоналната комуникација недостапно се јасни и дијаметрално различни, така што во ваквите случаи е невозможно да се споредат нивните елементи со елементите на другите теории. Останува уште многу да се направи на ова поле па оваа тема, битна за поединецот, средината и општеството во неговите најшироки размери нека биде предизвик за идните истражувања.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
Related Articles
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE