JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6096
Кирил ТЕМКОВ
Д-р ТРАЈАН ГОЦЕВСКИ: “ОБРАЗОВЕН МЕНАЏМЕНТ”
(ПРВА КНИГА ЗА УСПЕШНО СОВРЕМЕНО РАКОВОДЕЊЕ СО ОБРАЗОВАНИЕТО)
Иако сите излози на книжарниците во развиениот свет се преполни со книги за менаџерството, таквата литература не е многубројна кај нас. Покрај неколку добри учебници од наставниците на Економскиот факултет (проф. Бобек Шуклев и др.), само малку преведени книги и еден лексикон на менаџерски поими, што ги задоволуваат основните студиски потреби, нашите библиотеки се сиромашни со книги за менаџерството, особено со оние што се однесуваат на раководењето во одделните области на дејствувањето. Таква една многу значајна и потребна книга за организацијата и раководењето во образовните, научните и сличните институции, како едно од првите опстојни и валидни дела кај нас за овој нов животен, дејствен и економски светски тренд, е неодамна излезената студија “Образовен менаџмент” од д-р Трајан Гоцевски, доктор по економија и професор по Економија на образованието на Филозофскиот факултет во Скопје.
Оваа обемна книга е напишана од еден од најпродуктивните научници во општествените науки (оваа е негова 25 книга) и истовремено еден од најспособните раководители во нашата држава, кој имал неколку истакнати раководни функции, што ги врши со успех-меѓу другото бил прв цивилен Министер за одбрана на Република Македонија, раководител на Институтот за одбрана и заштита и на неговите постдипломски студии, како и Декан на Филозофскиот факултет во Скопје. Од таквата симбиоза на големо научно, наставно и раководно искуство произлезе и оваа прва посебна студија за менаџерството во најраширената област на општествените дејности кај нас-образованието.
Менаџерството е нов и незаобиколив факт на новото човештво. Со невидениот развиток на економијата, на сите области на земјата и животот, а во тие рамки и на сите општествени дејности, со развојот на техниката и технологијата, како и на производството и по обем и по видови производи и по сложеност, со подемот на светската размена на побарувачка, со брзиот растеж на светското богатство и со забрзаното минување од една во друга индустриска или технолошка фаза, со огромниот пораст на бројот на вработените-се наметна голема и незаобиколна потреба од усовршувањето на севкупната организација на сите дејствени процеси, т.е се истакна значењето на раководењето со тие разбујани и сé посложени дејности. Менаџерството всушност, е оној процес на раководење-како планирање, организирање, спроведување на замисленото, работа со луѓето и контрола на дејствата.
За таа цел во современото човештво се роди замислата и реалноста на подготвување и ангажирање на луѓе-познавачи на таквите големи и комплицирани задачи, во што се вклучени и последици по вложениот капитал, искористување на ресурсите, посебен напредок на таа дејност и вкупен напредок на сето општество, одговорност за луѓето што се поврзани со таа дејност итн. Менаџерите се оние што добиваат вакви задачи, а нив можат да ги извршат бидејќи знаат како да се раководи на модерен начин, имаат знаење потребно за добра организација, од нив се бара и тие можат да реализираат дејства што ќе дадат успех и покрај нивната сложеност и тешкотиите во извршувањето. Менаџерството претставува нов вид ангажман на луѓето во рамките на економските и другите процеси (до скоро тоа го правеа самите сопственици или дејственици) и современ начин на решавање на севкупниот процес на замислите за некое дејствување, на неговото извршување и на смислата на одговорноста за негов успех.
Тоа толку го измени начинот на дејствување во нашиот век и толку ги унапреди движењата во сите области, што, кога се размислува за нашето столетие, тоа се нарекува-век на менаџерството. Менаџментот како потреба, дух и стварност толку е значаен за севкупниот живот, што во сликата на нашето бурно столетие е дури поважен и од огромните забрзувања во сообраќајот, или од радикалните технолошки промени, или од развојот на комуникациите и информациите, или од резултатите од многуте социјални револуции, или од страдања во светските војни и во современото време, со менаџментот посигурно се броди по разбранетите мориња на невидениот светски прогрес во сите области и дејности.
Всушност менаџерството е продукт на модерното сознание дека со подобра организација на работата се постигнуваат подобри резултати со исти ресурси. Великите мајстори и иноватори во водењето на големите фирми и на значајните економски и човечки ресурси на нашиот век почнаа да употребуваат нови методи, иновации и интересни решенија-така од менаџментот правејќи базична претпоставка на секоја дејност која вклучува повеќе луѓе, има позначајни задачи и има потреба од искористување на можности за негов креативен пристап. Менаџментот така се престори не само во продуктивен неопходен економски фактор, туку и во првокласен културен елемент на денешниот светски развиток.
Врз основа на таа животна реалност се развиени значајни теории, создадена е огромна литература и се отворени многу академски институции каде што се истражуваат смислата и примената на менаџментот и тие сознанија се применуваат во разбранетото студирање на милиони млади луѓе што своите знаења ќе ги стават во служба на унапредување на дејноста со методите на раководењето. Животот со нетрпение нив ги очекува.
Со тие духовни состојби комуницира, односно на новите сознајни потреби во нашето живеење и дејствување одлично им одговара книгата “Образовен менаџмент” од професорот д-р Трајан Гоцевски, иако е прва ваква книга кај нас, заради што е сеопфатна, добро конципирана и мошне прегледна посебна студија за менаџерството во образованието и во сличните дејствени области.
Книгата “Образовен менаџмент” од професор Гоцевски е книга направена според теркот на светските студии за вакви научни области. Со големите знаења, информираност, педагошко и научно искуство и писателска вештина на нејзиниот автор, таа претставува и научна книга за една широка и значајна област на човековите духовни и развојни потреби и исклучително добар учебник и за студентите и за перманентното образование на оние кој дејствуваат во сите видови образование или се поврзани со нив.
Откако во првиот дел се дефинира менаџментот и се зборува за негова улога, во книгата “Образовен менаџмент” посебно се прикажани аспектите на менаџментот како професија и умешност. Приказот на многубројните и сложени функции на менаџментот, кои опфакаат планирање, организирање, кординирање, мотивирање, и контролирање на активностите, е проследен со истражувањето на нивоата, видовите и принципите на менаџментот.
Во вториот дел од книгата, д-р Трајан Гоцевски, кој го воведе и го предава образовниот менаџмент како нов предмет на Филозофскиот факултет, каде што се образуваат наставниците и идните раководители во образовните институции, зборува за образованието како систем и за суштествените аспекти на економијата и образовната дејност. Ова е нов поглед кај нас за успешно спроведување на сложената дејност на едукацијата. Имено, за тоа не се водеше посебно сметка ниту во досегашното образование на идните наставници и училишни управници, ниту во едукативната реалност. Економската и организациона димензија на дејствувањето на овие институции беше препуштена на талентот, снаоѓањето и патемното образование на нејзините водители. Професор Трајан Гоцевски укажува дека и на овој аспект треба да му се обрне големо внимание, доколку очекуваме нашите образовни и слични институции да остваруваат вкупни подобри резултати. Всушност, во овој дел од книгата се укажува на потребата и реалноста од пазарното однесување на воспитно-образовните институции, во што спаѓа цената на образованието и понудата и побарувачката на полето на оваа барана услуга. Овие поглавја завршуваат со истражувањето на проблемот на инвестициите и на продуктивноста во образованието, како и со прашањето на расподелбата на образовната и сличните области.
Третиот дел од книгата зборува за потребата од образовен и научен менаџмент и за тоа што треба да работи менаџерот во образованието, какви треба да се неговите способности, што видови на активност од него се очекуваат, што се елементите на неговата успешност, како се очекува да ја раководи управата на образовната и научната институција и какви треба да се неговите односи со општеството и со другите области на дејствување како природни опкружувања на неговата институција. Посебен аспект на ова дело претставува оргиналното искажување на професор Гоцевски за претприемништвото во образованието, во науката и во други слични дејности.
Во четвртиот дел мошне детално се разгледува процесот на менаџментот во образовните институции. Најнапред се истражува планирањето во образованието и многубројните современи методи на планирање на кадрите, како и планирање на развојот на образованието и принципите на планирањето на кадрите. Организација на работата се проследува со посебна анализа во предучилишното, основното, средното и високото образование.
Управувањето со образовните институции исто така посебно е разработено според степенот на училиштата. Координирањето на дејноста се разгледува со оглед на неговите видови, принципи и методи, како и со оглед на факторите од што зависи и успешноста на дејноста. Мотивирањето е истражено со оглед на основните теории за мотивираноста, видовите мотиви и процесот на мотивизација и нејзините принципи. Факторите на мотивацијата се проследени со искажувањето за менаџерот како мотиватор на образовната активност.
Детална анализа на прашањето за процесот на контролата на образованието, како и за техниката и значењето на одлучувањето во образовните институции, ја завршува оваа обемна книга, одлично систематизирана, полна со податоци и аналитички научни материјали за суштината и одвивањето на процесот на менаџментот во образовните и сличните установи.
Книгата “Образовен менаџмент” од професор д-р Трајан Гоцевски е дело на исклучителен упатен научник, еден од најплодните автори во нашата земја. Вакви книги нема многу по светот, а во околните земји никој не учи ни Економија на едукацијата, ни Менаџмент на образованието. Во ова свое најново дело д-р Гоцевски покажува голема вештина во склопувањето на материјалот и во неговото систематско и прегледно изложување. Во книгата е проследена најновата литература од оваа област. Особено се допаѓа убавото вклопување на научните методи и сознанија во читливо четиво. Секој дел од книгата “Образовен менаџмент” претставува по себе убав и обемен приказ на одделни прашања на менаџментот воопшто и на особениот менаџмент во образованието и во сличните дејности.
Ова најново дело на нашата современа економска-педагошка мисла е неопходно за разбирање на огромните проблеми што стојат пред образованието, науката и другите слични дејности како едни од најразвиените и најсложените дејности во современото човештво. Но, делото “Образовен менаџмент” истовремено ги покажува и патиштата по што образовните и научни дејци можат и треба да одат во нивното планирање и изведување за да биде од вистинска полза за корисниците. А корисниците на образованието и науката денес се сите луѓе на едно општество.
Затоа книгата “Образовен менаџмент” од професор д-р Трајан Гоцевски не е само еден од универзитетските учебници или опстојни научно-истражувачки студии и прегледи, туку неизбежно дело за практиката. Оваа книга треба да ја проучи секој педагог, менаџер и политичар, пред да донесат било какво решение што се однесува на организацијата, спроведувањето, менувањето и иновацијата на образовниот и сличните процеси-зашто делото “Образовен менаџмент” од професор д-р Трајан Гоцевски донесува неопходни знаења, без што повеќе не ќе можеме да дејствуваме, да донесуваме правилни одлуки и да имаме успех во работењето.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
Related Articles
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE