JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5724
Сунчица ДИМИТРИЈОСКА
СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ
ОД АСПЕКТ НА НОРМАТИВНО-ПРАВНАТА РЕГУЛАТИВА
Односот кон децата со пречки во психичкиот и физичкиот развој е определуван од човековата заедница на различни начини, од сепарација и посебно обележување, до посебна заштита на овие деца. Долго во човековата историја, односот кон овие деца е означуван како “мит на сепарација” и “обележување”. Овие деца долго се издвојувани во посебни установи и азили. Последиците на ваквото однесување и денес се забележителни кај многу луѓе во заедницата, кои под општ назив се обележуваат како стигматизација-обележување. Обемот и содржината на оваа појава се врзува за многу фактори. Се смета дека културно-образовниот и социо-економскиот статус можат да имаат пресудно влијание во спречувањето или јавувањето на несаканите последици при зачнување, породување и раниот развој на детето. Етиологијата на многу статуси е позната и проучена и може да се држи под контрола.
Сознанијата на современата наука покажуваат дека постојат бројни можности за спречување и контролирање на причините и условите на попреченост, како и ублажување и отклонување на можните последици до кои доведува попреченоста во физичка и психичка смисла, а со тоа и вкупниот развој на децата.
Социјалната заштита во Предлогот на Законот за социјална заштита (1996) се дефинира како: “Организирана дејност од страна на државата за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот, семејството и целото население во текот на животот”. Понатаму се истакнати и социјалните ризици, како ризикот по здравјето (болест, повреда, инвалидност). Меѓу облиците на заштита на децата со пречки во психичкиот и физичкиот развој и надминување на причините и последиците, од посебно значење се: превенцијата, раното откривање и категоризацијата.
Превенцијата ги опфаќа создавањето на услови за раѓање, негата и постигнувањето сестран развој на детето. Ако се познати примарните (генетски) и секундарните (во најширока смисла на зборот општествени фактори, причини и услови), се организираат и посебни мерки на превенција, каде што посебно место зазема превентивната и целосната заштита на мајката, бремената жена, и по самото породување, како и остварување на планирањето и контрола на раѓањето со помош на државата врз принцип на социјалната сигурност, остварувајќи ја социјалната заштита од неповолното влијание на секундарните фактори во попреченоста (Милосавлевиќ, 1988).
Од суштината на социјалната функција на општеството произлегува создавањето поидеални услови за живот и работа на сите индивидуи, што јасно е кажано во член 35 од Уставот на Република Македонија:
“Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност. Републиката гарантира право на помош на немоќните и неспособните за работа граѓани. Републиката обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот”.
Раното откривање на пречките во физичкиот и психичкиот развој има значајна улога за навремена и ефикасна заштита на таквите деца и ублажување на неповолните последици за социјалната положба и развојот на овие деца и нивните семејства. Раното откривање на пречките во развој може да се оствари во пренаталниот период, по самото раѓање и во првите години од животот, а во тој период можат да се спречат и несаканите последици од некои заболувања што можат да доведат до пречки во развојот на децата.
Категоризацијата на лицата попречени во физичкиот и психичкиот развој е регулирана со Правилникот за распоредување и евиденција на лица попречени во физичкиот и психичкиот развој (Службен весник на СРМ бр. 8/81). Од податоците на Републичкиот завод за унапредување на социјалните дејности во Скопје, како корисници на социјална заштита во 1995 година со психички недостатоци се 488 деца на возраст до 6 години. Од нив 57 со најтешка ментална ретардација, 170 со тешка ментална ретардација, 70 со умерена и 191 дете со лесна ментална ретардација. Ако направиме преглед на структурата на децата делејќи ги на возраст до 2 години и до 6 години, ќе добиеме дека 16 се деца до 2 години, а другите 472 се на возраст до 6 години. Малолетни лица со физички недостатоци-слепи, слабовидни, глуви, наглуви, растројства на говорот и телесни инвалиди се 179, од кои на возраст до 2 години се 11, а другите 168 се на возраст до 6 години. Малолетни лица со комбинирани пречки корисници на социјална заштита во 1995 година се 89, од кои 3 на возраст до 2 години и 86 на возраст до 6 години.
Согласно со Упатството за постапување по барање за остварување на парични примања на децата (Министерство за труд и социјална политика, 1994 година), наодот и мислењето го донесува Заводот за медицинска рехабилитација и Заводот за ментално здравје на децата и младината, а решението за категоризација го донесува Центарот за социјална работа.
Здравствената заштита на децата со пречки во развојот се остварува согласно со Законот за здравствена заштита (Службен весник 46/93). Во членот 14 од Законот се истакнува: “Членови на семејството на осигуреникот до 18 годишна возраст” и во членот 16 (од истиот Закон) се вели: “...Како лица неспособни за стопанисување во смисла на прописите на пензиско и инвалидско осигурување”. Но, често поради условите во кои живееме, периодот на транзиција, почести се ситуациите во кои родителите се наоѓаат во положба на стечајни работници, при што нивното здравствено осигурување е нерегулирано, а нивните деца остануваат без соодветна здравствена заштита.
Согласно Законот за општествена заштита на децата (Службен весник на СРМ бр. 6/81, 40/87, 17/91 и 38/91 и Службен весник на Република Македонија бр. 12/93), општествената заштита на децата се обезбедува со остварување на организирани облици и тоа:
- згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст;
- одмор и рекреација на деца до 15 годишна возраст; и
- парични примања (додатоци за деца).
- Заштитата и грижата во организации за згрижување и воспитување на деца се обезбедуваат преку престој, нега, исхрана и други активности. Зголемените потреби и нивното остварување бараат поквалитетно живеење. Така во 1995 година оваа заштита се остварува во рамките на мрежата од 180 објекти и 51 работна единица во Републиката, распоредени во сите општини, во согласност со потребите за користење на ваков вид услуги. Со искористувањето на капацитетите се обезбедуваат 12% на деца од 9 месеци до 7 годишна возраст.
- Одмор и рекреација на децата. Подобрувањето на здравствената состојба на децата, задоволувањето на потребите на децата од игра и разонода, чувањето и унапредувањето на природата, како и задоволувањето на други потреби од заеднички интерес за развој на децата, се остварува преку одмор и рекреација на децата и младината, како дејност од посебен општествен интерес, согласно со Законот за општествена заштита на децата и со Законот за одморалишта на деца и младинци. Објектите се распоредени во мрежа од 25 објекти и тоа 20 објекти на планина и 5 објекти на езеро, со капацитет за околу 60.000 деца, односно 21% опфат на генерација на возраст од 6-15 години.
- Парични примања за децата. Со обезбедување на услови за соодветен животен стандард на децата, преку материјална помош на семејствата утврдена како парични примања за децата, се остварува опфатеност со грижа и заштита на генерација на деца до 18 години, односно до 26 годишна возраст.
Паричните примања се остваруваат како право на додаток за деца, посебен додаток и учество во помош за новороденче преку беби-пакет. Во 1994 година со ова право се стекнале 14.712 корисници.
Со Правилникот за утврдување на висината, условите и начинот на остварувањето на додатоци на деца (Министерство за труд и социјална политика, 1995 год.), додатоците за деца ги остваруваат само деца-државјани на Р. Македонија и тоа првите три деца по ред на раѓање, што родителот односно старателот ги издржува и тоа децата што одат на училиште редовно, но и оние што поради болест се спречени, во зависност од просечниот приход во семејството. Во 1994 година во Р. Македонија додаток за деца оствариле 158.143 деца од 82.307 семејства.
Посебниот додаток согласно со член 17 од Правилникот за утврдување на висината, условите и начинот на остварувањето на додатоците за децата нив “може да ги оствари дете со умерени, тешки и најтешки пречки во психичкиот развој и со пречки во физичкиот развој, доколку поради видот на попреченост не може да оствари образование, најмногу до 26 години и не е институционално згрижено врз товар на општествената заедница”. Посебниот додаток сега се исплатува во износ од 2.500 денари. Во 1994 година посебен додаток оствариле 1926 деца од 1892 семејства, а во Скопје од 1.01.1996 до 1.11.1996 година 89 деца на возраст до 7 години.
Согласно со Законот за социјална заштита материјалното обезбедување се однесува на деца со пречки во развојот, во вид на додаток за неспособен член-соуживател на помошта.
За заштита на деца со пречки во психичкиот развој можна е примена на институционална заштита во установи за деца и младинци со пречки во развојот и тоа со умерени пречки во развојот, во кои се остварува опсервација, рехаблитација со корекционен третман, воспитание, оспособување за работно производна окупација, сместување и здравствена заштита.
Постојат и установи за деца и младинци со најтешки пречки во психичкиот развој што имаат социјално-здравствен карактер, а во кои се обезбедува сместување, згрижување, рехабилитација и здравствена заштита. Во специјалниот завод “Демир Капија” се сместени 24 деца на возраст до 7 години. Во установите за деца и младинци со телесна инвалидност се обезбедува згрижување (домување, исхрана, нега и грижа до оспособување за самостоен живот и работа). Во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје се опфатени 5 деца со предучилишно воспитание.
Деца со пречки во психичкиот развој, со умерени, тешки и најтешки пречки и телесен инвалид на кои им е потребно згрижување и нега, можат да бидат сместени во друго семејство, но иако потојат специјални потреби и дополнително ангажирање на семејството, малку може да се очекува соодветна едукација од семејството во кое се сместува детето, а и материјалните средства се во истиот износ како и за други деца што немаат пречки во развојот.
Домашната нега како облик на социјално-здравствена заштита не е доволно развиена. Овој облик на заштита е наменет за деца попречени во развојот, доколку не се сместени во институција. Во практиката домашната нега е често во алтернатива со помош и нега од друго лице.
Дневното згрижување е исполнето со содржини од програмите за социјална рехабилитација.
Ставање под старателство постои кога децата се без родители или родителска грижа, односно поради нивна неспособност (пречки во психо-физичкиот развој) по наполнувањето на 26 години.
Услугите во вид на социјална работа имат значајна улога во социјалната рехабилитација и интеграција на децата попречени во развојот. Органот за старателство донесува решение за категоризација на децата со пречки во развојот и активно учествува во реализација на наодот и решението за категоризација на детето, низ тимско работење.
Третманот се однесува на давање на советодавно-терапевтска работа која има за цел прифаќање на определен облик или мерка на заштита и зголемување на толеранцијата што се проценува со намалување на анксиозноста и фиксирање на проблемот, со реален увид и често со намалување на интензитетот на чувството на вина.
Заклучок
Социјалната заштита на деца со пречки во развојот опфаќа широк дијапазон на облици на заштита: превенција, рано откривање, категоризација, додаток за деца, посебен додаток, беби-пакети како и облици на заштита согласно со Законот за социјална заштита: материјално обезбедување, сместување во друго семејство, сместување во институција во зависност од видот на попреченост, оставање под старателство, домашна нега, дневно згрижување и услуги во вид на социјална работа. Ако го согледаме одговорот на прашањето колку од овие деца ќе упатиме на рехабилитација и помош при вработувањето и решавањето на станбеното прашање, ќе видиме колку нашата преземена активност води кон општата цел. Но, и преземањето на поединечни активности (на пример посебен додаток) води исто така кон општата цел, имајќи ја предвид категоријата на лицето.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
Related Articles
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE