Се наоѓаме пред новиот број на списанието Дефектолошка теорија и практика кое влезе во 14-тата година од своето постоење и се наоѓа пред големи предизвици. Главниот и одговорен уредник со несмален интензитет продолжи да го индексира списанието во повеќе меѓународни бази на податоци од кои за издвојување се: All India Institute of Speech and Hearing Library and Information Centre, HighBeam Research, Nova Southeastern University Libraries, OAJSE, OHSU Library, ourGlocal и мошне реномираниот Scopus.
Овој број оди со нов дизајн на корица која е модерна и ги следи светските стандарди за ваков тип на публикации, а креатор на истата е госпоѓицата Ресана Михаилова која неуморно во последните месеци работеше на подобрување на квалитетот на истата. Од овој број имаме и нов веб администратор господин Иван Мишев кој направи некои подобрувања во електронската верзија, а во иднина се очекува да направи уште поголеми промени на платформата за објавување и перформансите на веб страницата. На двајцата од с¡ срце им благодарам за несебичната поддршка.
Во овој број ќе можете да сретнете трудови за инклузивната култура во предучилишните установи во Македонија; да видите како е направена проценка на комуникациските јазични способности кај лица со Брокина афазија како последица од цереброваскуларен инсулт; ќе утврдите како се прави дијагностика базирана врз докази при нарушувања на гласот: теоретски преглед и модел. Понатаму, авторките Георгиева и Стефановска го задржуваат нашето внимание на проценка на егзекутивните функции преку евоцирани потенцијали кај деца со опсесивно-компулсивно растројство, а колешката Рајчановска н¡ запознава со преваленцијата на гризењето нокти кај предучилишните деца во градот Битола. Авторите од Босна и Херцеговина ја запознаваат читателската публика со фонолошките вештини кај децата со пречки во читањето.
Во рубриката вести и информации се сместени многу корисни информации за одржани семинари и конференции во земјата и странство, претставен е манифестот од конференцијата одржана во Скопје на 7 и 8 октомври 2010 година под наслов: ,,Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици“, а на крај е дадена веста за престојното одбележување на Меѓународниот ден на аутизмот во организација на Македонско научно здружение за аутизам. Во овој број неизбежни беа редовните рубрики: резимеа од одбранети магистерски трудови, библиографија, листа на рецензенти и индекс на автори.
Сакаме да веруваме дека овој број ќе ги задоволи вашите вкусови, потреби и дека ќе одвоите од вашето време за читање на содржините на истиот. Купувањето на списанија е благородна работа со која го збогатувате вашето знаење и во исто време го продолжувате векот на опстојување на списанието. Секоја добронамерна критика ќе биде прифатена и ќе биде во контекст на подобрување на квалитетот на списанието.
|