JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6201
Ристо ПЕТРОВ
БЕНЕФИЦИРАН РАБОТЕН СТАЖ ЗА ДЕФЕКТОЛОЗИТЕ ВО УСТАНОВИТЕ ЗА ТРЕТМАН НА ДЛАБОКО МЕНТАЛНО РЕТАРДИРАНИ ЛИЦА
Вовед
Повод за реализирање на овој проект, кој многу години наназад е доста актуелен, е најден во Законот за работни односи на Република Македонија донесен во 1993 и во неговите измени од 1994, 1995 и 1997 година.
Во член 32 од наведениот закон меѓу другото стои:
“На работникот кој работи на особено тешки, напорни и штетни за здравјето работи, а чие штетно влијание врз неговото здравје, односно работна способност не може во целост да се отстрани со заштитни мерки, работното време му се скратува сразмерно на штетното влијание врз неговото здравје, односно работна способност...
Како особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи се сметаат: ... работа со лица со најтешки пречки во психичкиот развиток..."
Работата со ментално ретардирани лица од вработените бара максимална толерантност, целосно разбирање, воздржаност, самоконтрола. Таквата работа може успешно да ја извршува само психички здрава и емоционално стабилна личност што е во состојба да ги контролира своите емоции, т.е. емоционално соодветно да реагира во дадени ситуации и да ги инхибира нагонските пулзии кои се косат со општествените норми. Тоа значи дека таквата личност нема да се возбуди поради мали ситници, но во сериозни ситуации нема да остане рамнодушна. Таквата личност се карактеризира со постојаност и истрајност во работата и со способност за борба со животните тешкотии, како и способност да се издржат евентуалните неуспеси во животот. Зрелата личност е толерантна и им ја цени толерантноста на другите луѓе, ги прифаќа луѓето такви какви што се, во состојба е вниманието да го сконцентрира повеќе на проблемите околу себе отколку на самата себе. Спонтана е во акциите, независна, самостојна, со развиени социјални чувства и симпатии кон луѓето и со развиени етички принципи.
Предмет на проектот
Предмет на овој проект се вработените лица во Специјалниот завод во Демир Капија со работно искуство над 15 години, и тоа: негуватели, дефектолози, воспитувачи, инструктори, лекари, медицински сестри, лаборанти, физиотерапевти и социјални работници.
Цел на проектот
Целта на овој проект е да се утврди:
- Дали вработените во Специјалниот завод со стаж на експозиција подолг од 15 години ќе покажат повисок степен на општа невротичност, поизразено присуство на определени невротски тенденции, повисока одбранбена насоченост и употреба на попримитивни механизми на одбрана, поназначено присуство на негативни емоции, субјективни тегоби и болести во врска со работата, во однос на вработените од основното училиште во Демир Капија, кои се земени како контролна група.
- Дали вработените во Заводот со стаж на експозиција над 15 години ќе покажат повисок степен на општа невротичност поизразено присуство на определени невротски тенденции, повисока одбранбена насоченост и употреба на попримитивни механизми на одбрана, поназначено присуство на негативни емоции, субјективни тегоби и болести во врска со работата, во однос на вработените во заводот со стаж на експозиција пократок од 15 години.
- Дали вработените во Заводот со стаж на експозиција пократок од 15 години ќе покажат повисок степен на општа невротичност и поизразено присуство на определени невротски тенденции во однос на вработените во основното училиште во Демир Капија.
- Да се направи преглед на категорија вработени кај кои, поради наведените причини, стажот на осигурување ќе се пресметува со зголемено траење.
Задачи на проектот
Во анализирањето на состојбата на наведените работни места, стручниот тим се задржа на следните задачи:
- Мерење на условите во работната средина (мерење на релевантните фактори во сите простории каде се сместени и постојано престројуваат корисниците, опслужувани од наведените вработени).
- Реализирање на проширени превентивни медицински прегледи на сите вработени со елементи предвидени за таков вид прегледи (анамнеза, биометрија, општ лекарски преглед по системи и органи, лабораторија (проширени анализи), функционални испитувања (ЕКГ, спирометрија), невропсихијатриски преглед, психолошко тестирање (Cornell индекс, ПИЕ-Профил индекс на емоции, тест Животен стил).
- Формирање контролна група која ќе ги исполнува критериумите за изработка на ваков вид испитувања.
- Откривање на бихејвиорални промени (промени на емоциите и однесувањето, како и присуство на невротичност) и психосоматски болести кај вработените во Специјалниот завод во Демир Капија, што се подолг период изложени на хроничен професионален стрес.
Примерок на испитаници
- I група составена од 47 вработени во Заводот чии работни задачи се во директен контакт со корисниците на Заводот (негуватели, дефектолози, воспитувачи, социјални работници и медицински персонал) со стаж на експозиција над 15 години, со просечна возраст од 47, 8 години.
- II група составена од 16 вработени, соодветна на првата по стручност и работни задачи, со таа разлика што нивниот стаж на експозиција е до 15 години и просечна возраст од 30,6 години.
- Контролна група составена од 29 вработени во основното училиште “Димката Ангелов-Габерот" во Демир Капија, со просечен работен стаж 19,7 и просечна возраст од 43,9 години.
Анализа на состојбата
При извршувањето на работните задачи вработените во Специјалниот завод во Демир Капија се изложени на низа штетности од кои, покрај физичките и биолошките фактори важна улога игра и факторот на ментална контаминација поради постојана работа со ментално ретардирани лица, а како најважни се издвојуваат стресогените фактори.
Како извори на психички стрес на овие работни места се издвојуваат следните фактори:
- одговорност за други луѓе и донесување одлуки преку кои се влијае на нивниот развој, здравје и сигурност,
- заморни контакти со луѓе,
- брзина на извршување на работата,
- други фактори што се однесуваат на други извори на психички стрес: хигиенски фактори, организација на работа, можност од настанување на сериозни непредливи настани (поради некритичност на корисниците и нивното афективно-нагонско однесување можни се: бегства со опасност да настрадаат, самоповредување, меѓусебни повредувања, смрт итн.).
Придржувајќи се кон единствената методологија за изработка на предметната стручна документација, стручната екипа формирана од Институтот за медицина на трудот пристапи кон нејзина изработка по следниот редослед:
- опис на технолошкиот процес на работата во целост,
- приказ на методолошкиот пристап во снимањето, обработка и оценка на псисуството на микроклиматските фактори и физичко-хемиските штетности,
- доказ за причините поради кои на работните места не може да се спроведе целосна заштита при работа,
- физички, психофизички и социјални фактори што се причина за скратување на работниот век,
- морбидитет.
Направените мерења на еколошките параметри на работните простории укажуваат дека директните извршители се под постојано дејство на лоши микроклиматски и климатски влијанија, физички-хемиски штетности, што налага континуитет на еколошкиот мониторинг од стручни установи (сите овие и другите показатели во проектот се потврдени со прецизни показатели).
Штетното влијание на физичките, хемиските и другите фактори на работните места, со преземањето на општите мерки за заштита само делумно можат да се коригираат, но дејството на психолошко-социјалните фактори, во прв ред хроничниот психички стрес, остануваат траен фактор што сериозно делува врз здравјето на вработените.
Промените во здравствената состојба на вработените во прво време се функционални и тие со време стануваат органски, така што интегритетот “здравствена состојба-работна способност" се нарушува со трајни преверзибилни последици.
Потребата од зачувување на здравјето на вработените во Специјалниот завод во Демир Капија претставува посебен проблем бидејќи ризикот што постои се огледа во постојаниот контакт на вработените со корисниците, а со тоа и голема е можноста преку биолошките екстрети: урина, измет и сл., да се пренесат бројни заболувања од корисниците во установата. Опасноста е уште поголема поради фактот дека покрај изложеноста на сопствениот ризик вработените тие заболувања можат да ги пренесат и на членовите на своето семејство и други со кои стапуваат во контакт (болести предизвикани од вируси, разни бактерии, габички, паразитни и други причинители).
Интерпретација на резултатите со дискусија
Резултатите од овој проект јасно ги одразуваат психолошките проблеми со кои се соочуваат вработените во Специјалниот завод во Демир Капија, со работно искуство над 15 години со длабоко ментално ретардирани лица.
Високиот процент на изразеност на анксиозноста, фобичноста, кардио-васкуларно и хипохондриската тенденција (над 50%) укажуваат на дијагностички значајни невротски промени кај вработените од И група, кои се манифестираат со чувство на страв, напнатост, вознемиреност, склоност кон соматизација. Процентуалната изразеност на општата невротичност кај вработените изнесува 41,9 %, што се приближува кон границата на висока невротичност.
Резултатите од “Тестот на животен стил" покажуваат дека вработените од I група имаат статистички значајно повисока општа одбранбена насоченост и почесто ги користат регресијата, преместувањето, проекцијата и интелектуализацијата како механизми на одбрана во однос на другите две групи. Високата општа одбранбена насоченост упатува на повисок степен на анксиозност и пониско самопочитување кај вработените од I група.
Резултатите од тестот “Профил индекс на емоции" покажуваат дека изложеноста на хроничен професионален стрес води до промени на емоционалната состојба, која од своја страна ги менува цртите на личноста. Поизразеното присуство на потиштеност и автоагресивност како црти на личноста кај испитаниците од I група во однос на другите две групи, упатува на зголемен ризик од психосоматски заболувања. Од друга страна, присуството на цртите недоверба и склоност кон препирање имаат негативно влијание врз интерперсоналните контакти.
Изложеноста на хроиничен професионален стрес кај вработените придонесла за почести заболувања од кардиоваскуларни и локомоторни болести и почесто присуство како на субјективни соматски тегоби (главоболка, стенокардија...), така и на субјективни психички тегоби (напнатост, нервоза и замор) што води до почеста употреба на седативи.
Резултатите се потврда дека работата со длабоко ментално ретардирани лица претставува своевиден психосоцијален стрес што остава последици на здравјето на вработените. Покрај тоа, овие резултати се поддршка за тврдењето дека менталните и кардиоваскуларните болести, што се две главни групи болести во врска со работата, во значителна мера се поврзани со физичките и психосоцијалните штетности на работата со посредство на хроничниот професионален стрес.
Сите опишани промени, како на менталната така и на соматската состојба, ја нарушуваат емоционалната стабилност на вработените, што значи свртеност на вниманието кон себе и субјективните тегоби, намалена толеранција и неспособност да се прифатат луѓето такви какви што се-што води до конфликти со околината, намален интерес на социјалните активности, несигурност и намалена истрајност во работата-што во голема мера ја намалува ефикасноста и успешноста во извршувањето на работните задачи.
Врз основа на изнесените податоци стручниот тим што работеше на овој проект смета дека психофизичките способности на вработените што ја реализираат негата, заштитата, социјализацијата на длабоко ментално ретардирани лица, со оглед на природата и тежината на работата и во релација со физиолошките промени на организмот со процесот на стареењето, по 50-тата година од животот не одговараат во целост на барањата на соодветните работни места.
Заклучок
Директорот на Специјалниот завод во Демир Капија, установа за третман на тешко и длабоко ментално ретардирани лица што бележи над 40 години постоење, соочувајќи се со низа проблеми на релација вработени корисници, постапувајќи според член 32 од Законот за работни односи, со писмо број 04-170 од 23.02.1999 година се обрати до Институтот за медицина на трудот во Скопје со барање да се утврдат работни места во Специјалниот завод во Демир Капија на кои стажот за осигурување ќе се пресметува со зголемено траење.
Институтот за медицина на трудот во Скопје формира работна група од свои и надворешни стручни соработници кои по неколку месеци изготвија “Елаборат за утврдување на работни места во Специјалниот завод во Демир Капија на кои стажот за осигурување ќе се пресметува со зголемено траење".
Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија постапувајќи по член 127 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Сл. Весник на РМ" број 80/93, 3/94. 14/95, 32/97 и 24/2000), по претходно реализираната постапка, на својата седница од 18.12.2000 година донесе Одлука број 02-5575/1 која во член 1 ги утврдува работните места во Специјалниот завод во Демир Капија на кои стажот за осигурување се пресметува со зголемено траење и тоа:
- лекар 12/15 месеци
- медицинска сестра 12/15
- негувателка 12/16
- чистачка 12/15
- перачка, крпачка 12/14
- дефектолог 12/15
- инструктор 12/15
- воспитувач 12/15
- социјален работник 12/15
- физиотерапевт 12/15
Согласно со член 2 од наведената одлука, “Стажот на осигурување што се пресметува со зголемено траење на работниците распоредени на работните места од член 1 се смета од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, а најрано од денот од кога работниците се распоредени на тие работни места, под услов за тој период да се плати додатниот придонес за стажот на осигурување што се пресметува со зголемено траење".
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE