JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7035
Весна КОСТИЌ
ПРОБЛЕМИТЕ ВО РЕЧНИКОТ НА ЛЕСНО МЕНТАЛНО РЕТАРДИРАНИТЕ ДЕЦА ОД УЧИЛИШНА ВОЗРАСТ
Вовед
Говорот претставува орудие на мислењето и средство со кое се организираат психичките процеси. Покрај другото, овозможува извршување на операциите на апстракција и воопштување и ја дава неопходната база за развој на појмовното мислење. Бидејќи преку говорот се остварува меѓучовечката комуникација, тој е важен фактор за социјализација и усвојување на општествениот стил на живеење. Оттука произлегува дека изградувањето на говорот и јазикот кај ментално ретардираните деца е мошне важна задача на едукацијата и рехабилитацијата.
Говорот, без разлика дали е усмен или писмен, претставува основно средство за меѓучовечка комуникација. Познато е дека ментално ретардираните деца на тој план во голема мера заостануваат зад своите интелектуално просечни врсници. Ментално ретардираното дете, како и секое друго дете, не може само да го научи говорот. Тоа ќе го научи говорот ако семејството, средината, а и дефектологот создадат окружување на, пред с¢, топла, хумана, секојдневна комуникација. Говорниот развој, како и за другите деца, и за ментално ретардираните деца е од особено значење за нивниот оптимален развој што го дозволуваат нивните психо-соматски оштетувања и лимити во детерминација на нивната социјализација.
Говорот кај лесно ментално ретардираните лица/деца останува со сиромашен фонд на зборови и сиплифициран во комуникацијата. Тој одговара на говорот на децата што се на ниво на конкретните операции и тоа, повеќето, во рамките на првите стадиуми на организирање на тие оперативни способности. Најчесто основниот глас, модулацијата, ритамот и темпото на говорот се под очекувањата, како во однос на календарската возраст, така и во однос на менталната возраст на децата од просечната популација. Најчести говорни грешки и тешкотии што се јавуваат кај лесно ментално ретардираните лица/деца се: неправилното изговарање на гласови; пелтечењето; растегнатиот, испрекинат, брз и тешко разбирлив говор; додавање на непотребни зборови; неможност да се изгради фраза, т.е. да се постави прашање; неспособност да се изгради посложена реченица и сл. Дијалошкиот говор е доста слаб, бидејќи во целост не го разбираат значењето на зборовите кои им се упатуваат.
Лесно ментално ретардираните деца се послабо физички развиени од нивните врсници со нормална интелигенција, тие често се моторички нестабилни, имаат пречки во фината моторика на рацете и прстите што се отсликува како нарушување во пишувањето, помала прецизност во периодот на почетното пишување и читање, но со вежбање оваа прецизност се подобрува. Надворешната страна на говорот не секогаш одговара на степенот на психичката заостанатост. Некои ментално ретардирани деца имаат добар изговор на гласовите и зборовите, но не го сфаќаат значењето на зборовите. Други пак деца имаат многу оштетен изговор. Лесно ретардираното дете се разликува од своите просечни врсници во точноста и брзината на читањето и во разбирањето на апстрактните поими.
Говорот и јазикот се поврзани со менталната возраст. Колку што менталната дефициенција е поголема дотолку е почесто и потешко говорното оштетување. Подобро развиен говор имаат оние ментално ретардирани деца што потекнуваат од поразвиена социјална средина. Вербално се изразуваат само доколку се поттикнати, а активниот говор слабо им е развиен. Говорот се однесува на конкретни предмети и настани. Застојот во развојот на говорот се забележува низ неправилната структура на реченицата. Речениците граматички се неправилни заради отсуството на определени видови зборови, неправилната употреба на времињата, членовите и родовите. Имаат сиромашен фонд на зборови, а нивниот говор е аграматичен.
Кај овие лица се забележува заостанување во формирањето на поимите, збогатувањето на речникот и претворањето на пасивниот во активен вербален речник. Речничкото богатство не се состои само во квантитативно зголемување на фондот на зборовите, туку и во развивање на способноста за сфаќање на нивното значење. Примената на научените зборови во активниот говор е индикатор на општите способности на индивидуата. Оттука основен проблем во развојот на говорот кај ментално ретрдираните деца е активниот речник.
Токму заради тоа предмет на ова истражување беа проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишната возраст.
Предмет на истражувањето беше речникот како динамичен облик на говорно и јазично однесување на индивидуата и неговата детерминација од повеќе фактори: возраста, искуството, интелектуалниот статус, полот, стимулациите од средината, односите во семејството, образовното ниво на родителите и друго.
Предмет на истражувањето беа проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст.
Цел на истражувањето беше утврдување на проблемите во речникот и утврдување на влијанието на факторите врз речникот.
Задачите на истражувањето беа насочени кон утврдување на влијанието на полот, интелектуалниот статус, хронолошката возраст и училишната возраст.
Хипотези на истражувањето беа:
а) Општата хипотеза:
Во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст најфреквентни се именките и глаголите, додека другите видови зборови се јавуваат со значително помала зачестеност.
б) Помошните хипотези:
- се претпоставува дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од полот;
- се претпоставува дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од интелектуалниот статус;
- се претпоставува дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од хронолошката возраст;
- се претпоставува дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од училишната возраст.
Методологија на истражувањето
1. Опис на примерокот
Истражувањето беше реализирано во април-мај 2000 година и опфати 27 испитаници, ученици со лесна ментална ретардација од ПОУ
“Д-р Златан Сремац“. Примерокот беше поделен во 4 основни групи и тоа I, II, III и IV одделение, според училишната возраст на учениците. Во секоја група беа следени основните варијабли на истражувањето и нивното влијание врз речникот на испитаниците.
Анализа на примерокот
Анализата на примерокот на истражувањето е презентирана на табелите од 1-4.
2. Техники на истражувањето
Во фазата на собирање податоци беа користени:
- техника на тестирање на развиеноста на речникот со помош на тест стрип приказна;
- техника на работа на документи со помош на анализа на личните документи за секој испитаник (психолошки наод и мислење).
3. Инструмент на истражувањето
Во текот на истражувањето беше користен стандардизираниот тест стрип приказна (или слики во низа) конструиран од проф. д-р Спасенија Владисавлевиќ, примарно наменет за испитување на речникот кај слушно оштетените деца. Опишувањето на сликите во прв план го става начинот на кој индивидуата ја перципира сликата и неговото јазичко изразување. Преку опишувањето на сликите може да се добие увид во способноста на детето за набљудување и мислење како и богатството на речникот и развиеноста на фантазијата. Говорот кој се добива кај стрип сликите е многу пооригинален отколку кај прераскажувањето, бидејќи претпоставува сосема самостојна јазична формулација т.е. самостоен склоп на реченици и искази. *
4. Начин на обработка на податоците
За секој испитаник беше водена индивидуална листа на која детално беше забележана целокупната интерпретација на секоја слика, а потоа беше извршена класификација во однос на видовите зборови. Во понатамошната обработка на податоците, резултатите од индивидуалните листи беа внесени во софтверскиот програм Excel и врз нив беа применети соодветни статистички функции.
5. Методи на обработка на податоците
Квантитативната анализа и обработката на податоците беше извршена со статистичката метода Пирсонов коефициент на корелација, со која се утврди висината на корелацијата меѓу варијаблите. За презентација на резултатите беа користени табели, графикони со столпчиња и графикони за прикажување на линиите на трендот.
Обработка и интерпретација на резултатите
Висината на корелацијата меѓу варијаблите беше утврдена Пирсоновиот коефициент на корелација (r) што се интерпретира со следнава скала:
до 0,20 незначајна корелација, скоро да не постои
од 0,20 до 0,40 ниска корелација, мала поврзаност
од 0,40 до 0,70 умерена корелација, значајна поврзаност
од 0,70 до 0,90 висока корелација, изразита поврзаност
од 0,90 до 1,00 многу висока корелација, многу тесна поврзаност
Поставените хипотези се сметаат за потврдени доколку коефициентот на корелација (r) има вредност над 0,20.
Од табелата, генерално може да се забележи дека девојчињата (28,69) се подобри од момчињата (24,64), а коефициентот на корелација (r)=0,18, се гледа на графиконот со столбчиња, додека линијата на трендот е во корист на девојчињата.
Во однос на интелектуалниот статус испитаниците беа поделени во 3 групи (долна, средна и горна граница на лесна ментална ретардација). Од податоците во табелата може да се заклучи дека испитаниците чиј коефициент на интелигенција е на горна граница на лесна ментална ретардација постигнале најдобри резултати (32,71), по нив се испитаниците на средна граница на лесна ментална ретардација (31,22), а најслаби се резултатите на испитаниците на долна граница на лесна ментална ретардација (18,91). Коефициентот на корелација (r)=0,52.
Во однос на варијаблата хронолошка возраст, испитаниците беа поделени во 4 групи, со цел групите да бидат што поизедначени. Во првата група беа испитаниците на возраст до 9 години, а следните три групи се испитаници на возраст од 10, 11 и 12 години. Од графата вкупен број на зборови може да се забележи дека испитанииците на возраст од 11 години постигнале најдобри резултати (29,11) што најверојатно се должи на тоа што таа група на испитаници се во најголем број. Потоа следуваат испитаниците на 12 годишна возраст (28,67), па испитаниците на 10 годишна возраст (25,29), а најслаби резултати постигнале испитаниците на возраст до 9 години (21,40). Коефициентот на корелација (r)=0,23.
Според оваа варијабла, испитаниците беа поделени во 4 групи и тоа според припадноста во соодветното одделение. Од графата вкупен квантум на зборови, може да се забележи дека испитаниците од III одд. постигнале најдобри резултати (28,67), по нив се учениците од I одд. (27,25), потоа учениците од II одд. (26,50), а најслаби резултати постигнале учениците од IV одд. (23, 59). Ваквата нелогичност во резултатите се должи на неизедначеноста на групите како и нивната хетерогена и мошне специфична структура. Коефициентот на корелација (r)=-0,08.
I. Заклучни разгледувања
Анализата на обработените податоци, упатува на овие заклучоци:
- Резултатите ја потврдија поставената општа хипотеза дека постојат значајни проблеми во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст. Хипотезата гласеше дека во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст најфреквентни се именките и глаголите, додека другите видови зборови се јавуваат со значително помала зачестеност, а токму тоа и беше докажано. Од вкупниот број кажани зборови од целиот примерок, 718 (100,00%), на именките и глаголите отпаѓа 509 (70,89%), додека на другите видови зборови-заменките, прилозите, сврзниците, предлозите, придавките, броевите и честичките, сите заедно, отпаѓаат само 209 (29,11%).
- Хипотезата дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од полот, не се потврдува со добиените податоци. Иако се збележува дека девојчињата се подобри од момчињата, сепак коефициентот на корелација (r)=0,18 укажува на непостоечка корелација.
- Хипотезата дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од интелектуалниот статус, се потврдува, бидејќи податоците укажуваат на тоа дека колку што коефициентот на интелигенција е повисок, дотолку се постигнуваат подобри резултати. Коефициентот на корелација (r)=0,52 укажува на умерена корелација, т.е. значајна поврзаност.
- Хипотезата дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од хронолошката возраст се потврдува. Резултатите генерално, укажуваат на тоа дека постарите ученици постигнуваат подобри резултати од помалите испитаници. Коефициентот на корелација (r)=0,23 укажува на ниска корелација, мала поврзаност.
- Хипотезата дека проблемите во речникот на лесно ментално ретардираните деца од училишна возраст зависат од училишната возраст, не се потврдува. Добиените резултати не ги потврдија очекуваните претпоставки дека речничкиот фонд се збогатува прогресивно со училишната возраст, што се должи на специфичната структура на групите (одделенијата), и специфичните карактеристики на испитаниците. Коефициентот на корелација (r)=-0,08 укажува на незначителна негативна корелација.
II. Предлог мерки
Врз основа на интерпретацијата на резултатите и донесените заклучоци од истражувањето, може да се дадат следниве предлог мерки:
- Според извршената анализа на податоците се доаѓа до заклучок дека во однос на видовите зборови, преовладуваат именките и глаголите, а другите видови зборови се јавуваат со многу помала зачестеност. Доколку како референца се земат нумеричките показатели за фреквенцијата на видовите зборови утврдена од д-р Ѓорѓе Костиќ на примерок од два милиона активни зборови од српскиот јазик, и се споредат со податоците од ова истражување, ќе се добие следнава табела:
Од табелата може да се заклучи дека и во говорот на општата популација се застапени повеќе именките и глаголите во однос на другите видови зборови, но нивниот процентуален сооднос (52,16% спрема 43,37%) не е толку голем и забележително различен како кај примерокот испитаници од ова истражување (70,89% спрема 29,11%). За да говорот на ментално ретардираните лица им се приближи на говорот на лицата без оштетувања, во однос на речникот и комуникативната способност, потребно е повеќе внимание да им се посвети на следниве видови зборови: придавки, предлози, заменки, сврзници, прилози, броеви и честички. Потребно е да се почитува фреквенцијата на употребната вредност на одделни видиви зборови, и при тоа во текот на образованието да се внимава на пропорцијата меѓу определени видови зборови која мора да биде прогресивно стандардна.
- Фактот дека при опишувањето на сликите кај испитаниците преовладуват именките и глаголите, укажува дека конкретните поими се најприсутни во речничкиот фонд на ментално ретардираните деца. Конкретните поими што означуваат конкретни нешта се очигледни, вистински, заситени со конкретна содржина, а со тоа и најфункционални. Тие најпрво се учат и се јавуваат во најголем број. Преминувањето на конкретните поими во еден општ поим, претставува квалитативно повисок степен на сознание кој во себе содржи значајна количина апстрактно замислување, а тоа е проблем за ове деца. Токму заради тоа во исказите на испитаниците постојат малку општи поими. Потребно е да му се посвети поголемо внимание на развивањето на општите поими, бидејќи на тој начин, донекаде, ќе се надминат границите на конкретното мислење. Апстрактните поими се јавуваат во уште помал број, заради нивната специфичност. Содржината на апстрактните поими не е конкретно дадена и не може визуелно да се перципира, па затоа голем дел од овие поими се недостапни на сфаќањето на овие деца. Формирањето на овие поими треба посебно да се негува, бидејќи тие ја развиваат способноста за мислење и расудување.
- Разгледувајќи ги исказите на испитаниците, во однос на конструкциите на речениците, може да се забележи дека доминираат простите реченици, составени само од подмет и прирок, при што употребените именки и глаголи често се без правилни граматички завршетоци. Сосем ретко се јавуваат проширените реченици, додека сложените скоро и да не постојат. Во најголем број случаи, постои само статично редење на зборови. Граматичко синтаксичката анализа на речениците доведува до заклучок дека недостасуваат додатоците на подметот и прирокот, префикси, суфикси, предлози, прилози и сврзници. Речницата мора да биде логичка мисловна целост. Паралелно со напредокот во говорниот и лексичкиот развој, во текот на едукативниот процес потребно е од простите реченици да се тежнее кон добивање на проширени и сложени реченици.
Во посебните училишта за ученици со психички пречки, потребно е што почесто да се користат слики во вид на стрип-приказни, бидејќи сликите се најпогодното средство за развивање и збогатување на говорот и јазикот. Секојдневната употреба на сликите во наставата и нивното опишување може да ја подобри способноста за набљудување и мислење, воочување на битното и поединечното, поврзување на мислите и емоциите со претходното искуство, да го збогати речникот и да ја развие фантазијата. За наставниците, описот на сликата е показател за адекватноста на речникот, граматиката и синтаксата, квалитетот на артикулацијата, флуентноста на говорот, способноста за логичко поврзување на низата слики и нивна интерпретација. Потребно е учениците да се поттикнуваат што посамостојно да ги опишуваат сликите, најпрво поедноставни, а потоа с¢ посложени.
ЛИТЕРАТУРА:
- Ђорђевић, Д.; Психологија ментално заосталих лица, Београд, 1979
- Ишпановић-Радојковић, В.; Неспретно дете, Завод за уђбенике и наставна средства, Београд, 1986
- Костић, Ѓ., Владисављевић, С., Поповић, М.; Тестови за испитивање говора и језика, Завод за уÑбенике и наставна средства, Београд, 1983
- Каевска, С.; Ниво језичке развијености ментално заостале деце од I-IV разреда Специјалне основне школе “Д-р Златан Сремац”-Скопје, не објавена дипломска работа, Београд, 1992
- Мужић, В.; Методологија педагошког истраживања, Завод за издавање уђбеника, Сарајево, 1968
- Радуловић, К.; Ментална заосталост, Научна књига, Београд, 1991
- Ђордић, А., Бојанин, С.; Општа дефектолошка дијагностика, Завод за уђбенике и наставна средства, Београд, 1992
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE