JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7326
Зора ЈАЧЕВА, Весна КОСТИЌ,
Венета ТРАЈКОВСКА, Викторија ТРАЈКОВСКА
АРТИКУЛАЦИСКИ СТАТУС КАЈ ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН СЛУХ ОД ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ ОПФАТЕНИ СО РЕХАБИЛИТАЦИСКИ ТРЕТМАН
Вовед
Јазикот е апстрактен систем од знаци што служат за забележување на материјалните и духовните реалности (Larus).
Јазикот е систем на материјални единици што служат за комуницирање меѓу луѓето и изразување на сопствените мисли, чувства и желби. Јазикот како општествена појава се остварува во говорот на поединецот или на повеќе лица. Јазикот и говорот претставуваат дијалектичко единство, така што во практиката се неделиви.*
Говорот без јазик е непрепознатлив, а јазикот без говор несфатлив, нивната синтеза е човековата комуникација.*
Јазикот може да се развива независно од говорот, додека говорот не може да се развие без јазикот. Говорот може да биде заменет со писмениот јазик, додека јазикот доколку биде заменет со некое друго средство, тој веќе не е јазик, туку гест, слика, симбол и слично. Под говор се подразбира способноста на луѓето со помош на артикулацијата на гласовите и нивните квантитативни карактеристики да остварат порака која е акустички организирана и јазички осмислена.*
Развојот на изговорот кај децата со оштетен слух, се одвива според идентични биолошки законитости како кај децата со нормален слух, но тој е забавен и многу подолг. Децата со оштетен слух како последица на неможноста за правилно перципирање на акустичките впечатоци од надворешната средина имаат проблеми во говорниот развиток и комуникацијата, интелектуалниот развој и можноста за стекнување на нови знаења што севкупно се рефлектира во процесите на читање и пишување.
Корелативниот однос меѓу говорот и состојбата на слухот, го проучувале многу научници, така што Хоол смета дека тешкотиите во разликувањето на гласовите се предизвикани од состојбата и острината на слухот.
Fridler, Von Riper и Weppmman откриле дека постои блиска врска меѓу аудитивната дискриминација и прецизноста на изговорот на гласовите.
Владисављевиќ С. укажува на фактот дека децата кои покажуваат инверзија на гласовите и ротација на слоговите поседуваат аудитивна неспособност.*
Развојот на изговорот на гласовите е континуиран процес, што тече низ повеќе фази. Дисконтинуитетот во тој развој се случува кога ќе се отстранат надворешните говорни стимулации, односно кога постои редукција на акустичките дразби. Според тоа, развојните говорни фази се значајни за изградба на говорот кај детето што има оштетен слух. Во секоја од тие фази на развојот, можно е да му се даде помош на тој начин што со слушен амлификатор, детето ќе се доведе во контакт со звукот и ќе се оневозможи прекинување на тесно поврзаните фази од говорниот развој.
Артикулацискиот статус на детето со оштетен слух корелира со следниве релевантни фактори: времето на настанување на слушното оштетување, степенот на слушното оштетување и етиолошкиот фактор на оштетувањето. Значи, артикулацискиот напредок кај децата со оштетен слух е детерминиран од периодот на опфатеност со рехабилитациски третман. Затоа, основната интенција во рехабилитацијата на говорот кај децата со оштетен слух е да не се дозволи прекин во говорниот развоен синџир, односно да се изгради секоја алка со која ќе се надополнат природните патишта на стекнување на искуства и доживување на изградбата на говорот и јазикот.
Во тој контекст неколку истражувања упатуваат на размислувања дека во услови на континуиран третман со посредство на високо квалитетна и научно фундирана и проверена селективна техника од типот КСАФА се постигнуваат задоволителни резултати. (Влаиќ, Ж. & Ракиќ, Ј., 1987).
До истиот заклучок дошол и Кошир, С. (1996), кој го испитувал артикулациското напредување кај прелингвални деца со оштетен слух од предучилишна возраст, што имале оштетување на слухот повеќе од 95% според Fowler.
Од податоците на истражувањето може да се забележи напредување на гласовите кај глувите деца. Според Кошир напредувањето се должи на детското созревање и на грижливата корекциона постапка, што им се нуди на децата секојдневно, преку индивидуални вежби или во групна работа со нив.*
Развојот на изговорот на гласовите кај децата со оштетен слух, како што се гледа од досегашните истражувања, се одвива според идентични говорни фази како кај децата со нормален слух. Меѓутоа, податоците укажуваат на релевантни артикулативни, говорни нарушувања, што го актуелизираат проблемот на рана детекција, рана дијагностика и третман во предучилишна возраст. На тој начин на детето со оштетен слух ќе му се овозможи побрзо совладување на заостанувањата во развојниот патолошки процес на говорот и јазикот и непречена комуникација и интеграција во општествената заедница.
Тргнувајќи од основната интенција на досегашните истражувања што го расветлуваат проблемот на рехабилитацијата со фоноаудитивен третман ги поставивме основните цели на нашето истражување:
- Утврдување на артикулацискиот статус кај децата од предучилишна возраст со оштетување на слухот, опфатени со фоноаудитивен третман корелиран со релевантните варијабли: пол, возраст, етилошки фактор и степен на слушното оштетување, и
- Утврдување на влијанието на периодот на опфатеност со фоноаудитивен третман врз правилниот изговор на гласовите кај децата со слушно оштетување од предучилишна возраст.
Методологија на истражувањето
1. Опис на примерокот
Истражувањето што беше реализирано во октомври месец 1999 година, опфати примерок од 23 субјекти-деца од предучилишна возраст со оштетување на слухот, што се на третман во “Институтот за рехабилитација на слух, говор и глас” во Скопје. Примерокот го поделивме на 2 групи, I и III група според Костиќ, по однос на оштетувањето на слухот, додека другите групи според Костиќ не се опфатени заради недоволниот број на деца. Во секоја група беа следени следниве фактори: пол, хронолошката возраст, етиолошкиот фактор на оштетувањето и времетраењето на третманот, како најзначајни фактори за напредувањето во артикулацијата кај предучилишните деца со оштетен слух.
Анализа на примерокот
Сознанијата до кои дојдовме вршејќи анализа на примерокот, се презентирани во следниве табели.
Табела 1. Степенот на оштетувањето на слухот кај испитаниците
|
Примерокот во истражувањето брои 23 испитаници, од кои 18 се со I група на оштетување според Костиќ, а 5 се со III група на оштетување.
Табела 2. Полот на испитаниците
Според полот на испитаниците, во I група има 11 машки и 7 женски, а во III група има 2 машки и 3 женски испитаници.
Табела 3. Етиолошкиот фактор на оштетувањето кај испитаниците
Според етиологијата на оштетувањето испитаниците се поделени во 3 групи и тоа срединска, генетска и непозната причина. Овие податоци се земени од наодот и мислењето за секој испитаник поединечно. Во I група има 6 испитаници со срединска, 5 со генетска и 7 со непозната причина, додека во III група има 4 испитаници со срединска и 1 испитаник со генетска причина на оштетувањето.
Табела 4. Хронолошката возраст на испитаниците
Според возраста испитаниците се поделени во три групи со цел да има најдобро изедначување на групите. Во I група се 7 испитаници на возраст до 6 години, во втората група се 4 испитаници на 6 годишна возраст, а во третата група се 7 испитаници кои се на возраст над 6 години. Во III група е 1 испитаник на возраст до 6 години, во втората група се 3 испитаници на 6 годишна возраст, а во третата група е 1 испитаник што е на возраст над 6 години.
Табела 5. Времетраење на третманот кај испитаниците
Во однос на времетраењето на третманот испитаниците се поделени во 2 групи. На третман до 3 години од I група се наоѓаат 8 испитаници, а над 3 години 10 испитаници. Додека на третман до 3 години од III група се наоѓаат 2 испитаници, а над 3 години 3 испитаници.
Табела 6. Артикулациониот статус на испитаниците при прием
Од табелата се забележува дека од I група само 3 испитаници артикулирале само неколку гласа, а дури 15 испитаници не поседувале ниту еден глас при приемот. Во III група 2 испитаници артикулирале само неколку гласа, а 3 испитаници не поседувале ниту еден глас при приемот.
2. Техники и инстумент на истражувањето
Во оперативната фаза на истражувањето беа користени:
- техника на тестирање на развиениста на артикулацијата со помош на Тријажниот тест за артикулација; *
- техника на работа на документи со помош на анализа на личниот картон (тонален аудиограм, наод и мислење) за секое дете поединечно од примерокот.
Во фазата на собирање на податоците како инструмент на истражувањето беше користен Тријажниот тест за испитување на артикулацијата.
3. Обработка и интерпретација на резултатите
Добиените податоци од истражувањето, ги корелиравме со релевантните фактори на примерокот (варијаблите): пол, хронолошка возраст, степен на слушното оштетување, етиолошкиот фактор на оштетувањето и времетраењето на третманот.
Висината на корелацијата меѓу варијаблите беше утврдена со Пирсоновиот коефициент на корелација (р) што се интерпретира со следнава скала:
до 0,20 незначителна корелација
од 0,20 до 0,40 ниска корелација
од 0,40 до 0,70 умерена корелација
од 0,70 до 0,90 висока корелација
од 0,90 до 1,00 многу висока корелација
Поставените хипотези се сметаат за потврдени доколку коефициентот на корелација (р) е поголем од 0,20.
Значајноста на разликите меѓу аритметичките средини по однос на варијаблите пол, степен на слушно оштетување и времетраење на третман, беше пресметана со t-однос, а во однос на варијаблите хронолошка возраст и етиолошкиот фактор со F-односот.
Статистичката значајност на разликите меѓу аритметичките средини постои доколку добиените вредности за t и F односите се поголеми од критичните вредности на ниво на значајност од 0,05.
Вредноста на t-односот на ниво на значајност од 0,05 треба да биде поголема од критичната вредност 2,79 за да се прифати дека постои статистичка значајност на разликите меѓу аритметичките средини.
Вредноста на F-односот на ниво на значајност од 0,05 треба да биде поголема од критичната вредност 3,40 за да се прифати дека постои статистичка значајност на разликите меѓу аритметичките средини.
Табела 1. Сегашна состојба на артикулацијата според гласовните групи во однос на полот на испитаниците
Од табелата може да се забележи дека девојчињата подобро ги изговараат сите групи на гласови (18,60) во споредба со момчињата (14,38), но постојната разлика во резултатите нема статистичка значајност на ниво од 0,05 бидејќи t=1,79 е помало од KV=2,79. Сепак коефициентот на корелација r=0,36 што укажува на ниска корелација.
Табела 2. Сегашна состојба на артикулацијата според гласовните групи во однос на степенот на слушното оштетување на испитаниците
Од табелата може да се забележи дека испитаниците од III група подобро ги изговараат сите групи на гласови (19,60) во споредба со испитаниците од I група (15,28), но постојната разлика во резултатите нема статистичка значајност на ниво од 0,05 бидејќи t=1,46 е помало од KV=2,79. Сепак коефициентот на корелација r=0,31 што укажува на ниска корелација.
Табела 3. Сегашна состојба на артикулацијата според гласовните групи во однос на етиолошкиот фактор на слушното оштетување на испитаниците
Од табелата може да се забележи дека децата со слушно оштетување од генетска причина најдобро ги изговараат гласовите (19,50), потоа децата со слушно оштетување од непозната причина (16,57), а најслаби резултати покажуваат децата со слушно оштетување од срединска причина (14,00). Овие разлики во резултатите на се статистички значајни на ниво од 0,05 бидејќи F=1,73 и е помало од KV=3,40. Сепак коефициентот на корелација r=0,22 што укажува на ниска корелација.
Табела 4. Сегашна состојба на артикулацијата според гласовните групи во однос на хронолошката возраст на испитаниците
Од табелата може да се забележи дека децата на возраст од 6 години најдобро ги изговараат гласовите (18,43), потоа децата со возраст над 6 години (15,38), а најслаби резултати покажуваат децата под 6 години (15,13). Ваквата нелогичност на резултатите се должи на степенот на слушното оштетување и времетраењето на третманот. Овие разлики на резултатите не се статистички значајни на ниво од 0,05 бидејќи F=0,68 и е помало од KV=3,40, а коефициентот на корелација r=0,06 што укажува на незначителна корелација (скоро да не постои).
Табела 5. Сегашна состојба на артикулацијата според гласовните групи во однос на времетраење на третманот на испитаниците
Од табелата може да се забележи дека испитаниците што се на третман над 3 години подобро ги изговараат сите гласовите (17,62) во споредба со испитаниците од кои се на третман под 3 години (14,40), но постојната разлика во резултатите нема статистичка значајност на ниво од 0,05 бидејќи t=1,28 е помало од KV=2,79. Сепак коефициентот на корелација r=0,22 што укажува на ниска корелација.
Табела 6. Артикулационен статус според гласовните групи при прием и за време на тестирањето
Од табелата е евидентна разликата во изговорот на гласовните групи при приемот и за време на тестирањето.
Табела 7. Сегашна состојба на артикулацијата според гласовните групи и нивното рангирање
Може да се заклучи дека испитаниците најдобро ги изговараат вокалите, па плозивите, понатаму фрикативите, па назалите, латералите, а најслабо африкатите.
4. Заклучни разгледувања
Внимателно анализирајќи ги податоците од нашето истражување се доаѓа до следниве констатации:
- Резултатите од нашето истражување ја потврдија поставената општа хипотеза дека има значајна разлика меѓу сегашната состојба во изговорот на гласовните групи и состојбата на гласовните групи пред започнувањето со третманот кај децата со оштетен слух од предучилишна возраст. Резултатите покажуваат напредување на артикулацијата на гласовните групи, што се должи на рехабилитециониот третман.
- Хипотезата во однос на полот е потврдена, со тоа што коефициентот на корелација укажува на ниска поврзаност. Двете групи постигнуваат артикулационо напредување, со забелешка дека тоа е поизразено кај девојчињата во споредба со момчињата.
- Хипотезата дека состојбата на артикулацијата на гласовните групи кај децата со оштетен слух од предучилишна возраст значајно зависи од степенот на слушното оштетување ја потврдивме со добиените резултати. Коефициентот на корелација укажува на ниска корелација.
- Што се однесува до хипотезата за етиолошкиот фактор на оштетувањето на слухот, може да се заклучи дека постои разлика на артикулационото напредување кај децата со слушно оштетување предизвикано од генетска, срединска и непозната причина. Резултатите покажуваат дека децата со слушно оштетување од генетска причина најдобро ги изговараат гласовите, потоа децата со слушно оштетување од непозната причина, а најслаби резултати покажуваат децата со слушно оштетување од срединска причина. Коефициентот на корелација укажува на сосема ниска, но постојна корелација.
- Во однос на хипотезата за зависноста на хронолошката возраст и состојбата на артикулацијата на гласовните групи кај децата со оштетен слух, може да се заклучи дека не се потврдува, бидејќи коефициентот на корелација е многу низок.
- Хипотезата што се однесуваше на времетраењето на третманот се потврдува, бидејќи коефициентот на корелација покажува ниска поврзаност и евидентно се потврдува дека подобри резултати постигнуваат испитаниците што подолго се третирани.
ЛИТЕРАТУРА:
- Владисављевић С.; Костић Ѓ.; Поповић М.; Тестови за испитивање говора и језика, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1983
- Димић, Н.: Методика на артикулације, Београд, 1996, Дефектолошки факултет
- Кепески, К.: Граматика на македонскиот литературен јазик за училиштата за средно образование, Скопје,1985, Просветно дело
- Костић, Ѓ.: Говор и слушно оштеÿено дете, Горњи Милановац, 1980, Културни центар-Привредна књига
- Кошир, С., Артикулациски напредок кај децата со пречки во слухот од предучилишна возраст, Дефектолошка теорија и практика, бр. 1, Скопје
- Савић, Љ.: Методика аудиторног тренинга, Београд,1995, Дефектолошки факултет
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE