JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7152
Зоран КИТКАЊ, Ристо ПЕТРОВ
ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ИНВАЛИДНИ ЛИЦА
Имајќи во предвид дека Република Македонија е потписник на многу меѓународни документи (конвенции, декларации) кои се однесуваат на лицата со хендикеп, а со цел да се подобри квалитетот на животот на овие лица и да се овозможи нивна поуспешна и поефикасна интеграција во општествената средина, позитивното законодавство на Република Македонија на 25.05.2000 година го донесе Законот за вработување на инвалидни лица. *
Основ за донесување на овој закон е и членот 35 став 3 од Уставот на Република Македонија според кој Републиката е должна да обезбеди посебна заштита на инвалидните лица и да обезбеди услови за нивно вклучување во општествениот живот.
До денот на донесувањето на овој закон прашањето за вработување на инвалидните лица беше уредувано со одредбите од “Законот за претпријатија” (Сл. лист на СФРЈ бр. 77/88, 40/89, 46/90, и 61/900, како и Службен весник на РМ бр. 15/93).
Во изминатиот период, лицата со хендикеп беа вработувани во претпријатија, кои не се заштитни организации, не остваруваа посебни права од работен однос со што беа во нееднаква положба со лицата со хендикеп кои работеа во заштитните организации.
Со Законот за вработување на инвалидни лица се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица и тоа во услови кога: самостојно вршат дејност или професија, кај лице работодавец или кое има својство на работодавец. Со овој закон исто така се уредуваат условите за основање и погодностите за работење на заштитните друштва.
Според овој закон за инвалидно лице се смета она лице чија инвалидност е утврдена од надлежна стручна институција.
Како посебни услови и погодности за вработување и работење на инвалидни лица според овој закон се сметаат следните:
- создавање услови за работа и адаптација на работното место,
- ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси, и
- финансиска подршка во работењето.
Според овој закон работодавецот се обврзува да создаде соодветни услови за работа и адаптација на работното место во зависност од видот и степенот на инвалидноста како и видот и степенот на образованието на инвалидното лице кое се вработува. Надоместокот на трошоците за создавање на посебните услови за работа и адаптација на работното место паѓаат на товар на Посебен фонд за обезбедување услови за вработување и работење на инвалидните лица.
Инвалидно лице кое самостојно врши некоја професија или дејност исто така има право на користење средства од Посебниот фонд.
Со овој закон вработените инвалидни лица со оштетен вид, со оштетен слух, телесно инвалидните лица, лицата со пречки во психичкиот развој, лицата со комбинирани пречки и лицата со психози кои заради видот и степенот на попреченоста имаат потреба од посебни услови за работа (утврдени од надлежен орган) се ослободени од плаќање на персонален данок од доход.
Според законот придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување како и придонесот за обезбдување на средства за вработување на инвалидните лица се обезбедуват од буџетот на Република Македонија.
Средствата што се добиваат од Посебниот фонд се сметаат за финансиска подршка на инвалидното лице кое самостојно врши професија или дејност, односно за заштитното друштво кое вработува инвалидни лица.
Според овој закон за заштитно друштво се смета она друштво кое вработува најмалку 5 лица од кои минимум 40 % од вкупниот број на вработени се инвалидни лица, од кои најмалку половина се со оштетен слух, оштетен вид, телесно инвалидни лица, лица со пречки во психичкиот развој, лица со комбинирани пречки и лица со психози, кои заради степенот на оштетувањето имаат потреба од посебни услови при вработувањето и работењето.
Заштитното друштвото кое вработува инвалиди во колку не ги исполнува споменатите услови го губи статусот на заштитно друштво.
Сите вработени лица во заштитното друштво кои не се инвалиди се ослободени од плаќање на персонален данок од доход а средствата за придонес за пензиско и инвалидско осигурување се обезбедуваат од буџетот на Република Македонија.
Со овој закон заштитните друштва се ослободуваат од плаќање на данок од добивка и сите давачки од добивката.
Заштитните друштва во согласност со Законот за трговски друштва имаат право да основаат Заедница на заштитни друштва како стопанска интересна заедница која ќе ги штити заедничките цели и интереси на друштвата.
Заедницата води евиденција за уплатените средства од данокот на додадена вредност и царините од страна на заштитните друштва на сметката на Посебниот фонд за обезбедување услови за вработување и работење на инвалидните лица.
Споменатиот фонд покрај средствата од ДДВ и царина што ги плаќаат заштитните друштва обезбедува уште средства и од подароци, легати и слично.
Во колку вработеното инвалидно лице не е оспособено за вршење на соодветни работи истото може од страна на работодавецот да се упати на работно оспособување. Со овој закон и невработеното инвалидно лице може да се упати на работно оспособување и тоа од страна на Заводот за вработување на Република Македонија. Трошоците за работно оспособување и во двата случаи паѓаат на товар на Посебниот фонд.
Меѓу Заводот за вработување на Република Македонија односно работодавецот кој го упатува инвалидното лице на работно оспособување и работодавецот каде се изведува оспособувањето се склучува договор со кој се регулираат условите под кои ќе се спроведува работното оспособување, времетраењето на оспособувањето, верификација на оспособеноста, средствата за работно оспособување и меѓусебните права и обврски. За време на оспособувањето инвалидното лице нема статус на вработено лице кај работодавецот кај кого се оспособува.
Според овој закон 15 % од вкупно остварените средства од постојниот придонес за вработување се издвојуват на посебна сметка на Заводот, за Посебниот фонд, и истите можат да се употребат само за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица.
Решение за доделување на средства од Посебниот фонд донесува Управниот одбор на Заводот а критериумите за доделување на овие средства ги пропишува Министерот за труд и социјална политика.
Законот за вработување на инвалидни лица објавен во “Сл. весник на РМ бр. 44/2000"
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE