JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4979
Величко АНДРЕЕВСКИ
НЕКОИ АСПЕКТИ НА ПРОФЕСИОНАЛНИОТ И ОПШТЕСТВЕНИОТ СТАТУТС НА ДЕФЕКТОЛОГОТ ВО СЕГАШНИТЕ ТРАНЗИЦИОНИ ОПШТЕСТВЕНО-ЕКОНОМСКИ УСЛОВИ
I. |
Вовед |
Во име на хуманизмот и мноштвото други општествени вредности, за заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот односно на хендикепираните лица како и за оспособувањето на дефектологот за што е превасходно можна поуспешна работа во ова подрачје, напишани се купишта книги, одржани се бројни собири (советувања, симпозиуми, конференции и сл.).
За жал дефектолозите скоро никогаш не ја имале таа сатисфакција да се презентираат и ги експлицираат проблемите поврзани со нивниот општествен и професионален статус-нивниот живот и работа или поточно речено за мистеријата на нивната своевидна апотеоза на егзистирање како општествени и индивидувални битија во сложениот контекст на нивната работа со целокупното миле на семејното и општественото окружување. Според тоа сосем е логично и на денешниот степен на цивилизација да се немаат целосно верифицирани сознанија и ставови општествено промовирани што го детерминираат статусот на дефектолошката професија и дефектологот како стручњак и човек.
Тоа недвосмислено ја наметнува потребата, работата на дефектолозите да не остане на маргините од стручно-научните и општествено-политичките интересирања. Не само заради дефектолозите, туку напротив многу повеќе заради судбината на 10% хендикепирани лица во вкупната светска популација и најмалку 30% од населението непосредно вклучени во судбината на нивните семејства, роднини и пријатели. Уште повеќе кога се во прашање бившите “социјалистички” држави во чии пукнатини транзицијата во трансформирањето на општествените односи и пазарното стопанство суштински е ориентирано на профит, запоставувајки ги и основните општествени вредности девастирани со сиромаштија, корупција, грабежи, криминал и целиот регистар на асоцијални појави. Во ваквите процеси логично е да се влошуваат условите за живот на ниските социјални слоеви на општеството, а пред с#, на хендикепираните односно инвалидизираните лица. Притоа нивната неповолна социјално-економска положба императивно има и негативна рефлексија врз целокупниот статус на дефектолозите. Токму заради тоа нивниот општествен и професионален статус како проблем треба неизбежно да се актуелизира во сета своја “светлина”.
Во ентитетот на човечкиот опстанок неговото биогенетско потекло и целокупното социјално окружување, на сегашниот степен на развојот на науката, не постои моќ да се елиминира раѓањето или настанувањето на физички и психички оштетувања односно хендикепираност кај човековата индивидуа.
Независно од цветот на неговата мудрост човекот ќе остане во вечна и бескомпромисна борба со огромен број агенси на својата судбина. Притоа, местото и значењето на дефектолошкиот труд секогаш треба да има едно од најприоритетните места, независно од сегашниот однос кон оваа професија што е на последните скалила на општествените визии.
Кога станува збор за дефектологот не може да се избегне и фактот дека тој беше и е оптоварен, не само со својот маргинален статус во контекстот на сродните професии (медицината, педагогијата, психологијата и др.), туку и со својата неизвесна егзистенција во поглед на својот, пред с#, професинален “имиџ” и прогрес. Тој посебно во денешни услови е присилен да се брани (да опстојува во неофицијален атак на неговото разнебитување), односно на неговото негирање, неговата сурогатска замена до неоправдано неприфаќање, како во определени надлежни институции и установи така за поголема несреќа често и во своите средини и тоа од определен број помал број поединци што се наоѓаат на одговорни работни места од каде што треба да се брани и гради дефектолошкиот статус врз најобјективна стручна и научна анализа на проблемите врзани со хендикепираните лица во дадени развојни нивоа на општествено-економските односи и во тој контекст степенот на нивните потреби.
II. |
Кон мотивите за избор на дефектолошката професија и нивната рефлексија врз општествениот и професионален статус на дефектологот |
Определувањето за секоја професија а посебно за дефектолошката, претпоставува пошироко познавање, свест и епилог во дилемите за егзистенција и афирмација на личноста, за висок степен на мотивација за работа и за сатисфакцијата што доаѓа со резултатите од работата како есенцијална компонента на животот и живеењето како condicio sine kwanon.
Во тој контекст априори се поставува прашањето дали одлуката за дефектолошката професија содржи повеќе емоционални “фосили” на традиционалните вредности без нивната филантропска маска или пак содржи премиси на современите цивилизациски случувања на етички план што треба да бидат содржани во фундаментот на донесувањето одлука. На жалост на овие прашања на сегашниот степен на развој на определен број општествени науки не им е даден прецизен, односно задоволителен во стручно-научна смисла одговор, останувајќи отворено за истражување како во областа на дефектологијата, така и во етиката и психологијата и другите општествени науки.
Останува позната само една од вистините дека потребата за дефектолошка работа не ги одразува само сведоштвата за бројните суптилни варијации на нарушеност на хармонијата во биосоцијалните текови на семејството и хендикепираното лице односно нивниот човечки интегритет, туку и симбиозата на дефектолошкиот мултидисциплиниран третман во воспоставувањето на определн степен на соодветна рамнотежа како специфичен феномен за кој треба многу знаења за да биде што е можно повеќе расветлен. Тоа го прави и оној своевиден облик на битисување на дефектологот во поширокиот контекст на односи-човек-човек, човек и општество.
Во рамките на неговите релации во непосредната работа малкумина наат дека тој мора да биде добар родител, пријател, “кловн”, другар, стручњак и научник.
Со оглед на тоа што до ослободувањето професијата дефектолог скоро и да не беше позната кај нас, мошне многу е тешко да се прават поцелосни анализи во врска со нејзиниот избор.
Свесното определување за ваквиот позив без сомневање има непосредна рефлексија врз креативноста и успешноста на извршувањето и во поширока смисла тоа е една од основните детерминанти и на самиот професионален и општествен статус на дефектологот. Појдувајќи од тоа ќе нотираме некои согледувања во врска со овој комплекс на прашања и тоа:
Прво, непосредно по ослободувањето, Република Македонија во огромните напори да се зацврсти преку целокупниот стопански и општествен развој, не ги испушти од предвид и амбициите во однос на заштитата и оспособувањето на “дефектните” односно инвалидизираните и хендикепираните лица, така што изборот на дефектолошката професија “мораше” да се врши и со директива или наредба. Но тоа не беше без никакви критериуми, туку напротив беа присутни поширок регистар критериуми и услови за стекнување со оваа професија. Остануваат нерасчистени само прашањата поврзани со интимните желби и потреби на кандидатите и нивото на нивната ифнормираност за дефектите и дефектологијата.
Второ, мистеријата што ја предизвикува самиот назив дефектологија, “дефектност”, “дефектен” човек, кој секојдневно го среќаваме и љубопитноста за причините што се кријат зад тоа, сфатена во поширока смисла во универзалното интересирање на човекот за животот и светот.
Трето, самиот факт што дефектолошката професија овозможуваше релативно брзо вработување и тоа во поголемите градски средини, лесно стануваше мотив за нејзиниот избор без многу дилеми и размислувања. Какви реперкусии тоа може да има или имаше, како прашање бара посебни согледувања, бидејќи не е соодветно проучувано.
Четврто, еден од мотивите беше и непосредното присуство на лице со хендикеп во потесното или поширокото семејство (брат, сестра, тетка, стрико, сосед итн.). Во такви околности одреден број луѓе набрзо донесуваа одлука да се определат за дефектолошките студии.
Петто, исто така не смее да се исклучи и традиционалната вредност, вкоренета кај голем број наши луѓе и нивните меѓусебни односи-тоа е желбата и задоволството да се биде солидарен, да се помага во маките на другите, со значителна доза на сочувствување и сожалување.
Шесто, многу помалку беше присутен мотивот врзан со брзото напредување во кариерата заради дефицитарноста на овој кадар иако не може да биде исклучен и друго.
Во секој случај постојат уште бројни мотиви што не можат по овој повод целосно да бидат идентифицирани и елаборирани.
Определбата за избор на секоја професија а посебно на дефектолошката како што претходно е нагласено, се фундира на сознанието, на совеста и епилогот во дилемите за афирмирање на својата личност со висок степен на неизвесност и ризици за соодветната сатисфакција што треба да дојде со работата како есенцијална компонента на животот и реалниот (заслужениот) однос на општеството кон проблемите на хендикепираните лица.
III. |
Некои од факторите што ги лимитираат можностите и условите |
Од мошне сложениот комплекс на лимитирачки фактори во градењето на професионалниот а посебно на општествениот статус на дефектологот за оваа пригода ги одбравме следните:
1. Отсуството на залагања во рамките на стручната работа (сфатена во поширока смисла), дефектолозите апострофирајќи ја секогаш стигмата на оние со кои работат, никогаш не говореле за “стигма” на дефектолозите како рефлексија на нивниот професионален и општествен статус. Тоа значи дека секогаш сметаа и с# уште сметаат дека стигма и не постои, што е заблуда. Стигма постои со чувство на самосожалување кое тешко се доживува а уште потешко се признава. Затоа ова прашање е мошне значајно, а од неговото разрешување на најсоодветен начин зависи ослободувањето на стегите од комплексот на инфериорност што секој дефектолог го носи во својата професионална интима заради повеќе субјективни и објективни фактори за кои општеството со своите институции с# уште нема доволно разбирање. Притоа не треба да се испушти од вид дека “стигма” постои која за жал се карактеризира со мошне суптилен психолошко-етички набој, стигма која поголем број од дефектолозите немилосрдно ги “тортурира”.
2. Емоционалната загрозеност на работната средина на дефектологот со оглед на тоа што е изложен да ги чувствува и преживува “несреќите” и ситните радости во еден “чуден амбиент” не многу разбирлив за луѓето што се надвор од овој “свет”. Не се знае дали има потешка еколошка катастрофа од емоционалната.
3. Неповолниот социјално-економски и културно-образовен статус на семејството и индивидуите со кои дефектологот работи, и мора да комуницира,во рамките на својата непосредна дефектолошка работа.
4. Долгиот временски интервал за постигање најчесто и многу скромни резултати со дефектолошкиот труд, оставаат чувства на неговата девалвација и доведуваат до слабеење па дури и губење на мотивацијата за работа.
5. Социо-ритамот на работата е во голема мера оптоварен со стереотипи, изолација, монотонија и разновидни фрустрации.
6. Објективната ограниченост на можностите за напредување во работата, заради самата нејзина природа, односно ограничениот простор за напредувањето во хиерархиска смисла сфатено, исклучувајќи ја при тоа единствено науката како неограничен полигон за сите.
7. Постојани тензии што се условени од содржината и карактерот на дефектолошката работа што не ретко ја нагризуваат кохезијата на меѓучовечките односи и на тој начин постојано ја влошуваат атмосферата во работниот амбиент.
8. Предвремени и чести заболувања, инвалидност дури не ретко и рана смрт на дефектолозите.
9. Неповолниот економски статус на дефектолозите кој во последно време наместо да се поправа се влошува со ригорозно заостанување на заработувачките. Тоа е придружено и со бројни семејни проблеми како што се нерешеното станбено прашање, невработеност на членовите на семејството што помеѓу другото е последица и на општествениот статус на дефектологот и многу друго што е врзано со неговите ограничени комуникации како со политичката така и со економската елита на општеството.
10. Многу ретки значајни општествени признанија што ги добива дефектологот.
11. Оптовареност на семејствата на дефектолозите со проблемите на хендикепираните лица и семејства со кои дефектологот работи и комуницира во рамките на својата непосредна професионална обврска.
12. Генерациските конфликти (условно земено) и покрај желбите да не постојат, за жал постоеја и постојат. Тоа имаше а може да има сеуште рефлексија во разјаденото ткиво на заедништвото на дефектолозите и одлепеното градење на афторитети во ова подрачје, а при тоа несвесно и ненамерно негирање на придонесите на секого во областа на заштитата и рехабилитацијта, независно од тоа колку се скромни или посебно значајни и за нив самите и за целото општество гледано пошироко.
Во таа смисла значајна улога имаат социјално-хуманитарните организации кои во совршена смисла на зборот не ја градат, не ја чуствуваат и не ја негуваат вистинската соработка со дефектолозите и дефектолошките установи иако при тоа има определени исклучоци.
13. Посебно треба да се нагласи отсуството на одговорен однос во градењето и компромитирањето на авторитетот на дефектологот во најразлични варијанти, пред с#, од него, како и општествените институции и граѓаните за кои и самите во соработка со медиумите треба да најдат определени форми за создавање соодветна “дефектолошка” култура.
14. Нивото на дефектолошката ерудиција како еден од факторите во градењето на професионалниот и општествениот статус на дефектолозите како не проучуван проблем имаше и има значајно влијание врз статусот на дефектолозите кои во “вакумите” на медицината, психологијата, социјалната заштита итн. го бараат своето место. Но да сметаме дека тоа е или ќе биде наскоро минато. Особено со отворањето на дефектолошките студии на Универзитетот во Скопје.
15. Непостоењето, или поточно кажано неорганизираноста, инфантилоста и некоординираноста на службите во државните институции и нивните импровизации на третманот на хендикепираните лица во областа на здравството, образованието, вработувањето и другите општествени дејности, претставуваше и претставува сериозен проблем што има силно влијание врз професионалниот и општествениот статус на дефектологот.
16. Сe уште недоволната информираност на граѓаните за дефектолошката проблематика преку средствата за масовна комуникација, публицистиката и издавачката дејност како подрачје за мобилизација во однос на стручните и научните предизвици, исто така имаше има и ќе има неповолно влијание врз дефектолошкиот статус како од професионална, така и од општествен аспект гледано.
17. Несоодветен начин на прифаќање на младите дефектолози и отсуство на кохезија во заедничкото градење на дефектолошката професија.
18. Намерите и зафатите да се прифаќаат некои светски модели на третман како што е на пример нормализацијата и интеграцијата на хендикепираните лица во процесот на образованието и воспитанието на хендикепираните лица не секогаш беа насочени кон создавање на соодветни услови за тоа (простор, опрема, кадри, помагала, програми, информации, концепција и сл.) туку напротив без никакви стандарди и нормативи постојано се форсираа, останувајќи на ниво на импровизации, а дефектолозите секогаш беа на маргините како стручен профил што треба да го дадат својот последен збор за разлика од другите кадри со кои тие соработуваат.
19. Прашањето за потребните средства во поглед на перманентното стручно усовршување на дефектолошките кадри (кои заради природата на професијата мора да поседуваат знаења од повеќе научни дисциплини) не само што воопшто не се актуелизира како проблем, туку и ниедна општествена институција не е во тек со ваквите потреби, ниту во таа смисла се прават обиди за нивното соодветно решавање преку пократки или подолгорчни програми. Тоа не бара посебно образложение во однос на актуелноста, политиката и практиката за континуираното решавање на овој значаен проблем.
20. Наездата од “проекти” од страна на бројни доброволни, “хуманитарни” и други невладини организации од светот што се нудат во нашата држава а што апсолутно неконтролирано од државните институции се “вршат” во соработка со некои наши социјално-хумани организации дури и со поединци што немаат врска со дефектолошката професија или имаат сосема маргинално потребно стручно познавање, свесно или несвесно ја компромитираат и пустошат дефектолошката професија раководејќи се од своите економски интереси.
21. Неконтролираната “селекција” при уписот на студенти од нашата Република на дефектолошките факултети во бившата СФРЈ, во подолг временски период имаше и има неповолно влијание врз целокупниот статус на дефектолозите, се разбира не без определени исклучоци што немаат битно значење за “спасување” на дефектолошкиот професионален и општествен статус.
22. Мошне хетерогената структура во однос на стручниот профил на наставниот кадар ангажиран на дефектолошките студии (насекаде а и во нашата држава) што им припаѓа на повеќе стручни профили дефектолози, лекари, психолози, етичари и др.) најчесто определен број од нив не се врзани за своите стручни, односно професионални достигања за дефектолошките проблеми, туку за свои други (матични) наставни подрачја, така да остануваат на маргините од нивните приоритетни интересирања. Тоа во секој случај остава посебен белег врз целокупната ерудиција на дефектологот. Исто така во тој контекст треба да се има предвид и не најсоодветната структура на кадарот на дефектолошките студии во однос на звањата, опусот на објавените стручни трудови како и местото во лествицата на научните и општествените вреднувања иако се присутни и определен број кадри што можат да придонесат за решавањето на овој проблем со стекнатиот висок стручно-научен и општествен авторитет.
23. Сe уште недоволната прилагоденост на програмските содржини на наставата за дефектолошки студии од повеќето научни дисциплини што неизбежно се застапени кон дефектолошките проблеми, оставаат препознатливи празнини во компактноста на стручниот профил на дефектологот изразена многу често во неговата инфериорност низ целокупниот третман на хендикепираните лица во тимската работа со стручните кадри од другите профили, а следствено на тоа и во неговиот професионален и општествен статус.
IV. |
Некои заклучни согледувања |
1. Императивна е потребата да се прави објективна оцена на квалитативните мерки и квантитативните вредности на системот во кој се одвива животот и работата на граѓаните, а во случајов на дефектолозите, гледано од најнепосредните интереси на хендикепираните лица чија заштита најнепосредно произлегува од уставно санкционираната обврска на Република Македонија како социјална држава. Според тоа, оствареното ниво во квалитетот на живеењето на хендикепираните лица го детерминира и статусот на дефектологот.
2. Дефектолозите, а посесбно граѓаните, не треба да бидат ослободени на сегашниов степен на развојот на науката од претпоставките и стравот дека наскоро човештвото ќе го елиминира раѓањето на лица со физички и психички недостатоци и хендикепирани лица, посебно во сегашниов техничко-технолошки прогрес, воени, еколошки и природни катастрофи. Човештвото мора да биде свртено кон опачините на животот како с# уште трајна придружба на своето битисување. Впрочен оттука произлегува нашиот професионалниот на дефектолозите да се завет индицираат и раздиплуваат проблемите на “дефектните” лица за да бидат јасно кажани своите потреби независно од тешкотиите со што општеството е соочено во сегашниве прилики.
Притоа, не треба да се испушти од предвид дека во историскиот талог на противречности и тензии тешко можат да бидат избегнати определени субјективни посебности во експликациите што се даваат или ќе се даваат во сегашниве процеси на демократизација на општеството и на општествените односи, особено во сегментите на општествените дејности. Тоа е и мошне позитивно, кога се прави со настојувања за сe повисок степен на усогласеност помеѓу политичките ставови, науката и практиката.
3. Од етички аспект гледано, а респектирајќи го “култот” на дефектолошката професија треба да се направи успешен обид преку стручна-научна анализа за расчистување на сите дилеми кои практиката ги наметна во однос, на недовербата и неразбирањата помеѓу дефектолозите и институциите на системот, во постојните општествени односи и прилики, наметнати од историската транзиција.
4. Напливот на разноразните добротворни организации, невладини и социјално хуманитарни организации за кои за жал никој не води елементарна евиденција, ниту врши координација често поврзани со наши социјално хуманитарни организации установи или поединци што ниту имаат кадри ниту обврска да се занимаваат непосредно со стручна, односно со научно-истражувачка работа, неизбежно во сегашниве неконтролирани транзициони прилики ја сведуваат ваквата дејност на импровизации. Во овие активности по правило се избегнува асоцијата на дефектолозите и соодветната институција за оспособување на дефектолошки кадри на Универзитетот Скопје со што се прават неизбежни ерозии на дефектолошката професија и практиката на дефектологијата како и науката сфатено во поширока смисла.
5. Остануваат бројни енигми за вистинското место на дефектологот во сложените процеси на живеење на човекот како индивидуално и општествено битие, а посебно на хендикепираниот во што травматично се кријат незаинтересираност и амбиции за поширока присутност во светските текови на стручен план, апатија и затвореност без пошироки амбиции за вклучување во светските процеси на дефектолошкото подрачје со инерција на меѓусебната отуѓеност и разединетост во напорите за подобрување и добивање на својот општествен и професионален статус.
Останува надежта дека младите стручни кадри што доаѓаат во помасовна смена на генерациите дефектолози, да се изборат за својот, пред сe, праведен, хуман, комплициран и своевиден професионален и човечки статус на дефектолог со регистарот на специфичности што само тој може да ги знае во период од четири децениска работа.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE