JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 9104
Билјана НАУМОВСКА
УСПЕХОТ НА ДИСЛЕКСИЧНИТЕ ДЕЦА НА
ТРОДИМЕНЗИОНАЛНИОТ ТЕСТ ЗА ЧИТАЊЕ
Читањето е многу важна вештина во современиот живот. Преку читањето човекот усвојува знаења, но тоа истовремено претставува и можен извор на разонода. Читањето ги допира сите аспекти на животот: социјалниот, политичкиот, економскиот, а влијае и врз личниот и професионалниот живот на поединецот.
Иако во денешниот современ живот говорниот текст по пат на радио, телевизија и кинематографија претставува најзастапен облик на пренос на информации, сепак, пишаниот текст и понатаму е најпристапно средство за усвојување на знаења. Предноста на слушањето е во брзината на преносот на информации и во достапноста на иформациите, но во пишаниот текст може едноставно и лесно да се пронаоѓаат потребните информации или да се следат мислите на авторот. Пишаниот текст дава можност за проверка и враќање на веќе усвоеното, што е многу важно при учењето на нови содржини.
Дефиниција на тешкотиите во читањето (Дислексија)
Експерименталните, невропсихолошките и развојните студии за читањето укажуваат на две компоненти: разбирање и декодирање (Hunt и сораб. 1975, Palmer и сораб.1985, според Aaron 1991). Терминот разбирање се однесува на сфаќањето на семантичката и синтаксичката важност на зборот, а терминот декодирање се користи наизменично со термините како што се енкодирање, рекодирање и графем-фонем конверзија, подразбирајќи го користењето на врската буква-глас, гласовната анализа и синтеза за претворање на пишаните зборови во нивните соодветни фонолошки репрезентации. При читањето, фонолошките репрезентации на зборовите во речениците се задржани во работната меморија, па на тој начин може да се разбери значењето на цел збор. (Aaron, 1991).
Недостатоците во декодирањето и разбирањето (не сами и не единствени) се врзуваат кон проблемите во читањето, дефинирани како заостанување во читањето, тешкотии во читањето, растројство во читањето или дислексија. Видливо се манифестираат во училишниот период и претставуваат значајно неслагање помеѓу вистинското и очекуваното ниво на читање во однос на менталната возраст. Заради големите индивидуални варијации во способностите за читање, обично како критериум се зема заостанувањето од една до две години во однос на врсниците за да се зборува за тешкотии во читањето.
За опис на проблемот се користат термините специфична неспособност за читање, развојна дислексија и нешто други називи, често одредени во зависност од пристапот- медицински или педагошки.
Најприфатлив е медицинскиот модел воспоставен уште во 1968 год. кога Светската федерација на невролози ја дефинира дислексијата: “Дислексијата е растројство што се манифестира со тешкотии во совладувањето на читањето и покрај вообичаената подука, доволната интелигенција и поволните социо-културни прилики”. Таа се заснова врз темелите на сознајните растројства што често се конституционално условени. (Critchleu, 1970).
Цел на истражувањето
Основна цел на ова истражување е да се утврдат разликите во брзината на читањето, разбирањето и бројот на грешките помеѓу групата на дислексични деца и децата без тешкотии во читањето, односно, дали и во колкава мера овие особини се поизразени кај дислексичните деца во однос на контролниот примерок.
Хипотези на истражувањето:
- Дислексичните деца ќе прават поголем број грешки во читањето во однос на децата без тешкотии во читањето
- Брзината на читањето ќе биде пократка кај децата без тешкотии во читањето
- Разбирањето (бројот на сфатени поими) ќе биде подобро кај децата без тешкотии во читањето
Методологија на истражувањето:
Во рамките на испитаната група од 474 испитаници издвоена е група од 70 испитаници. Испитаниците се поделени во две групи: експериментална и контролна (по 35 испитаници).
Испитаниците се ученици од 2, 3 и 4 одделение, а нивната хронолошка возраст се движи од 8-11 години.
Основен критериум врз кого се издвоени испитаниците во рамките на експерименталната група се дислексичните тешкотии. Оваа група ја сочинуваат 14 испитаници од женски пол и 21 од машки пол.
Контролната група испитаници ја сочинуваат деца без говорно-јазични растројства. Оваа група на експерименталната и одговара по: број, пол и возраст.
Испитувањето е вршено во оптимални услови, во кабинет за индивидуална работа, а при испитувањето е водена сметка за сите фактори, субјективни и објективни, што можат да влијаат врз процесот на читањето. Испитувањето е вршено во текот на денот.
Како инструмент во истражувањето користен е ТРОДИМЕНЗИОНАЛНИОТ ТЕСТ ЗА ЧИТАЊЕ (Ѓ. Костиќ, С. Владисављевиќ, М. Поповиќ), кој ги оценува следните квалитети:
- брзина на читањето,
- бројот на неправилности (несигурности и грешки) и
- разбирањето на прочитаниот текст според вербалните одговори.
Тестот е наменет за децата на млада училишна возраст, а посебно за децата што имаат тешкотии во совладувањето на читањето.
Висока корелација со издвоена дискриминативна функција, постигнува варијаблата што се однесува на времето потрошено за читање т.е. на брзината на читање.
Брзината на читањето е следена во зависност од тоа дали се работи за дислексично дете или дете без тешкотии во читањето. Просечната брзина на читањето кај дислексичните деца е 137 секунди, а во групата на деца без говорно-јазични тешкотии 104. Резултатите покажуваат дека постои статистичка значајност од р<0,0000.
Ова покажува дека брзината на читањето е секогаш пократка кај децата без тешкотии во читањето.
Од применетите мерни инструменти најголема корелација и најголем релативен придонес на дискриминативната функција дава варијаблата што се однесува на бројот на точно прочитани зборови. Според тоа значајно место при проценката на нивото на читање покрај брзината и разбирањето, заземаат и грешките во читањето.
Грешките во читањето можат да се разликуваат според бројот и видот. Во дијагностицирањето на дислексиите не е доволно само да се пребројат неправилно прочитаните зборови, туку во предвид се земаат и видовите на грешки во еден збор. Со тоа се дава можност да се откријат причините заради што дошло до грешки и да се преземат соодветни тераписки мерки. Разграничувањето на дислексичните грешки од грешките што ги прават слабите нормални читачи, врз основа на наведените видови грешки и бројот на грешки претставува нужност. Касаковски (1970) го изведува степенот на дислексија од бројот на грешките, но тој степен мора да се разгледува во врска со пратечката симптоматологија. Всушност невролошките растројства предизвикани од доживувањето на неуспех и потсмев можат да влијаат врз бројот на грешките.
Во рамките на нашето истражување следен е просечниот број на грешки во читањето во зависност од тоа дали испитаниците покажуваат тешкотии во читањето или не. Бројот на грешки на тродимензионалниот тест за читање во групата на дислексични деца во просек изнесува 10,4 а во групата на деца без говорно-јазични тешкотии 2,0.
Нашите резултати покажаа дека групата на добри читачи статистички значително се разликува од децата со тешкотии во читањето на ниво р<0,0000. И овој наод потврдува дека варијаблата се однесува на оние манифестни карактеристики на читањето што се значително поинакви кај сите деца со тешкотии во читањето, без оглед на нивната можна припадност на различните типови на нарушување во читањето и на евентуалните разлики во латентната структура на поединечните димензии на просторот на читањето.
Читањето без разбирање и не е читање во вистинската смисла на зборот. Актот на читање активира изненадувачки широки делови на кортексот, вон класичните леви темпорални површини. Другите површини го вклучуваат коезистентно учеството и на левиот и на десниот медијален фронтален лобус. Ова е посебно важно и изразено кога се во прашање процесите на разбирање и комуникација, што зборува за комплексноста на сите процеси и потреби да се користат многу системи на мозокот за да може одредена задача да се изврши.
Проблемите во разбирањето многу често се надоградуваат врз проблемите на техниката на читање, односно, често, оваа проблематика оди заедно.
Разбирањето е крајно комплексен и конструктивен процес кој ја вклучува интеракцијата на поголем број варијабли. Разбирањето претставува активен обид да се сфати текстот ставајќи го во однос со претходните информации што се чуваат во долгорочното памтење.
Браун и сораб. (1983, според Леслие 1993) укажуваат на 4 интеракциски компоненти во разбирањето:
- карактеристики на читачот, како што се содржините на претходните знаења, интересите или мотивацијата за читање и намерата за читање,
- карактеристики на материјалот кој се чита, како што е структурата на текстот,
- стратегии што читачот ги користи, и
- барања на ситуацијата во што се чита.
Во нашето истражување, разбирањето се оценува според прераскажувањето на она што е прочитано.
Резултатите укажуваат дека разбирањето (бројот на сфатени поими) кај дислексичните деца е значително полошо-постигнаа просечно по 2,74 бода за разлика од децата без тешкотии во читањето што во просек постигнаа 6,05 бодови од можните 10. Во групата на дислексични деца, имаше и деца што не одговорија, т.е. не дадоа ниту еден податок, што не беше случај кај децата без тешкотии во читањето.
Разликата е статистички високо значајна р<0,0000.
Ова покажува дека разбирањето е секогаш подобро кај испитаниците што не покажуваат тешкотии во читањето.
Заклучоци
Времето потрошено за читање (брзината на читање) е многу подолго кај групата на дислексични деца (во просек 137 секунди) за разлика од децата во нормалната популација (во просек 104 секунди).
Процентот на грешки во читањето е значително поголем во групата на дислексични деца. Просечниот број на грешки во читањето се движи од 10,4 кај дислексичните деца, до 2,0 кај децата без тешкотии во читањето.
Разбирањето (бројот на сфатени поими) значително ја диференцира групата на дислексични деца од групата на деца без тешкотии во читањето. Дислексичните деца покажуваат полошо разбирање, постигнувајќи просечно по 2,74 бода (во оваа група имаше и деца што не дадоа ниту еден одговор), додека децата без тешкотии во читањето постигнаа во просек 6,05 бода.
ЛИТЕРАТУРА
- Bakker D. J., Bouma A., Gardien C. J. (1990): Hemisphere-Specific Treatment of Dyslexia Subtypes: A Field Experiment. Journal of Learning Disabilities. Vol. 23, No. 7, 433-439.
- Бецкер Р. (1970): Дислексија и дисортографија с логопедског аспекта. Савез друштава дефектолога Југославије, Београд.
- Ellis A.W. (1994): Reading, Writing and Dyslexia : A Cognitive Analysis. Lawrence Erlbaum Associates Publisher, London.
- Hornsby B. (1995): Overcoming Dyslexia. Alden Press LTD., Oxford.
- Костић Г., Владисавлјевић С., Попови¢ М. (1983) : Тестови за испитивање говора и језика. Завод за уџбенике и наставна средства, Београд.
- Владисавлјеви¢ С. (1986): Пореме¢аји читања и писања. Логопедија 4, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE