JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4828
Даниела ВАРДУЛАКИ, Петар С. ПЕТРОВ
Во 1924 година во Москва беше свикан Вториот конгрес на Социјално-правната заштита на малолетните (СПЗМ), што беше посветен на проблемите на децата со психофизички оштетувања. Научното раководство, редакцијата на пристигнатите материјали и разработувањето на основните правци на државната политика кон тие деца се потпираат врз младиот психолог од Ровно-Лев Семјонович Виготски. Тој не само што се справува брилијантно со таа задача подготвувајќи ги материјалите за Конгресот во зборникот “Прашања за воспитанието на слепите, глувите и на ментално ретардирани деца”, но и ја оцртува својата сопствена позиција по однос на суштината и карактерот на детската оштетеност. Тие негови сфаќања се доразвиваат во неговата натамошна истражувачка дејност што го определуваат за десетици години однапред развојот на специјалната психологија и педагогика. Во предговорот кон овој Зборник Виготски пишува: “Човештвото ќе ги победи порано или подоцна и слепоста, и глувоста, и слабоумноста. Но многу порано тоа ќе ги победи социјално и педагошки, отколку медицински и биолошки”. Оттука и основниот заклучок-детскиот дефективитет по својата суштина е социјална појава и борбата против неа треба да се води со социјални средства. Уште во својата прва работа по тие проблеми младиот психолог ја брани тезата за борба не со самиот биолошки дефективитет, туку со неговите социјални последици.
Кон прашањата за психолошката суштина на детскиот дефективитет Виготски се обраќа повеќекратно. Особен придонес тој има дадено за развојот на психологијата на ментално ретардираниот ученик. На таа проблематика Виготски и посветува специјална студија: “Проблемот за менталната ретардираност”. Во неа тој ја анализира динамичната теорија на германскиот психолог Курт Левин за личноста на ментално ретардираните. Според оваа теорија основните причини на менталната ретадираност со “заостанувањето, малата подвижност, недиференцираноста на нивната сфера на личноста” т.е. со слабата подвижност на афектите, недиференцираноста на слоевите на личноста, незрелоста и инертноста на намерите и дејствата итн. К. Левин, базирајќи се врз податоците од експерименталните истражувања во сферата на потребите, намерите и структурата на активностите кај ментално ретардираните, ја објаснува конкретноста на нивното мислење, нивното неумеење да апстрахираат и да обопштуваат со слабата подвижност и инертност на нивната афектна сфера. Потцртувајќи го значењето на теоријата на Левин за “ригидноста на афекторните структури” кај ментално ретардираните, Виготски ја оценува заслугата на германскиот истражувач за преодолувањето на тесноградноста и ограниченоста во теориската ситуација на менталната ретардираност. Левин прв го искажува предлогот дека менталната ретардираност е “целосно нарушување на личноста, а не нарушување на одделни структури на личноста”. Тој, според Виготски, излегува “надвор од рамките на интелектуалната сфера и ја бара причината за слабоумноста во зависност од психичкиот живот воопшто”. Во тој пункт од својата теорија Левин е поздравен од Виготски. Но истовремено е подложен на сериозна критика за шематичноста и едностраничивоста на неговите погледи. Во својата желба да го негира “интелектуализмот” во специјалната психологија, Левин ја апсолутизира улогата на емоционално-волевата сфера (афектот) и ја разгледува врската “интелект-афектот” еднострано т.е. ја признава улогата на афектот за дејствувањето врз интелектот, но не и обратно. Тука Левин го плаќа данокот на гешталтпсихологијата примајќи дека психичкиот живот е севкупност од затворени структури. Виготски и ја спротиставува на таа теза положбата за причинско-следствените закономерности. “Она што ни изгледа причина, пишува тој, може да стане последица и обратно”. Понатаму Виготски искажува гледиште дека основната причина на нарушувањето на личноста треба да се бара не во одделна структура на личноста и околу неа да се градат “затворени кругови”, туку во особеностите на психичкиот развој воопшто. Тој го истакнува дијалектичкото единство, во кое се наоѓаат сферите на личноста, нивното заемно влијание, обратните врски, заедничкиот развој. Според Виготски разликата меѓу нормалното и ментално ретардираното дете да се бара “не толку во особеностите на интелектот самиот за себе или на афектот самиот за себе, колку во своеобразноста на односите што постојат меѓу тие две сфери на психичкиот живот и своеобразноста на патиштата на развојот што ги израмнува тој однос на афективни и интелектуални процеси”. Тој потцртува: “Специјалните истражувања покажуваат дека степенот на развој на поимите е степен на претварање на динамиката на афектот, на динамиката на реалното дејство во динамика на мислењето. Патот од размислувањето кон апстрактното мислење и од него кон практичното дејство е пат за претворање на застоената и тешко подвижната динамика на практичното дејство”. Виготски смета дека со развојот на детето се менува соодносот меѓу афектот и интелектот и дека имено во тој со однос се забележува зрелоста на личноста. Тука се возможни разлики меѓу ментално ретардираното дете и нормалното, т.е. во тој однос ментално ретардираните пројавуваат поголема незрелост. “Мислењето може да биде роб на страстите, пишува Виготски, но тоа може да биде и нивен господар”. Не е правилно мислењето на ментално ретардираното дете да се разгледува одделно од неговата емоционално волева сфера, но уште попогрешно е слабоста на таа сфера да се определува како најважна причина за конкретноста на мислењето, заклучува тој. Таа концепција на Виготски дава нова насока за развојот на специјалната психологија.
Тие погледи на Виготски се доразвиваат во неговиот фундаментален труд “Развојот на високите психички функции”. Виготски ја докажува неопходноста да се разграничуваат два плана на развој на човековата индивидуа-културен (социјален) и биолошки. Тој потцртува дека кај нормалните деца во онтогенетскиот развој меѓу тие два плана постои преплатување. Во определени периоди на развојот едниот план доминира над другиот и служи како негов стимулатор и обратно. Но општо земено меѓу двата плана на развој постои синхронизираност. “Културата на човештвото пишува Виготски, се создавала и се творела при услов на определена постојаност на човечкото биолошко битие. Затоа нејзините материјални орудија и прилагодувања, нејзините социјално-психофизиологични институции и апарати се наменети за нормална психофизичка организација” и понатаму: “Приопштувањето кон цивилизацијата е обусловено од созревањето на содветните функции и апарати”. “Таа врска, продолжува Виготски, приведувањето во сообразност на определен стадиум или форма на развој кон определени моменти на органското созревање се создавала со столетија и илјадалетија и довела до такво сраснување на едниот и другиот процес што детската психологија престанала да го разликува едниот процес од другиот и се убедила тврдо дека овладувањето на културните форми на поведение е толку природен симптом на органското созревање, колку едните или другите телесни карактеристични црти... Потоа тие карактеристични црти започнале да се примаат за содржина на самата суштина на органскиот развој. Со почетокот било забележано дека пречката во развојот на зборот или невозможноста да се овладее пишаниот збор на определена возраст често се симтоми на ментална ретардираност. Како последица на тие појави почнале да се примаат за самата суштина на таа состојба, на што тие можат да постојат при определени услови. Целата традиционална дефектологија, целата наука за развојот и особеностите на анормалното дете уште повеќе, отколку детската психологија, биле проникнати од идејата за хомогеност и единство на процесот на развојот кај детето и ги поставиле во еден ред и првичните-биолошките особености на дефектното дете и вторичните-културните компликации на дефектот”. Врз таа основа Виготски ја развива тезата за “дивергенцијата на двата плана на развојот” кај ментално ретардираните деца. Тој го формулира начинот на обработката на постојната класична специјална психологија: “Основната карактеристична црта на психичкиот развој на ненормалното дете е дивергенцијата, раздалечувањето на двата плана на развојот, слевањето за кои е карактерно за нормалното дете”. Според Виготски во тоа треба да се бара клучот за разбирањето на своеобразноста на анормалниот развој. Биолошката несовршеност на детето го лишува од можноста своевремено да ја усвојува културата на човештвото. А таа култура му се дава на детето во форма на традиционалните за човештвото умешности и обичаи на дејствување, наменети за здравото во психофизички т.е. високите форми на паметењето, на мислењето, на карактерот, кои се продукт на културниот развој, а не на биолошкото созревање. Тоа созревање е само неопходна почва за културниот развој. Културниот развој кај ментално ретардираното дете е мошне ограничен поради биолошката незрелост. Дивергенцијата меѓу двата плана на развојот, според Виготски, може да се преодолее преку стимулирање однадвор на “културниот развој” и преку избегнување на “неговото забавување однатре”. Природно, можностите на таквиот “посреден развој” не се еднакви со можностите на нормалното, но сепак таа теза претполага поблагопријатна прогноза за педагошката работа со ментално ретардираните деца.
Виготски не се ограничува само со изјаснување на разликите во развојот на ментално ретардираните деца. Тој ги бара и причините за тој ненормален развој. Во својот труд “Дијагностиката на развојот и педологична клиника на тешкото детство” тој предлага да се разликуват “привичните основните симптоми” и “Вторични, културни компликации” кај менталната ретардираност. Првичните или основни симптоми се биолошки обусловени. Тоа, пред сé, се растројствата во високата нервна дејност: слабата соединувачка улога на кората на главниот мозок, недостатната диференцираност на рефлекторните врски, инертноста на нервните процеси итн. Според Виготски тие “основни симпотми потешко се подложени на педагошките дејствувања. Но сликата на менталната ретардираност пред сé, се определува од вторичните компликации”. “Првата и најчеста компликација што се среќава, се појавува како вторичен синдром кај менталната ретардираност, е недоразвиеноста на високите психички функции. Под тоа се разбира обично недоразвивањето на високите форми на паметењето, на мислењето, на карактерот, што се образуваат и појавуваат во процесот на социјалниот развој на детето”-пишува Виготски. Според него, вторичните компликации се поподложни на дејствувања. Доколку што се наоѓа подалеку симптомот од првичната причина, забележува тој, до толку повеќе се подложува на воспитно и лекувачко дејствување” Виготски смета дека ментално ретардираните деца можат да формираат кај себе повисоки функции, доста е нивното воспитание и обучување да бидат организирани сообразно со карактеристиките на нивниот психички развој. Имено, таа положба се состои во основата на современата концепција за “специјалните образовни потреби” на ментално ретардираните и специјално организираните образовни форми за нивното задоволување. Социјалното преодолување на засегнатите од “основните причини” личности може да се постигне само низ создавањто на специјални стимулирачки и насочувачки услови за преодолување на “вторичните компликации”. Вторичните компликации се социјални не само по својата изјава, туку и по начинот на своето формирање. А тоа е појава што може да се регулира. И бидејќи медицината не е во состојба наполно да ги преодолее “првичните основни симптоми”, патот на специјалното образование и воспитание на тие деца е една-борба со социјалните последици од тоа растројство. Според гледиштето на Виготски меѓусебното дејствување на врските малку повеќе причинува и следствено претполага дејствување врз првичното преку максимален развој на вторичното. Виготски е убеден дека “само по себе недоразвиеноста на високите психички функции не е задолжително поврзана со сликата на слаболумноста дебилност”, дека “слабоумниот по принцип е способен да создаде во себе високи психички функции, но фактички се покажува недоразвиен во културен однос и лишен од тие функции како последица на несообразеноста со особеностите во неговиот развој на воспитанието”. Таа негова теза дава нова насока во разбирањето на суштината и карактерот на растројствата кај менталната ретардираност, како и на нивната подложеност на педагошките дејствувања. “Недоразвиеноста на високите психички функции и на високите карактеролошки формирања, пројавувајќи се како вторична компликација кај олигофренијата и психопатијата, пишува Виготски, во практиката се покажува поколеблива, поподложна на влијание, пооддалечена, отколку недоразвиеноста на пониските или елементарните процеси, непосредно обусловени од самата оштетеност. Она што се појавило во процесот на разојот на детето како вторично формирање, во принцип може да биде профилактички спречено или со лечење педагошки отстрането”. Виготски ги подложува на критичка анализа основните догми на специјалната педагогика, за која главниот пат за воспитание кај ментално ретардираните деца биле многугодишните тренирања на нивните сензомоторни функции. Тој посочува дека резултатите од тие тренирања биле неуедначени, зашто центарот на тежината паднал врз најмалку подложувачките на воспитание функции. Виготски посочува дека специјалната педагогика треба да го пренесе центарот на тежината од воспитанието на ниските кон воспитанието на вишите психички функции. Тој став и досега не ја загубил својата актуелност и наоѓа примена во постановката на современата специјална педагогика по однос на специјалните образовни форми.
Непосредно поврзано со развојот на специјалната психологија е сфаќањето на Виготски за “зоните на развојот”, изложено во неговата студија “Менталниот развој на децата во процесот на обучувањето”. Според него кај детето се набљудуваат две нивоа на менталниот развој, што ја образуваат зоната на “актуелниот” и зоната на најблискиот развој. Актуелното ниво на менталниот развој се определува од страна на Виготски како систем од знаења и умеења, што се формирале кај детето во доменот на истражувањето врз основа на веќе созреани психички функции. “Поголемата или помалата возможност за преминување на детето од она што умее да го прави самостојно, кон она што умее да го прави во соработка, пишува Виготски, се покажува најчувствителниот симптом, карактеристичен за динамиката во развојот и успесите на детето. Таа сосема се совпаѓа со неговата зона на најблискиот развој”. Потцртувајќи ја разликата меѓу обучувањето и подражувањето, Виготски смета дека за разлика од дресирањето, на кое се препуштаат животните, обучувањето во вистинска смисла на зборот означува не механичко одражавање на детето на постапките на другите луѓе, туку “возможност преку соработка да ја издигне на повисок степен на развој во себе способноста самостојно да решава аналогни задачи”. Изведените од него и по тоа доразвиени од неговите приврзаници основни показатели за обученоста-ориентираноста, восприемливоста кон помош и способноста за логичко пренесување лежат во основата на еден од основните современи истражувачки методи во специјалната психологија-дијагностичкиот “експеримент за обучување”. Тие определуваат и една од водечките концепти во современата специјална психологија за “обученоста како основен показател за психичкиот развој на детето” и критериумите за ментална ретардираност.
Ова е само дел од начините на обработка на теоретското наследство на Виготски, што ги определуваа основните ставови на современата специјална психологија, односно на психологијата на менталната ретардираност на децата.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE