JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 9416
С. ДИКИЌ, Ј. МАКСИМОВИЌ, Б. ЕШКИРОВИЌ, В. ВУЧИНИЌ
РАНА ДЕТЕКЦИЈА, ДИЈАГНОСТИКА, ТРЕТМАН И ПРЕДУЧИЛИШНО ВОСПИТАНИЕ НА ДЕЦА СО ОШТЕТЕН ВИД
Видот и неговото значење
Сетилото на видот е сложен систем што се состои од перцептивниот апарат (окото); од видниот пат преку кој од околината доаѓаат сигналите во кората на обете хемисфери на големиот мозок; од перцептивните ќелии во темената, окципиталната област на кортексот и многубројни визуелни елементи распоредени во другите области на централниот нервен систем. Мошне сложената организираност на нервните елементи на визуелниот систем ја обезбедува можноста за визуелно просторна анализа и синтеза на предметите, на појавите и на процесите во стварноста што ја восприемаме по визуелен пат. Важна особина на визуелното перципирање е тоа што се остварува во соработка со другите сетила, во заемното дејствување и што генетскиот развој е во тесна врска со развојот на мозокот. Тоа го илустрира и Северцов кој вели дека окото е дел на мозокот што се иселил надвор.
Видниот системот се наоѓа под постојано влијание на кората на големиот мозок и се развива во сообразност со другите сензорни системи. Со помош на видот се запознаваат основните одлики на материјалниот свет како што се: Обликот, големината, просторот, боите, рефлексот, оддалеченоста, насоката, перспективата и друго.
Развој на видната функција
Во интраутерниот развој очите се формираат од истите ќелии од кои се развива и мозокот на човекот. Од првите денови по раѓањето на детето видот е тесно поврзан со тактилната, аудитивната и олфакторната перцепција. Поради тоа се создаваат сложени системи на врски што ја сочинуваат основата на психичката активност.
Првиот знак дека детето гледа е постоењето на рефлексите на заштита и реагирањето на светлоста со треперење, со мижуркање и со затворање на клепките покрај движењето на очните јаболкца кон изворот на светлоста. Во втората недела по раѓањето се јавуваат движења на очите и првите конјуговани движења. Координацијата на очните јаболкца се подобрува во првиот месец. Бебето гледа во изворот на светлоста и покажува интересирање за околината.
Во вториот месец реакцијата ја придружуваат генерализирани движења на телото во вид на општи заштитни движења. Кон почетокот на третиот месец се воспоставуваат централната концесија и конвергенција. Бебето почнува да ги следи предметите што се наоѓаат во неговата близина и да го фиксира изворот на светлоста. Подоцна се воочува постепено формирање на визуелно просторна анализа што се поврзува со движењето на рацете и со развојот на визуелното внимание: детето ги фаќа предметите распоредени во границите на видното поле. Најпрвин детето ги следи со очите предметите што се движат во хоринзонтална насока и е поврзано со движењата на рацете и телото. Во седмиот и осмиот месец детето ги следи со очите предметите што се движат во вертикален правец. Развојот на визуелно моторните системи на врските му помага на детето да се ориентира во просторот. Визуелните слики, зависно стекнатото сетилно, а подоцна и вербално-логичко искуство му помагаат на развојот на разновидните психички функции што се менуваат и реорганизираат под влијанието на надворешните фактори. Значи, видот има мошне сложени и разновидни врски со другите функции и важна улога во равојот на детето.
Отстапувања во развојот на децата со оштетен вид
Оштетувањето на видот може да биде причина за појавата на различни облици и степени на отстапувања во психофизичкиот развој на детето. Пред сé страдаат функциите тесно поврзани со видот, како што се перципирањето на појавите и стварноста, ориентациите во просторот, формирањето на претставите и поимите и слично. Се јавуваат тешкотии во формирањето на моторните функции, брзината, на точноста и координацијата на движењата. Исто така при оштетувањето на некои функции на видот можат да страдаат и други квалитети на видниот систем. Така на пример, веќе снижувањето на острината на видот често доведува до појава на стеснување на видното поле, а оштетувањето на бинокуларниот, стереоскопскиот вид доведува до нарушување на моторните фукнции на очите. Оваа појава натаму води кон ограничување на перцепцијата на просторот, на следењето на предметите во движење и нарушување на ориентацијата во просторот.
Отстапувањата во развојот на децата со оштетен вид зависат од низа фактори: од возраста во која дошло до оштетување или до загуба на видот, од индивидуалните способности, од причините на оштетувањето на видот, од компензаторските можности, од ставот на семејството кон хендикепираното дете како и од тоа дали детето е вклучено во организирана корективна и воспитно-образовна работа.
Причини за оштетување на видот
Оштетување на видот може да настане во сите периоди на човечкиот живот. Секое оштетување на видот носи со себе нарушување на развојот на личноста и тешкотии во адаптацијата. Причините за слепоста се разновидни и можеме да ги поделиме во неколку групи. Тоа се: пренаталните (од неопределено потекло и хередитарните), труењата, туморите, инфекциите, повредите и определени болести. Во поново време мошне е распространета ретроленталната фиброплазија до која доведува голема доза на кислород за време на престојот на доенчето во инкубаторот. Од болестите ќе ги спомнеме: Глаукомот, атрофијата на очниот нерв, катарактата, малигните тумори, дијабетесот и друго.
Причините за слабовидоста се слични со причините на слепоста. Меѓутоа, некои автори ги разликуваат причините за слепоста и за слабовидоста. Така Aschcroft ги дава следните причини за слабовидоста:
- грешките на рефракцијата на окото (кратковидоста, далековидоста и астигматизмот);
- развојните аномалии во структурата на окото (ановталмусот-недостаток на очното јаболкце, микрофталмусот-намалување на очните јаболкца, албинизмот-недостаток на очното јаболкце, албинизмот-умерен и тотален-комбиниран со патолошки нистагмус, катарактата итн.);
- оштетувањето на функцијата на мускулите на окото (на рефлексот на акомодацијата, конвергенцијата и фузијата-страбизмот и на нистагмусот);
- болести како причини за слабовидоста (ретролентална фиброплазија, инфекциите и траумите);
- неопределени причини.
Дефиниција на слепоста и слабовидоста
Со цел за правилен третман на визуелниот хендикеп, т.е. на квалитативниот и квантитативниот вид, Светската здравствена организација ја утврдила дефиницијата за слепоста и слабовидоста, што е усвоена во светот и кај нас.
За слеп се смета она лице кое на подоброто око со корекција има острина на видот 0.05 или помала како и она лице со централно стеснување на видното поле помало од 10 степени, под услов загубата на видната способност да е дефинитивна и да не може да се поправи со медикаменти или хируршко лечење.
За слабовид се смета она лице кое на подоброто око со корекција има острина на видот помеѓу 0.05 и 0.3, под услов намалувањето на видната способност да е дефинитивно и да не може да се поправи со корекциони стакла нити со медикаменти или хируршко лечење.
Значи, распоредувањето на слепите и слабовидите се врши со коригирање на острината на видот на подоброто око, односно според дефектот на видното поле. Врз основа на наведените критериуми на Светската здравствена организација во нашата земја е прифатена поделбата во пет категории за сите слабовиди и слепи лица:
- првата категорија на визуелно хендикепирани лица ја сочинуваат слабовиди лица со коригирана острина на видот на подоброто око меѓу 0.3 и 0.1;
- втората категорија на визуелно хендикепирани лица ја сочинуваат слабовиди лица чија што коригирана острина на видот на подоброто око изнесува од 0.1 до 0.05;
- третата категорија визуелно хендикепирани ја сочинуваат слепи лица чија што коригирана острина на видот на подоброто око е 0.05 до 0.02, односно чие видно поле, без оглед на видната острина, е централно стеснето на 5 до 10 степени;
- четвртата категорија визуелно хендикепирани ја сочинуваат слепи лица чија што коригирана видна острина на подоброто око изнесува меѓу 0.02 и сетилото за светлост, односно чие видно поле, без оглед на острината на видот, е централно стеснето на помалку од 5 степени и
- петата категорија визуелно хендикепирани ја сочинуваат лица без видна функција односно без способност на перцепција на светлост (амауросис).
Систематски офталмолошки преглед во превенција на страбизмот и слабовидоста
Според податоците на Светската здравствена организација во светот има околу 40 милиони слепи луѓе. Бројот на слабовидите е 10 до 20 пати поголем, а два до три проценти чинат деца родени во Југославија што имаат некоја од манифестните форми на страбизам и амблиопија. Од тој број 60 проценти припаѓаат на функционалата амблиопија. Овие високи бројки го покажуваат основното значење што го имаат страбизмот и амблиопијата за општеството, а од што произлегуваат задачите на здравствената служба во борба против слабовидоста и страбизмот.
Само организираната офталмолошка служба, која треба да се активира од првиот преглед на новороденчето, овозможува континуирано следење на офталмолошкиот и на страболошкиот статус на секое лице. Систематските прегледи на секое дете би требало да се извршуваат во првата, третата и шестата година од животот. Таквата работа на офталмологот може да ги реши огромните проблеми што се среќаваат со појавата на амблиопијата и страбизмот. Основната концепција на тестирање на амблиопијата се заснова врз што пораната детекција и тоа по можност во првата година од животот. Со добро организирана офталмолошка служба и систематски офталмолошки преглед кај сите деца на предучилишна возраст можат да се спречат несаканите последици од страбизмот и амблиопијата. Значењето на ваквите систематски прегледи на децата од предучилишна возраст доаѓа особено до израз кога се има предвид дека амблиопијата на функционалниот карактер е почеста причина за послабиот вид во првите 45 години живот отколку сите останати офталмолошки заболувања вклучувајќи ги и повредите.
Превентивни мерки, кои исто така се од значење за да не дојде до појава на потешки психофизички аномалии во развојот на децата, секако се и:
- општата култура и образованоста на населението;
- отворањето на советувалишта за идните мајки;
- медицинските кадри и опремата на акушерските установи и патронажните институции;
- брзата и правовремената интервенција на офталмолошките и другите медицински стручњаци;
- Способноста на теренската служба и тифлолошка работа со децата со оштетен вид од предучилишна возраст;
- Навремената и соодветната корективна работа со децата, инструктивната работа со родителите и социјалната средина.
Значи, потребно е откривањето на визуелните оштетувања да се организира така што да стане правна обврска на општествените фактори. Ништо не би требало да се пропушти на случајот. Навременото откривање на визуелните оштетувања и стручниот пристап на решавањето на овој проблем значи создавање предуслови за спречување појави на разновидни секундарни пречки во развојот на децата со оштетен вид.
Во собирањето на податоците за постоењето на визуелни оштетувања најчесто се користат следните средства и методи: Испитување на острината на видот на близина и далечина; Cover-тест; Испитување на конвергенцијата околу ПП конвергенцијата; Испитување на хетерофоријата (латентентен страбизам) со Maddox Wing-тестот; Испитување на бинокуларниот вид на синоптофорот; Испитување на стереоскопскиот вид; Испитување на мотилитетот на очите; Тест-на одбрамбената реакција.
Истражувањата на студентите на Катедрата за Тифлологија на Дефектолошкиот факултет во Белград во рамките на Проектот за Детекција на слабовидоста кај децата од предучилишна возраст покажуваат дека во испитуваните општини во Југославија има значителен број деца со визуелни пречки. Така испитувањата на децата од општините: Савски Венац, Звездара, Палилула, Брус, Ужице, Пожаревац и Подгорица што биле пријавени во офталмолошките служби ги даваат следните податоци:
Врз основа на табеларниот преглед се гледа дека врз примерот од 607 деца од предучилишна возраст 269 деца имаат потреба за специјален третман или 44.32%. Со анализа на нивната острина на видот заклучуваме дека најбројна е групата со острина на видот во распон од 0.5-0.8 или 23.72%. Кај овие деца во понеповолни услови може да дојде до прогресивно опаѓање на острината на видот, амблиопија и на секундарни пречки во развојот.
Врз основа на Табелата 2 гледаме дека од вкупниот број евидентирани визуелно различни деца (607) 125 деца или 20.59% спаѓаат во категоријата слабовиди.
Табелата број 3 покажува дека најраспространетата причина за визуелното оштетување е страбизмот-40.03%. Значителен е бројот на деца со латентен страбизам-19.77%.
По целосната детекција и дијагностиката на визуелните оштетувања кај децата, е потребно да се вклучат децата во раниот дефектолошки третман. Тука пред сé, мислиме на развојните советувалишта за рана возраст како и формирањето на воспитни групи на слабовиди и на слепи деца од предучилишна возраст. Ние сега немаме развиени советувалишта за мали слепи и слабовиди деца, но имаме неколку воспитни групи на деца со оштетен вид од предучилишна возраст.
Предучилишна воспитнообразовна и корективна работа
со децата со оштетен вид
Искуството покажува дека најуспешно се остварува компензацијата и се воспоставува функцијата на видот со заедничко влијание на корективно-воспитното работење и со офталмолошки постапки во лечењето на видот. Програмата за корективна и воспитно-образовна работа со децата со оштетен вид од предучилишна возраст (за групи од помлада, средна и постара возраст) се состои од две области:
- Област на корективна работа и
- Област на воспитнообразовна работа.
Корективната работа ги содржи: Сензомоторниот развој, психомоторниот развој, компензаторниот развој, ориентацијата во просторот, плеоптичката и ортооптичката рехабилитација, логопедската работа и корективната гимнастика.
Воспитнообразовната работа ги содржи: Запознавањето на природата и општествената средина, развојот на говорот, формирањето на елементарните математички поими, физичкото и здравственото воспитување, ликовното воспитување, музичкото воспитување и подготвувањето на децата за одење на училиште.
Детето со оштетен вид на специфичен начин го запознава светот што го опкружува. Сé додека детето не изгради начин на компензација на оштетениот вид и начин на запознавање на реалните предмети во ограничен простор, претставите стекнати од надворешниот свет ќе бидат нецелосни, фрагментарни и детето ќе се развива забавено. Неоштетените функции се развивааат побрзо (говорот, мислењето и сл.), но на специфичен начин, додека побавно се развиваат моториката и ориентацијата во просторот.
За правилен сензорен развој е потребно претходно да се установи нивото на развиеноста и способностите на сетилата за секое дете одделно и според тие наоди да се направи програма на активностите. Вежбите на сензорниот развој се изведуваат во сите за детето нови активности каде што тоа го проверува стекнатото искуство, го збогатува и му служи како основа за стекнување нови претстави и поими.
Психомоторната едукација, првенствено како принцип на програмирана активност, ја спроведува секој воспитувач на група или се организира како превентивна групна работа што се изведува под назор на посебен едукатор.
Реедукативните вежби за корекција на шашливоста се спроведуваат во кабинетоте за плеоптика и ортооптика покрај контролата на офталмолог-страболог. Вежбите ги изведуваат дефектолози, специјалисти за ортооптика и плеоптика. Овие кабинети се организираат при установите за школување на децата со оштетен вид, при здравствените центри, офталмолошките клиники и амбулантите.
Подготовката на децата со оштетен вид за одење во училиште е насочена кон постигање на целта што подразбира овие деца да се збогатат со потребните знаења, умеења и навики за да ги овладеат успешно планот и програмата на редовното основно училиште. Посебен проблем претставува подрачјето од наставната профрама со која децата се оспособуваат за почетно читање и пишување. Слепите деца треба да се подготват за совладување на училишната програма., особено во прво одделение на основното училиште. Покрај подготовките за почетно читање и пишување е потребно да се работи континуирано врз вежбите за визуелната и тактилна перцепција.
Нашите истражувања (1983), за развојот на визуелната перцепција кај слабовидите ученици од шест до четиринаесет години, покажуваат значителни доцнења зад врсниците со нормален вид. Тестот за развој на визуелната перцепција M. Frostig покажал некои облици на специфични визуелни проблеми на слабовидите деца. Забавениот развој особено се одразува врз способностите на координацијата околу рацете, на константност на облиците и дискриминација на фигурите во заднината. Во испитувањата на L. Aridon (1972) слабовидите деца на возраст од 4 години и три месеци до 9 години и десет месеци покажаа, исто така, значителни доцнења во дискриминацијата на фигурите и заднината.
Истражувањата на развојот на слабовидите деца (Н. Димчовиќ, С. Дикиќ) во текот на првата година од школувањето покажаа дека овие деца имаат различни форми на социјално и емоционално созревање. Еден број децата при поаѓањето во училиште биле претерано повлечени, пасивни, плашливи и тешко се одвојувале од мајката. Други деца биле претерано активни и покажале лоша процена на ситуацијата: најчесто слободно станувале, шетале и задевали сé што гледале, а мајките при тоа ја покажувале својата немоќ. Вниманието на овие деца не е постојано и е краткотрајно поради мноштвото стимуси од нивното окружување. При решавањето на визуелните задачи брзо си го заморувале видот.
Дека слабовидите деца побавно го совладуваат читањето и пишување покажува истражувањето на слабовидите ученици од прво одделение на училиштето за заштита на видот во Белград извршено во декември 1987 година. Од 12 ученици, по четири месеца учење на читање и пишување, шест деца ги совладало малите и големите печатни букви, седум деца не можеа да читаат и да составуваат зборови, а само пет деца пишуваа букви без големи тешкотии. Во овој период на школување на слабовидите деца улогата на тифлологот е извонредно значајна, зашто мора да се вложуваат максимум напори за да се рализира предвидениот наставен план и програмата на основното училиште.
Врз основа на податоците кои ги изнесовме во овој труд јасно е дека децата со оштетен вид треба се опфатат со ран стручен третман за да се овозможи нивен правилен психофизички развој. За успешна реализација на оваа важна задача е потребно формирање на развојни советувалишта и предучилишните воспитни групи за децата со визуелен хендикеп.
ЛИТЕРАТУРА
- Службени гласник СРС, Просветни гласник, година XXXVIII, 15 април 1989.
- Дикић С. Методика васпитно-образовног рада са слабовидим ученицима, Научна књига, Београд, 1991.
- Дикић С. Специфичности визуелног опажањаа слабовидих ученика, Научна књига, Београд, 1991.
- L `education des enfants et des adolescents handicapes, Tome 3, Les editions ESF-1972.
- Tobin M.J. A study in the improvement of visual efficiency in children registered as blind, New Beacon, Vol. LVI, No. 659, pp. 58-60, March 1972.
- Стефановић Б. Данашња сазнанја о медицинској рехабилитацији слепих особа са и без остатка вида, Социјална мисао, бр. 7-8, Београд, 1985.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE