JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 4388
Јордан ЈОРДАНОВСКИ
ОСНОВА НА ПРЕВЕНТИВАТА КАЈ ГОВОРОТ
Некои режисери го почнуваат филмот со тоа што го “убиваат” главниот јунак уште на почетокот, па потоа почнува разврската на приказната. Во ова свое соопштение и ние се одлучивме да постапиме така. Всушност, што претставува основата на превентивата кај говорот?
Не е ништо ново ако се каже дека говорот, изграден како законит систем на јазик, е дарба на човекот. Се мисли на таква комуникација, што носи точна порака меѓу говорникот и соговорникот. Самиот говор можеме да го разгледуваме од повеќе аспекти: фонолошки, лексички, морфонолошки, синтаксички, стилски... Говорот на еден народ, реализиран како стандардна категорија е јазик. Но јазикот за да биде јазик мора да ги содржи обединувачките елементи, за да биде препознаван наспроти некој друг јазик. Значи, мора да биде типичен на феномен, морфолошки, лексички, синтаксички план итн.
За да се постигне тој стандард на говорење, пред сé, мора да постои факторот пример за поддржување. Мора да постои факторот поддржувач.
Низ практичното живеење и професионалното искуство се забележува дека често еден, па и неколку делови од јазикот како систем на мислата не се во чекор со говорниот критериум. За да се постигне стандардниот критериум на јазикот и говорот како реализација на мислата е потребно да функционираат точно и природно законито повеќе делови од општественото живеење.
прво: На анатомофизиолошки план треба да има изграден фактор за восприемање. Доколку тоа не е задоволено како критериум-фактор, отежнат е патот до говорниот критериум, а оттука и до јазичниот критериум.
второ: Доколку овој услов е исполнет, поддржуваниот мора да има стандарден критериум.
трето: Поддржуваниот фактор (родител, учител, воспитател-едукатор мора да биде упатен во основните законитости на говорот и јазикот како систем.
четврто: При реализирањето на едукативниот дел од говорот мора да се почитуваат природните законитости на организмот во широко значење на зборот.
Последново, пак, практично реализирано по делови на говорот и јазикот значи следново: За изговорот на една фонема, на пример, на фонемата “С” забите треба да бидат доближани колку до милиметар, воздушната струја треба да излегува слободно меѓу забите, јазикот треба да биде поставен на внатрешните ѕидови од предните заби и со врвот да биде свртен малку надолу. Исто така треба да се прави кај врвот мало коритце, за да може да проструи воздушната струја низ теснецот. И, последниот услов за реализација на фонемата “С” е гласилките да не бидат активни. Кога би ја разгледувале оваа фонема од агол на анатомо-физиолошките законитости, би се додало уште многу нешто, со што би се дополниле условите за нејзина реализација. Значи, сето ова претставува задолжителен услов за точност на изговорот. Тоа е така условено наспроти многу други фонеми од фонемниот систем на македонскиот стандарден јазик. Вака би можело да се зборува за секоја фонема од фонолошкиот систем. Или, да земеме, на пример, еден исказ. Да го земеме исказот “Јас се чувствувам добро” или како субјективен однос на мислата “Јас добро се чувствувам” со промена на интонацијата на исказот. Варијантниот критериум “Јас се чувствувам добро” бега од стандардниот критериум, затоа што прилогот, во случајов “добро”, не смее да го раздели рефлексивниот глагол “се чувствува”. На морфолошки план, пак, на пример, да го земеме исказот “Козата пасе трева”. Само со една фонемна замена во исказот, мислата станува нелогична. На пример, некој што ги обеззвучува фонемите ќе ви каже “Косата пасе трева”. Тоа најчесто се случува кај децата со разградена артикулација. Овде нема да се задржиме на потеклото за ваквата говорна реализација, да навлегуваме во ендогените (внатрешните) или егзогените (надворешните) фактори што ја диктираат таквата артикулација од причина што тоа не е предмет на соопштениево. Со други зборови, само посочивме неколку примери преку кои може да се забележат изместувањата во говорот и јазикот доколку не се исполнети горните услови: говорник со критериум, упатена средина за специфичностите на говорот и јазикот и почитување на природните анатомофизиолошки законитости на организмот.
Но, каква е состојбата кај нас во овие три делови, кои треба да го овозможат стандардниот критериум?
Повеќе од дваесет години водиме статистички белешки на проблемите што се јавуваат кај децата од предучилишна и рана училишна возраст. Статистичките показатели се следниве: Над 30% од децата од предучилишна возраст, сместувајќи ги тука и нормалните и анормалните психички состојби, имаат разграден говор во широко значење на зборот. На родителите им се поставувани следниве прашања: Која е причината за ваквата состојба на говорот кај вашето дете?, Зошто го донесовте толку доцна детево?, Кој ве упати да дојдете во оваа установа? Прашањата им се поставени на над две илјади и триста родители, старатели.
На првото прашање: Која е причината за ваквата состојба на говорот кај вашето дете?, добиени се следниве показатели: 30% не ја знаат причината за таквата состојба, 37% ја заобиколуваат вистината на почетокот. Подоцна, преку соработката и зближувањето, ја откриваат вистината. Таа е најчесто мошне субјективна на релацијата фамилијарно потекло на брачните другари; 15% се објективни; 18% не веруваат во промена на состојбата, се надеваат на спонтаност. Што е чудно, овој процент се дели уште на две: 13% размислуваат “интелектуално”, а 5% се од средна или пониска образовна структура.
На прашањето: Зошто го донесовте толку доцна детево?, сега пак обратно нешто се случува: Дури 45% одговараат: “Мислевме дека ќе се научи само или, пак, интересно ни беше неговото зборување”. Со други зборови си го имале детето како жива, возрасна кукличка. 55% одговараат дека треба да се бара помош.
На прашањето “Кој ве упати во оваа установа?” се добиени следниве показатели: Дури 83% дознале од своите роднини, пријатели. Овој факт многу загрижува. Остатокот од 27% знае дека постои таква институција.
Меѓутоа, изгледа дека најголема штета кај говорот и кај јазикот како норма има направено самиот образовен систем, кој особено во раната возраст не ги почитува анатомофизиолошките законитости на организмот, поточно, на нервниот систем и патот на создавањето на условните рефлекси. Многу е стара поговорката “Дрвото се свиткува додека е младо”. Но, со ова уште ништо не сме кажале. Речиси целата невролошка литература е преполна со констатации дека организмот природно е способен на аналитичко-синтетичко размислување, а не обратно. Периодите во развојот на говорот завршуваат некаде кај петтата година, се разбира, почитувајќи ги и индивидуалните созревања. Но, тоа не значи дека детето кога ќе тргне на училиште се скарува со аналитичко-синтетичкиот начин на мислење. Ваквото размислување се засновува врз податоците од следењето на проблематиката околу описменувањето на учениците. По 1971 година се помина на глобален начин на описменување. Оттогаш наваму бројот на неописменетите деца, според дијагнозите dislexia, disgraphia, се зголеми двојно-од 7.5% на 15%. А да не зборуваме, пак, за проблемите што настануваат во ритамот и темпото на говорењето. На овој метод на описменување уште и ако се додаде еден мошне опасен процент на интелектуално семејно его, тогаш се доаѓа до уште попоразителни резултати. Што значи тоа интелектуално семејно его?” Ќе го илустрираме само со еден исказ многу типичен за интелектуалната средина. Родителот размислува како за себе. Цитираме: Море, знам јас каде е грешката што ни зборува детето вака. Ние си го направивме сами проблемот. Во домашните разговори-дедото одличник, бабата одличник, таткото одличник, мајката одличник. Сî одличници до одличници. Умно, но задоцнето размислување. Сега се прашуваме, односно одговараме со внатрешниот говор на детето. ”А што ако не бидам јас одличен, дали ќе бидам јас во редот на моите блажени”. (Детето е со потешка форма на тептавење.) Висок е процентот на ваквите размислувања. Дали е во истата форма исказот или не, не е важно. А што се случува со детето? Од едната страна притискаат одличниците, од другата неприроден ред на говорот направил глобалниот метод на описменување и проблемот е на виделина. Да се навратиме само за момент како го разбираме проблемот во врска со глобалниот начин на описменување. Глобален метод на описменување значи од лексичка единица и исказ кон фонема, а не обратно. При појава на лексиката, и при нејзиното графичко и визуелно регистрирање, самата лексичка единица се појавува во многу морфолошки варијанти. Меѓутоа, бидејќи читањето е веќе автоматизирано, таквото дете, а тоа типично дете е висок процент, со една морфолошка варијанта, “водата”, на пример, ги заменува при веќе автоматизираното читање сите други морфолошки варијанти: вода, водава, водана, водиве, водине, водите, па дури навлегува и во зборообразувачката област: воденичар, воденичарски, воденица...
Другите научни дисциплини тоа го почитуваат. Особено тоа е евидентно кај музиката. Музичарите знаат дека безименото прсте или малото се најголеми проблеми при моторната автоматизација и тие особено внимание им посветуваат на тие прсти.
Согледувањата треба да се изнесуваат, а системот да го почитува стручното согледување, но да ги согледува и последиците. На тој начин ќе се постигне бараната хармонија во говорот и јазикот како норми.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE