JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 8694
Невена ПАЧЕМСКА, Karen DOWEN,
Jane CONNOLLY, Ана АНДОНОВСКА
ПРИФАЌАЊЕ НА ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ ВО ПСИХИЧКИОТ РАЗВОЈ ВО ПРЕДУЧИЛИШНОТО ВОСПИТАНИЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Вовед
Насловот на овој стручен труд, во голема мера произлезе како инспирација од статијата напишана од Хана Мортимер, насловена како “Прием на малите деца со специјални потреби во редовното образование” ("Welcoming young children with special needs into mainstream education"), (Support for learning, vol. 10, No 4, p.164 -169).
Целта на предучилишното воспитание е да ги подготви децата да се справат со нивната најблиска средина и да дејствуваат интерактивно, така што, подготвено да стартуваат во училиштето.
Според тоа, од предучилишното воспитание се очекува да им помогне на малите деца лесно и со радост да се прилагодат кон децата и возрасните, надвор од семејниот круг; да им даде можност за доживувања низ игри, за да ја зајакнат контролата на мускулите, координацијата и способностите; да го оспособува детето да ги осознава работите, појавите и луѓето.” (Централен одбор на советници за образование и воспитание, Велс, 1967 г.)
Темата на содржината под овој наслов е од голема важност за секој што посакува децата со специјални образовни потреби да бидат еднакви во однос на можностите за развој на нивните потенцијали.
Навистина, малкумина од нас немаат потреба од помош во било кое време во нашите животи, но специјалните образовни потреби би можеле да бидат пореалистично опишани како нешто што се случува кога “реакциите како одговор на условите за учење се тешко погодени”. Оттаму, би можело да се претпостави дека сите деца имаат потреба од помош, разликата е само во степенот и во насоката.
"Се очекува разликите да не се однесуваат толку многу на содржината, во таков степен, како што се однесуваат на насоката и структурата што треба да се обезбеди.” (Prestely, Fontana, 1973)
Теоретска основа
Пијаже, Брунер и Виготски имаат кажано многу за важноста на раниот развој на децата.
"Детето созрева низ воспитание и образование; созревањето и воспитанието се меѓусебно условени и се во интеракција." (Rubinstein, 1962)
Поаѓајќи од гледиштето дека без учење развојот е посиромашен, односно, дека учењето е облик на развојот, (Becker, 1971), се потврдува поставката на Виготски дека учењето го влече развојот.”
Според Виготски, “На сите виши функции заеднички им се: свеста, апстрактноста и контролата. Она што е исклучително важно и влева извесен оптимизам, е неговото тврдење за можноста на воспитување” на вишите функции. Но, огромно внимание му посветуваше на важноста на начинот на обучувањето. Според Виготски, највредна доблест на еден наставник е леснотијата со која на децата може да им помогне да стекнат нови знаења. Виготски тврдеше дека за воспитанието е поважно да се знае што може детето да направи “со извесна помош”, отколку да се знае во што успева без помош.
Научната заснованост на раната детекција и опфатот на децата со пречки во развојот со соодветен третман и организирани форми на предучилишно воспитание и образование се елаборирани во многу научни трудови, а практиката конкретно ги докажала. Всушност, со раното започнување на стручниот третман и соодветно предучилишно воспитание и образование, на децата им се обезбедува подобар старт во училиштето, со што се реализира и хуманистичката димензија на секое демократско образование “еднакви шанси за сите”.
Блумовата студија “Стабилност и промена во човечките особини” (Bloom, 1964) е најчесто цитирано дело во литературата, кое говори во прилог на раната интервенција, а неговите заклучоци во врска со тоа се земаат како сигурни научни аргументи чија валидност не се доведува во прашање. Од неговите истражувања и поновите анализи на многу лонгитудинални студии може да се види дека 50% од интелигенцијата се развива до четвртата година, а 80% до осмата, па според тоа, предучилишната возраст се смета за најпогоден период за срединско влијание врз развојот на децата.
Според Брунер, да се биде подготвен за учење “на дадена вештина”, впрочем значи да се биде подготвен со други потребни вештини.
Во овој контекст, особена претпазливост е нужна во обучувањето на децата со пречки во развојот. За многу од нив календарската возраст не значи и соодветна ментална возраст. Нивната “готовност” за учење на многу вештини е одложена за подоцна. Готовноста, покрај другото ќе зависи од стекнатите социјални искуства во поволна развојна средина. Со развојот на социјализацијата, која зависи од наученото социјално однесување, детето станува сî поадекватно во контактите и сé поприфатено во средината.
Нормативна и програмска поставеност на предучилишното
воспитание во Република Македонија
Во Републиката, од аспект на нормативното уредување на оваа важна сфера, постои извесен дуализам. Имено, предучилишните установи се во ресорот на Министерството за труд и социјална политика, а забавишните групи при основните училишта, во ресорот на Министерството за образование и физичка култура. Како и да е, стручната работа (програмите, стручниот надзор, стручното усовршување на кадарот) се обврска на Педагошкиот завод на Македонија.
Во овој контекст, предучилишното воспитание на децата со пречки во развојот може да се организира во: предучилишни установи заедно со своите врсници (во исти групи), во посебни групи, или во посебни установи.
Предучилишното воспитание на децата со пречки во развојот во Републиката, речиси е на маргините. Може слободно да се каже дека ни оддалеку не му е посветено потребното внимание. Веројатно има повеќе причини, како објективни, така и субјективни. Една од главните субјективни причини е: тешко менување на свеста на оние кои најдиректно одлучуваат за приемот на децата во установите, на свеста на родителите, но и на оние кои најдиректно треба да работат со децата. За ваквата “клима” не се одговорни само луѓето што ги посочуваме како субјекти најдиректно инволвирани. Апсолутно е потребно многу поорганизирано и поагресивно да се заложуваат соодветните фактори за спроведување на законите и конвенциите за осигурување на правата што им припаѓаат на децата.
Објективна тешкотија би била немањето на соодветна програма (и за работа со овие деца). Програмата (и за предучилишно воспитание на децата со пречки во развојот суштински не би се разликувала) е од програмата за другите деца. Суштински би се разликувал пристапот, условите и средствата.
Програмата и за предучилишно воспитание на деца со пречки во развојот би се темелела врз содржините од општата програма (нега, заштита на децата и воспитание), како и содржините од рехабилитациските програми за одделни видови на попречености.
“Грижата во раното детство и образовните програми за деца на возраст до 6 години треба да се развиваат (или преориентираат), со цел да го промовираат физичкиот, интелектуалниот и социјалниот развој и подготовката за училиштето. Овие програми имаат голема економска вредност за личноста, семејството и општеството во спречувањето на последиците од состојбите на хендикепот.” (The Salamanka Statement, p.33)
Резултати од прашалникот
Заради прибирање податоци во врска со тоа што мисли персоналот во предучилишните установи за определени општи и посебни прашања во врска со прифаќањето на децата со пречки во развојот, од страна на Педагошкиот завод на Македонија е спроведено анкетирање.
Со прашалникот кој беше подготвен за таа цел, беа опфатени сите (50) предучилишни установи во Републиката, од кои (17) се лоцирани во Скопје, а (33) во внатрешноста. Од вкупно (50) предучилишни установи на кои им беше доставен прашалникот, одговорија (27), од нив (14) од Скопје, а (13) од внатрешноста. Во (19) предучилишни установи од (27), се опфаќаат деца со пречки во развојот. Во (19) предучилишни установи се опфатени 77 деца со пречки во развојот, од кои, 52 машки и 25 женски. Според видот на пречките од (77) опфатени деца, состојбата е следна: 39 со пречки во психичкиот развој, 21 со пречки во говорот; 10 со пречки во физичкиот развој и 7 деца со пречки во слухот и говорот.
Според календарската возраст опфатеноста на децата е ваква:
- од 2 до 3 години 14 деца;
- од 3 до 4 години 10 деца;
- од 4 до 5 години 21 дете;
- од 5 до 7 години 32 деца.
Од вкупно 77 опфатени деца, 60 од нив произлегуваат од семејства со низок економски статус.
Сите 77 опфатени деца се распоредени во групи со своите врсници и со нив работи постојниот персонал со дополнителна помош на стручната служба (психолог, педагог).
Установите што одговорија на прашалникот (27) немаат вработено дефектолог, како стручен соработник. Во установите во кои се прифатени деца со пречки во развојот, приемот се врши врз основа на документ издаден од посебна комисија.
На прашањето: “Со какви тешкотии се среќавате во работата со овие деца”, како главни тешкотии, (20) установи ги наведоа следните:
- преголеми групи;
- недоволна оспособеност на кадарот за работа со овие деца;
- непостоење на соодветно стручно лице-дефектолог во установата;
- немање соодветни програми за работа.
На прашањето: “Според каква програма работите со овие деца”, сите установи кои опфаќаат деца со пречки во развојот изјавија дека ја адаптираат постојната според можностите и потребите на децата.
На прашањето: “Кои стручни лица би можеле да им помогнат на децата со пречки во развојот”, сите (27) установи одговорија “дефектологот”, додека психологот и педагогот “делумно”.
На прашањето: “Дали сметате дека воспитувачите имаат потреба од соодветна стручна помош”, од (27) установи, (23) одговорија дека таквата потреба е неопходна, а (4) установи дека само делумно имаат таква потреба.
На прашањето: “Како ја замислувате стручната помош”, установите (27) се определија вака: (9) установи преку вклучување на дефектолог во установата; (8) од установите се определија за стручна помош преку семинари, вклучување на дефектолог во установата и индивидуално стручно усовршување, односно сите три можности понудени во прашалникот; (10) установи се определија само за семинари како форма на стручно усовршување.
На прашањето: “Дали сметате дека родителот може и треба да биде близок соработник во воспитувањето на детето, преку:
а. присуство на активностите;
б. активно учество;
в. совети;
три установи се определија за “присуство на активности”; две установи за “присуство на активности” и “активно учество”; девет установи за “активно учество”; седум установи за сите три понудени форми (а, б, в) и три установи се определија само за “совети”.
На последното прашање: “Доколку во вашата установа не сте имале деца со пречки во развојот, во последните пет години, кои се според ваше мислење, причините за тоа?”
Од седум установи во кои не се опфатени деца со пречки во развојот, четири од нив, немаа одговор, додека три установи како главни “причини” ги наведоа следните:
- установите се регистрирани за здрави деца;
- немање на стручен кадар-дефектолог;
- неинформираност на родителите;
- менталитетот на родителите.
Коментар
За да не се оптоварува текстот, прашалникот не е презентиран во целост, но, мошне внимателно се анализирани одговорите на прашањата преку кои се имаше за цел да се добијат релевантни сознанија за состојбата со опфатот на децата и ставовите на персоналот во врска со опфаќањето на децата со пречки во развојот.
Фактот што од (50) анкетирани установи на прашалникот одговорија (27) доволно говори сам по себе за состојбите и ставовите кон опфаќањето на овие деца. Бидејќи одговорија само нешто повеќе од половина установи во Републиката, презентираните резултати и коментарот не се доволно валидни за генерализирање. Во овој број добиени, тие повеќе укажуваат, отколку што докажуваат, но во секој случај тие се важни индикатори за преземање на понатамошни активности. Како една од претпоставките за игнорирање на прашалникот во установите што не одговориле (23) може да се земе неприфаќање на децата со пречки во развојот.
Податокот што од (77) опфатени деца, (52) се од машки пол, а (25) женски, исто така при ваква половична состојба на одговори, не може да се експлоатира за некои заклучоци.
Најголем број од опфатените деца (32) од (77) се на возраст меѓу 5-7 години, што е за очекување, зашто до третата година од животот на децата со посериозни пречки во развојот само се помага соодветно во специјализирани установи или во семејствата преку патронажни служби. Според видот на пречките, од пристигнатите прашалници може да се констатира дека најчести се децата со пречки во психичкиот развој, што исто така, може да се очекува, имајќи предвид дека оваа категорија деца со пречки во развој е најбројна. Од добиените одговори може да се констатира дека установите во кои се опфаќаат деца со пречки во развојот, се трудат да им помогнат во рамките на можностите (ги адаптираат постојните програми, ги вклучуваат стручните соработници и родителите, укажуваат на потребите од стручно дополнително усовршување за работа со овие деца итн.)
Речиси сите установи недвосмислено се изјаснија дека дефектологот е најсоодветно стручно лице што би можело да им помогне на децата со пречки во развојот, но, ни во една од (27) установи што одговорија на прашалникот, нема дефектолог иако потребата од него е повеќе од извесна.
Установите (7) од (27) кои одговорија на прашалникот, наведените “причини” поради кои не прифаќаат деца со пречки во развојот, може да се прифатат повеќе како субјективни отколку објективни. Повторно, може само да се претпостави дека зад позитивниот или негативниот став кон опфаќањето на овие деца во предучилишните установи, пред сé, стои директорот. Но, за ова повеќе може да зборуваат родителите или некое поконкретно истражување.
Наместо заклучок
Предучилишното воспитание на децата со пречки во развојот во Републиката е сериозно запоставен сегмент, поради што децата имаат ненадоместлива штета.
Предучилишните установи треба да се еднакво отворени за сите деца (во многу земји во светот) предност при приемот имаат токму децата со пречки во развојот.
Потребно е да се вклучат дефектолози како стручни соработници во предучилишните установи.
Потребно е да се организираат соодветни форми на стручно дополнително образование на кадарот.
Постоењето на реципрочната помош меѓу родителот и персоналот е нешто што е од големо значење и што не би требало да се потценува. Во крајна линија, родителите најдобро ги познаваат своите деца и воопшто, тие се најдобрите застапници на децата.
Изготвување на соодветни програми и упатства како да се работи со децата попречени во развојот, во што ќе учествува тим на стручни лица од различни профили (лекари, дефектолози, психолози и педагози).
ЛИТЕРАТУРА
- MORTIMER, (“Welcoming young children with special needs into mainstream education”), Support for learning, vol. 10, No. 4, 1995.
- DONALDSON, “Children’s minds”, 1978.
- ЕЛЈКОНЈИН, “Психологија дечје игре”, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд 1981.
- ЛЕВАНДОВСКИ, “Значенје ране интервенције за дјецу с тешкоћама у развоју”, Загреб 1987.
- Л. С. ВИГОТСКИ, “Основи дефектологије”, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд 1970.
- БРУНЕР, “Процес образовања”, Педагогија-2-3, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд 1979.
- Ж. ПИЈАЖЕ, Б. ИНХЕЛДЕР, “Интелектуални развој детета”, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд 1995.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE