JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6974
Љупчо Ајдински, Елена Христова,
Анита Чекановска, Соња Фортоманова
ПРВИЧНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ ЗА РАНА ИНТЕРВЕНЦИЈА КАЈ ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД, НА ВОЗРАСТ ОД 0 ДО 7 ГОДИНИ РЕАЛИЗИРАН ВО ВРЕМЕТО ОД СЕПТЕМВРИ 1998 ДО ОКТОМВРИ 2000 ГОДИНА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Вовед
Потребата од рана интервенција кај децата со оштетен вид во рамките на целокупните согледувања од целокупниот третман на децата со посебни образовни потреби, во последно време, беше постојано актуелизирана. Тоа ја наметна потребата да се извршат подготовки за одржување на научен симпозиум со стручњаци од нашата земја и од странство со цел да се согледа потребата од донесување соодветни мерки за организирање на рана интервенција.
Во ноември 1996 година во Струга се одржа Симпозиум за раниот третман и предучилишното воспитание на децата со хендукеп со меѓународно учество. На овој Симпозиум учествуваа и два стручњака за рана интервенција кај децата со оштетен вид-Van de Verthorst и Marion van Mens-Veisz, од установата “Бартимеус" од Холандија.
На Симпозиумот стручнаците од Холандија настапија со две излагања за рана интервенција кај децата со оштетен вид, прикажувајќи го начинот на изведувањето на раната интервенција и достигнувањата во таа област во нивната земја. Овие излагања за нас беа од големо значање, бидејќи се немаше доволно искуство во организирањето и изведувањето на раната интервенција со децата со оштетен вид, посебно со децата од раната детска возраст до седмата година од животот. Истовремено тоа беше добар повод да се воспостават меѓусебни стручни контакти за понатамошна заедничка соработка во оваа област и за користење на нивното искуство.
Уште за време на престојот на споменатите два стручњака во Струга, помеѓу нив и преставниците на: Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет-Скопје, Заводот за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов"-Скопје и Педагошкиот завод на Македонија-Скопје, се поведе иницијатива за отпочнување на еден заеднички Проект за рана интервенција на деца со оштетен вид во Македонија.
По извршените консултации на матичните институции на преставниците што ја покренаа иницијативата од Македонија и од Холандија, дојде до изготвување и потпишување на меѓусебен договор за започнување и реализирање на заеднички проект за рана интервенција кај децата со оштетен вид во Македонија.
I. Договорни обврски
Според договорот што беше потпишан во јуни 1998 година се дефинира следното:
- Назив на Проектот: Проект за рана интервенција “Димитар Влахов"
- Иституции-учесници во Проектот:
- Завод за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов"-Скопје;
- Институт за дефектологија при филозофскиот факултет-Скопје
- Педагошки завод на Македонија;
-
Центар “Бартимеус"-Холандија.
- Структура и комуникација
Со цел успешно да функционира Проектот беа формирани и работеа
следните групи:
3.1. Раководна група со следниот состав:
- Претседател: Проф. д-р Љупчо Ајдински, Раководител на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје;
- Секретар: М-р Ѓорѓи Митревски, Директор, а сега педагог во Заводот “Димитар Влахов". Од 1 јуни 1999 година до завршувањето на Проектот беше вклучен и новоименованиот директор на Заводот Симеон Созовски;
- Член: Г-ѓа Невена Пачемска, Советник за специјално образование при Педагошкиот завод на Р. Македонија, подоцна заменета со г-ѓа Марија Симонова.
- Член: Drs. F. H. van de Verfhors, Директор на Центарот “Бартимеус", како претставник од Холандија.
3.2. Стручен тим
Стручниот тим беше одговорен за секојдневната имплементација на Проектот. Тој функционираше во следниот состав:
- М-р Ѓорѓи Митревски, Раководител на Стручниот тим;
- Елена Христова, Анита Чекановска дефектолози за рана интервенција; и
- Соња Фортоманова, психолог.
3.3. Задачи на Стручниот тим:
- Двата дефектолога беа одговорни за опсервирање, за дијагностицирање и директна поддршка на децата со оштетен вид и нивните семејства опфатени во Проектот и заедно со психологот за изготвување на плановите за индивидуална поддршка;
- Психологот беше задолжен за изготвување на развојни дијагнози, планови за индивидуална поддршка и асистенција на дефектолозите.
- Значење и цели на Проектот
Повеќе стручни и научни сознанија во повеќе земји во светот упатуваат на фактот дека раната интервенција кај децата од предучилишна возраст кои имаат визуелен хендикеп, дава големи можности за нивниот психофизички развој.
Визуелниот хендикеп може да има различни последици на активностите кај тие деца, што подразбира користење на различни методи и форми во раната интервенција. Специјално внимание се става врз визуелноста и ориентацијата во просторот, сензомоторниот и психомоторниот развој, а сето тоа со цел за развивање на психофизичките способности, отстранување и ублажување на последиците, развивање на сетилата (аудитивни, тактилни, кинестетски), развивање на визуелната перцепција и користење на остатокот на видот.
Имајќи го тоа предвид, а со цел да им се овозможи поквалитетна грижа и помош на децата со визуелен хендикеп и нивните родители, Проектот за рана интервенција во Македонија се организира и започна да функционира во рамките на Заводот за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов"-Скопје.
Целта што се постави пред Проектот беше да се развие, имплементира и да се процени раната интервенција кај децата со оштетен вид. Поконкретно, како прво истражување од ваков вид, замислата беше да се започне со мала група деца од Скопје и околината, на возраст од 0-7 години, за да овозможи да се добие едно локално искуство на полето на раната интервенција со намера ова искуство да може да биде база за повеќе истражувања на овој план и понатамошна поширока имплементација на програмите за рана интервенција што треба да ја спроведува Заводот “Димитар Влахов", во семејства со визуелно хендикепирани деца.
- Планирање, фази и извештаи
Проектот беше предвиден, планиран и се реализира во време од две (2) години со следните активности:
- Откривање на децата, односно на родителите што беше предвидено да се изведе во време од еден месец, но тој процес траеше многу повеќе поради несредената евиденција во стручните офталмолошки институции.
- Едукација и обука на стручниот тим. Обуката беше предвидена и се реализираше за дефектолозите и психологот во време од три (3) недели во Холандија при Центарот “Бартимеус" во септември 1998 година.
- Обезбедување на поддршка за работа со децата и родителите во време од 22 месеца.
- Раководната група како што беше предвидено на секои три месеци усвојуваше и проследуваше тримесечни извештаи до Центарот “Бартимеус".
- Исто така беше предвидено да се изврши евалуација на Проектот, со извештај и предлози за поширока имплементација на резултатите од Проектот во Македонија, што и се направи, а ова излагање претставува дел од оваа евалуација.
II. Подготовки за започнување со непосредна работа со децата
1. Опфат на деца
Опфатот на децата во Проектот се одвиваше сукцесивно во зависност од нивното откривање. Се започна прво со 6 деца, па 15 и се стигна до бројот од 19 деца. Состојбата беше следна:
а) |
Според возраста: |
|
|
|
! |
2 деца од 0 до 3 години или |
10,5% |
|
! |
5 деца од 3 до 5 години или |
26,5% |
|
! |
8 деца од 5 до 7 години или |
42,5% |
|
! |
4 деца постари од 7 год. или |
21,5% |
б) |
Според полот: |
|
|
|
! |
14 деца беа машки или |
73,6% |
|
! |
15 деца беа женски или |
26,4% |
в) |
Според националната припадност: |
|
|
|
! |
12 деца македонци |
63,1% |
|
! |
4 деца албанци |
21,2% |
|
! |
2 деца роми |
10,5% |
|
! |
1 дете муслиман или |
5,2% |
г) |
Според степенот на оштетеноста на видот: |
|
|
|
! |
9 слепи деца |
47,3% |
|
! |
10 слабовидни деца |
52,7% |
Во составот на овие деца имаше и деца со комбинирани пречки и тоа: со лесна ментална ретардација, со тешка ментална ретардација и со церебрална парализа.
2. Утврдување на офталмолошката состојба кај евидентираните лица
Во утврдувањето на офталмолошката состојба кај децата учествуваа офталмолозите:
- проф. д-р Снежана Бошњаковска, од Клиниката за очни болести;
- д-р Ана Кедева, од Амбулантата за очни болести при Воената болница; и
- д-р Благоја Стојановски, од Амбулантата при Здравствениот дом-Скопје;
Кај овие 19 деца беше утврдена следната офталмолошка дијагноза:
- Cataracta congenita кај 4 деца;
- Fibroplasia retrolentalis кај 3 деца;
- Atropia n.o кај 2 деца;
- Astigmatismus кај 2 деца;
- Strabismus кај 2 деца;
- Glaukoma congenita кај 1 дете;
- Miopia alat кај 1 дете;
Помош на стручњаци од Центарот “Бартимеус" од Холандија на стручниот тим во Заводот “Димитар Влахов"
Во текот на месец октомври 1998 година, по претходен договор меѓу Раководната група на Проектот и Управата на Центарот “Бартимеус" од Холандија, пристигнаа 2 стручњака (психолог и стручњак за рана интервенција) да дадат директна помош на Тимот и заеднички да ја започнат работата со децата.
Оваа заедничка работа, освен што помогна за методолошката постапка придонесе во голема мера стручниот тим на Проектот да добие самодоверба во својата работа и да продолжи сам во работата.
III. Планирање и активности за спроведување
на проектот за рана интерванција
1. Започнување со рана интервенција, односно работа со деца
Пред започнувањето со рана интервенција, односно работа со децата се вршеше иницијална проценка кај децата од офталмолошки, психолошки и од дефектолошки аспекти.
Во проценката се правеше обид да се утврдат општите рамки за идентификување на слабостите и способностите на децата и нивното моментално ниво на функциомирање, со цел да се дефинираат чекорите во раната интервенција, за да може да се интервенира и да му се помогне на детскиот развој. Проценката требаше да даде сознанија за понатамошните активности во раната интервенција, а исто така да се воочат и промените во перфомансите на децата при повторно проценување.
Раната интервенција се потпре врз податоците добиени од опсервацијата, извршената проценка и разговорите со родителите. Се вршеше планирање на работата за секое дете индивидуално и се определуваше фрекфенцијата на домашните посети. Поаѓајќи од потребите на детето и семејството и од условите и од можностите во кои се реализираше интервенцијата се определуваше бројот на месечните посети за секое дете.
Секоја домашна посета се планираше во договор на дефектологот и психологот пред и по посетата за тоа што ќе се опсервира, на што најмногу ќе се обрне внимание (говор, самојстојност во исхраната, ориентација, блиндизми, стимулирање на видот и на другите сетила и сл.), кој материјал ќе се користи, разговор со родителите што ќе се посетуваат итн.
Работата со децата до 4 годишна возраст, во најголем дел се одвиваше во семејствата, а со децата над 4 годишна возраст и во чии семејства немаше услови за работа, третманот се одвиваше во Заводот “Димитар Влахов" во посебна и специјално уредена просторија со разновидни играчки и други терапевтски материјали.
Децата беа поделени на двата дефектолога за рана интервенција, додека психологот по потреба ги посетуваше сите деца и го следеше нивниот развој. Сите три стручнака заедно работеа и со родителите на децата, давајќи им совети како да работат и да постапуваат со своите визуелно оштетени деца.
Во текот на двете години колку што траеше Проектот беа направени вкупно 235 посети.
Пред почетокот на посетите на децата од страна на дефектолозите, врз основа на добиените податоци од опсервацијата, извршената проценка, од разговорите со родителите се правеа глобални индивидуални планови во кои се определуваше фрекфенцијата на домашните посети. Во работата со децата голем дел од активностите беа насочени кон развивање на сетилата и визуелната перцепција и користење на остатокот на видот, ориентација во простор и време, сензомоторниот и психомоторниот развој, како и развивање на психофизичките способности.
IV. Методи, форми и средства за реализација
на планираните активности
Како основна користена форма на работа беа домашните посети (патронажа) особено со децата до четири годишна возраст. Додека со децата над четири годишна возраст беа организирани и индивидуални посети во рамките на Заводот. Исто така беа организирани и посети во редовните градинки заради опсервација на децата и разговор со стручните служби во градинката.
Во сите овие форми на работа беа користени метод на разговор, пример, објаснување и убедување, набљудување, раскажување, повторување, вежбање и демонстрација, како во работата со децата, така и во работата со родителите. Во работата со децата се настојуваше играта да биде почесто вметната како основен метод, особено со децата на помала возраст, се настојуваше како основна активност на детето да биде играта преку која тие можат спонтано да стекнуваат знаења, умеења и вештини, правилно психо-физичко стимулирање на развојот, учење на емоции, правилно социјално и емоционално изразување, изградување правилна слика за себе и за другите, поттикнување на самодоверба, развивање и формирање на волјата, регулирање на однесувањето и многу други значајни цели што беа постигнати на овој начин.
Со децата на поголема возраст играта се намалуваше и се настојуваше да се поврзе со работата и учењето и се водеше сметка да се стекнуваат елементарни работни навики за интелектуална работа: особено да се концентрира, систематски и самостојно да анализира, да врши класификација. Се работеше врз поттикнување кон логичното мислење и кон способноста за мисловни операции-анализа, синтеза и генерализација. Кај поголемите деца се воведуваа игри со правила и друштвени игри. Паралелно со ова се користеше пофалба и поттикнување. Со пофалбата се изразуваше доверба во детето, се разбира водејќи сметка за индивидуалните особини на детето со што се зајакнуваше неговата самосвест и се поттикнуваше правилно да дејствува.
Работата со децата во голема мера беше условена од состојбата на видот. Од ова произлезе и проценката на резулаттите од Проектот што е прикажано со групирање на децата според степенот на оштетеноста на видот и тоа во три групи:
- слепи,
- практично слепи,
- слабовидни.
Активности и работа со групата на слепи деца
Сензорен развој
Слух
- Стимулирање на активно користење на слухот за добивање на информации и добивање на ориентација во просторот, како и диференцијација на најразлични звуци.
- Стимулирање на аудитивната перцепција и вежбање на аудитивното внимание
Тактилитет
- Развивање на тактилната осетливост, стимулирање на бимануелно, активно истражување и проширување на тактилното искуство преку прифаќање и проучување на најразлични материјали.
Мирис и вкус
- Стимулирање кај децата на осет за мирис и вкус преку вежби за воочување, перцепција и диференцијација на различни дразби.
- Посебен акцент бил ставен (кај едно дете) врз стимулирање на сетилото за вкус поради проблемите што ги имаше при исхраната.
Активности за моторен развој
- Стимулирање на способноста за одржување на рамнотежа и балансирање на телото, стимулирање на одот и негово правилно развивање.
- Корекција на одот, развој на фината моторика, координација на движењата, поттикнување за користење на горните екстремитети при ориентација во затворен простор.
- Вежби за психомоторна реедукација како на пример вежби за доживување на гестикуларниот простор и вежби за воочување и препознавање на ритам.
Активности за когнитивен развој
- Формирање на концепт за постојаност на предметите, препознавање на предмети и нивна класификација според определени својства.
- Говор
Активности за социјално-емоционален развој
- Формирање на основните хигиенски навики и овозможување на активната комунакција,
- Диференцирање на основните емоции и активности заради воспоставување на невербална комуникација преку игра
- Стимулирање на самостојноста во разни области од секојдневниот живот, стимулирање на различни видови на игри и вклучување на друго лице во играта, комуникација со возрасни и врсници надвор од семејството и слично,
- Подготвување на детето за правилна исхрана,
- Користење на усната шуплина за експлорација на предмети, децентрација на усната шуплина, стимулирање на поголема активност на јазикот, потенцирање на улогата на определени видови заби (катници, секачи) и сл.
- Воспоставување на контакт со воспитувачите и психологот во градинката и опсервација
Активности и работа со практично слепи деца
Сензорен развој
Вид
- Визуелна стимулација (фиксирање, следење на предмети, клорен вид) и оспособување за правилно користење на остатокот на видот;
Слух
- Развивање и стимулирање на аудитивна перцепција и вежби на аудитивнио внимание.
Тактилитет
- Стимулирање на бимануелното тактилно истражување, како и практични вежби за развивање на тактилната перцепција
Активности за моторен развој
- Практични вежби за развој на фината моторика,
Активности за когнитивен развој
- Усвојување на поими за ориентација во просторот и времето, ориентација на сопственото тело во препознавање и прикажување на делови од сопственото тело, ориентација според сопствената латерализација на телото и определена точка во просторот, формирање и усвојување на основни поими за природната и општествената средина и од областа на математиката.
- Стимулирање на правилниот граматички говор, негово дополнување, корекција и богатење на речникот.
Активности за социјално-емоционален развој
- Планирани се заеднички активности на стручњаците и родителите, особено за поттикнување на самостопјноста и независноста во секојдневните активности и формирање на хигиенски и работни навики,
- Формирање на позитивна слика за себе и зголемување на самодовербата, воздржување од импулсивни реакции и продлабочување на позитивни реакции.
Активности и работа со слабовидни деца
Сензорен развој
Вид
- Континуирана поддршка на родителите од страна стручниот тим за изведување на ортооптичка рехабилитација со нивните деца,
- Развивање на визуелната перцепција (перцепција на слики, следење на слики во движење), вежбање на координација-око-рака и слично.
Активности за моторен развој
- Практични вежби за развој на фината моторика и графомоторните способности (нижење на монистри, жица, работа со боцкалки, работа со пластелин, цртање на прави, криви, коси линии во слободен и ограничен простор и др.), а со некои деца се изведуваа вежби за психомоторна реедукација (вежби за доживување на гестикуларниот простор, вежби за координација на движењето, вежби за воочување и препознавање на ритамот и сл.).
- Стимулирање и поддршка на нормалниот развој и тоа: во текот на првата година-вежби за правилно држење на главата, самостојно превртување од грб на стомак и обратно, вежби за седење и лазење и сл., а во текот на втората вежби и активности за стимулирање на одот и неговото правилно развивање.
Активности за когнитивен развој
- Усвојување и утврдување на основните поими за ориентација во времето и просторот,
- Вежбање на помнењето со меморирање и репродукција на смисловен материјал (песнички, приказни),
- Формирање на поими за предметите, нивно препознавање и групирање според определени својства,
- Кај децата од забавишна и училишна возраст стимулирање на логичното мислење (воочување на сличности и разлики, класифицирање), формирање на поими и усвојување на предзнаења за општествената, природната средина и математиката како и вежбање на правилна техника за учење и помош за совладување на програмските содржини за прво одделение.
Активности за социјално-емоционален развој
- Кај сите деца од оваа група се изведуваа активности за потврдување и зголемување на самопочитта и самодовербата, како и формирање на позитивна слика за себе,
- Се вршеше поттикнување и стимулирање на контакт и комуникација со други лица, пред сe, со врсници.
Работа со родителите
За време на реализацијата на Проектот големо внимание се посвети на соработката и контактите со родителите на децата опфатени во Проектот. Освен што со нив се работеше во семејствата, беа организирани и неколку родителски средби во Заводот “Димитар Влахов" на кои се расправаше за повеќе прашања и проблеми во врска со реализацијата на Проектот.
На средбите родителите беа информирани за почетоците и развојот на Проектот, неговата замисла, целите и задачите, за прогресот и за сите проблеми и прашања што се појавија во текот на реализацијата на Проектот.
Беа организирани и заеднички средби со родителите, децата, стручниот тим и другите наставници од заводот “Димитар Влахов", на кои беа разменети мислења не само со соработниците од стручниот тим, туку и со другите наставници и воспитувачи од Заводот.
На овие средби беа правени анкети со родителите за испитување на ставовите и мислењата за значењето, функцијата, суштината и напредувањето на Проектот.
Сите родители беа единствени во мислењето дека Проектот треба да продолжи со работа и во наредниот период.
Информирање на јавноста за одвивање на Проектот
Во текот на двегодишното изведување на Проектот се посвети големо внимание околу промовирањето и давањето на надворешен публицитет на Проектот. Беа остварени 23 средби со средствата за јавно информирање (телевизија, радио, печат, звучно и браево списание и сл.).
Преку коментари, разговори, прашања и отворени трибини од страна на стручниот тим како и од родителите, јавноста беше информирана за почетокот и текот на реализацијата на Проектот. Првите вакви информации беа од голема корист и помогнаа за пријавување на нови деца за опфаќање во Проектот, што беше од голема важност бидејќи постоеја тешкотии околу откривањето и евидентирањето на таквите деца.
Работа со децата на Проектот што се вклучија во образованието
Во текот на реализацијата на Проектот, три деца што беа вклучени во Проектот, беа подготвени од стручниот тим. Едно дете се вклучи во воспитно образовниот процес во Заводот “Димитар Влахов", а другите две деца во редовните училишта.
Поддршката на детето што се вклучи во воспитно-образовниот процес во Заводот му овозможи поблиска соработка со соработниците од Проектот и наставно воспитниот персонал. Поддршката што им се даваше на двете деца во редовните училишта донесе нови искуства, особено врз планот на инклузивното образование. Со посетата и со помошта што ја даваа дефектолозите од Проектот на учителите каде беа вклучени двете деца, започна со работа мобилната служба од Заводот во редовните училишта. Дефектолозите им даваа конкретни предлози на учителите, како и на кој начин да им се обрне внимание на специфичностите во работата, како на пример местото на седење во училницата, комуникација со врсниците и методите на работа при усвојувањето на програмските содржини.
При крајот од реализацијата на Проектот големо внимание им се посвети уште и на три деца кои беа опфатени во Проектот за нивно вклучување во подготвителното одделение на основното училиште при Заводот.
Така, со започнувањето со работа на ова подготвително одделение во втората половина на учебната 1999/2000 година, овие три деца беа вклучени во ова одделение.
Констатации
- За прв пат во Р. Македонија се пристапи да се изведува рана интервенција кај деца со оштетен вид од раната детска возраст.
- Проектот опфати 19 деца од 0-7 годишна возраст, траеше 2 години, го изведе стручен тим од 2 дефектолога и 1 психолог и го раководеше Раководна група со претставници на четри институции вклучени во Проектот
- Детекцијата (откривањето) на децата се изврши преку Клиниката за очни болести и одделенијата за очни болести при Здравствениот дом и Воената болница од Скопје.
- Во пријавувањето на децата за опфат во Проектот во голема мера помогна и информирањето на пошироката јавност, а пред сe, на родителите на такви деца од страна на стручниот тим преку медиумите (телевизија, радио, весници, предавања и сл.).
- Родителите на децата со оштетен вид, покажаа голема заинтересираност за изведување на Проектот, не само со чинот на вклучување на нивните деца во раната интервенција, туку и во секој- дневните контакти и во соработката со стручниот тим на Проектот.
- Пред започнувањето со раната интервенција со децата, се вршеше офталмолошка, психолошка и дефектолошка проценка на состојбата кај децата, се изготвуваа индивидуални планови за работа со децата. Работата со децата, во најголем дел се одвиваше во семејствата, а со децата во чии семејствата немаше услови за работа, третманот се одвиваше во Заводот “Димитар Влахов". Во текот на двете години колку што траеше Проектот беа направени вкупно 235 посети.
-
Во работата со децата голем дел од активностите беа насочени кон развивање на сетилата и визуелната перцепција и кон користење на остатокот на видот, како и кон развивање на психо-физичките способности при што беа постигнати евидентни резултати во развојот кај децата. Така при крајната проценка, направена во месец јуни, во последната (2000-та) година беше констатирано:
- Од вкупниот број 5 слепи деца, при иницијалната проценка, 3 деца имаа значително подобрување во сензорниот, моторниот, когнитивниот и социо-емоционалниот развој; кај 1 дете има добро подобрување, а кај 1 дете поради други потешки пречки во развојот има благо напредување. Од овие 5 слепи деца, 2 деца се вклучени во редовна градинка, 1 дете во основното училиште при Заводот “Димитар Влахов", 2 деца, од кои едно поради комбинирани пречки и тешката попреченост во развојот, а другото поради возраста имаат потреба од натамошен третман.
- Од вкупниот број 3 практично слепи деца, 2 деца имаат значително подобрување во сензорниот, моторниот, когнитивниот и социо-емоционалниот развој; а 1 дете има благо подобрување. Од овие 3 практично слепи деца, 2 деца се вклучени во Основното училиште при Заводот “Димитар Влахов"; а 1 дете поради возраста имаше потреба од натамошен третман.
- Од вкупниот број 10 слабовидни деца, сите деца имаат значително подобрување во сензорниот, моторниот, когнитивниот и социо-емоционалниот развој. Од овие 10 слабовидни деца, 3 деца беа вклучени во основното редовното образование, 2 деца во Заводот “Димитар Влахов", 3 деца се вклучени во воспитни групи при редовни градинки; а 2 деца поради возраста имаа потреба од понатамошен третман.
- Проектот ја постигна својата поставена цел во однос на имплементацијата на раната интервенција кај опфатените деца на едно ограничено локално ниво и стручниот тим се стекна со локално искуство на тоа поле, така што со сигурност може да се каже дека ова искуство може да послужи и да помогне да се имплементира раната интервенција на поширок план, односно на територија на целата Република.
- За време на реализацијата на Проектот, големо внимание им се посвети на соработката и на контактите со родителите на децата опфатени во Проектот. Со големо задоволство може да се констатира дека независно од хетерогениот состав на родителите (по националност, социјална структура, образование, традиционалност и сл.) сите ја прифатија помошта на стручниот тим, па дури и оние што беа најскептични во тој однос. И не само тоа, тие повремено се вклучуваа во стручната работа и стануваа составен дел на стручниот тим во работата со нивните деца.
- Во направената анкета, родителите одговорија дека имплементацијата на Проектот добро се развива и напредува и дека треба да се воспостави подобра соработка со офталмолошките институции, со невладините и владини организации, институции, органи и тела и да се инсистира на поголемо разбирање за оваа проблематика.
- Првите информации што се дадоа до јавноста преку медиумите, јавните трибини и разговори од страна на стручниот тим, беа од голема корист и помогнаа за пријавување на нови деца за опфаќање во Проектот, што беше од голема важност бидејќи постоеја тешкотии околу откривањето и регистрирањето на таквите деца.
- Поддршката што им се даваше на децата од Проектот, што се вклучија во редовните училишта, донесе нови искуства, особено врз планот на инклузивното образование. Посетата и помошта што им ја даваа дефектолозите од Проектот на учителите во редовните училишта кај кои се вклучени децата од Проектот, всушност претставува зачеток на работата на мобилната служба од страна на Заводот “Димитар Влахов" во редовните училишта.
- Работата со некои од децата од Проектот за нивно вклучување во подготвително одделение во Основното училиште при Заводот “Димитар Влахов", го забрза процесот на отворањето на такво одделение, и вклучувањето на две деца во него.
- Опременоста на Заводот со дидактички играчки, дидактички материјали, технички средства и помагала беше на завидно ниво, благодарение на наменските финансиски средства доделени за Проектот, од СОРОС, Македонскиот центар за меѓународна соработка и од установата Бартимеус од Холандија.
Предлози
- Со оглед на изнесената констатација за успешното завршување на двегодишната работа на Проектот и постигнатите резултати во сензорниот, моторниот, когнитивниот и социјално-емоционалниот развој кај децата кои беа опфатени во Проектот, се предлага организирање на рана интервенција кај децата со оштетен вид на целата територија на Р. Македонија, со што максимално ќе се искористи стекнатото двегодишно искуство од реализацијата на Проектот кој се реализираше на територијата на Скопје.
- За имплементацијата на Проектот за рана интервенција на целата територија на Републиката се предлага, во почетокот, да се формира Центар за рана интервенција при Заводот за рехабилитација на деца и маладинци со оштетен вид во Скопје, со задача да ја организира, раководи и помага раната интервенција на деца со оштетен вид, од предучилишна возраст во Скопје и во другите општини во Републиката.
- Со оглед на констатацијата дека за време на изведувањето на Проектот голем проблем претставуваше детекцијата и опфаќањето на децата со оштетен вид со ран третман, во наредниот период ќе треба посебно внимание да му се обрне на средувањето на евиденцијата на децата што се откриени во офталмолшките и другите здравствени институции, потоа нивно регистрирање и воведување на Регистар за новооткриените такви деца.
- Заради информирање на пошироката јавност, а посебно на родителите, на детските јасли и на градинките, ќе биде потребно да се подготват пригодни брошури и памфлети во кои ќе се зборува за таквите деца и за начинот на нивното откривање и пријавување.
- Децата треба да бидат пријавувани за дијагностицирање и за рана интервенција во Центарот од нивните родители и од специјалисти како што се офталмолозите, педијатрите, невролозите.
- По пријавувањето, Центарот треба да организира офталмолошка, психолошка и дефектолошка проценка на детето со примена на потребната техника и средства, како и по потреба да направи консултација и со други стручни лица (на пр. генетичари и сл.).
- Центарот треба да обезбеди соработка меѓу органите, службите и установите за навремено обезбедување на податоци, односно пријавување, дијагностицирање и навремено започнување на раната интервенција.
- Во текот на раната интервенција, децата со оштетен вид треба да се подготвуваат за вклучување во детските јасли и градинки, како и подоцна во основните училишта. Центарот треба да ја организира и развива мобилната служба за помош на децата што ќе бидат вклучени во редовните предучилишни и училишни установи, како и да им помага на воспитувачите и учителите во чии групи, односно одделенија има вклучено деца со оштетен вид.
- Центарот, преку анимирањето на средствата за масовна комуникација може да одигра значајна улога во информирањето на јавноста за проблематиката на децата со оштетен вид и да даде голем придонес за навременото откривање, пријавување, дијагностицирање, ран третман, воспитание, образование и обезбедување на определени права и друго.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE