JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7522
Златко ПЕТРЕВСКИ
ПРОФЕСИОНАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА
ВО СПЕЦИЈАЛНО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ
Вовед
Денес се смета дека во светот постојат повеќе од 5.000 занимања. Секое занимање има свои барања и специфичности. Разновидноста на занимањата соодветствува со различноста на психофизичките способности кај поединците. Тоа значи дека не постои човек што не може со успех да извршува некоја работа, се разбира, доколку работата му одговара на умствените и физичките способности. Од ова произлегува дека и лицата со хендикеп можат да си го најдат своето место во светот на занимањата.
Најчесто, во секојдневниот живот, занимањето се идентификува со работно место, но има разлики. Работата е резултат на личната активност, ангажираност, а занимање е оспособеност на човекот да извршува некоја работа.
Научните анализи и истражувања за успешноста во работата, во разни видови на занимања, укажуваат на фактот дека не постојат лоши и добри занимања, туку дека постојат луѓе кои добро или лошо си го одбрале своето занимање.
Преку професионалната ориентација настојуваме да откриеме со какви способности, можности и интереси располага секој ученик и на кој начин би му предложиле занимање кое најмногу би одговарало на неговите психофизички способности, материјални можности и лични интереси.
Целиот процес на професионална ориентација има само советодавен карактер, а конечната одлука за тоа дали ученикот ќе го продолжи школувањето го донесуваат семејството и ученикот, иако се присутни определени исклучоци.
Професионална ориентација (теориски основи)
Терминот професионална ориентација е преземен од францускиот јазик “L orientation professionelle”, кој би се протолкувал како снаоѓање во светот на занимањата. Пред овој термин кај нас се користеше терминот советување при изборот на занимањето.
Професионалната ориентација е интегрален дел на рехабилитацијата, нејзин воведен дел. Меѓународната ориентација на трудот професионалната ориентација ја дефинира како помош што му се нуди на поединецот за да може да ги разреши оние прашања што се во врска со изборот на занимањето, при што ќе се имаат во предвид личните способности на поединецот во врска со можностите за негово вработување, во рамките на побарувачката на работната сила, според С. Јакулиќ.
Целта на професионалната ориентација е да им се помогне на учениците да се одлучат да го продолжат своето школување и да се насочат кон занимања, кои најмногу би им одговарале на нивните психофизички особини и способности и во кое занимање ќе имаат најмногу изгледи за добра прилагоденост. Грешки во насочувањето не смее да има, бидејќи лошо избраното занимање остава многу големи последици во понатамошниот живот и работа.
Процесот на професионална ориентација е сложен процес и во себе ги содржи следниве фази:
- Професионално информирање;
- Професионално советување;
- Евалуација-следење на оствареното советување.
Професионално информирање
Оваа фаза е подготвителна и е особено значајна; суштината е и во тоа што претставува организирана и систематска активност за давање на сите податоци значајни за правилниот избор на занимање.
Целта на професионалното информирање е ученикот да се запознае со сите релевантни карактеристики и особености на занимањето кое би можел да го избере. Професионалната информација мора да биде прилагодена со психофизичките способности и да се ограничи на оние занимања за кои би можел ученикот да се оспособи.
Професионално советување
Професионалното советување е психотераписки процес со кој се дејствува врз формирањето на личноста на ученикот; и не се применува во краток временски период, туку континуирано низ целото основно образование, со особено акцентирање во осмото одделение. Советодавачот мора да ги познава сите кандидати, од секој од следниве аспекти:
- Здравствена состојба;
- Социјален статус;
- Психолошки развој;
- Интелектуален капацитет;
- Материјална состојба;
- Заинтересираност на семејството;
- Ставови на родителот;
- Ставови на ученикот.
Ученикот треба да ги сфати своите способности и можности и реалната состојба и да се согласи со предложеното занимање, што му е советувано, а одлуката да ја прифати како своја.
Евалуација-следење
Третата фаза на професионалната ориентација се одвива во периодот кога учениците не се веќе во посебното основно училиште, туку го завршиле своето образование. Комуникациите меѓу учениците и училиштето треба да продолжат со следење на текот на запишувањето на учениците во центрите за рехабилитација и образование, каде што се продолжува со следење на текот на професионалната рехабилитација за да може навреме да се реагира. Целта на евалуацијата е да се дојде до нови сознанија за објективните и субјективните фактори што влијаат врз процесот рехабилитацијата, а тие да можат да искористат за унапредување на процесот на професионална ориентација.
Организирање на професионалната ориентација
во посебни основни училишта
Во посебните основни училишта се застапени сите три фази на професионалната ориентација. Фазата на професионалното информирање има три периоди: опсервационен, што го опфаќа периодот на записувањето на ученикот кога им се посветува посебно внимание на испитување на моториката, интереси и склоности; период на одделенска настава и период на предметна настава.
Професионалното информирање се изведува преку содржините на предметите што се изучуваат. Со професионалното информирање, како еден аспект на наставата, т.е. составен дел на воспитно-образовниот процес, овозможено е: запознавање на личноста на ученикот, воспитување на правилен однос кон работата и формирање на активен став во изборот на занимањето.
Професионалното информирање, преку редовната настава, го реализираат наставниците, разработувајќи ги содржините предвидени со наставниот план и програма.
Покрај редовната настава, за професионалното информирање придонесуваат и воннаставнитте и слободните ученички активности, како на пример: секции за здобивање на знаења, технички скции, слободно работно-производствени активности и други секции. Во програмите на овие воннаставни и слободни активности, треба да да е проткаено и професионалното информирање.
Голема улога во професионалното информирање имаат и часовите на одделенскиот раководител, во чија што програма се предвидени посебни теми во шесто, седмо и осмо одделение.
Професионалната ориентација во предметот техничко образование
Со наставниот план и програма по предметот техничко образование се определени и целите и задачите, од кои ќе наведеме:
- Предметот треба да им даде на учениците работно и техничко образование и да им овозможи општа подготовка за понатамошното стручно образование и успешна рехабилитација;
- Да ги открива и развива способностите и личните интереси на учениците и да ги насочува кон оние активности што ќе придонесат за тоа ученикот успешно да се оспособи за определено занимање;
- Да ги запознае учениците со најчесто употребуваните материјали и да ги оспособи за совладување на основните знаења, умеења и навики, техники и вежби, во еднооставни работни процеси и постапки;
- Да ги развие умешноста и снаодливоста во правилното користење на работниот алат, материјал и прибор;
- Да ги оспособи учениците да се здобијат со знаења и вештини за да ги користат во секојдневниот живот;
- Да развива работни навики;
- Оваа настава да се користи за корекција и компензација на недостатоците.
Во планот за предметот техничко образование во шесто, седмо и осмо одделение се опфатени и наставни единици од областа на професионално информирање и ориентирање. Во шесто одделение се добиваат првите програмски информации за поимите труд и работа, што се првични информации и се однесуваат на запознавање со трудот и работата, здружување на трудот, вработување и елементите на тие процеси. Во седмо одделение се опфатени содржини за изборот на занимањето, преглед на занимањата и основните карактеристики на групите занимања. Во осмо одделение се опфатени содржини за категории на занимања, класификација на работите и занимањата и содржини на групи занимања.
Комисија за професионална ориентација
Комисијата за професионална ориентација ја формира директорот на училиштето и, во исто време, ја раководи и координира работата, и именува заменик. Во составот на Комисијата за професионална ориентација влегуваат девет члена и тоа: психолог, дефектолог, социјален работник, наставник по техничко образование, одделенски раководители на осните одделенија и претставници од родителите.
По формирањето Комисијата донесува план и програма за работа која се изготвува врз основа на согледаните потреби за професионална ориентација во основното училиште.
Содржините на планот и програмата се изготвува по месеци и полугодија. Примерок од годишната програма за работа на Комисијата за професионална ориентација ја изложиваме во целост:
Септември
- Формирање на Комисијата за професионална ориентација
- Предложување и усвојување на програмата за работа
- Поднесување на извештај за работата во претходната учебна година
- Евалуација-следње на завршените ученици од минатата учебна година
Октомври
- Часовите на одделенскиот раководител да му се посветат на правилниот избор на занимање
- Посета на блиска работна организација
- Уредување на катче за професионална ориентација
- Изготвување на преглед на членство воннаставните активност
Ноември
- Спроведување на анкета со осмоодделенците
- Воведување на програма за професионална ориентација, преку интерна разгласна станица
- Разговори со родители-представници од одделни струки и занимања
- Внесување на желбите, изразени во анкетата, во Дневник
Декември
- Запознавање со повеќе видови занимања
- На часови по македонски јазик писмена вежба на тема “Што сакам да бидам”
- Предавања од страна на лекар за значењето на здравјето при избор на занимање
- Истакнување на изработените писмени работи во катчето за професионална ориентација
Јануари
- Видео проекции за видови на занимања
- На часовите по ликовно образование тема: Моето идно занимање
- Истакнување на ликовните творби во катчето за професионална ориентација
Февруари
- Посета на заштитна работна организација и разговор со претставник од вработените
- Набавување на публикации за мрежата на струки и занимање во ЦРО “Свети Наум Охридски”- Скопје и дистрибуирање меѓу учениците
- Извештај за полугодишната работа на Комисијата за професионална ориентација
- Посета во ЦРО “Свети Наум Охридски”-Скопје
Март
- Спроведување на повторена анкета за проверка промените на ставовите на ученицита
- Интервју со родители
- Разговор со поранешен ученик што го продолжил школувањето
- Разгледување на резулататите од интервјуто и анкетата
Април
- Запознавање на учениците со правилниот избор на занимања
- Остварување на контакти со психологот од ЦРО “Свети Наум Охридски”-Скопје
- Извршување на разговори со ученици за нивната желба за продолжување на школувањето
Мај
- Споредување на резултатите од анкетата, интервјуто и тестовите
- Посебни разговори со колебливи ученици
- Повторна посета на ЦРО “Свети Наум Охридски”-Скопје со родители и ученици
- Организирање на родителски состаноци на кои се разгледуваат критериумите и условите за упис во ЦРО “Свети Наум Охридски”-Скопје
Методи и инструменти
- Анкета-анкетен лист го спроведува одделенскиот раководите на осмото одделение
- Интервју-записник, го спроведува социјалниот работник
- Тестирање-тестови, ги спроведува училишниот психолог
- Систематско набљудување-Дневник, го спроведува наставникот по техничко образование
Заклучок
Со професионалната ориентација во посебното основно училиште, ќе се овозможи поголем број од завршените ученици да го продолжат своето школување и работно оспособување, и успешно да го завршат.
Активностите на тимот за професионална ориентација, многу ќе влијае врз продолжувањето на образованието на колебливите ученици. Од сите активности, доаѓаме до заклучок дека основниот проблем на професионалната ориентација е во тоа дали ќе успееме поголем број на учениците да го продолжат образованието.
ЛИТЕРАТУРА
- Група автори, “Професионална ориентација у основној школи”, Белград, 1974
- Група автори, “Образвани профили, наставни планови и програми за ученици со лесна попреченост во психофизичкиот развој”, Скопје, 1989
- Група автори, “Професионална ориентација во РМ”, Скопје, 1980
- Група автори, “Рехабилитација ментално ретардираних лица”, Белград,1986
- Петров Р., “Професионална ориентација и оспособување на хендикепирани лица”, Скопје, 1977
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE