JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5412
Вера КОВАЧЕВИЌ
ЗНАЧЕЊЕТО НА ХАБИЛИТАЦИЈАТА ВО ПРОЦЕСОТ
НА УСВОЈУВАЊЕТО НА ПРЕДЛОЗИТЕ КАЈ ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН СЛУХ
Вовед
Детето по третиот месец од животот почнува да станува свесно како физичко суштество. Доживувајќи се себеси во просторот, ги развива причинските и временските импресии.
Како прв звучен поттик-гласот е мошне важен потпор за освестувањето на свеста, а таа за психолошко, мисловно и говорно созревање. Кај детето што има оштетен слух поради неможноста да го чуе звукот почнува доцна да го чувствува говорот. Во свеста зборовите му се натрупуваат без разбирливи односи и врски. Благодарејќи i на примената на Костиќевиот систем (апарат и методологија на работата) во развојот на слушната перцепција овие деца почнуваат рано да ги усвојуваат поимите, да ја градат реченицата како основна граматичка единица, а со активно свое учење одговарајќи на прашањата го развиваат разбирањето вербално искажано.
Детското интересирање за предметите и лицата придонесува за проширувањето на лексичкиот фонд. Кај слушно оштетеното дете е потребно да се изгради свеста предметите постојано да се наоѓаат во меѓусебните односи кои јазично се изразуваат на различни начини. Предлозите (во, на, пред, зад, покрај, над, под, меѓу) ги означуваат односите меѓу предметите, лицата и пошироко во просторна смисла, па со таа група би требало да се започне изградбата на речениците зашто тие често се во употреба, а се и од посебно значење за секојдневниот живот на детето. Како значајни зборови во јазикот предлозите покрај конкретни имаат и апстрактни значења на пр. (Ана е на одмор).
Оваа граматичка категорија слушно оштетените деца ја усвојуваат структурирајќи ги причинско-последичните врски. Поради тоа во работата за правилна (граматички исправна) изградба на реченицата е исклучително важно со процесот на хабилитацијата претставата на децата да им стане разбирлива за просторните односи за светот што го опкружува, т.е. сe што сака да каже, детето треба и да го “види" во менталната претстава.
Цел на трудот
Целта на овој труд е да се установи на кое ниво од говорниот развој се наоѓаат децата од предучилишна возраст и да се испита ефикасноста процесот на хабилитацијата со примената на Костиќевиот систем во функција на развојот на предлозите, а сe со цел за натамошно усовршување на развојните говорно-јазички закономерности.
Методологија
Во испитувањето е применет експерименталниот метод. Сите деца се подложени на индивидуално испитување кога се во прашање испитувањата на говорот, слухот и интелектуалните способности. Со испитувањето беа опфатени деца со нормална состојба на слухот и на говорот од градинката “Мрвица" (N=15) што ја претставуваа контролната група (К) и (N=15) деца со оштетен слух што беа хабилитирани во IEFPG (Институт за експериментална фонетика и патологија на говорот) ја претставуваа експерименталната група (Е). Мострата ја сочинуваа 30 деца, на возрат од 4-6 години. Слушно оштетените деца беа по тежина на оштетувањето распоредени во три групи (I, II, III група-Костиќева класификација). Должината на хабилитацијата го опфаќаше периодот 1-3 години. Групите К и Е беа уедначени по интелектуален и невролошки статус. Во процесот на испитувањето беше користен тест за процена на ниво на развиеност на предлозите во кои беа застапени осум предлози што беа илустрирани во црно-бела техника. Процената на активното и пасивното ниво на усвоеност на предлозите се вршеше на следниот начин: На поставеното прашање “Каде е...? или покажи...", детето требало да одговори со кратка реченица што содржи предлог и предмет или да ја покаже сликата на која е претставен соодветен предлог. Беа користени три оцени за процената на точноста на одговорите на испитаниците: +,+/ -,-. Во финалната статистичка обработка на резултатите е користена ANOVA.
Резултати и дискусија
1. Активната усвоеност на предлозите (позитивни одговори) на децата со нормален развој на говорот зависно од возраста.
1а. Пасивната усвоеност на предлозите (позитивни одговори) на децата со нормален развој на говорот зависно од возраста
Активната и пасивната поединечна усвоеност на предлозите кај децата се нормален говорно-јазичен развој е обусловена од возраста.
Ако ги споредиме возрасните групи на нормалната популација на деца од 4, 5 и 6 години, тогаш забележуваме постоење на значајни разлики во степените на активната усвоеност на поединечни предлози. Врз основа на резултатите за активна поединечна употреба на предлозите истакнуваме дека децата од 4 и 5 година постигаат најголем степен на усвоеност на предлозите во и на. До 6 година другите истражувани предлози го покажуваат порастот на нивото на усвоеноста, освен предлозите над и меѓу. Разновидноста на резултатите кај децата на контролната група (К) значи помала јазична развиеност, и е израз на нестабилноста на значењето на зборовите-предлозите што ги имаат децата.
Кога децата не го познаваат основното значење на зборот, му придаваат неточно, субјективно значење. Со поголемо говорно искуство кај нашите постари испитаници, се зголемува зачестеноста на јавувањето на поголем број предлози во говорот, па така се зацврстуваат врските по пат на таа граматичка категорија и значење на зборовите што се веќе стекнати.
Со компарација на одделни предлози во рамките на популацијата на децата со нормален говорен развој меѓу различните возрасни групи се воочуваат значајни разлики:
- во степените на активната усвоеност на предлогот зад, кој децата од 5 години го имаат почесто во употреба во однос на помладата старосна група од четири години;
- во степените на активната усвоеност на предлозите пред и покрај кои децата на постарата возрасна група од 6 години често ги употребуваат во однос на групата деца од 5 години;
- во степените на активната усвоеност на предлозите пред, зад, покрај, под каде што децата на 4-та година послабо ги усвојуваат во однос на испитаниците од групата од 6 години (што е за очекување).
Сметаме дека со зголемувањето на говорното искуство децата на постарите возрасти ги освојуваат оние значења на предлозите што им се заеднички и на другите лица.
На нивото на пасивната усвоеност на исказите кај децата со нормален развој на говорот меѓу 4-та, 5-та и 6-та година, се воочуваат значајни разлики што укажуваат на неповолен степен усвоеност на помладите возрасти како предлогот пред, така и предлогот покрај. Тие предлози повеќе ги усвојуваат децата од 5-та и 6-та година, што ги воочивме врз основа на спроведената компарација на резултатите на возрасните групи. Исто така е и намален степенот на усвоеност на предлогот зад кај децата на најмладата возрасна група (4 год.) и на предлогот над на возрасната група од 5 години (овие значајни разлики ги добивме со компарирање на резултатите на усвоеност на децата од 6-та година со резултатите на усвоеност на 4-та година како и 6-та год. со резултатите на 5-та година).
Децата со нормален говорно-јазичен развој на сите старосни групи постигаат подобри резултати на ниво на пасивната поединечна усвоеност на предлозите.
2. Активна усвоеност на предлозите (позитивните одговори) кај слушно оштетените деца зависно од возраста
2а. Пасивна усвоеност на предлозите (позитивни одговори) кај слушно оштетените деца зависно од возраста
Како и кај контролната група, активната и пасивната усвоеност на предлозите на слушно оштетените деца зависи од возраста. Децата од 4-та и 5-та година покажуваат скоро идентични резултати како нивни врсници од (К) групата во нивоата на активната и на пасивната усвоеност на поединечните предлози како што се во и на. Кај слушно оштетените деца од 6-та година во нивото на пасивната усвоеност на поединечните предлози нема значајни разлики. Значајни разлики за оваа возраст постојат во активната поединечна усвоеност на предлозите пред, зад, над, меѓу во однос на предлозите во и на и говорот за нивната неповолна употреба во говорот.
Со компаративната анализа на резултатите на возрасните групи (Е група) воочуваме значајни разлики што потврдуваат дека одделни видови предлози на ниво на пасивни усвоености имаат помала фреквентна употреба како што се пред, покрај, зад, над и меѓу на помлади возрасти (4 во однос на 5; и 5 во однос на 6 год.). Постојат и значајни разлики меѓу активните нивоа на одделните усвоености на предлозите пред, покрај во корист на децата од 6-та година во однос на помалата возраст (4 и 5 год.)
3. Активната усвоеност на предлозите (позитивни одговори) I, II, III на слушно оштетените деца и на децата со нормален развој на говорот
Усвоеноста не зависи од припадништвото Е и К групи, а зависи од поединечните предлози, каде што во рамките на секоја група се воочуваат разлики меѓу нив.
4. А/Р усвоеноста на предлозите на децата со оштетен слух зависно од должината на хабилитацијата
Времето на започнувањето на хабилитациониот процес влијае врз усвојувањето на предлозите на децата со оштетен слух (p= 0,0026). Децата што се подолго време на третман постигаат подобри резултати во активната усвоеност што е и цел на нашата работа со оваа популација. Нема значајни разлики во однос активниот и пасивниот речник како и во рамките само на активната и само на пасивната употреба.
5. А/Р усвоеноста на предлозите на децата со оштетување на слухот зависно од степенот на слушното оштетување.
Активната и пасивната употреба на предлозите кај слушно оштетените деца не зависи од степенот на оштетувањето на слухот (p>0,05), а зависи од односите на активното и пасивно ниво (p>0,05). Првата група покажува скоро идентични резултати кога се во прашање нивоата (А и Р) на усвоеност на предлозите. Во втората и во третата група разликите меѓу А и Р нивоата се поголеми, но не се статистички значајни.
Ваквите резултати се последица на методолошкиот пристап во хабилитацијата на говорот на слушно оштетените деца како и особеност на првата група сî научено во рамките на значењето на одделни категории зборовите веднаш конкретно да ги користат во експресивниот говор, т.е. тие немаат ни минимум можности за спонтано усвојување на значењата на зборовите, туку главно нивниот исказ се заснова врз количината на изградениот речник низ едукативната програма. За ова тврдење во прилог зборуваат резултатите на втората и на третата група со слушно оштетување, што имаат подобри аудитивни потенцијали по пат на кои можат да остварат определено ниво на спонтаниот развој на речникот, а со самото тоа да покажат креативност во изборот на зборовите.
Заклучоци
Врз основа на добиените резултати можеме да ги изведеме следните заклучоци:
- нашите резултати потврдуваат дека нивото на поединечната усвоеност на предлозите кај децата со оштетен слух и кај децата со нормален говорно јазичен статус зависи од возраста каде што е присутна познатата јазична закономерност на разликите меѓу активното и пасивното ниво во корист на пасивното што е во согласност со природниот развој на говорот;
- активната и пасивната употреба на предлозите кај слушно оштетените деца не зависи од степенот на оштетување на слухот;
- степенот на усвоеноста на активниот и на пасивниот речник на ниво на предлози зависи од времето на започнувањето на хабилитацијата (колку времето на отпочнување е порано, а на хабилитацијата подолго) резултатите се подобри. Тие деца во 6-та година го достигаат нивото на своите врсници со нормален развиен говор и со слух со што се потврдува значењето и ефикасноста на процесот на хабилитацијата по пат на KSAFA системот во работата со овие деца;
- придонесот со KSAFA системот во процесот на хабилитацијата се огледа во тоа што со полно право можеме да зборуваме за непостоење на статистички значајни разлики во активните нивоа на Е (првата, втората и третата група на слушно оштетуваање) и на К групата. Значајни разлики постојат само во степенот на усвоеноста на поединечните предлози во рамките на секоја група.
- должината на хабилитациониот процес влијае врз усвојувањето на предлозите на децата со оштетен слух. Децата што се подолго време на третман постигаат подобри резултати во употреба на предлозите во однос на А и П речникот како и во рамките само на активната и само на пасивната употреба во однос на должината на хабилитацијата.
ЛИТЕРАТУРА:
- Џ. Костиќ-Структура употребне вредности облика у српскохрватском језику, Београд.
- Р. Бугарски-Увод у општу лингвистику, Завод за издавање уџбеника, Нови Сад, 1991.
- Џ. Костиќ-Оперативна граматика, Просвета, Београд, 1987.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE