JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 8789
Силвана ФИЛИПОВА,
Ристо ПЕТРОВ
ДОМИНАНТНАТА ЛАТЕРАЛИЗАЦИЈА НА ГОРНИТЕ ЕКСТРЕМИТЕТИ КАЈ ДЕЦА СО ЛЕСНА И УМЕРЕНА МЕНТАЛНА РЕТАРДАЦИЈА
Вовед
Латерализацијата се остварува постепено со текот на созревањето на ЦНС. Имаме десна и лева страна на телото, десни и леви екстремитети, десни и леви органи на сетилата за вид, слух и мирис.
Доминантната латерализација се поклопува со миелинизацијата на неспецифичните влакна на таламусот и завршува со миелинизацијата на комисурите кои ги спојуваат двете хемисфери на мозокот во еден орган. Тоа го овозможува дефинирањето на доминацијата на хемисферите за функциите на перцепција и на дејствување. (5)
Доминантната латерализација означува појава на водечки екстремитет или водечки сетила при вршењето на сложените психомоторни активности. Означува еден повисик степен на интегративна моќ на кората на големиот мозок која се состои во тоа да се соберат интерпретатираните податоци од примарните полиња и да се интерпретираат во секундарните полиња на едната хемисфера. Со ова се овозможува друг, повисок степен на интегрирање кое го чини бихемисферната активност, при кое секундарните моторни или сензорни полиња на едната хемисфера ја инхибирале активноста на секундарните полиња на спротивната страна, па на тој начин оствариле еден единствен интегративен центар за областите на примарните полиња на двете хемисфери. Со развојот на доминантните секундарни полиња се буди и развива можноста за сложени психомоторни и сензомоторни активности во кои учествува интегрирана моќта на двете хемисфери. (1)
Доминантната латерализираност се јавува најчесто како десноракост или по типот на леворакост, што е многу поретко. При вршењето на активностите едната рака води бимануелна активност а другата ја следи. Водечката рака е со знатно подобро издиференцирана можност за изведување психомоторни активности, а другата рака и припомага, ја придржува. Ова посебно може да се види при извршувањето на некои прецизни активности. (1,2,3)
Онтогенетски разој на латерализацијата
Онтогенетскиот развој на доминантната латерализација сеуште не е доволно познат. Според некои автори (Gesell 1940-1942, Caupp 1929, Qudifasel 1955, Orton 1943), во онтогенетскиот развој се почнува, исто, од една амбивалентност, како во областите на кортикалната доминација така и во областа на доминацијата на екстремитетите при вршењето на манипулативните активности. Процесот на развојот од амбивалентноста на движењата до одбирање на водечка десна или лева рака можеме да го сметаме за процес на созревање, и тоа заради тоа што од латерализираност одиме кон доминација и на хемисферите и на движењата во манипулативното поле, од пониски облици на организирање на активностите до сложени и прикладни нивои на издиференцираност во интеграцијата.
Во нашата средина процесот на созревање на доминантноста на екстремитетите во манипулативното поле завршува некаде меѓу шестата и осмата година од животот. Секоја амбивалентност на движењата по тој период претставува забавеност во созревањето на структурите и функциите кои го определуваат латерализирањето на движењата. (1,2,6)
Предмет и цел
Предмет на ова истражување е доминантната латерализираност на употребно и гестуално ниво, како и испитување на хармоничноста во доминантната латерализираност на употребно и гестуално ниво кај ментално ретардираните лица.
Целта на испитувањето е да се види дали менталната ретардација има влијаније во воспоставувањето на доминантната латерализација.
Примерок
Со истражувањето се опфатени три групи од по 30 испитаници од кои две експериментални и една контролна група. Експерименталните групи се составени од испитаници со лесна ментална ретардација чиј IQ се движи од 51-70 и со умерена ментална ретардација чиј IQ се движи од 31-50. Испитанците се на возраст од 10-12 години. Тоа е возраст на која процесот на созревањето на доминантната латерализираност треба да е завршен.
Во истражувањето извршена е проценка на доминантната латерализација на горните екстемитетети на употребно и гестуално ниво, како и проценка на хармоничноста на формираната латерализација. Истражувањето е извршено со помош на батерија тестови за испитување на доминантната латерализираност на авторите Ќордиќ А. и Бојанин С. (1981). (5)
Истражувањето е извршено во посебните паралелки при редовните основни училишта “Страшо Пинџур” во Неготино и “Крсте Мисирков” во Гевгелија и во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје. Во контролната група се опфатени ученици од редовните паралелки при ОУ “Страшо Пинџур” во Неготино.
Резултати и дискусија
Од табелата 1 може да се забележи дека десна доминантна латерализација на горните екстремитети на употребно ниво имаат 90,00 % од децата со нормална интелигенција, 93,33 % од испитаниците со лесна ментална ретардација и 83,33 % од испитаниците со умерена ментална ретардација.
Ова ни укажува за постоење на силен социјален притисок за време на развојот и формирањето на доминантната латерализација.
Од табелата 2 може да се забележи дека десна доминантна латерализација на горните екстремитети на гестуално ниво имаат 86,66 % од децата со нормална интелигенција, 73,33 % од испитаниците со лесна ментална ретардација и 50,00 % од испитаниците со умерена ментална ретардација. Овде се забележува дека социјалниот притисок на средината на гестуално ниво е помал.
Од табелата 3 може да се забележи дека 83,33 % од децата со нормална интелигенција имаат хармонично формирана доминантна латерализација на употребно и гестуално ниво. Хармонично формирана доминантна латерализација имаат и 70,00 % од децата со лесна ментална ретардација и 53,33 % од децата со умерена ментална ретардација.
Колку е повисок степенот на менталната ретардација толку е поголем процентот на деца со нехармонично формирана доминантна латерализација. Така од табелата може да се види дека процентот на нехармонично формирана доминантна латерализација е најголем кај децата со умерена ментална ретардација и тој изнесува 46,66 %, кај децата со лесна ментална ретардација изнесува 30,00 %, а кај децата со нормална интелигенција 16,66%.
Нехармонично формираната латерализација можеме да ја сметаме како фактор за дискогнитивното функционирање на децата со ментална ретардација.
Како потврда за резултатите од нашето истражување упатуваме на истражувањето на Маќешиќ-Петровиќ Д. (1996), во кое е дојдено до исти резултати. (4)
Заклучок
Резултатите од истражувањето на доминантната латерализација на горните екстремитети ни укажува дека децата за време на развојот и формирањето на доминантната латерализација на употрбно ниво трпат силен социјален притисок на средината во која живеат. Социјалниот притисок е помал кога се работи за формирање на доминантната латерализација на гестуално ниво.
Резултатите од истражувањето на хармоничноста во формирањето на доминантната латерализација укажуваат на висок процент на деца со нехармонично формирана доминантна латерализација кај децата со умерени ментални способности, а тоа укажува дека менталната ретардација има влијание во формирањето на доминантната латерализација на горните екстремитети.
ЛИТЕРАТУРА:
- Бојанин С.: Неуропсихологија развојног доба и општи реедукативни метод, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1982.
- Владисављевић С.: Дислексија и дисграфија, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1991.
- Голубовић С.: Клиничка логопедија I, Дефектолошки факултет, Београд, 1997.
- Макешић-Петровић Д.: Сазнајни развој лако ментално ретардиране деце, Дефектолошки факултет Универзитета у Београду, Београд, 1996.
- Muriel E. Morley: Lateral Preference and Speech Disorders in: The Development and Disorders of Speech in Childhood, Churchill Livingstone Edinburgh and London, 1972.
- Соколовски Ж.: Третман умерено ментално ретардираних лица, Савез друштва за помоÿ МНРО Београд, 1997.
- Ћордић А., Бојанин С.: Општа дефектолошка дијагностика, Завод за уџбенике и наставна средства, Београд, 1997.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE