JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6896
Ана ВЕЉАНОВСКА
ИДЕНТИФИКУВАЊЕ НА АУТИЗМОТ КАЈ СЛЕПИТЕ
И СЛАБОВИДНИТЕ ДЕЦА
Често во работата со слепи и слабовидни деца наставниците наидуваат на ученици што имаат проблеми во учењето иако користат стратегии наменети единствено за овие ученици. Примената на овие стратегии е успешна кај голема група ученици, додека кај другите овој пристап не е корисен. Овие ученици покрај тоа што имаат тешкотии во учењето, имаат и необично однесување. Кај нив е застапено шаблонското учење, даваат механички одговори, се задржуваат на неважни информации, често неточно ги интерпретираат очигледните презентирани знаци, имаат проблеми во издвојувањето на важните од неважните детали. Овие деца се со низок степен на толеранција. Тие имаат проблеми со организирање и секвенцирање на околината и мошне конкретно и буквално му приоѓаат на надворешниот свет. Често покажуваат крути шаблони на стереотипно однесување. Овие шаблони на однесување се пројавуваат низ нивоата на интелектуално функционирање. Во стручната литература често пати овие проблеми се идентификуваат како “блиндизми”, што се дефинираат како несоодветни повторувања на фрази, гестови или дејства. Блиндизмите се стереотипни движења како што се: триење на очите со прсти, притискање на очните јаболчници, принесување на рацете кон лицето и мавтање со рацете пред очите, вртење на главата во круг, кимање со главата, нишање на телото напред-назад, извиткување на горните екстремитети, брмчење, плескање со дланките, удирање со главата, зјапање во светло(Iverson,1984). Некои автори ги сметаат блиндизмите како акт на автоматска самостимулација.
Утврдено е дека причини за ваквото однесување се: сензорната депривација, ограничената локомоција, социјалната депривација, неадекватниот примерен однос, фотофобијата, ограничената физичка активност, недостатокот на способност на имитација и недостатокот на разновидност на активности (Huebner,1986).
Слепите деца можат повремено да се оттргнат од овие стереотипни однесувања со насочување на нивното внимание на други активности, но ваквите интервенции треба да бидат систематски и постојани. Овие интервенции треба да им обезбедат на децата адекватна сензорна стимулација, физички активности, изложување на разновидни ситуации и пренасочување на неадекватните однесувања. Притоа, секогаш се става акцент на раната интервенција. Родителите и стручњаците забележале дека многу од овие однесувања се исти или слични со однесувањата забележани кај ученици со аутизам. Овие сличности биле поттик да се бараат повеќе информации за аутизмот и неговата поврзаност со слепоста.
Аутизмот е развојно первазивно нарушување. Тоа е дисфункција на централниот нервен систем, што условува како детето учи да го разбира и користи јазикот и како учи да воспоставува интеракции со луѓето и околината. Сите однесувања типични за аутизмот се исто така типични за пораните степени на нормалниот развој, пак тука се работи за комбинација од шаблони на однесување и за интензитетот и задржување на однесување што се под нормалниот период поврзани со аутизмот. Аутизмот може да се јави на сите нивоа на интелектуално функционирање, и може да биде од лесен до тежок. Често е поврзан и со други состојби предизвикани од трауми на централниот нервен систем.
Учениците со аутизам имаат посебни карактеристики во учењето, вклучувајќи проблеми во организација, расеаност, проблеми во секвенцирање, тешкотии во генерализирање. Покажуваат оштетени социјални интеракции, оштетена социјална игра, генерална преференција кон изолација од другите, индиферентност кон другите, неспособност да ги сфатат социјалните правила и конвенции (Mesibov,1991). Проблемите во комуникацијата и јазичната интеракција се исто основни кај аутизмот. Малите деца се често ехолалични. Децата кои не зборуваат имаат проблеми да разберат или да бидат разбрани.
Децата со аутизам можат да се окупираат со стереотипни однесувања како: повторливи движења на телото, удирање, одење на прсти, плескање со рацете и со дланките, брмчење и слично. Исто може да се окупираат со предмети кои се неинтересни за другите. Децата со аутизам често имаат проблеми со воспоставување односи со околината. Ваквото однесување може да се одрази врз нивната хиперсензибилност или хипосензибилност врз специфични сензорни стимулации и нивната одвоеност од околината.
Клучот во идентификување на аутизмот лежи во групата на вакви однесувања, интензитетот на однесувањата, траењето и колку тешко е да се пренасочат овие однесувања.
Концептот за аутизам и слепост е сосема нова идеја во литературата. Мошне малку истражувања се однесуваат на врската меѓу стереотипните однесувања кај сите деца и овие стереотипни однесувања кај аутистични деца со слепост. Мошне сличности постојат меѓу однесувањето на слепите и слабовидните деца и однесувањата кои се јавуваат кај деца со аутизам. Колку што с¢ повеќе се знае за аутизмот, и се користат специфични стратегии во работата со овие деца, станува с¢ позначајно да се идентификуваат оние деца кои се слепи и исто така имаат аутизам.
Импликациите на аутизмот се огромни и императив е овие импликации да бидат идентификувани и разбрани од страна на оние кои работат со овие ученици. Литературата за аутизмот ја поддржува користа од опсервирање, однесувањето на децата и интервјуирање на родителите и наставниците во идентификување на аутизмот. Опсервациите за да бидат валидни треба да бидат предвидени да се изведуваат во неколку дена и во разни ситуации. Во Орегон аутизмот е идентификуван низ еволуција и опсервација на децата во четири области:
- Јазик и комуникација;
- Односи со луѓе, предмети и настани;
- Отстапување во развојните фази и сегменти;
- Одговори на сензорни стимулации.
Генерално е прифатено дека дете со аутизам ќе има некои проблеми во различен степен во секоја од овие категории. Траењето и интензитетот на однесувањата кај аутизам го отежнува пренасочувањето на други активности, па така детето обично брзо се враќа на стереотипното однесување.
Најважни фактори во детерминирање на аутизмот се: интензитетот на однесувањето, колку е тешко пренасочувањето, траењето на секоја епизода на вакво однесување и задржувањето (перзистирање) на однесување под тоа што е типично кај слепо или слабовидно дете. Сите деца кои покажуваат стереотипно однесување не се аутистични. Но, како да се идентификува аутизам кај слепи деца. За да се помогне во тој процес стручњаците од Oregon school for the blind (M. H. Gense i D. J. Genre,1994) во соработка со Oregon Academic Search elite имаат развиено некои начелни принципи за споредување на карактеристиките, однесувањата забележани кај деца со аутизам и слепост и оние забележани кај деца што се само слепи. Овие начела се базирани на разни извори и перспективи, вклучувајќи 15 годишна работа и опсервирање на слепи и слабовидни ученици, 6 годишно учење и опсервирање на ученици со војна дијагноза слепило и аутизам, опсервирање ученици со аутизам, интензивно проучување и истражување на аутизмот, преглед на релативна литература за аутизам во последните шест години. (M. H. Gense и D. J. Genre, 1994)
Од горенаведеното може да констатираме дека од големо значење е дефектолозите што работат со децата со оштетен вид да го разберат значењето на аутизмот и неговото присуство кај некои од овие деца. Земајќи ја предвид наведената сличност во некои типични однесувања, кој би можеле да не одведат до неточна дијагноза, а со тоа и последици во третманот, од суштинско значење е за оние кои работат со децата, овој проблем навремено да го идентификуваат и да започнат со адекватен третман.
Резиме
Често во работата со слепи и слабовидни деца се наидува на деца што пројавуваат некои специфични стереотипни однесувања кои се дефинираат како “блиндизми”. Родителите и стручњаците забележале дека многу од овие однесувања се исти или слични со однесувањата забележани кај ученици со аутизам. Овие сличности биле поттик да се бараат повеќе информации за аутизмот и неговата поврзаност со слепоста. За да се помогне во процесот на идентификување на аутизам кај слепи деца, стручњаците од Oregon School for the blind развиле начелни принципи за споредување на однесувањата забележани кај децата со аутизам и слепост и оние забележани само кај слепи, што се јавуваат во 4 области: јазик и комуникација; односи со луѓето; отстапување од развојните стадиуми и одговори на сензорни стимулации.
ЛИТЕРАТУРА:
- Барон-Коен С., Болтон П.: чињенице о АУТИЗМУ, Савремена администрација Реубличко удружење Србије за помоќ особама за аутизмом, Београд, 1995.
- Gense H. M., Gense J. D.: Autism in children with blidness and visual impairments, Re. View, summer 94, Vol. 2, p55, 8p, 1 chart.
- Dikic S.: TIFLOLOGIJA, Ideaprint, Beograd, 1997.
- Маринов Емил: Зрителната депривациа-причина за нарушение на мотиката при зрително затрудените деца, Обучение и Рехабилитациа на зрително затрудените, Брои 1-2, 1996.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE