JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 7523
Златко ПЕТРЕВСКИ
ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРОИЗВОДНА РАБОТА ЗА УЧЕНИЦИ СО ЛЕСНИ ПРЕЧКИ ВО ПСИХИЧКИОТ РАЗВОЈ ВО ПОУ “ИДНИНА”-СКОПЈЕ
Вовед
ПОУ “Иднина” од Скопје воспитува и образува ученици со лесни пречки во психичкиот развој од Скопје и околните села и населби. Оваа категорија на ученици се карактеризира со благо намалување на нивото на интелектуалните, говорните, моторните и социјалните способности. Заради тоа, за овие ученици образованието е од особено голема важност затоа што преку образовниот процес ги развиваме нивните преостанати способности и го компензираме нивниот хендикеп.
Карактеристиките на учениците со лесни пречки во психичкиот развој се следниве:
- заморливост на вниманието и неможност за концентрација на вниманието за определени активности;
- помнењето им е емоционално обоено и селективно ;
- не постои можност за конкретизирање;
- однесувањето им е по однапред научени шеми;
- говорот им е забавен, со чести говорни нарушувања и со сиромашен речник.
ПОУ “Иднина” работи под посебни услови што се прилагодени на можностите на оваа категорија ученици. Наставниот план и програма содржински е адаптиран и се употребуваат посебно прилагодени методи и пристап во образованието и воспитанието на оваа категорија ученици. Покрај другите наставни предмети, во ПОУ “Иднина” е организирана и производна работа на ученици. Производната работа се организира за да им се овозможи збогатено и поквалитетно воспитание, образование и рехабилитација на нашите ученици, а не заради економски и материјални вредности. Ако во текот на функционирањето на производствената работа и се остварат некои позитивни ефекти, тогаш заработените средства ќе бидат искористени за функционирање, проширена репродукција, набавка на алат, прибор, материјал и др. слични потреби.
Постојни форми на производна работа
Под поимот производствена работа на ученици се подразбираат сите форми на организирана, практична работна активност од мануелен облик на работа.
Во практиката се применуваат три облици на производна работа, и тоа:
- производна работа во работни организации преку производна практика;
- производна работа со сопствени капацитети и во сопствени работилници;
- општествено-корисна работа и работни акции.
Производна работа преку производна практика во училиштето оргнизиравме неколку години во заштитната работилница “Фонографика”-Скопје. Иако покажуваше солидни резултати, заради објективни причини моравме да прекинеме со овој облик на производна работа.
Општествено-корисната работа и работните акции во ПОУ “Иднина”, исто така се применуваат по наставниот план и програм.
Третиот облик на производна работа е оранизиран со нашите сопствени капацитети, а тоа беше можно да се изведе бидејќи училиштето ги задволуваше и двата основни предуслови:
- Кадровска екипираност,
- Материјално-техничка опременост.
Во училиштето се вработени 3 наставника по техничко образование, од кои едниот е дипломиран дефектолог, и хаусмајстор-кв столар, со што првиот предуслов е исполнет.
Во училиштето постојат 3 специјализирани работилници по техничко образование: дрво, текстил и метал, со што е исполнет и вториот услов.
Технички карактеристики и опременост на работилниците
- Работилниците по техничко образование ги задоволуваат сите барања за организирање на производна работа, како што се:
- поволна местоположба,
- добро осветлување,
- вградена вентилација,
- просторна прегледност,
- доволен број на работни места,
- опремата во поголем дел е функционална и технички исправна,
- обезбедена е заштита при работа,
- обезбедени се средства за прва помош.
- Работилница по техничко образование-дрво: Работилницата спаѓа во поопремените во училиштето и е опремена со следниве машини:
- Електрична дупчалка со пулт,
- Дихтобрихтер ЕМ корекс Б-20,
- Комбинирана машина за дрво Емко стар,
- Комбинирана машна за дрво Арсение Спасиќ,
- Брусалка и друг работен рачен алат.
- Работалница по техничко образование-текстил: И оваа работилница е солидно опремена со машини за шиење и рачни разбои за ткаење.
- Работилница по техничко образование-метал: Работилница е неопремена и во наредниот период ќе се вложат напори да се стави во функција.
Цел, задачи и принципи
Целта на производната работа е организирање на работни активности за создавање на материјални добра-производи.
Задачи на производната работа се:
- Стекнувања на знаења, умеења и навики за ракување со рачен работен алат, прибор, инструменти и машини,
- Изградување на правилен и позитивен однос кон производната работа и техничкото творештво,
- Развивање творечки и креативни способности,
- Развивање на смисла за естетика,
- Усвојување на работни правила, работни навики и заштита при работа,
- Развивање и прецизност на моториката на рацете.
Принципи на производната работа се:
- Програмирана работа (активностите да бидат однапред програмирани и осмислени, а не стихијни и импровизирани),
- Социјална рехабилитација (преку учеството во работните активности учениците да се дружат и да соработуваат),
- Темпо на прогресија (на секој ученик индивидуално да му се определи нивото на работни способности спрема психофизичките можности за усвојување и унапредување)
Програмирање, организирање и реализирање на активностите на производната работа
Програмирањето на производната работа е постапка на утврдување на работните задачи во кои ќе се вклучат учениците и нивото на потребни знаења и умеења за тоа. При програмирањето на производната работа посебно се води сметка работните задачи да бидат посебно осмислени и планирани и димензионирани за да можат учениците активно да бидат вклучени во реализирање на определени манипулации или комплетно изведување на работите и работните задачи. Покрај тоа работните задачи треба да бидат хигиено-технички обезбедени за безбедно и безопасно вклучување на учениците, а во исто време да бидат прилагодени на психофизичките способности на учениците. Утвдувањето на програмските содржини ги опфаќа следниве фази:
- Прелименарен избор,
- Глобална процена на погодноста на работната задача,
- Завршен избор на работната задача,
- Извршување на работната задача.
Што се однесува до самото организирање на работните задачи, можно е секој ученик да добие своја индивидуална задача или учениците да бидат поделени на групи и секоја група да изработува своја задача. Во нашата работа претежно ја употребуваме групната форма на работа каде што учениците се многу посамостојни во организацијата и реализацијата на работните задачи. При самата реализација постојат 3 фази, и тоа:
- подготвителна,
- работна,
- финална.
Во првата фаза се работи заеднички со сите ученици. Некои од нив добиваат индивидуални задачи, а другите се делат на групи и, исто така, им се делат работни задачи и им се даваат упатства за работа.
Во втората фаза индивидуалните задачи учениците самостојно ги изработуваат, а во рамките на групите самостојни ги распоредуваат и ги извршуваат работните задачи.
Во третата фаза се собираат-обединуваат резултатите на сите групи и индивидуалци.
При организација на производната работа како помошни средства се користат: операционален лист и инструктивен лист.
Стекнувањето на знаењата, умеењата и навиките са вршат со следнава глобална постапка:
- Стекнување на потребни знаења,
- Правилно извршување со контрола,
- Повремена фазна контрола со анализа и подобрување,
- Завршна анализа,
- Усовршување на умеењето.
На почетокот на работната задача, на учениците им се презентираат знаења тесно поврзани со релизацијата на работната задача, при што се изведува демонстрација на правила и постапки за извршувањето на работната задача. Потоа ученикот се обидува да ги изврши демонстрираните дејства, а наставникот го контролира, и при значителни отстапувања од инструкциите, интервенира. Понатаму ученикот е оставен самостојно да ја одработи цела активност, а наставникот повремено контролира и сугерира при што ги забележува сите карактеристични грешки. По завршувањето на активностите по правило се врши анализа на грешките и начинот на нивното коригирање и отстранување на истите при што посебно се води сметка учениците да се мотивираат и охрабруваат, а истовремено кај нив се развива критичност и самокритичност. Учениците што подолго време се активни во производната работа работат самостојно и контролите на наставникот се поретки и кај овие ученици завршено е формирањето на знаењата, умеењата и навиките.
Во организација на активностите опфатени се учениците од предметна настава и се задоволуваат интересите и желбите на учениците, а училиштето ги обезбедува сите други услови (квалификуван наставник и материјално-технички услови за работа). Производните активности на учениците се застапени на часовите по техничко образование предвидени за практична работа и на часовите за производна работа. Составот на ученици е променлив за да може да се опфатат поголем број на ученици. За време на овие активности учениците стекнуваат знаења преку работа и со работа создаваат материјални добра. Во овие активности е можно да се користат и редовните часови по техничко образование, но наместо класични изработки се изработуваат предмети што ќе имаат квалитет и пазарна вредност, а сето тоа да не му пречи на наставниот план и програма и образовните задачи. Сосема е рационално ако се одберат предмети за изработка што ќе бидат во согласност со барањата на наставниот план и програма по техничкото образование. Исто така, е можно производство на предмети од повеќе позиции што би се склопувале во една целост, а за кои составните делови би ги изработувале ученици од повеќе одделенија од IV-VIII одд. Во сообразност со барањето на планот и програмата за финализирање ќе се користат и часовите по производна работа. За сите овие активности учениците ги усвојуваат определените работни операции и технички активности за изработка на следниве изработки: лулки, жардињери, полици, склопни столчиња, масички, закачалки, икони, држачи за салфети, подметачи за чаши, рекети за пинг-понг, рамки за слики, сандачиња за расад, куќички за птици, садилки за зеланчук, таблички за ознаки на леи, футроли за очила, паричници итн.
Со активностите на производна работа учениците ќе се здобијат со следниве вештини, умеења и работни способности:
- Мерење и обележување,
- Сечење со рачен работен алат и машини,
- Спојување со лепење, заковување и навртување,
- Рачно и машинско брусење,
- Боење и лакирање-рачно и машински итн.
Аргументи во прилог на организирањето
на производната работа на ученици
Преку активностите на производната работа учениците ги развиваат своите работни и ментални спосбности што се и предуслов за успешна работа што ни покажува дека производната работа ја исполнува својата функционална задача.
Што се однесува до воспитните задачи тие се поврзани со самото учество и прифаќањето на работните задачи и на позитивниот однос кон работата. Се докажа дека тоа се и битните претпоставки за успешноста на производната работа.
За образовните задачи се докажа дека учениците се здобиваат со знаења, умеења и навики за ракување со рачен работен прибор, инструменти и машини.
Се покажа дека производната работа ги исполни своите функционални, образовни и воспитни задачи и дека е суштинска во воспитно-образовен процес со ученици со лесни пречки во психичкиот развој. Сметаме дека производната работа во ПОУ “Иднина” треба и понатаму да се практикува и усовршува. Работата е најмоќно средство во воспитанието и образованието на оваа категорија ученици и кај нив работата може да стане извор и поттик на среќа и задоволство. Успехот во извршувањето на зададените работни задачи ги одушевува, мотивира и придвижува за нови понатамошни работни успеси. Остварувањето на поставените работни задачи бара од учениците ангажираност и активираност на преостанатите психофизички способности и нивно развивање и усовршување. Преку работата во работилниците учениците се дружат и зближуваат меѓусебно, затоа што основна форма на работа е групната.
Нашите изработки беа изложени на сите позначјни денови во училиштето, на Меѓународниот ден на хендикепираните и на Добротворниот базар во хотел “Континентал”, каде што беше остварен скромен економски ефект.
Со оглед на добрите резултатите што ги покажа производната работата во ПОУ “Иднина” таа и понатаму ќе се практикува и усовршува.
ЛИТЕРАТУРА:
- Анте Вукасовић, Радни и технички одгој, Школска књига, 1979
- Никола М. Поткоњак, Радно и политехничко васпитање, Просвета, 1985
- Ристо Петров, Професионална ориентација и оспособување на лица со пречки во развојот, Скопје, 1998
- Слободан Јакулић, Рехабилитација ментално ретардираних лица, Завод за уџбенике и наставних средства, Београд
- Цветко Смилевски, Производно техничко образование, НИО Студенски збор, 1983
- Цветко Смилевски, Методика на техничко образование, Просветно дело, 1999
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE