Трајан ГОЦЕВСКИ

ПОТРЕБАТА ОД МЕНАЏМЕНТ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА

 

Вовед

                Последната деценија од дваесеттиот век е исполнета со низа настани кои долго ќе им даваат белег на економските и вкупните општествени односи во нашата земја. Во рамките на вкупните промени што настанаа по конституирањето на Република Македонија како самостојна и суверена држава, од особено значење е промената на моделот на економскиот систем и воведувањето на нов, според принципите на слободниот пазар и пазарната економија. Таа промена нужно налага адекватни промени и во економските односи во сферата на воспитно-образовниот, научно-истражувачкиот и едукативниот систем во земјата.
Новите односи создаваат конкуренција и во овој сектор, се отвора пазарот на работна сила што ќе наметнува постојано подигање на степенот на знаења како и негово осовременување и прилагодување кон понудата и побарувачката на работна сила.
Овој премин нужно бара осовременување на образовната технологија, модернизација и опремување на воспитно-образовните, научно-истражувачките и едукативните институции според меѓународно прифатените стандарди и правила на верификација на стекантите знаења.
Конкуренцијата на пазарот на работна сила неминовно ќе ја изостри и конкуренцијата помеѓу институциите од оваа сфера, што нужно ќе води кон зголемување на квалитетот и современоста на образовната понуда. Од тоа зависи и самиот рејтинг и материјалната положба на образовните и научно-истражувачките институции. Конкуренцијата ќе ги исфрла од игра оние институции кои нема да се прилагодат кон новите барања и новото време.
Затоа новиот амбиент на пазарно однесување бара промени во сите домени од работењето на овие институции, како што се: промените на самата позиција на воспитно-образовната и научно-истражувачката дејност во државата; промените во материјалната положба; кадровските промени; промени во планирањето; во организацијата; во управувањето; во координирањето; во контролата и сл. Со еден збор, прилагодување кон пазарните услови на работење, а тоа, покрај останатото, бара воведување и на квалитетен менаџмент како услов за успешно остварување на поставените цели кај овие институции. Тоа значи дека и во областа на воспитно-образовниот, научно-истражувачкиот и едукативниот сектор треба да се воведе современ менаџмент, како современ процес за работа во современите услови и како императив на новото време.
Менаџментот како процес, кој во основа се потпира врз професионалното и високостручното раководење и управување со процесите, треба да стане составен дел на новата организација и пазарната ориентација на институциите од оваа област, што единствено може да ги води кон успешно остварување на поставените цели и кон извршување на својата основна дејност врз современи основи.
Овој процес на воведување на современиот менаџмент во областа на воспитанието, образованието, научно-истражувачката и едукативната дејност не е ниту едноставен ниту лесен, со оглед на немањето на традиција, кадри, соодветна нормативно-правна регулатива и сл.
Оттука, мислиме дека има потреба од паралелно водење на активностите за воведување на менаџментот во овие дејности, при што е потребно да се отпочне со изградување и оспособување на менаџерски кадри кои ќе го понесат ризикот за успешно работење на воспитно-образовните, научно-истражувачките и едукативните институции во нашата земја во новиот пазарен амбиент. Можност за опстанок и економска ефикасност имаат само оние институции кои своето работење, управување и раководење ќе го препуштат на менаџерските тимови кои, пак, своето работење ќе го темелат врз принципите на современиот менаџмент.
Во рамките на отворањето на овој процес на воведување на менаџмент функциите и во овие области, не помалку значајно го сметаме и прашањето за создавање на соодветна литература од оваа област, што ќе ги охрабри, но и ќе им помогне во едукацијата на оние кадри што ќе се определат за оваа ризична и високостручна работа.

Дефинирање на менаџментот
Ако се обидеме да направиме една ретроспектива на економското учење во дваесеттиот век, ќе воочиме дека неодминлива економска појава со која се занимваат скоро сите економисти е менаџментот. Без разлика со кој поим го означуваат овој своевиден универзален и неодминлив економски процес, заеднички именител на сите е дека менаџментот ги покрива сите функции од кои зависи успешното работење на секој економски субјект и дека без него е незамисливо функционирањето на индустриското општество, но и на цивилизацијата воопшто.
Иако напомнавме дека дваесеттиот век е исполнет со многубројни учења за менаџментот како современ процес, сепак зачетоците на научниот менаџмент се појавуваат и порано и се поврзуваат за имињата на францускиот инженер Хенри Фајол (1841-1925), што ги поставил темелите на процесниот менаџмент и американскиот инженер Фредерик Тејлор (1856-1915), кој управувањето го поставил врз научни основи. Понатаму се појавуваат низа други имиња што даваат придонес кон развитокот на менаџментот, како што се Емерсон, Гант, Форд, Џилберт, Адамецки и др.
Развитокот на менаџментот како посебна дисциплина може да се подели на 4 периоди и тоа:

  1. преднаучен менаџмент (пред 1880 година)
  2. научен менаџмент (1880-1930 година)
  3. човечки односи (1930-1950 година)
  4. рафинирање, ширење и синтеза (од 1950 до сега)

                За сите овие периоди карактеристични се посебни принципи, функции, автори, истражувања и школи на менаџмент.
Како резултат на многубројните проучувања на менаџментот, создадени се и многубројни школи за менаџмент, помеѓу кои најзначајни се: класичната школа, школата за процесен менаџмент, школата за човечките односи, математичката школа, емпириската школа, школата на социјални системи, ситуационата школа, школата за ефективен лидер, партиципативната школа и др.
Сите автори и школи настојувале да го дефинираат менаџментот како современ универзален процес, при што, во зависност од нивните сфаќања, менаџментот различно го дефинирале. Така, во зависност од школата на која авторите и припаѓале, изнесени се следните дефиници за менаџментот: (1).

  • менаџментот е процес, серија на чекори или насочувања на акциите во правец кон остварување на дефинираната цел. Па така, менаџментот е збир на акции водени кон некоја општа цел
  • менаџментот има организациона улога, ги поставува обврските, одговорностите и односите во претпријатието. Менаџментот се дефинира како општествен процес на пренесување на одговорноста за корисно планирање и регулирање на операциите во едно претпријатие, на остварување на формулираните цели, како и одговорноста што вклучува: расудување и одлучување за плановите, употреба на податоци за контрола на извршување и унапредувањето на напорот и водење, поврзување, мотивирање и контрола на кадрите во претпријатието и спроведување на активностите
  • менаџментот се дефинира од аспект на ситуацијата во која се применува. Ситуациониот менаџмент се однесува на односите меѓу важни варијабли во окружувањето и соодветниот менаџмент концепт и техниките што водат кон ефикасно остварување на целите
  • менаџментот од стратегиски аспект се дефинира како начин за определување на долгорочната прилагодливост на претпријатието кон окружувањето. Тој се дефинира како процес на идентификација, избирање и извршување на најпрофитабилен начин на поставените цели, остварување на долгорочна компатибилност меѓу внатрешните искуства и ресурсите на една организација и конкурентското, економското и општественото окружување во кое организацијата работи
  • менаџментот е дисциплина која ги систематизира правилата, принципите и теориите. Врз таа основа менаџментот се препознава како посебна дисциплина што ги остварува поставените цели со потенцирање на најефикасно искористување на човечкиот напор и со помош на ресурсите
  • менаџментот се дефинира како интердисциплинарна наука која го подига сопственото научно ниво. Менаџментот значи примена на интердисциплинарна системска наука, која ги анализира проблемите, значи одлучување и примена на решенијата во организацијата
  • менаџментот е посебен процес на планирање, организирање, поттикнување и контролирање на остварувањето на поставените цели, со помош на човекот и другите ресурси. На ваков начин дефиниран, менаџметот укажува на неговите три основни дела: ресурси, функции и цели.
  • менаџментот во претпријатијата се дефинира како ефикасно искористување на ресурсите. Менаџментот е активност на алокација и искористување на ресурсите за остварување на целите на организацијата или, пак, менаџментот значи искористување на физичките и човечките ресурси со координиран напор, а тоа се остварува со извршување на функциите на планирање, организирање, насочување, координирање и со кадри.
  • од аспект на одлучувањето, менаџментот се дефинира како континуиран процес на донесување одлуки, извршување на одлуките и нивна ревизија.
  • менаџментот претставува практична примена на искуствата и знаењата што ги имаат менаџерите. Менаџерот е личност што се обидува да ги оствари поставените цели со насочување на човечките активности во производството на производи и услуги. Менаџерот ги користи средствата на најефикасен начин. Начинот на извршување на функциите што ја прават неговата работа е опишан како менаџмент.
  • менаџментот се дефинира како систематизирано знаење за ефикасно управување со акциите на претпријатието во насока на остварување на дефинираните цели. Оттука, менаџментот е збир на систематизирано знаење засновано на општи принципи кои се верификуваат во деловната практика или, пак, менаџментот е збир на знаења за управување. Управувањето е процес на планирање, организирање, насочување, координирање и контролирање на луѓето, методите, машините и парите за да се обезбеди оптимално остварување на целите. Менаџерите се личности додадени на овој процес. Тие го изучуваат менаџментот за да го унапредат управувањето.

Од досега изнесените ставови може да се заклучи дека постојат различни начини за дефинирање на менаџментот. Сепак, може да се синтетизира една дефиниција според која "менаџментот е универзален процес на ефективно извршување на работата со помош на други луѓе и ангажирање на ресурсите во остварувањето на однапред дефинираните цели на претпријатието# (1). Во оваа дефиниција јасно се издиференцирани четири елементи што го карактеризираат менаџментот, а тие се: тој е процес кој во себе ги апсолвира: планирањето, организирањето, координирањето, мотивирањето и контролата; алокацијата и употребата на ресурсите во кои спаѓаат: суровините, машините, пазарите и парите; ефективно и ефикасно извршување на работата од други луѓе; и остварување на однапред поставените цели.

Функции на менаџментот
Едно од прашањата кое постојано е расправано како во научните кругови така и во практиката, а кое е врзано за менаџментот е, секако, определувањето на функциите на менаџментот како современ и неодминлив процес. Ова прашање станува с¢ поактуелно и поради фактот што денес менаџментот не £ е својствен само на економската сфера туку, напротив, тој рамноправно се практикува и во политичката сфера, во образованието, здравството, културата, уметноста, црквата и сл.
Потребата од определувањето на функциите на менаџметот има практична природа бидејќи менаџерот, извршувајќи разни работни задачи и активности, всушност врши определена функција на менаџментот која, пак, претпоставува разни настани кои го движат субјектот кон остварување на неговите однапред поставени цели. Со оглед на тоа што извршувањето на функциите на менаџментот имаат подеднакво значење за сите економски и други субјекти во кои се практикува менаџментот, функциите на менаџментот имаат универзален карактер и примена.
Со оглед на универзалноста на функциите, на нивната многубројност, и на опфатот на секторите каде што се практикува менаџментот, до денес с¢ уште не постои прецизно утврден број на функции на менаџментот. Во зависност од времето кога тие се определувани, како и од авторите кои тоа го правеле, на менаџментот му се определувале разни функции, помеѓу кои како секогаш прифатени и неспорни биле: планирањето, организирањето и контролирањето. Тие биле посочувани и како минимум функции без кои менаџментот не би можел да се замисли.
Во минатото, разни автори правеле листи на функции на менаџментот кои или се поклопувале или се доста слични. Без претензии за целосна анализа на овој проблем, што и не е цел на овој труд, ќе се обидеме да дадеме само некои комбинации на функции на менаџментот, дадени од разни автори: (1)

а)

планирање, организирање, кадри, насочување, контрола

б)

планирање, организирање, раководење, контролирање

в)

планирање, организирање, кадри, насочување, контрола

г)

планирање, контрола, кадри, организација, насочување, претставување

д)

планирање, организирање, кадри, влијание, контролирање

ѓ)

планирање, организирање, кадри, насочување, претставување, контролирање, иновирање

е)

планирање, организирање, кадри, насочување и раководење контролирање, одлучување

ж)

планирање, креирање, организирање, мотивирање, комуницирање, контролирање

з)

планирање, одлучување, организирање, кадри, контролирање, комуницирање, насочување.

Потребата од современ менаџмент во образованието и рехабилитацијата
Во Република Македонија процесите на транзиција кон пазарно стопанство се одвиваат според динамика и опфат што ги диктираат низата објективни и субјективни фактори кои во овој дел нема потреба да бидат елаборирани. Општ е заклучокот дека во нашата земја се одвиваат процеси на транзиција кои по обем, динамика и структура, во ништо не заостануваат зад оние што се одиваат во другите источно-европски држави. Може да се оцени дека кај нас, во некои сегменти, процесите на промените се во понапредната фаза отколку во некои други држави, но и тоа дека некои држави, како што се Унгарија, Полска, Чешка, Словенија и други, во некои сегменти, се во понапредната фаза од оние кај нас. За ваквата состојба влијаат низа фактори од објективна природа, кои условуваат соодветно темпо и опфат на промените. Како најзначајни објективни фактори кои имаа соодветно влијание врз промените кај нас, особено би ги потенцирале следните:

а)

големината на нашата држава

б)

окружувањето, а особено затвореноста на Република Македонија и немањето излез на море

в)

заостанатоста на земјата во некои сектори од економијата

г)

Расположливите ресурси

д)

економските притисоци и др.

                Но без разлика на сите околности кои, на еден или на друг начин, влијаеја врз процесите на транзиција во нашата земја, сепак се направени крупни чекори кон воведувањето на новиот економски систем, кој се потпира врз слободата на пазарот и пазарните законитости, претприемништвото и приватната иницијатива. Во таа смисла направени се следните работи:

  • создаден е општ амбиент за воведување на новиот економски систем
  • донесени се најголем број на акти од областа на нормативно-правната регулатива
  • отворен е процесот на асоцирање во сите економски и други групации во Европа и пошироко
  • отворен е, и е во поодмината фаза на реализација, процесот на приватизација, како услов за пазарен амбиент
  • во слична состојба е и процесот на трансформација на претпријатијата со општествен капитал
  • поставени се темелите на новите односи во управувањето со претпријатијата и сл.

                Со еден збор, се поставени темелите на еден нов економски систем кој се потпира врз пазарната логика и пазарните законитости, кому основната цел ќе му биде економската ефикасност. Но, самите цели на транзицијата не се доволни доколку се извршат само во доменот на приватизацијата туку, напротив, градењето на здрав пазарен амбиент подразбира многу повеќе од приватизација на општествениот капитал. "Така, целите на една национална трансформациона стратегија можат да бидат различни, а, често пати, се спротивставени една на друга или се преклопуваат и тие би биле:

  • редуцирање на улогата на државата во економијата
  • воспоставување на ефикасен и флексибилен приватен сектор
  • редуцирање на државните дефицити
  • зголемување на државните приходи (од продажбата на државните претпријатија или од даноците од сеопштиот пораст на економските активности и сл.)
  • зголемување на ефикасноста на работењето на претпријатијата
  • пораст на квалитетот на стоките и услугите за потрошувачите и населението
  • децентрализирање на економската активност и раширување на сопственоста на економскиот имот
  • привлекување на нови инвестиции и нови производни програми
  • воведување на квалитетен менаџмент во претпријатијата
  • воведување на нова технологија и нов асортиман на производи и услуги
  • пронаоѓање на нови пазари
  • минимизирање на развојните ризици
  • развој на капиталните пазари
  • зголемување на извозот и на компаративните предности на националната економија
  • намалување на задолжноста преку имотно-долговната конверзија
  • зголемување на вработеноста и активитетот на економијата итн.#

Од изнесеното можеме да заклучиме дека процесот на транзиција од стариот кон новиот економски систем по опфатот, по радикалноста и длабочината на промените, е посложен од сите други процеси што се одвиваат во земјата. Оттука се поставува и прашањето на должината на траењето на транзициониот период.
Од аспект на овој труд се поставува и прашањето за промените кои треба да настанат во другите сектори кои, исто така, ќе мора да се прилагодат на пазарниот амбиент и да работат според економските законитости и пазарната логика. Тука, пред с¢, мислиме на транзиционите процеси кои треба да настанат во сферата на едукацијата, рехабилитација, воспитанието и образованието, културата, здравството, социјалната сфера и сл. За нас од особено значење е дека и во овие сектори процесите на транзиција се веќе отпочнати и се создава соодветна нормативно-правна регулатива и инфраструктура за нивно успешно заокружување. Во оваа пригода ќе посочиме само дел од тие процеси:

  • отворена е можност за конкуренција во областа на едукацијата, средното образование, а најверојатно тоа ќе биде овозможено и во високото образование, преку можноста за воведување на приватна иницијатива и во оваа област
  • во областа на здравствената заштита, исто така, се отворени процесите за воведување конкуренција, а за јавното здравство подготовена е програма за негово целосно прилагодување кон пазарниот амбиент што го создава новиот економски систем
  • во областа на културата, исто така, е отворен процесот на конкуренција и финансирање по основ на усвоени програми, што упатува на нови пазарни односи и во оваа дејност
  • интересно е што таква иницијатива е покрената и за социјалната сфера каде, според новата регулатива, се предвидува воведување на приватната иницијатива.

Прилагодувањето на пазарните услови на работење и кај овие сектори неминовно бара остварување и на една од основните цели на транзицијата, а тоа е: воведување на квалитетен менаџмент, како услов за успешно остварување на поставените цели кај овие институции.
Тоа значи дека и во областа на рехабилитацијата, воспитанието и образованието треба да се воведе менаџментот како современ процес кој во себе ги инкорпорира следните активности: планирање, организирање, координирање, мотивирање и контролирање, без кои не може да се замисли современиот воспитно-образовен и едукативен систем. Поради тоа се вели дека "новата техно-економска парадигма претставува збир на меѓусебно поврзани технички, организациони и менаџерски иновации чија предност е во новиот асортиман на производи и производни системи# и услуги без кои не може да се замисли современата економска структура на општеството.
Оттука, научно-техничкиот и технолошкиот развој кој, во основа, се потпира врз образовниот систем на земјата, носи крупни општествено-економски импликации што бараат радикални промени во управувањето и раководењето, односно менаџментот во тие сектори и во нивните институции. Преминот од стариот економски систем на договорна економија кон новиот, несомнено, радикално го поставува прашањето за афирмацијата на менаџментот во сите општествени сегменти, вклучувајќи го и воспитно-образовниот и едукативниот систем. Менаџментот како современ процес кој, во основа, се потпира врз професионалното и високостручното раководење и управување во воспитно-образовниоте институции треба да стане составен дел на нивната организација и пазарна ориентација, како услов за успешно извршување на однапред поставените цели. Притоа, менаџментот во оваа сфера треба да се препознава и да се карактеризира со: знаењето на менаџерите, нивната вештина и способност за управување и раководење во услови на пазарна економија. Тоа ниту оддалеку не е едноставен процес. Затоа се наметнува и потребата од образување, изградување и оспособување на соодветни менаџерски кадри кои ќе го понесат ризикот за успешното работење на институциите од областа на рехабилитацијата, научно-истражувачката работа, воспитанието, образованието, перманентното образование, доквалификациите, едукацијата и сл. Денес со право се смета дека предност за опстанок и економска ефикасност имаат само оние претпријатија и институции кои своето работење, управување и раководење го темелат врз современиот менаџмент кој, пак, од своја страна, преферира образование, знаење, наука, информации, искуства, деловен ризик и сл.
Оттука и познатиот експерт за современ менаџмент, Питер Кракер, ќе напомене дека "менаџментот претставува главен ресурс на развиените земји и најпотребен ресурс на земјите во развој#. Со оглед на фактот што нашата земја се наоѓа во фаза на развој и премин кон нов економски систем, неминовноста од современ менаџмент во сите сектори се поставува како императив на времето.
Заклучокот за овој дел би бил дека во современите услови не се поставува прашањето дали на воспитно-образовните, научните и слични на нив институции им е потребен менаџмент, туку како тој најбрзо да се имплементира и да почне да функционира, внесувајќи ги и овие субјекти во пазарната економија, кон која се стреми целиот свет.

ЛИТЕРАТУРА

  1. Бобек Шуклев, Менаџмент, Економски факултет, Скопје, 1993.
  2. Тодор Кралев, Индустриски менаџмент, Просветно дело, Скопје, 1992.
  3. Социолошки терминолошки речник, МАНУ-Филозофски факултет, Скопје, 1995.
  4. Томислав Чокревски, Организационо општество, НИО Студентски збор, Скопје, 1995.
  5. Трајан Гоцевски, Образовен менаџмент, Универзитет "Св. Кирил и Методиј#, Скопје, 1998.
  6. Киро Камберски, Од буквар до Универзитет, Просветно дело, Скопје, 1994.
  7. Никола Узунов, Посебната улогата на економската наука, Економски факултет, Скопје, 1995.
  8. Методија Стојков, Економска мисла, Економски факултет, Скопје, 1994.
  9. Пјер Гравот, Економика на едукацијата, Економика, Париз, 1993.
  10. J. Rodge, The money value of tehnikal training
  11. E. Gorsenile, The efekt of shooling apor income
  12. R. Walch, Capital Concept apliend to man
  13. Љ. Донева, Автономни приватни и државни институции, Нова Македонија, Скопје
  14. Митко Камчевски, Евалуација на научните истражувања во Р. Македонија, Економски факултет, Скопје, 1995.
Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in