JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6207
Дарина ПЕЕВА
ОД ПРАКТИКАТА ПО АРТТЕРАПИЈА
ВО ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ СО ПРЕЧКИ
ВО ПСИХОФИЗИЧКИОТ РАЗВИТОК-БЛАГОЕВГРАД
Дневниот центар за деца и младинци со пречки во психофизичкиот развиток е отворен во јуни 1993 год. Тој беше една од првите специјализирани установи во Бугарија, што требаше да реализира нов тип згрижување на лицата со психофизичка попреченост во развојот.
Се формираа три групи со вкупно триесет деца и како главни критериуми за нивна поделба беа: интелектуалното ниво, возраста и степенот на физичката оштетеност. Во првата група спаѓаат деца од три до десет години со привремено спречување во развитокот поради физичко заболување, со лесна и со умерена ментална ретардација; втората група-деца од три до тринаесет години со умерени и со тешки физички проблеми; третата група е формирана од деца меѓу десет и осумнаесет години со умерена ментална ретардација и епилепсија.
Согласно со мојата професионална подготовка, поддршката и соработката со управникот господин Богдански, арттерапијата стана дел од корекционо-компензационата, учебно-воспитна и социјално-адаптивна дејност. Буквално, изразот означува лечење со помош на уметноста. Во нашиот случај терминот вклучува ликовна, практична, музичка уметност, куклотерапија и фотографирање. Најмногу се обрнуваше внимание на позитивните емоции сврзани со нив, непосредноста, играта, нивната блискост до детската психа. Целта беше да се рашири обемот на восприемање, подобро да се развијат паметта и мислењето, да се усовршат движечките способности и моториката, да се потпомогнат процесите на адаптација и социјализација. Работата се одвива во групи или индивидуално, зависно од особеностите на карактерот, нивните склоности и на физичките способности на децата.
Голема популарност меѓу децата имаат часовите за ликовна дејност. Независно од своите можности, децата сакаат да цртаат. Исклучок прави едно дете од прва група, четири од втора и две од трета група. На почетокот часовите вклучуваат запознавање на материјалите, усвојување на елементарни познавања за ракување со моливи, четки и акварелни бои и умеење за цртање во рамките на листот. Според цртежите може да определиме два периода-доликовен и ликовен. Првиот вклучува произволни прави и наклонети линии и дамки врз целиот лист. Во вториот период линиите и дамките се групираат, се создават сопствени претстави, кои иако тешки за распознавање, децата ги именуваат, се постигнува реалност и детали во цртежите.
До овој момент во доликовниот период се наоѓаат четиринаесет од моите воспитаници, а девет веќе преминаа во ликовниот период. Многу интересен беше случајот со А. Г. едно хиперактивно дете, со дијагноза умерена ментална ретардација, кое најпрво пројави интерес кон часовите по цртање, така што остануваше ангажирано во продолжение од 20-30 минути. Друг позитивен резултат од часовите за ликовна дејност беше придружувањето кон групата на самоизолирани и непријателски настроени деца. Таков беше случајот со А. Ж. која во текот на две години откажуваше да учествува во каква и да било колективна дејност, но еден ден посака да црта. Стана јасно дека цело време ги набљудувала внимателно часовите и немаше потреба од дополнителни објаснувања. На децата особено големо задоволство им причинува цртањето со прсти и отпечатоци на рацете и нозете, што всушност претставува бунт против барањето на родителите и персоналот да не се валкаат.
Од гледна точка на компензационата работа, треба да се одбележат достигнувањата на две деца. М. П. со дијагноза арттрипороза мултиплекс, црта така што го држи моливот или четката со уста или придржени меѓу прстите на раката. Неговиот цртеж доби прва награда и медал на меѓународната изложба за хендикепирани деца, што го направи многу горд. Другото дете, Ј. Т. со дијагноза глаукома секундарија и лесна ментална ретардација за две години, додека го посетуваше Центарот, го усвои цртањето со водни бои и четка и научи да не излегува од рамките на листот.
Многу важни за корекционата и учебно-воспитната работа се часовите по практично-декоративна уметност. Според програмата на Министерството за труд и социјални грижи се вклучаваше моделирањето и лепењето на апликации. Часовите по моделирање се делат на две етапи. Првата етапа содржеше запознавање со својствата на материјалите, гмечење и кинење пластелин. Таа беше усвоена од дваесет и две деца. Од тие девет преминаа во втората етапа, во која се усвојуваа движењето за формирање на предмети. Лепењето на апликации се вршеше со готови елементи. Се изработуваа честитки за семејствата по повод 8-ми март, Велигден и Нова година. Децата од прва и трета група изработуваа честитки и за своите другарчиња кои не можеа да ја изработат задачата. Кон програмата приклучивме и практични дејности по избор. Во првата и третата група се преминува кон моделирање со солено тесто, замесено од децата, од кое прават различни фигури. Откако ќе се исушат се бојадисуваат и украсуват и ги претвораат во медалјони, гривни, приврзоци за клучови и др. Со четири деца од трета група се направи опит да ткаат на разбој. Н. Г. со дијагноза лесна ментална ретардација и епилепсија, умееше да плете, но другите деца не успеа да го усвојат плетењето. Л. Д. со дијагноза лесна ментална ретардација успеа да изработи гривна од конци со јазли. Единствено Г. Г. со дијагноза детска церебрална пареза и умерена ментална ретардација изрази желба и упорност да ја усвои техниката поврзана со манипулација со прстите и изработи рипка за неговата сестра.
Настан со голем социјален и емоционален ефект врз децата беше организирањето на првата изложба на нивните цртежи и изработки во Ликовната галерија во Благоевград. Учествувањето во откривањето им ги прошири социјалните впечатоци, им го зголеми самочувството и создаде во нив позитивен однос кон сопствената дејност, ги стимулира за понатамошна работа. Наредните слични настани, што се одржуваат секоја година, како и учествувањето со цртежи на Меѓународни изложби, формирани од Црвениот крст, им го потврдуваат личното и творечкото самочувство што се изразува и со желбата изработените цртежи и предмети да ги носат дома и да им ги покажуваат на блиските.
Музиката има голема важност за создавање на позитивна емоционална атмосфера, за зближување на децата во групата и на децата со персоналот. Музичкото влијание се искористува и за привлекување на детското внимание, при што тоа се придржува и со друга форма. Музиката беше и важен стимул за физичка активност. На пример, Ј. М. и А. Ц. од втора група со дијагноза детска церебрална пареза покажуваат желба да се движат само кога во другиот крај на занималната беше пуштен касетофон со нивните омилени песни. Во друг случај, како оној со М. З. со дијагноза умерена ментална ретардација, детска церебрална пареза и ран детски аутизам, беа потребни месеци додека детето се адаптира и воспостави контакт со персоналот. За отстранување на нејзиното аутистично поведение, персоналот и ја користеше позитивната реакција кон пеењето на популарни детски песни. Очевидно, детето во психомоторна смисла се успокојуваше. Интересен беше фактот дека таа моментално протестираше при прекинуването или при неправилно исполнување на мелодија. И досега М. контактира единствено со возрасни, при што допушта и физички контакт со вработените, кои ги сврзува со музиката.
Значаен настан со социјална важност за нашите деца беше првата посета во концертна сала на спектакл на детскиот фолклорен ансамбл “Пиринче”. Првиот стрес од гасењето на рефлекторите во салата, што не го предвидовме, постепено премина во еуфорија. Како целосна илустрација за доживувањата на децата може да се посочи поведението на М. Г. со дијагноза умерена ментална ретардација, кој во првиот момент се расплака и се сврсти со грб кон сцената, веќе следните минути почна да го гледа спектаклот, преку рамото, а на крајот стоеше исправен, танцуваше и си потпевнуваше. Долго време по концертот децата сакаа да им пеам некои од песните, а тие да танцуваат. Така им се појави интересот кон фолклорната музика и танците.
Од широкиот избор, што го предлага куклотерапијата, во нашата практика се искористуваат запознавањето, воспитните и корекционите можности на професионалниот куклен театар, изработување на куклите, изучувањето на самата техника за движење на куклите и исполнување на пиесите. По повод различните празници во Центарот гостуваше професионален куклен театар, чии исполнувања беа сообразни со времетраењето и содржината со нашите деца. Едни се воодушевуваа од музиката, други од куклите, трети од самите актери, така што секоја следна претстава го зголемуваше интересот на децата и ги прошируваше обемот и комплексноста на нивните восприемања. Голема заинтересираност покажаа децата од првата група кон изработката на кукли од партали и други материјали, костимирањето на нивните кукли и исполнувањето на претстави. За подобрување на моториката и координацијата на рацете се користеа марионетки и кукли-ракавици. Подоцна со група деца се обидовме да исполниме театрални пиеси со професионални кукли, организирани пред другите деца од Дневниот центар.
Влијанието на филлмската уметност се користеше за постепено зголемување на вниманието, за запознавање со филмот и со воспитните цели. Првите филмови, што беа изгледани од почетокот до крајот, беа цртаните филмови “Тројцата глупаци” на Д. Донев. Успешно се покажа насочувањето на вниманието на децата кон одделни впечатливи, во сугестивна смисла моменти, во филмовите, одигрувањето на впечатливите сцени, играта со нацртани, од мене херои, од филмовите и нивно боење. На пример, една од нивните омилени сцени во филмот “101 далматинец”, на големо задоволство на децата беше соопштувањето за украдените мали кучиња. Најпрво започнуваше да “лае” едно дете, на даден знак се вклучуваше второ, и така по ред додека не се стигнеше до “грандиозно лаење” на целата група. Омилени филмови за деца, освен споменатиот, станаа и “Убавицата и ѕверот”, “Бамби” и играниот филм “Бетовен”. Некои од децата почнаа да се споредуваат со популарните херои, да ги вклучуваат во своите игри, при што се стремеа целосно да ги имитираат.
Фотографијата, како вид арттерапија беше вклучена во процесите на остварување на воспитната и социјалната цел. Повеќето деца се учат да ги анализираат сликите и да се разпознаваат себеси, другарчињата и вработените луге.
Елементот од фототерапијата, што го користиме, е фотохрониката на сите празници и важни настани во Центарот. На тој начин се обележува важноста на тие моменти во нивниот живот. Друг елемент, со социјална важност, е можноста да ги обогати сопствените албуми со слики и да ги заинтересираат своите блиски со нивните впечатоци и доживувања.
Како заклучок, мојата целогодишна практика покажа дека успешноста во работата зависи најпрво од умеењето на децата да им го покажеме нашето пријателство и љубов, да ја придобиеме довербата, да ги почитуваме нивните желби и индивидуалност, да го забележуваме и најмалото нивно достигнување, да не заборавиме колку им е важна нашата оценка и популарноста на нивните успеси меѓу другите деца, персоналот и нивните семејства. Важна е и нашата трпеливост и толеранција, зашто промените кај таквите деца настапуваат многу бавно.
Поради тоа арттерапијата треба да ја разгледуваме како дел од севкупната корекционо-копмензациона, учебно-воспитна и социјално-адаптивна дејност, а нејзините елементи во меѓусебна нераскинлива поврзаност при што, напредокот на секоја од нив прави чекор напред и успех кај другите дејности. Имено, комплексноста е гаранција за максимален развиток на физичките можности и надградувањето на “дарбите” на децата.
И не на последно место, арттерапијата е дел од подготовката за трудотерапијата, спроведена во Центарот за момчиња и девојчиња со интелектуални и физички оштетувања, основан во јуни 1998 година.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE