JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 8143
Величко АНДРЕЕВСКИ, Љупчо АЈДИНСКИ
ПРЕГЛЕД НА РАЗВОЈОТ НА ИЗДАВАЧКАТА ДЕЈНОСТ
ВО ОБЛАСТА НА ЗАШТИТАТА, РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА, ВОСПИТАНИЕТО
И ОБРАЗОВАНИЕТО НА ЛИЦАТА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ
ВО МАКЕДОНИЈА (1949-1999)
Вовед
Со оглед на тоа што до ослободувањето заради историските, општествено-економските и политичките прилики наметнати во Македонија, не може да стане збор за организиран третман на "дефектните" лица преку пишуванот збор така што останува само сознанието дека во врска со овој проблем може да се сретне нешто во Црковните канони, книги и документи кои допрва треба детално да се проучуваат.
Отсуството на практика и организирана дејност во третманот на лицата со пречки во развојот до ослободувањето на Македонија (1945 г.), го условува непостоењето на наследени наменски пишувани материјали за овој проблем. Во определена смисла тоа може да се земе како причина што во развојните планови на слободна Македонија не може да се сретне поконкретно издавачка дејност наменета за соодветен стручен третман на не малата популација хендикепирани лица, односно лица со физички и ментални оштетувања. Тоа е резултат, пред sе, на отсуството на сознанија што можеле да бидат дадени во тоа време. Но, за жал, од ослободувањето па до денес, оваа дејност се развива неорганизирано и непрограмирано во зависност од иницијативите на поединци или социјално хуманитарни организации со незначителна вклученост на државните институции.
Но, и покрај големиот број субјективни и објективни фактори кои неповолно влијаеја врз оваа дејност, за овој период од 50 години беа постигнати значајни евидентни резултати што претставуваат реална основа за забрзан натамошен развој на издавачката дејност со сите атрибути што му припаѓаат на сегашниот степен на научно-технолошки социјален и културен развој во нашата земја и во светот. Во таа смисла веќе се рушат бројните бариери што произлегуваат од маргинализацијата на проблемите поврзани со заштитата и рехабилитацијата на хендикепираните лица, а од друга страна веќе вршат притисок бројни социјално хуманитарни и добротворни организации како и низа меѓународни документи што ги обврзуваат државите од светот на поинаков однос кон овие лица чиј број за жал се зголемува, а не се намалува.
Имајќи предвид дека досега не се вршени истражувања не само од историски аспект, туку и од најелементарните потреби да се знаат состојбите како и обемот и квалитетот на содржинскиот материјал од овој сегмент на третманот на дефектните лица-издавачката дејност во Р. Македонија, во оваа прилика ќе прикажеме sе до што можеше да се дојде како пишуван материјал, оставајќи ја секогаш актуелна и претпоставката дека тоа не е целосно и дека треба да се интензивираат истражувањата на ова подрачје што е заостанат долг на дефектолозите и целокупната јавност пред новиот милениум.
По овој повод ќе дадеме краток преглед на списанијата, на гласилата и на публикациите издадени на Македонски јазик во периодот од 1949 до 1999 година.1
|
X |
|
X |
|
X |
Според нашите истражувања, за првпат на Македонски јазик беа објавени материјали во списанието "СОЦИЈАЛНИ ГРИЖИ"што е излезено во 1950 година како орган на Министерството за социјални грижи на НРМ. За жал од ова списание се сочувани само три примероци и тоа два од број 1 и еден од број 2 од кои два примерока се наоѓаат во Универзитетската библиотека "Св. Климент Охридски"-Скопје, а еден примерок и тоа од бројот 1 кај авторите на оваа публикација. Во материјалите на овие броеви од списанието на повеќе места се спомнати лицата што се слепи и глуви, а е поместен и еден напис под наслов: "КАКО СЕ РАЗРЕШУВА ПРОБЛЕМОТ НА ГЛУВО-НЕМИТЕ ВО НРМ." Ова е практично прв публикуван материјал за лицата со пречки во развојот во Македонија по нејзиното ослободување и ценевме за потребно да ја претставиме корицата на списанието. Во списанието нема редакциски Одбор, ниту главен или друг уредник, што претпоставува дека соодветните служби на Министерството заеднички го подготвувале.
Ако ја анализираме содржината на написот лесно ќе констатираме дека се даваат драгоцени податоци за дејностите и проблемите околу грижата за глувите лица, што ја потврдува историската вредност на пишуваните материјали со нивната автентичност како и автентичноста на времето кога е публикуван. Во таа смисла во овој број на списанието има повеќе конкретни податоци за грижата на глувите лица. Покрај тоа што е наведено дека ќе се изврши попис на ваквите лица, се даваат конкретни насоки за организирање на вработувањето на младинците со оштетен слух. Во написот се наведува дека во фабриката "Треска"-Скопје е адаптирана зграда за интернат на 40 корисници (глуви) кои работејќи се обучуваат за кројачко-везачки занает.
Во крајот на петата деценија (1959 година), излегува изворедно значајната публикација: "Со волја и упорност го победуваме мракот" 2во издание на Главниот Одбор на Сојузот на слепите на НРМ". Публикацијата има 252 страници, застапени се преку 20 автори со мошне разновидни тематскиподрачја. Оваа е исклучително ретка публикација што дава трајна и објективна слика за третираните проблеми во тој период. Оттогаш до денес не е објавена каква и да било или слична публикација за слепите во Македонија. Заради историското значење на оваа публикација ќе дадеме фотографија на корицата бидејќи е многу ретка и тешко може да се најде. Сочуван е и еден примерок кај авторите.
Гледано од стручен аспект, ако се анализираат насловите и содржините на оваа публикација, веднаш може да се заклучи дека уште во тоа време многу јасно се нагласуваат најсуштествените проблеми со кои слепите секојдневно се опсесирани.. Но исто така тие проблеми се гледаат од повеќе аспекти: социјални, здравствени, дефектолошки итн. Тоа непобитно го потврдуваат следните прилози објавени во оваа публикација: "Улогата на социјалниот работник во згрижувањето на слепите лица", "За вработувањето на слепите лица на отворени работни занимања", "Некои причини за зголемување на дефектните во видот во Македонија", "Слепите и бракот" и др.
Нешто позасилено се размислува, а и се преземаат посериозни зафати за збогатување на издавачката дејност во оваа сфера кон крајот на шеесеттите години и подоцна тоа првенствено по иницијативи на социјално хуманитарните организации и дефектолози кои членуваа во овие организации, што најдоа практична реализација во наредната деценија.
Во 1968 година Сојузот на друштвата за помош на ментално недоволно развиени лица на СР Македонија, во рамките на своите задачи и активности, го преведе и го издаде познатото дело во целиот свет од д-р Марија Ег "МОЕТО ДЕТЕ Е ПОИНАКВО".
Со преведувањето на оваа книга се настојува на родителите и на пријателите на ваквите деца да им се дадат некои основни известувања, совети и упатства, како да го сфатат детето попречено во психичкиот развиток, како да се однесуваат кон него и како да му помогнат. Имено, родителите често заземаат сосема погрешни ставови кон своите деца. Некои се однесуваат кон нив со полна негрижа и ги лишуваат од потребната и неопходна родителска љубов. Други, напротив, поаѓаат во спротивна крајност и го окружуваат своето дете со преголема грижа и набљудување, изолирајќи го целосно од својата околина и светот.
Родителите на кои им е наменета книгава, ќе најдат во неа стручен прирачник, кој при работата врз оспособувањето на нивното ментално недоволно развиено дете ќе им даде низа драгоцени упатства и совети. Едноставниот и разбирлив стил на упатување што и како да се работи со психички неразвиеното дете, со беспрекорната научна фундаментација и со објаснувањето ќе им овозможат на родителите на таквите деца пронаоѓање на најисправен пат во подготвувањето за животот на своето дете.
Во 1970 година, во издание на Сојузот на глувите на Македонија излегува првата пообемна публикација и на високо ниво на ликовно графичко обликување "20 години на Сојузот на глувите на Македонија, 20 години заштита и рехабилитација на глувите и наглувите ЛИЦА во Македонија" од д-р Славчо Керамитчиевски.
Публикацијата има 275 страници, на кои се презентирани голем број прашања и проблеми од областа на заштитата и рехабилитацијата на лицата со физички и психички недостатоци посебно на лицата со оштетен слух.
За значењето на оваа публикација во развојот на процесот на заштитата и рехабилитација на хендикепираните лица во Македонија како од стручен така и од историски аспект се заборува во делот за информативно-аналитичката и научноистражувачката дејност
Во оваа публикација, на повисоко стручно ниво се даваат не само состојбите во заштитата и рехабилитацијата на лицата со оштетен слух, туку се прави синтеза на светските сознанија и се даваат основите на системот на институционалната заштита на глувите и наглувите во Македонија. Притоа, посебно внимание се посветува на раната професионална и социјална рехабилитацијата. Се акцентира нормирањето на заштитата и рехабилитацијата како дејност на превентивата, дијагностицирањето и категоризацијата, професионалната ориентација, вработувањето, стручното усовршување на кадарот, техничкото опремување со помагала и др.
Како резултат на целокупниот општествено-економски развој, а посебно развојот на мрежата на институциите и ангажираниот стручен кадар во нив како и зголемениот интерес за судбината на хендикепираните лица во целиот свет, во седумдесеттите години издавачката дејност во областа на социјалната политика, а во тој контекст и во заштитата и рехабилитацијата на хендикепираните лица добива нови димензии како во поглед на квантитетот, така и во поглед на квалитетот и широчината на проблемите што се предмет на издавачката дејност.
Во 1970 година, во издание на Сојузот на друштвата за помош на ментално недоволно равиени лица во Македонија, објавена е публикацијата: "Завод за рехабилитација на деца и младинци-Скопје", од проф. Љупчо Ајдински.
Оваа е единствена публикација која детално ја обработува физиономијата на установа за умерено ментално ретардирани, што од низа објективни фактори треба да постои за потребите на целото подрачје на Македонија. Имено тоа е Заводот за рехабилитација на деца и младинци-Скопје кој веќе работи четири децении, а е наменет за третман на проблемите на умерено ментално ретардирани деца и младинци, од целата Република.
Во публикацијата претставена е концепција градена врз сите практични искуства од светот кои авторот и најнепосредно ги проучуваше со неговите студииски престои, пред sе, во западна Европа (Шведска, Холандија, Англија и др.). Со оглед на тоа што за Заводот беше претходно пошироко пишувано, на овој простор, ја претставуваме само корицата на публикацијата.
Во 1973 година се појавува списанието "Социјална политика" во издание на повеќе издавачи меѓу кои беа и социјално-хуманитарните организации. Ова списание скоро во секој број донесуваше написи за актуелните проблеми од областа на заштита и рехабилитацијата поврзани со социјалната заштита, здравственото, инвалидското пензиското осигурување како и мноштво други проблеми што ги штитат граѓаните со хендикеп и нивните семејства.
По една деценија излегување од чисто субјективни причини престана да излегува и ова списание оставајќи голема празнина посебно во однос на најнужното претставување на развојот на социјалната работа и социјалната заштита како императив на сите времиња во разрешувањето или ублажувањето на мноштво не само материјални туку мошне суптилни човечки проблеми и потреби.
Не само заради местото што ова списание го заземаше во публицистичката дејност туку и заради квалитетот и улогата што ја имаше во третманот на социјалната проблематика од сите аспекти заслужува натамошни анализи и проучување што би довеле до негово повторно издавање. Во продолжение е даден фотос на корицата.
Во 1974 година, во издание на Сојузот на друштвата за помош на ментално ретардирани лица на Македонија, а по повод десетгодишнината од своето постоење, излегува монографијата: "Заштитата и рехабилитацијата на ментално ретардираните лица во Македонија", изготвена од авторите: Алојз Пипан, Љупчо Ајдински, Величко Андреевски, д-рДимитарЕфински, д-р Јордан Јовев и Нелко Џутевски.
Самиот факт што авторите на оваа Монографија според својата професија се дефектолози, лекари специјалисти по педијатрија и невропсихијатрија и педагози говори за мошне целовит пристап во третманот на проблемите на ментално ретардираните лица како најмасовна популација во структурата на сите категории лица попречени во развојот. За стручното ниво и дијапазонот на обработуваните прашања во самата книга се зборува во делот на оваа публикација.
Во 1975 година во организација на Републичкиот завод за социјални прашања, е завршено обемно истражување на изготвувањето на студијата: "Заштитата и рехабилитацијата на лицата со психофизички недостатоци во СР Македонија" од стручна екипа под раководство на проф. Љупчо Ајдински и истата година студијата излегува од печат во издание на Заводот. Таа е прва студија отпечатена на 268 страници што ги опфаќа сите категории на лица со психофизички недостатоци и сите проблеми поврзани со нив и нивната егзистениција.3
Во 1977 година се појавува првото списание за теорија и практика на заштитата и рехабилитацијата под назив "Порака" чиј издавач беше Сојузот на друштвата за помош на ментално ретардирани лица во СР Македонија, со главен и одговорен уредник Љупчо Ајдински и уредник Величко Андреевски.
Списанието "Порака" се појавува на определен степен на развојот на заштитата и рехабилитацијата на МРЛ во Македонија и развојот на дејноста на Сојузот, како неодминлива потреба за давање можност да бидат реализирани интересите на поголем број родители и стручни работници од разни профили, кои сакаат да се запознаат или да ги третираат пошироко проблемите поврзани со менталната ретардација.
Ова списание имаше за цел, пред sе, стручно и научно-популарно да ги изнесува бројните проблеми со кои семејствата и општеството се судираат во секојдневниот живот. Појдувајќи од тоа Сојузот му даде таква физиономија на списанието што ќе може да ги вклучи теоретските и практичните искуства од третманот на заштитата и рехабилитацијата и да ги истакне пред јавноста нерешените прашања што се однесуваат како на семејствата и организациите на здружениот труд за заштита и рехабилитација, така и на општествените механизми во целост. Притоа, е ставена и нагласката списанието да презентира практични и стручно-научни искуства од земјата и светот. Овој период на барање посоодветна физиономија на списанието и настојувањето да се прецизираат содржини што ќе ги задоволат интересите на сите оние кои на определен начин се опсесирани со проблемите што произлегуваат од менталната рехабилитација, претставува солидна основа за критички осврт и поцелосни анализи за насочување на натамошниот развој на целокупната издавачка дејност на Сојузот во областа на заштитата и рехабилитацијата на лицата со психофизички недостатоци.
Списанието "Порака" донесуваше прилози во шест рублики: "Родители-деца-семејство"; "Искуства-погледи-мислења"; "Од дејноста на Сојузот"; "Од животот и работата на ОЗТ за заштита и рехабилитација на МРЛ"; "Од законската регулатива на заштитата и рехабилитацијата"; "Вести-информации"; и "Библиографија".
На страниците на ова списание во времето од 1977 до 1981 година се објавени 154 написи, од кои 36 во рубриката "Родители-деца-семејство", 83 во рубриката "Искуства-погледи и мислења", 11 во рубриката "Од животот и работата на ОЗТ" и 10 во рубриката "Од дејноста на Сојузот" и 28 во рубриката "Вести и информации".
Во петгодишен период од излегувањето на списанието, тоа успеа да привлече 92 соработници-автори од кои 67 од нашава Република, 18 од другите републики на СФРЈ и 7 од странство.
Со жалење треба да се констатира дека после пет години, престана да излегува ова списание од субјективни причини, пред sе, заради измените во раководните органи и службите на Сојузот и нивниот однос кон издавачката дејност. Но тоа не го менува историското значење на ова списание што остана како ембрион за конципирањето на натамошните стручни списанија што ќе се појават во Македонија.
|
X |
|
X |
|
X |
Во 1980 година, Сојузот на глувите и на наглувите на Македонија ја издаде публикацијата: "30 години активност на сојузот на глувите и наглувите на македонија (1948-1978)", изготвена од Славко Андреевски, еден од првите дефектолози во Македонија.
Во оваа публикација тој ги збогатува не само за пред училишното воспитание и образование, туку тој посебно се задржува на професионалното и работното оспособување на младиците со оштетен слух со повисок степен на стручна интрепетација, со оглед на тоа што тој беше и првиот директор на училиштето за професионално оспособување на учениците кој од Битола се преселија во Скопје во посебно наменски основана установа. Покрај многуте проблеми тој во публикацијата се задржува и на вработувањето на овија лица како во Заштитната работилница "Светлост", така и на отворени работни места во стопанството. Исто така презентирани се драгоцени податоци што се однесуваат на заштитните работилници за глуви посебно "Украст"-Охрид и "Униус"-Тетово.
Во 1982 година се појавува првото научно дело на д-р Љупчо Ајдински: "Интегрална рехабилитација на ментално ретардираните лица", во издание на Југословенската конференција за социјални дејности-Белград. Тоа е уникатно научно дело отпечатено на 325 страници и претставува модифицирана верзија на неговата докторска дисертација и рефлексија на неговите повеќе децениски истражувања во земјата и во странство во областа на заштитата и рехабилитацијата на ментално ретардираните лица. Тие се дадени во хомоген содржински контекст што ги сублимира сите феномени поврзани со менталната ретардација со отворена порака за размислување, расчистување на противречните ставови како и барање и наоѓање соодветни решенија.
Во 1982 година, Сојузот за помош на ментално ретардирани лица на Македонија издаде пообемна публикација: "Збирка на прописи за заштита и рехабилитација на лицата попречени во психофизичкиот развој" со коментар на која автори се д-р Љупчо Ајдински и Александар Наумовски.
Покрај историското значење гледано од сегашен агол на времето, оваа публикација за определен период имаше мошне нагласено практично значење за остварувањето на правата на хендикепираните лица. Тоа дотолку повеќе што беа систематизирани и прегледно прикажани законските прописи и правата на овие лица од областа на здравствената, детската, социјалната, инвалидско-пензиската заштита, како и прописи од областа на вработувањето, воспитанието и образованието и други прописи поврзани со определени права на инвалидните лица.
Во 1983 година, во издание на Новинско-издавачката организација "Студентски збор"-Скопје отпечатена е со материјална поддршка на Републичката заедница за култура на СРМ, публикацијата од Величко Андреевски "Социјалната заштита и остварувањето на општествените вредности"-на 236 страници. Рецензенти се проф. д-р Љупчо Арнаудовски и проф. д-р Љупчо Ајдински, а предговорот напишан од Академик Никола Кљусев. Книгата содржи три дела од кои еден е посветен исклучиво на лицата со психофизички недостатоци. На крајот од својот предговор д-р Н. Кљусев ќе рече: "Во третиот дел авторот не запознава со одредени актуелни проблеми, со кои нашето општество се соочува околу прифаќањето и рехабилитацијата на децата со разни видови психофизички недостатоци, посебно разработувајќи ја менталната ретардација, односно нејзините последици врз ваквите деца и потребите за остварување на прокламираните општествени определби за нивно згрижување, односно оспособување и интегрирање во општеството". Во 1985 година, се појавува на 300 страници монографијата "Развојот на општествената грижа на децата во СР Македонија (1945-1980)" од Величко Андреевски, а во издание на Книгоиздателството "Наша книга"-Скопје. Монографијата е рецензирана од проф. д-р Никола Кљусев и проф. д-р Љупчо Ајдински. Оваа монографија според бројноста, ситематизацијата на проблемите, автентичните податоци, користената обемна литература, структурата на оделни условно земено категории деца и нивната заштита, хронологијата на развојот и уште голем број специфични прашања што се опфатени, е единствена од ваков вид во нашата Република. Оваа публикација има не само посебно историско значење, туку и значење од аспект на збогатувањто на облиците на грижата за децата согласно со новиот техничко-технолошки и информациски развој во современиот свет и цивилизација, грижа која и тогаш како и во односниот момент заостанува не само зад сознанијата туку и зад материјалните можности, останувајќи меѓу приоритетните проблеми за решавање на почетокот од наредниот век односно милениум.
Во 1986 година, издавачката дејност во областа на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот се збогатува со публикацијата: "Општествената заштита и рехабилитација на лицата попречени во физичкиот и психичкиот развиток во СР Македонија 1945-1985" на 145 страници од проф. д-р Љупчо Ајдински. Тоа е прв пообемен труд во кој се сублимирани развојните активности и практичните резултати за заштитата и рехабилитацијата на сите лица (категории) со разновидни психофизички оштетувања во период од 40 години постоење на Република Македонија. Додека во досегашните трудови преокупација на авторот беа како доминантни проблемите на ментално ретардираните лица сега се подеднакво присутни проблемите на сите категории и тоа од повеќе аспекти (социјални, здравствени, дефектолошки и др.). Во таа смисла во Предговорот на ова публикација е посебно апострофирано следното:
"Без сомневање трудот на д-р Љупчо Ајдински, мошне корисно ќе им послужи на широк круг читатели (историчари, дефектолози, педагози, медицинари, социјални работници, психолози, општествено-политички работници и родители), затоа што тој не претставува само историска документација туку и практично и теориско искуство како агенс за натамошно, поуспешно креирање на заштитата и рехабилитацијата, секогаш побудувајќи ангажиран однос. Во таа смисла значајно е да се истакне дека за студентите и младите стручни работници во областа на дефектологијата ова е сигурно насочување кон целите за физиономирање на нивниот позив и објективно реализирање на нивните хуманистички определби".
|
X |
|
X |
|
X |
Во 1987 година, издавачката дејност е збогатена со објавувањето на публикацијата од м-р Димитри Поповски, "Менталната ретардираност кај децата и малолетниците и девијантното однесување" во издание на НИО "Студентски збор". Тоа е ретка публикација што третира специфични аспекти на девијантното однесување во контекст на психосоматските карактеристики на ментално ретардираните деца и младинци не заобиколувајќи го и целокупното семејно и општествено миле во контекстот на етиолошките експликации на феноменот на деликвенцијата кај ментално ретардираните.
|
X |
|
X |
|
X |
Во 1991 година Сојузот на социјално-хуманитарните организации на Република Македонија ја издаде публикацијата: "Проекција за рационализација и развој на системот и практиката на заштита и рехабилитацијата на хендикепираните и инвалидизираните лица во Македонија" подготвена од проф. д-р Славчо Керамитчиевски и проф. д-р Љупчо Ајдински. Публикацијата е објавена во рамките на повеќегодишните напори на Сојузот на дефектолозите на Македонија за отворање, односно започнување на дефектолошки студии во Република Македонија-подржани од Издавачот. Во оваа публикација се направени анализи на потребите и дадени се модели за образование на стручни дефектолошки кадри во нашата Република во повеќе варијанти. Исто така дадена е физиономија на системот и практиката на заштитата и рехабилитацијата на хендикепираните и инвалидизираните лица во Македонија. Публикацијата презентира извонредно обемен материјал со јасен високостручен стил и изобилство насоки за оспособувањето на стручни дефектолошки кадри и за ситемот на практиката и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот.
Во 1994 година, исто така во издание на Сојузот на социјално хуманитарните организации на Македонија се појавува книгата: "Социјалната заштита на лицата со пречки во физиЧкиот и психичкиот развиток низ дејностите на центарот за социјална работа" од Величко Андреевски. Тоа е прва книга во областа на социјалната заштита и заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот која е печатена по распаѓањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и целосното осамостојување на Република Македонија како независна и суверена држава. Таа е единствена публикација со својата тематска детерминираност во секогаш постојната дефицитарност на стручна литература од македонски автори во сферата на социјалната заштита, особено кога е во прашање заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот. Ова публикација има повеќе практично значење како потсетник и прирачник за активностите на Центрите за социјална заштита во поцелосното планирање и остварување на своите надлежности со законски прописи определени на подрачјето на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот.
Во 1995 година, е отпечатен трудот на проф. д-р Љупчо Ајдински: "Новини, искуства и тенденции во интеграцијата и нормализацијата на третманот, образованието и оспособувањето, односно рехабилитацијата на хендикепираните лица". Овој труд за прв пат кај нас понагласено го свртува вниманието на стручната јавност кон мошне актуелните и уште повеќе противречни мислења, прашања, проблеми и дилеми што такаречи "магично" се кријат во светските движења и разновидни искуства во интеграцијата и нормализацијата на третманот посебно во образованието и воспитанието на хендикепираните деца во редовните институции на повеќе земји во светот. Притоа се даваат повеќе интегративни модели како и позитивните и негативните искуства од нивната примена.
На крајот од публикацијата сублимирајќи повеќе сознанија и искуства се прави успешен обид да се дадат соодветни Предлози за натамошно одвивање на процесот на интеграцијата и нормализацијата во целокупниот третман на хендикепираните лица во Република Македонија.
Во 1996 година, се појавува публикацијата: "знаењата по македонски јазик на учениците со лесни пречки во психичкиот развој" од Невена Пачемска, Стојан Стојанов и Н. Николовска, во издание на Педагошкиот завод на Македонија и Центарот за рехабилитација и образование "Св. Наум Охридски"-Скопје.
Оваа публикација претставува, единствен труд што ги експлицира повеќето прашања поврзани со бројни специфичности и посебната технологија во ова фундаментално наставно подрачје, гледано од дефектолошки аспект. При тоа треба да се нагласи практичната вредност на оваа публикација, долго очекувана во големиот дефицит на прирачници, учебници како и други публикувани материјали со соодветна стручна во теориска и практична смисла стојност.
Во 1996 година, за прв пат од областа на заштитата и рехабилитацијата на телесно инвалидните лица во Македонија излегоа од печат монографијата: "сојуз на Здруженијата на телесно инвалидизираните лица на македонија 1986-1996".
Ова е изворедно вредно дело и луксузно издание на Сојузот, кое остава неизбришлива трага не само за активностите за овој сојуз (културно забавни, спортско рекреативни и др.), туку низ сето тоа и за изобилството проблеми кој не се само од материјална природа туку и од длабоко човечка, хумана и секојдневна животна егзистенција.
Во 1997 година, почнува да излегува списанието "Дефектолошка теорија и практика".
Тоа не е случајна појава. Напротив, резултира од пообемни анализи и подготовки врзани за потребите и физиономијата на списанието со искуствата и стандардите во државите од поблиското окружување на Македонија и целиот свет. Во таа смисла уште во обраќањето на Редакцијата до читателите во првиот број се вели:
"Сегашниот степен на развојот на заштитата и рехабилитацијата како и на воспитувањето и образованието на лицата со пречки во развојот во Република Македонија со традиција од половина век, мошне нагласено ја диктира потребата за издавање посебно списание што ќе овозможи натамошен развој на дефектолошката теоретска мисла како и размена на искуствата од практиката од повеќе сектори на повеќе научни подрачја. Тоа дотолку повеќе што во нашава Република покрај значително развиената мрежа на здравствени, социјални, рехабилитациони и воспитно-образовни установи, служби, институции и организации, постојат и дефектолошки студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј"-Скопје, како и значаен број дефектолошки кадри и други стручни профили кои најнепосредно работат на проблемите поврзани со животот и оспособувањето односно заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот гледано како од теоретски така и од практичен аспект. Имајќи го тоа во предвид издавачите едногласно донесоа Одлука за идавање на списанието "Дефектолошка теорија и практика".
Ова списание стручно и научно ќе ги иницира и презентира проблемите и третманот врзани за заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот, обединувајќи ги напорите и активностите на широк круг луѓе кои непосредно и посредно се занимават со нивното разрешување (дефектолози, лекари, психолози, педагози, социјални работници, правници и др.), вклучувајќи ги и наставничките кадри на дефектолошките студии. При тоа, Редакцијата ќе настојува да објавува и прилози за теоретските и практичните искуства од светот.
Списанието излегува секои три месеци во 4 броја, а пред почетокот на новиот век односно милениум ќе излезе со број 3-4/1999 година. Споменуваме дека во списанието содржината и резимеата на прилозите се презентираат и на англиски јазик. Од 1997 година до 1999 година списанието побуди интерес кај поголем број автори за објавување стручни трудови од балканските земји како и од западна европа.
Во 1999 година, во издание на Сојузот на дефектолозите на Македонија излезе од печат огромниот стручно-научен труд "Основи на дефектолошката теорија и практика" од Љупчо Ајдински, и Зоранчо Михаилов. Тоа е труд повеќе години мошне сериозно подготвуван со однапред поставени цели за да им послужи на сите интересирања и истражувачки апетити поврзани со прашањата за судбината на лицата со пречки во развојот. Во таа смисла авторите во својот предговор помеѓу другото ќе речат:
"Проблемите поврзани со животната судбина на лицата со пречки во развојот низ цела историја на човековиот род, претставувале и претставуваат своевидна окупација и предизвик во напорите за нивна посоодветна стручна и научна експликација.
Мошне широкиот регистар на потреби на овие лица гледани од медицински, дефектолошки, психолошки, педагошки и социјален аспект и до денес остануваат обременета енигма во истражувачките апетити на голем број хуманисти, стручњаци и научни работници од повеќе области на човековиот живот, работа и прогрес.
Поаѓајќи од биопсихосоцијалниот ентитет на личноста со сложениот комплекс на развојните компоненти, раѓањето и збогатувањето на дефектологијата со се поголем број содржински вредности, историски гледано стануваше неодминлив императив со неограничена временска димензија. Во таа смисла фондот на знаењата и практичните одговори на не мал број прашања што се однесуваат на организираниот третман, заштитата, рехабилитацијата, воспитанието и образованието како и социјалната интеграција на лицата со пречки во развојот постојано се зголемуваше и се зголемува како во светот така и во нашата земја.
Респектирајќи ги светските теориски и практични искуства за што е користена обемна стручна литература, а посебно искуствата во нашата земја низ опсежните анализи на постојниот систем на третманот, заштитата и рехабилитацијата организиран врз современите сознанија, го физиониравме презентираниот труд: Основи на дефектолошката теорија и практика со уверување дека е дадена соодветна архитектоника на нејзината сложена структура.
Потребата од еден ваков вид труд превасходно е детерминиран од:
- постојната дефицитарност на стручната дефектолошка литература, особено кога се во прашања учебници;
- потребите за позабрзан развој и унапредување на дефектолошките студии кај нас;
- поголемиот број на вработени дефектолози во земјата што настануваат за повисок степен на стручно усовршување;
- зголемениот интерес за ваква литература од страна на стручњаците од доделените сродни научни подрачја;
- зголемениот интерес за што поголем број информации од страна на родителите и семејствата на лицата со пречки во развојот;
- зголемениот интерес за што поголем број информации од страна на лицата со пречки во развојот;
- унапредување на работата кај социјално-хуманитерните организации, на службите за социјална работа како и сите установи од општесвените дејности што третираат проблеми на лицата со пречки во развојот и друго".
Книгата содржи 457 страници со извонредно богата и разновидна содржина.
Во 1999 година, се појавува и публикацијата: "Третман на тешко ментално ретардирани лица" од д-р Ристо Петров. Оваа публикација е превасходно значајна од аспект на практиката. Повеќегодишното искуство стекнато непосредно работејќи со тешко ментално ретардирани лица, на авторот очигледно му овозможи да им даде драгоцени насоки на практичарите-дефектолози за унапредување на работата односно за третманот на оваа категорија ментално ретардирани лица.
|
X |
|
X |
|
X |
На крајот треба да нагласиме дека трудови со тематско порачје од заштита и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот иако во не голем број, се појавуват и во други списанија издавани превасходно за други проблеми. Така на пример, првите стручни трудови со скромни амбиции од македонски автори се јавија на страниците на списанијата: Просветно дело, Специјална школа, Просветен работник, Родители и деца, а подоцна и во списанијата: Преглед-проблема ментално неразвијених особа, Генетика, Социјална политика, Македонски медицински преглед итн. Исто така од македонски автори се објавени и определен број и на странски јазици во соодветни списанија.
Карактеристично е да се одбележи дека објавените трудови мошне индикативно ги истакнуваат сите аспекти на заштитата и рехабилитацијата (дефектолошки, медицински, социјален, правен итн.). Исто така и структурата на авторите на објавените трудови ја сочинуват: педагози, дефектолози, лекари, психолози, логопеди социјални работници и др.
|
X |
|
X |
|
X |
Со длабока верба и надеж очекуваме вреднувањето на прикажаната издавачка дејност од областа на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот на македонски јазик од последниве 50 години на XX век и овој милениум ќе биде дадено во XXI век односно новиот милениум.
1 Преглед е даден според хронолошкиот ред (времето на издавање).
2 Тоа е прва публикација од областа на заштитата, рехабилитацијата воспитанието и образованието на хендикепираните лица во Македонија.
3 За оваа студија како и за наредните публикации ќе бидат презентирани соодветни стручни експликации во посебен дел посветен на развојот на информативно-аналитичката и стручна истражувачката дејност во Македонија.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE