JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 6844
Љупчо АЈДИНСКИ
50 години општествена грижа за лицата со пречки во развојот во Република Македонија (1949-1999)
Лицата со пречки во развојот, односно хендикепираните лица како мошне голема популација во вкупното население во светот го окупираат човештвото со своите проблеми што немаат само индивидуална туку и општествена димензија.
Засилениот интерес за решавањето на животните проблеми на овие лица во целиот свет, особено се манифестираа во текот на втората половина од овој век. Ова е видливо низ се поголемото научно и општествено отворање на овој проблем, низ зголеменото финансиско ангажирање, нормативното регулирање како во меѓународни рамки така и кај нас, ширење на мрежата на различни установи за лицата со пречки во развојот и др.
Организираната општествена грижа за лицата со пречки во развојот во Р. Македонија, како што се глувите, слепите, ментално ретардираните, телесно инвалидните и други, изразена преку заштитата и рехабилитацијата односно нивното згрижување, образование, оспособување за работа и вработување започнува веднаш по Втората светска војна. При тоа значајно е да се одбележи дека грижата за овие лица и нивната рехабилитација во определени временски интервали на општествениот развој имаше и соодветен приоритет со оглед на тоа што посебно на подрачјето на Македонија, како што веќе нагласивме до ослободувањето не постоеше никаква организирана заштита и рехабилитација за овие лица.
Отсуството на институционални облици, стручни кадри и практично искуство на планот на заштитата и рехабилитацијата на лицата со пречки во развојот (слепи, глуви, ментално ретардирани, телесни инвалиди и др.) до ослободувањето, создаваше огромни тешкотии во создавањето на нашиот систем бидејќи мораше да се тргне од самиот почеток во решавањето на напластените проблеми и потреби на популацијата на овие лица, што со векови биле запоставувани.
Правејќи увид на општетствената грижа за инвалидните лица за период од пет децении, во овој простор не е можно да се каже се. Но нека ни биде дозволено да нагласиме дека се постигнати мошне значајни резултати и дека општетвените напори беа постојано насочувани кон максимално развивање на преостанатите психофизички потенцијали кај овие лица, нивното вклучување во процесите на трудот и нивната социјална интеграција.
Мошне брзо по ослободувањето, тогашното Министерство за социјални грижи на Македонија со кое раководеше Реис Шакири ги согледа основните животни проблеми на инвалидните лица и презеде мерки за организирање разновидни облици на грижа за нив. Така, во 1949 година дојде и до отворање на првата установа за дефекни деца, како што тогаш се викаше, во Р. Македонија во с. Петровец Скопско, која по неколку месеци се пресели во Скопје, а отаму во Битола каде што беа обезбедени подобри просторни и други услови за работа. Пред отворањето на установата пртходеа подготовки за откривање и собирање на деца попречни во развојот и подготовка за оспособување на ссодветен дефектолошки кадар со испраќањето на група учители на дефектолошката школа во 1947 година во Белград.
Првите искуства од работата на ново отворената установа мошне јасно го исфрлија на виделина широкиот спектар на специфични потреби во однос на рехабилитацијата, односно оспособувањето за самостоен живот на сите лица со разновидни оштетувања (глуви, слепи, ментално ретардирани, телесни инвалиди и др.). Токму тие почетоци на работата, што ги карактеризира мошне висок степен на професионален однос, во тогашните постојни услови, јасно ја потенцира императивната нужност за одделен третман на децата со различните видови на оштетеност. Затоа, првата установа за глуви деца, односно денешниот Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух во Битола (за кого што со право е врзана оваа прослава), претставува стручниот супстрат или расадниик на идеите и основата за разгранување на соодветна мошне широка мрежа на установи за заштита и рехабилитација за одделни видови на оштетеност во Р. Македонија.
Накусо ќе го прикажеме развојот на мрежата на установи и сето тоа што се создаде во овие 50 години.
Прво, во процесот на развојот на мрежата на установите, првата установа што веќе ја споменавме продолжи со работа како Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор “Кочо Рацин” во Битола чии основни задачи беа и останаа: предучилишното воспитание, основното образование и корекцијата на слухот и говорот. За таа цел во Заводот работеа и работат детска градинка и основно училиште за глуви и наглуви деца.
По неколку години се извршија посебни подготовки за професионалното оспособување на лицата со оштетен слух, за да го отвори во 1955 година Извршниот совет на Македонија првото стручно занаетчиско училиште за глуви младинци, кое и денес работи како Центар за образование и рехабилитација на младинци со оштетен слух “Партение Зографски” во Скопје.
Покрај тоа, искуството од работата на Заводот за рехабилитација и корекција на говорот во Битола укажа на потребата од создавање на посебна институција во која ќе се третираат прашањата поврзани со: превентивата, детекцијата, дијагностиката, раниот третман и со повисокиот степен на квалитетна стручна работа.
Токму заради тоа во 1960 година Извршниот совет на Р. Македонија го оснива Аудиолошкиот центар на Македонија со седиште во Скопје, кој и денес работи како Институт за рехабилитација на слух, говор и глас. Подоцна од оваа установа се издвои нејзиното одделение што работеше во Битола во посебна установа-Завод за рехабилитација на слух, говор и глас која што и денес работи под тој назив.
Во периодот од 1955-1960 година се актуелизира како сложен проблем и вработувањето на глуви лица особено по стручното оспособување на првите генерации-глуви младинци. Тоа набрзо услови во 1960 година да се отвори првата заштитна работилница “Светлост” за глувонеми лица која вработи дел од овие младинци, а определен број се вработи во отвореното стопанство.
Со отворањето на оваа и на други заштитни работилници во Републиката се оформува мрежата на инстутуционална заштита и рехабилитација на лицата со оштетен слух што го опфаќа нивниот третман од предучилишното па се до нивната интеграција во животот и работната средина.
Второ, паралелно со развојот на институционалната заштита и рехабилитација на лицата со оштетен слух и говор се развиваше и мрежата на институциите на лицата со оштетен вид, односно слепите и слабовидните деца и младинци. Така, во 1954 година Извршниот совет на Македонија основа училиште за основно образование на слепи деца во Скопје, а во 1959 година беше основан и Заводот за работно и професионално оспособување на слепи лица во Драчево, Скопско. Во 1962 година беа создадени посоодветни простории и кадровски услови за современ третман на овие лица, што доведе до интеграција во таа година на овие две установи во Скопје.
Од 1962 година до денес, рехабилитацијата на слепи и слабовидни деца и младинци се врши во единствената установа-Завод за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов” во Скопје, кој обезбедува предучилишно воспитание, основно образование, насочено образование и ниже музичко образование.
Иако значителен број на слепи лица се вработуваат на отворени работни места постојат и повеќе заштитни работилници во Републиката, што претежно вработуваат слепи лица, како што се заштитните работилници во Скопје, Битола, Охрид и други.
Трето, развојот на мрежата на установи за ментално ретардираните лица започнува значително подоцна за разлика од онаа за глувите и слепите. Основањето на установите за ментално ретардирани лица се вршеше зависно од степенот на оштетеноста на менталната ретардација. Со оглед на тоа, што најмногу се манифестираат проблемите на најтешко ментално ретардираните лица како за родителите така и за општеството, првата установа ќе биде формирана токму за нив во 1958 година, во Демир Капија, каде што и денес работи.
Оваа установа во 1970 година просторно се проширува и ги опфаќа и тешко ментално ретардираните лица. Така што основната дејност на оваа установа за обезбедување и сместување, нега и исхрана се прошири и на стекнување на елементарно воспитание и работна окупација со тешко ментално ретардирани лица.
Подоцна во Р. Македонија се актуелизира и проблемот на умерено ментално ретардираните лица како и употребата од стручно следење на оваа проблематика, спроведување на превентивна заштита, дијагностицирањето и раниот третман на ментално ретардираните деца. За таа цел Извршниот совет на Македонија во 1965 година донесе решение за основање на завод за рехабилитација на умерено ментално ретардирани деца и младинци во Скопје.
За лесно ментално ретардираните деца и младинци мрежата на установи за основно и средно образование интензивно отпочна да се реализира од 1966-1967 учебна година со отворањето на првото специјално училиште во Прилеп, па потоа во Битола, Скопје, Велес и во Ново Село Струмичко, потоа со отворањето на поголем број посебни паралелки во повеќе од 20 редовни основни училишта и со отворањето на две училишта за средно образование во Скопје и Штип.
За оној број на лесно ментално ретардираните младинци што не можат да се вработат во редовното стопанство и за умерено ментално ретардираните беа формирани и работат поголем број на заштитни работилници во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и во другите места во Републиката. Во последните години започна процесот и со отворањето на дневните центри за умерено и тешко ментално ретардирани лица со комбинирани пречки во развојот. Беа отворени два такви центри во Крива Паланка и во Скопје, а во последно време беа отворени и 5 групи за дневно згрижување на тешко ментално ретардираните деца и за деца со комбинирани пречки во развојот од предучилишна возраст при детските градинки во Штип, Куманово, Охрид и Скопје.
Четврто, за телесно инвалидните лица, што заради тежината на оштетувањата и други причини не можат да се вклучат во редовното образование, беше основан Завод за заштита и рехабилитација на тешко инвалидни деца и младинци во Бања Банско Струмичко во 1970 година. Во овој Завод се обезбедуваат соодветни облици на заштита и образование на корисниците за здобивање на сите степени на образование.
Пето, во последниве години исто така се започна и со интегративното образование на деца со пречки во развојот во редовните градинки и училишта. Иако тој процес е инцидентен и некординиран, бројот од околу 400 интегрирани деца не треба да се потцени, туку не обврзува на овој процес да му пристапиме многу поорганизирано и поодготвено.
По овој кус преглед, со гордост можеме да констатираме дека е обезбеден целосен систем на институции за заштита, воспитание, образование и рехабилитација што ги задоволуваат сите потреби и за сите лица со разни видови и степен на попреченост во развојот во нашата Република, за што можат да позавидат и поголем број земји.
Тоа уште повеќе се потврдува со фактот дека во нашата Република се основани и работат:
- 15 установи за заштита, образование и рехабилитациа со капацитет од 1500 корисници;
- 66 специјални паралелки за основно образование при редовните училишта во повеќе од 20 општини со опфатеност на околу 500 ученици
Тоа посебно по пооделни видови и степени на лицата со попреченост може да се види од следниот преглед.
Преглед
на бројот на паралелките и учениците во посебните установи и училишта во Р. Македонија во 1998 год.
Во Република Македонија постојат и работат 100 претпријатија за вработување на инвалидни лица во кој се вработени 5000 лица од кој половината се инвалидни лица. Но и покрај тоа само во Скопје чекаат за вработување окулу 1000 инвалидни лица.
Паралелно со развојот на мрежата на установите за заштита и рехабилитација на лицата со пречки во развојот во Републиката, општеството преку своите органи и нивните стручни служби и другите стручни асоцијации посебно обрнуваше внимание и постигна солидни резултати и во поглед на создавањето на услови за изградување на еден современ систем на заштита и рехабилитација на овие лица прифаќајки ги светските искуства во рехабилитацијата, и унапредувајќи ги домашните, потоа во обезбедувањето на потребните материјални средства за изградба и опремување на современи установи за заштита и рехабилитација, обезбедување на стручни кадри, учебници, дидактички материјали и други технички аудиовизуелни средства и создавање на законодовна правна основа на заштитата и рехабилитацијата во Републиката.
Би се направила неправда, ако во овој момент не се каже, дека постигањето на сите овие резултати, покрај ангажирањето на организациите, органите, заедниците и лично на поедини општественици, голем придонес дадоа и даваат, плејада дефектолози, чиј број во Македонија изнесува окулу 500, што непосредно со децении беа и се со овие лица и ја делеа и делат нивната судбина.
Дефектолозите во Македонија не само што ја збогатија практиката, туку дадоа значаен прилог во дефектолошката теорија и во научно-истражувачката и наставно оспособувачката кадровска работа. Исто така се одбранети и неколку докторски дисертации и магистерски трудови од областа на дефектолошката проблематика, објавени се повеќе десетици стручни и научни публикации и универзитетски учебници од областа на заштитата и рехабилитацијата од наши дефектолошки кадри. Потоа објавени окулу 500 стручни и научни трудови во домашни и странски списанија. Исто така од дефектолози што се наоѓаат во праксата напишани се и излезени од печат одреден број учебници за децата со пречки во развојот и за потребите на училиштата и другите установи во Републиката.
Проблемот од недостиг на дефектолошки кадар во Републиката можеме со задоволство да констатираме дека е веќе надминат. Имено, со ангажираноста на Сојузот на дефектолозите на Македонија и инвалидските организации преку конкретно подготвени студиски проекти и концепции го иницираа отварањето на дефектолошките студии што најде на безрезервна подршка на надлежните органи-Универзитетот, Филозофскиот факултет, а посебно неговата деканска управа. Тоа овозможи набрзо да се отворат и да започнат со работа студиите по дефекологија-денешниот Институт за дефектологија во рамките на Филозофскиот факултет. Оваа година се запишаа студенти од седмата генерација, веќе апсолвираа три генерации од што повеќе од 30 студенти дипломираа и се вработија.
Треба да се истакне, дека основна карактеристика на развојот на заштитата и рехабилитација на лицата со пречки во развојот во Р. Македонија претставува сознанието за комплексноста и сложеноста на овој процес, за интегралниот пристап од аспект на медицината, дефектологијата, социјалната заштита, образованието, пензиско и инвалидско осигурување итн. за што зборува ангажираноста на скоро сите општествени дејности во остварувањето на општествената грижа за овие лица во нашата Република.
Зборувајќи за овие достигања, треба да го истакнеме и тоа, дека, како и во другите области, така и во оваа, науката и праксата во најново време овозможија посовремени системски решенија како во организацијата, така и во методологијата на заштитата, третманот, воспитанието и образованието и воопшто во процесот на рехабилитацијата. Сето тоа бара понатамошно следење на овие нови трендови, создавање на нови облици и методологија на работа во оваа област, измени и дополнувања на законската основа и на нормативите и стандардите во заштитата и рехабилитацијата
.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE