JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 9289
Владимир ТРАЈКОВСКИ
МЕДИЦИНСКА ГЕНЕТИКА И ЕТИКА
Медицинска генетика (МГ) во последните 30-тина години направи огромен чекор напред. Генетиката на човекот ги користи Менделовите закони, емпириските знаења, најсовремените достигања на генетскиот инженеринг со цел да се сочува здравјето на најсложеното живо суштество на нашата планета. Современите дијагностички методи овозможија да се навлезе длабоко во генетската конституција на човекот, односно да се утврдат неговите растројства.
Медицинската генетика во 80-тите години произлезе од хуманата генетика и нејзиниот развој и примена на нови технологии во неа, како што се: откривањето хетерозиготи и хомозиготи кај монофакторските заболувања, методите за пренатална дијагноза на генетските и хромозомските абнормалности на плодот, одредување на полот во текот на бременоста, ултразвучно откривање на аномалиите на органите, ин витро фертилизација, трансплатацијата на органи, фетална терапија што вклучува хируршки зафати на плодот, сите овие заедно со многуте генетски експерименти доведоа до нови проблеми и дилеми од етички аспект.
Сите поделби и дефиниции на етиката се сведуваат на една: дека етиката претставува практична филозофска дисциплина, исто како и политиката и економијата, дека тоа е наука што ги дава моралните принципи на основата на целокупното мислење и дејствување. Етиката е наука за највисокото добро како цел на човековиот чин и во генетиката и еугенетиката, целта и е сочувување на здравјето на човекот.
Етиката, како основа на секој научен пристап, еугенетиката- наука која мора да се темели на етички принципи и јурисдиката (наука за правото), што мора исто така да се потпира врз етичките постулати, сите овие три науки се комплементарни, се надополнуваат меѓу себе во донесување на многу важни одлуки. Во минатото етиката е толкувана од различни религиозни, политички и општествени слоеви, пристапот кон неа бил разновиден, но крајната цел морала да биде врвно добро за човекот. Според Хегел таа е основа на општо етичкото однесување, а тоа етичко однесување на една човечка индивидуа се нарекува морал.
Етиката, еугенетика и правните науки, неделливи едни од други, би требало да помогнат во разрешувањето или пресекувањето на некогаш цврсто врзаниот гордиев јазол со различни етички ставови, правно оправдани и еугенетички прифатливи.
Еугенетиката е наука за сочувување и можно подобрување на здравјето на човекот, за која среќаваме докази во Библијата и Куранот, каде што има писмени докази за еугенетичко однесување на луѓето. Настојувајќи да обезбедат здраво потомство во минатото, некои маѓепсници советувале, момчето да не се жени со девојка што има шест прсти, што е влакнеста, или пак што има цревни тегоби. Филозофот Сенека во стариот Рим се заложувал за давење на монструозните деца. Етиката во тоа време во тогашните општества, веројатно ги оправдувала таквите ставови. Сето ова наведено што се темели врз некои или врз нечии етички поставки, далеку е од правото и неговите закони. Според Улпиан, правник во стариот Рим “правото е уметност на доброто и еднаквоста”. Тоа е минимум морал според кој животот на човекот е неповредлив и според кој животот е најголема вредност и добро на човекот, што никој не може да му го одземе. Врз ова се заснова Хипократовата заклетва на лекарите, со која никој нема право да го прекине развојот на плодот, дури и ако се работи за монструозност. Законите се донесени за да му служат за доброто на човекот и да овозможат мирен, среден и среќен живот и секогаш треба да ги следат современите текови во науката и да се дополнуваат или менуваат постоечките.
Во хуманата генетика етичноста е основен постулат во работата. Многу примери покажуваат дека етичкиот пристап е condition sine qua non. Неодамна некои експерименти на гаметите на човекот се забранети, забрането е експерименталното користење на оплодени двоклеточни, четвороклеточни или осумклеточни структури. Наспроти нив, други медицински генетичари-етичари сметаат дека е етички да се искористат тие омнипотентни човекови клетки за истражувања што ќе помогнат да се дојде до нови сознанија во врска со најновиот развој и наследувањето кај човекот.
Работата на молекуларната основа на геномот, кај генетскиот инженеринг, денеска се контролира во повеќе земји од етички причини. Обидите со добивање на подобри видови животни, на пример создавање на овцата
“ Доли” со користење на јадрото од соматска клетка, јавно доживеа многу критики и осуди во светот. Сепак неопходна е контрола од етичарите што ќе ги насочат достигањата во науката кон позитивни цели. Неодговорното однесување на човекот, употребата на физички и хемиски средства го менува вообичаениот тек на еволуцијата врз штета на човекот. Употребата на хемикалии во храната, злоупотребата на лековите, дрогата, хормоните, тутунот, алкохолот, експозицијата на бензинските пареи, фабричкиот чад несовесното ракување со радиактивен материјал, рентгенските и другите зраци можат да доведат до многу неповолни мутации во човековиот геном, така што биолошката еволуција може да прерасне во револуција со лоши последици за здравјето на човекот. Со определувањето на кариотипот на плодот може да се откријат многу хромозомски промени постнатално некомпатибилни со квалитетен живот на таа индивидуа. За повеќето етичари, медицински генетичари, акушерки, хирурзи, дефектолози, па и родителите на тие деца, живеењето на хронично болните деца претставува агонија, односно товар за општеството. Искуството покажува дека етички е да се отстрани таков плод во интерес на среќата на мнозинството. Но, католичката религија не го прифаќа ваквиот став. Ставот на повеќе медицински генетичари преставува неутрално еугенички став, па одлуката за абортирање на заболениот плод ја донесува мајката, а генетичарите се само информатори кои предупредуваат за неквалитетниот живот на плодот зафатен со определена паталошка промена.
Напредокот на медицината и нејзините комплементарни науки, подобрувањето на дијагностичките и терапевтските можности ги менуваат принципите. На пример, пред 15 години било етички Х-врзана рецесивна болест секој машки плод да се абортира, заради ризикот од 50% дека хомозигот е заболен. Денешните можности се дигностицирање на хемофиличарите уште пред породувањето, лекување на хемофилијата, што всушност го менува некогашниот став за абортирање на плодот.
Меѓу моногенетските болести има такви што не се пројавуваат при раѓањето, туку во адултниот период од животот. На пример, кај Huntington-овата chorea ризикот за нероденото дете изнесува 50%, но овие индивидуи може да се разболат во староста и се поставува прашањето дали е воопшто етички да се направи пентална дијагноза? Дали е етички да се каже резултатот на индивидуата и со тоа да и се измени идниот професионален, општествен, емоционален живот, заради стравот што би постоел кај неа дека можеби некогаш ќе стане болна единка.
Не само биохемиските, цитогенетските испитувања, ДНК технологијата, туку и ултразвучните методи помагаат во откривањето на аномалиите што се со наследна компонента. Пример: полицистичните и агенетични бубрези, кратките екстремитети, хидроцефалусот, микроцефалусот, дефектите во невралната туба, аненцефалијата, големите абдоминални хернии, бараат многу претпазлив пристап при оценката: дали квалитетот на животот на таа единка во иднина ќе биде успешен? Дали е етички да се прекине започнатиот раст и развој на таа единка? Дали мајката е единствената која одлучува, или тоа се лекарите, етичарите, феталните и неонатални хирурзи?
Проблемот на хетороинсеминацијата често пати предизвикува дилеми кај генетичарите и етичарите. Што ќе се случи ако непознатиот донор на сперма е мирен носител на патолошки ген како и жената на која што и дарил сперма? Што ако со целосна дискреција, која во тие случаи и правно се бара, дојде до брак помеѓу полубраќа и полусестри?
Посебен проблем во генетичката етика е трансплантацијата на органи. Познато е дека трансплантацијата се доживува како последна надеж меѓу милиони неизлечиво болни луѓе кои размислуваат за замена на своите заболени, витално загрозени органи. Дали е етички постулатот на современата медицинска етика, која дозволува земање на органи од донорот дури кога тие се уништени со долготрајна хипоксија или тој постулат треба да се менува? Друг проблем е на кого треба да му се даде предност при трансплантацијата? Дали е етичка трговијата со органи, кога нашите граѓани одат дури до Индија, каде што трговијата на органи и дозволена? Критичното преиспитување на индикациите, ревизија на условите под кои се осигуруваат органите потребни за трансплантација, многу се поважни за етичкиот пристап на таа корисна метода, отколку еурофијата проткаена со публицитет и сензационализам.
Вредноста на животот, т.е. квалитетот на животот е често употребуван израз, што укажува на тоа дека животот може да биде вреден за живеење, осмислен, продуктивн, успешен, радосен, но може да биде и спротивен на тоа. Оценката за квалитетот на животот може да биде субјективна и објективна. Има етичари што ја негираат фразата “квалитет на живот” и не дозволуваат поделба на животот на квалитетен, сиромашен со квалитет и неквалитетен. Сепак повеќето етичари ги прифаќаат разликите во вредноста на животот. Прашањето за кое с# уште нема дефинитивен одговор гласи: Што е општо прифатлива дефиниција за квалитет на животот? Кој е тој што може да го објективизира овој поим? За некого личност со Down-ов синдром има квалитетен живот, а за други пак тоа е спротивност на живот вреден за живеење.
“Nihil nocere” (да не му се наштети на болниот) е основна доктрина во лекарската работа, а оваа синтагма сосема се вклопува во ставовите на етиката. Етиката како наука мора да биде збир на докажани вистини што се однесуваат на една иста формална вредност-за доброто како највисока цел на човековото дејствување. Оној што не е добар човек и што не се однесува пристојно, никогаш нема да ја научи и разбере етиката. Благородноста и умереноста се особини со кои управува човечката душа. Мудроста и разумноста се особини на разумот. Духот и разумот во позитивна симбиоза даваат крепост што е крајна цел за најдоброто, праведното и што е темел на етичката личност.
Во многу средини постојат етички комитети. Но, практиката кажува дека луѓето во тие комитети не се бираат секогаш правилно и етички и дека составот на тие комитети не е секогаш мултидисциплиниран (правник, етичар, еугенетичар). За да се реши проблемот на етичноста во медицинските постапки, некои земји имаат воведно постдипломски студии за стручњаци што ќе работат како еугенетичари и медицински етичари, кои секако би придонесле при решавањето на етичките проблеми кои постојано се јавуваат.
Денешните услови на живеење и научните достигнувања отворат широк пат за етичките пристапи, но и за неетичките манипулации со човекот дури и пред неговото зачнување. Треба да се држиме до ставот дека ако нема закони, тогаш со нашите постапки мора да управува нашата совест. Генетичарите треба да се замислат на фактот какви се манипулации ќе можат да се направат со човековиот геном, ако некој ги злоупотреби научните достигнувања во смисла на идно клонирање на соматските човекови клетки и создавање на посебен човеков род кој би бил конструиран за убивање. Но, останува само надежта дека ова во иднина нема да се случи и дека човековиот опстанок нема да биде доводен во прашање.
ЛИТЕРАТУРА
- Batshaw ML, Cho MK. Ethical choices. In: Children with Disablities, fourth editon, 1995; 33: 727-739
- Бошковски К. Медицинска етика и деонтологија. Независни изданија 1991; 33-34
- Parker LS. Bioethics for human genetics: models for reasoning and methods for teaching. Am J Hum Genet 1994; 54 (1): 137-147
- Темков К. Етичките димензии на дефектолошката професија. Дефектолошка теорија и практика 1998; 4:9-25
- Zergollern L. Human genetics and ethics. Lijes Vjesn 1990; 112 (1-2): 63-66
- Зерголлерн Л. и сур. Медицинска генетика л. Школска кнјига, Загреб 1991; 19: 366-374
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE