JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 3803
Кирил ТЕМКОВ
ДЕФЕКТОЛОГИЈАТА КАКО СИСТЕМ И РЕАЛИЗАЦИЈА
Кон изданието на книгата
“ОСНОВИ НА ДЕФЕКТОЛОШКАТА ТЕОРИЈА И ПРАКТИКА”
од д-р Љупчо Ајдински, д-р Горан Ајдински и Зоранчо Михаилов
Излегувањето на книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” од авторскиот тим составен од тројца бележити дефектолошки стручњаци и професори д-р Љупчо Ајдински, д-р Горан Ајдински и Зоранчо Михаилов претставува бележит настан и дострел на нашата наука.
Ова дело е прво и единствено кај нас со целосен пристап кон суштината и методите на дефектологијата, како една од најзначајните специјални педагошко-медицински науки во современата епоха. Всушност, таа со почит го изразува нововековниот емпатички пристап кон луѓето што страдаат и имаат проблеми во личниот развиток и живот со давање помош во нивното развивање, подготвување за извршување сообразни функции, унапредување на нивната положба и способности, со цел да им се овозможи да се вклучат во животот, да живеат полесно и да извршуваат некоја корисна функција.
Според комплексноста на зафатот и според целосноста на сознанијата што ги понудува, книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” истовремено е и научно дело за основите и базичните форми на дефектологијата, и учебник за студентите, и компендиум за стручњаците што постојано ќе се навраќаат кон сублиматот и решенијата на дефектолошката теорија и практика за да им помогнат во нивната дејност, и енциклопедиски прирачник со основните податоци за развитокот и за широката реалност, за идеите и за практичните дејства во оваа важна и напрегната педагошко-медицинска активност.
Книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” е обемна, детална во обработката и научна во пристапот.
Таа има 456 страници текст, од што последните 11 страници се Библиографија. Поделена е на два дела - Општ и Посебен дел.
Во првиот делсе изложени создавањето, развитокот, тематските подрачја, методите, главните теории и задачите на дефектологијата.
По Воведот, во кој се назначуваат проблематиката и широките подрачја на дефектологијата, дадени се преглед на развитокот на односот кон хендикепираните лица во историјата, основниот терминолошки корпус на оваа наука со оглед на неговата антрополошка позиција и демографските податоци за лицата со пречки во развојот во светот и кај нас.
По обемното расправање за развитокот на поимот и предметот на Дефектологијата, најнапред како специјална педагогија, а потем како посебна наука, се дава нејзината дефиниција во суштествена, структурална и функционална смисла, како наука за лицата со пречки во развојот и за нивната рехабилитација, како интердисциплинарна наука и како наука што поаѓајќи од биопсихосоцијалната целина на личноста се занимава со широка лепеза на дејности-од откривање, преку разни видови заштита и едукација, до овозможување на вклучување на лицата со пречки во развојот во нивната социјална средина. Предметот и задачите на дефектологијата се изложени мошне детално и таксативно.
Потоа во книгата се расправа за врските и граничните подрачја на дефектологијата со блиските науки. Низ анализата на терминолошките разликувања на подрачјето на дефектологијата е прикажан и нејзиниот развиток и основните дилеми околу дефинирањето на нејзиниот предмет и задачи. Кон тоа е придружена една значајна спецификација на теоретската концепција на дефектологијата како посебна научна дисциплина (особено низ разликувањето и поврзаноста со медицината и педагогијата). Следи детално изложување на системот на дефектологијата како практика односно рехабилитација.
Преку приказот на развитокот на основните теории на дефектологијата, како и на придонесот на одделни теоретичари кон тоа, се доаѓа до основните теоретски поставки на оваа наука денес.
По овие историски и теоретски разгледби на дефектологијата, се изложуваат основните категории и поставки на ова наука, пред с#, дефиницијата на лицата со пречки во развојот, а потем на детален начин карактеристиките, видовите, одделните задачи и процесите на современиот систем на нивна рехабилитација.
Исто така нашироко и со прецизирање на елементите, задачите и постапките е изложен и институционалниот систем на заштитата, едукацијата, рехабилитацијата и згрижувањето на хендикепираните лица.
Посебен оддел е посветен на видовите, системот и формите на подготвувањето на дефектолошките кадри.
Овој општ дел од книгата завршува со приказот на меѓународната правна регулатива за лицата со пречки во развојот, по што следува детален приказ на законите од таа сфера и комплетни извадоци од нашата законска регулатива што се однесува на оваа материја.
Вториот дел од книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” е посветен на структурата и на специфичните задачи на посебните видови дефектолошка практика.
По изложувањето на структуралната концеција на дефектологијата како матична наука, извршена е нејзина поделба на основните видови дефектолошки дисциплини-Олигофренологија, како наука што се занимава со ментално ретардираните лица, Соматопедија, како научна дисциплина за рехабилитација на телесно инвалидните лица, Тифлологија, како наука што се однесува на лицата со видна попреченост, Сурдологија, како дисциплина за децата со пречки во слушањето, и други.
Во книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика”, потоа, систематски, исцрпно и консеквентно се изложуваат тематиката, задачите и развитокот на сешто од овие посебни научни дефектолошки дисциплини, како и видовите и процесите на современ третман на лицата со вакви тешкотии во развојот: Олигофренологија (стр. 169-251), Соматопедија (стр. 262-334), Тифлологија (стр. 335-392) и Сурдологија (стр. 393-445).
Податоците и техниките изложени во овие поглавја претставуваат мошне прецизен учебник и прирачник за сите актуелни и идни стручњаци во дефектолошката професија,
Научниот труд “Основи на дефектолошката теорија и практика” од проф. д-р Љупчо Ајдински, доц. д-р Горан Ајдински и Зоранчо Михаилов е современо конципирана, сеопфатно замислена и детално изложена научна книга за една од важните современи научни дисциплини. Во неа е направен одличен баланс меѓу приказот на развитокот на Дефектологијата, на нејзините дилеми и точното дефинирање на нејзините области и задачи, на нејзиното место во системот на науките и на односите со блиските научни области-и опстојното изложување на нејзините цели, задачи, методи и техники.
Во книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” мошне детално се претставени сите задачи и методи на дефектолошката практика, што од неа прави првокласен учебник за студентите по дефектологија, но и базично дело на дефектолошката теорија и практика кај нас, врз што ќе се потпираат сите оние што ги истражуваат проблемите на лицата со пречки во развојот или лично се ангажираат во овие сложени и благородни активности.
За кусо време, од почетното основање на Катедрата за дефектологија при Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје до денешната состојба на постоење и дејствување на самостоен Институт за дефектологија при овој факултет, изврвен е пат на голем развиток на оваа наука и образовна практика во Република Македонија, чија видна точка е и создавањето на оваа книга како основен учебник за прашањата на дефектологијата како наука и за нејзините видови и методи на проучување и дејствување. Во таа смисла, книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” претставува еден од аголните камења на градбата на Дефектологијата кај нас, кој ќе ги поттикне натамошните истражувања и подем на оваа значајна област на човечкото творештво и социјална грижа.
Низ книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” провејува универзалниот дух на оваа наука, во неа се изложени тешките прашања на рехабилитацијата на ретардираните личности, што претставува врвна пројава на етичкиот дух на современото човештво и висок дострел на педагошко-медицинските сознанија и вештини на денешницата. При тоа-што претставува нејзина особена вредност-во ова дело се изложени и автентичните искуства од полувековните дефектолошки истражувања и практика на македонските дефектолози, што со својата дејност, а особено со овој научен труд се приклучуваат кон светските текови на развитокот на дефектолошката наука.
Книгата “Основи на дефектолошката теорија и практика” од професорите на Институтот за дефектологија д-р Љупчо Ајдински, д-р Горан Ајдински и Зоранчо Михаилов е одличен научен труд, информативен и прегледен, кој ги прикажува сите основни и најсовремени научни теории за оваа област и остварува одлична рамнотежа меѓу теоријата и практиката, меѓу упатувањето и подучувањето. Како таков тој претставува значаен дострел на нашата наука и исклучително им е потребен и на нашето образование, и на нашата специјална дефектолошка практика, и на нашето општество, кое почнува да води сe повеќе грижа за лицата попречени во развојот, што е современ светски тренд.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE