Билјана ФУНА

 

НЕКОИ АСПЕКТИ НА ПОДГОТВЕНОСТА НА ВОСПИТУВАЧИТЕ И УЧИТЕЛИТЕ ЗА ОТКРИВАЊЕ НА ЛЕСНО МЕНТАЛНО РЕТАРДИРАНИТЕ ДЕЦА И НИВНОТО ИНТЕГРАТИВНО ОБРАЗОВАНИЕ

 


Физички­тој не може, со разумот­ тој не знае, психички­тој не сака. Тој и би можел, и би знаел само кога би сакал; но сета невоља се состои во тоа што тој, пред сè, не сака

СЕГЕН

Разни причини доведуваат до определени последици по човековата состојба, неговиот статус, улогата и местото во општеството. Болестите, физичките оштетувања, наследните и социјалните фактори причинуваат и условуваат состојби што се движат од лесни оштетувања до целосна неспособност на човекот.
Денес, врз основа на голем број извештаи, студии, статистички ис­тражувања, како и резултатите добиени од истражувачките проекти се цени дека 7­8% од општата популација на хендикепирани деца имаат потреба од рехабилитациони мерки. Истражувањата во нашата средина, кога станува збор за распро­странетоста на лица со ментална ретардација покажува дека таа се движи околу 2.5%. За среќа, меѓу нив најголем е бројот на оние со лесна ментална ретардација.
Детекцијата на ретардираните деца претставува првата и мошне важна фаза во процесот на рехабилитацијата, што овозможува индентифи­кација и врз основа на неа преземање на потребните мерки во програмира­њето и организирањето на рехабилитациониот процес.
Од правилната детекција, посебно во моментот кога таа се врши, зависи успехот на работата во сите натамошни фази. Тоа посебно доаѓа до израз кога се знае дека етиолошките фактори што доведуваат до психосо­матски недостатоци често почнуваат да дејствуваат многу рано, уште во детската возраст. Оттука треба да се истакне важноста на раното откри­вање како и причините што довеле до недостаток, за да можат оптимално да се користат процесите на психофизичкиот развој на детето во времето кога се најинтезивни, посебно кога овие деца се запишале во редовното училиште.
Во развојот на созревањето на детето постои, како што знаеме, био­лошка и психофизичка законитост. Тоа значи дека развојот на детето не трпи чекање. Заради тоа дијагностиката и рехабилитацијата треба да се вр­шат кога за тоа постојат оптимални најсоодветни услови. За да не дојде до последици, детето треба навреме комплетно дијагностички да се обработи. Со дијагностиката се утврдува состојбата, обликот и степенот на попре­ченоста како и причините, последиците и можностите за целосна или делумна рехабилитација, мерките и третманот, времето, местото, фор­мите и методите на рехабилитационо­корективниот третман.
Раната рехабилитација и третманот ги вклучуваат сите можни и по­требни мерки за отстранување или сведување на минимум на психофизичка­та состојба на детето до степен што ќе овозможи во максимална мера вра­ќање на изгубените или ограничени функции. Со тоа на детето би му се овозможило позабрзан психофизички развој и вклучување во средината. Се смета дека периодот до седмата година е период каде постојат сите услови најголем број од децата да се рехабилитираат и да се подготват за едукати­вен (воспитно­образовен) процес.
И покрај тоа што раниот рехабилитационен третман е еден од нај­важните периоди во целокупниот третман на ментално ретардираните, сос­тојбата во нашата практика покажува дека во тој период е минимално ко­ристен.
Од тоа произлегува дека најчесто третманот на ментално ретардира­ните деца започнува токму во периодот пред или окулу седмата година кога детето се јавува во предучилишната установа или во основното училиште.
Организираното предучилишно воспитание има значајна улога во развојот на сите деца, а особено на лесно ментално ретардираните. Пред­училишното воспитание на децата со пречки во психофизичкиот развој би требало да се одвива заедно со другите деца. Но, факт е дека во овој мо­мент во предучилишните установи опфатени се само деца од урбаните сре­дини, а во таа популација и сосема мал број на деца со пречки во психофи­зичкиот развој. Заради тоа е потребно во што поскоро време прифаќање на лесно ментално ретардираните деца во предучилишните групи.
Тоа не е ниту лесно, ниту едноставно, но е многу потребно и неопход­но. Се разбира, претходно треба да се обезбедат: просторни услови, соод­ветен кадар и соодветна опсервација дијагностика и третман.
Со концепцијата на основното образование и воспитание за лесно ментално ретардираните деца е обезбеден примерен воспитно­образовен процес во неколку организациски облици:

 

  • во редовни основни училишта, со максимална можна примена на индиви­дуалниот пристап;
  • во специјални паралелки во склопот на основното училиште;
  • во посебни специјални училишта.

И во предучилишните установи, а и во првиот наведен облик за при­фаќањето на лесно ментално ретардираните деца во редовни училишта за да се оствари целосна и адекватна рехабилитација е потребно, односно неопходно е да се обезбедат услови за нивно воспитание, образование и подготовка за непречено вклучување во општествената заедница. Кога ги спомнувам условите, пред сé, мислам дека во предучилишната установа и основното училиште мора да се обезбеди простор што би ги задоволил сите педагошки, здравствени и хигиенски потреби. Да се набават сите потребни наставни средства и помагала што наполно би ги задоволиле принципот на конкретизација, а бројот на ученици би требало да биде сведен на онаа мера што би овозможила успешно да се оствари принципот на индивидуален прис­тап. Како клучен момент е присуството на дефектолог, кој покрај непосред­ната работа со овие деца би имал функција на стручен соработник и коорди­натор на целокупната активност поврзана со хабилитацијата и рехабилита­цијата на оваа категорија деца.
Мошне значајно е да се одбележи дека кадарот што е моментално вработен во предучилишните установи и во основните училишта, а тоа се воспитувачите и учителите, не се доволно информирани за широкиот регис­тар проблеми на децата со пречки во развојот како од здравствен така и од психо­педагошки аспект.
Постојниот кадар како и оние што се подготвуваат во иднина за вос­питно­образована дејност немаат предзнаење за работата со лесно ментал­но ретардирани деца и за пристапот кон нив.
До овие сознанија дојдовме разгледувајќи ја и анализирајќи ја стара­та програма на Педагошката академија и новата програма на Факултетот за учители и воспитувачи во Битола од што се забележува дека лесно ментал­но ретардираните деца се споменуваат како категорија што може да се сретне во воспитно образовните установи со краток осврт на некои нивни карактеристики.
Овој голем недостаток сам по себе повлекува и други проблеми што ја докажуваат недоволната подготвеност за интеграција на лесно ментално ретардираните ученици во редовните паралелки.
Практиката потврди дека образовната интеграција на децата со лесна ментална ретардација е составен дел на процесот на осовремену­вање на системот на рехабилитација, но нејзиното остварување е услове­но со голем број на придружни проблеми и тоа:

  • интеграцијата како посебно важна задача на реформата треба да се спроведува претпазливо, да се води сметка за степенот на оштету­вање, заради што постојат низа прашања што бараат одговор;
  • треба да се помисли на опасноста од уништување на постојното, а отсуство на нешто ново­поквалитетно;
  • без никаква подготвеност лесно ментално ретардираните деца се вклучуваат во редовните паралелки;
  • работата со нив е исклучиво сведена само на воспито­образовниот процес;
  • наставата ја изведуваат наставници без дефектолошко образование;
  • во редовните училишта не се вработуваат дефектолози како струч­ни соработници со индентичен статус како училишните педагози и психолози и др.

И покрај сите овие проблеми сé повеќе лесно ментално ретардирани деца се вклучуваат во воспитно­образовниот процес во редовните паралел­ки при основните училишта.
За таа цел е императивна потребата од воведување во наставната програма на овие факултети настава по основи на дефектологија со што кадрите би добиле основни предзнаења за можноста на вклучување на лесно ментално ретардираните деца во предучилишните установи и ре­довните основни училишта. Тоа не го исклучува присуството на непосред­на дефектолошка помош и соработка.
Содржината, големината и обликот на стручната помош би зависеле од низа околности како на пример: од возраста на детето, неговата целокуп­на психо­физичка структура и способност, можностите и условите во семеј­ството, претходниот третман, упатеноста, можностите за учество на други соработници во воспитанието и образованието.
Помош на лесно ментално ретардираните деца во воспитанието и образованието можат да дадат и други соработници. Затоа непосредната работа на дефектологот се однесува, во прв ред, на посебни рехабилитацио­ни постапки, односно на оние активности и задачи што не се во состојба да ги извршуваат другите соработници или тоа не можат да го вршат без помош на дефектолог.

 
 
 
 

ЛИТЕРАТУРА

  1. Ајдински Љупчо. Интегрална рехабилитација на ментално ретардираните лица, Београд, 1982
  2. Аћимовић Љубомир: Класификација деце и диференцирање наставе и васпитање у помо¢ној школи “Специјална школа”.
  3. Ћордић А., Ајдински Љ., Кораћ Б., Доришки Њ., Пауљев С.: Дефектолошка теорија и пракса, 1984.
  4. Ћордић А., Бојанин С.: Дефектологија и савремено друштво, Дефектолошка теорија и пракса, 1981.

 

Share

Follow Us



FacebookTwitterLinkedinWikiBlogger

Share Us

MySpaceTwitterStumbleuponGoogle BookmarksRedditLinkedInMixxRSS FeedPinterest
 

Journal metrics

Publish with JSER

Indexed in