JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 5194
Љупчо АЈДИНСКИ
КОНЦЕПЦИЈАТА И ОРГАНИЗАЦИЈАТА ЗА ОСПОСОБУВАЊЕ
НА ДЕФЕКТОЛОШКИТЕ КАДРИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА*
Вовед
Потребата за оспособување на дефектолошки кадри во Република Македонија се наметна со отварањето на првите специјални училишта, односно установи за деца со пречки во развојот веднаш по ослободувањето.
По овој повод ќе ја презентираме накусо само денешната концепција и организација во подготвувањето на дефектолошки кадри во Република Македонија.*
Во текот на 1991 година, беше усвоен Елаборат за состојбата и развојот на заштитата, образованието и рехабилитација на лица со пречки во развојот, врз кој предходно се работеше подолго време во организација на Сојузот на дефектолошките друштва на Република Македонија, а во кој со обемна студија се актуализираа потребите од формирање на високо образовна установа за подготвување на дефектолошки кадри во Република Македонија. Дотогаш, па и неколку години подоцна, потребните дефектолошки кадри за Македонија се оспособуваа на Дефектолошкииот факултет во Белград и во Загреб.
Во елаборатот што го поднесе Сојузот на дефектолошките друштва на Македонија до Владата на Република Македонија и до Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во 1992 година, за потребите од отварање на високо образовна установа за подготвување на дефектолошки кадри беше предвидено да се оформи Дефектолошки факултет што ќе подготвува два профили дефектолози:
-
клинички дефектолог и
-
дефектолог едукатор за предучилишно воспитание и одделенска настава на деца со пречки во развојот.
Од објективни причини, пред сè просторни, кадровски и финансиски, не можеше да се прифати предлогот за посебен факултет, но Ректорот прифати предлогот за оспособување на двата профила кадри и во врска со тоа поведе постапка до Медицинскиот факултет, за оспособување на првиот профил и до Филозофскиот факултет за оспособување на вториот профил кадри.
Медицинскиот факултет, исто така од објективни причини, пред сè кадровски, сè уште ги нема организирано студиите за подготвување на клинички дефектолог. Овој започнат процес се наоѓа во мирување.
Филозофскиот факултет го прифати предлогот на Ректорот за организирање на студии за подготвување на дефектолошки кадри за работа со деца од предучилишна и основноучилишна возраст, донесе Одлука и наставен план и програма. Во октомври 1993 година, Советот на Универзитетот “Св. Кирил и методиј” во Скопје, донесе Одлука за започнување со работа на студиите во учебната 1993/94 год. што беше потврдено и од страна на Министерството за образование на Република Македонија.
Краток осврт на текот и развојот на дефектолошките студии
Првата генерација студенти апсолвираа во јуни минатата 1997 година и веќе 8 од нив дипломираа.
Студиите траат 4 години, а се реализираат по посебен наставен план и програми. По завршување на студиите се добива стручно звање-дипломиран дефектолог.
Ваквиот стручен профил, како општ дефектолог се оспособува да изведува рехабилитациона и воспитно-образовна работа со деца со пречки во развојот (деца со оштетен вид, деца со оштетен слух, ментално ретардирани и телесно инвалидни деца) од предучилишна и основноучилишна возраст, во специјални рехабилитациони установи и специјални основни училишта.
Исто така дипломираниот дефектолог ќе може да работи како член на стручниот тим и во редовните предучилишни и училишни установи како во здраствените и социјално заштитните установи во кои се остваруваат процеси на заштита, образование и рехабилитација.
За ваквиот концепт за оспособување на општ дефектолог определбата ја детерминираа следниве причини:
Прво, малиот број на население (окулу 2 милиона во Републиката);
Второ, малиот број на установи за одделни видови на степени на попреченост (на пример, по една установа за лица со оштетен вид, за телесно инвалидни и сл.);
Трето, полесно вработување на дипломираните дефектолози; и
Четврто, ваквиот профил на дипломиран општ дефектолог повеќе одговара за неговото вклучување во редовните детски градинки и училишта, здравствени, социјални и други установи.
За успешно реализирање на ваквата концепција е предвидено и организирање на специјалистички студии за одделни дефектолошки подрачја што ќе започнат во учебната 1998/99 год. Имено, откако дипломираниот дефектолог ќе се вработи на работно место со определен вид и степен на попречност, тој може да се запише на специјалистички студии на определено дефектолошко подрачје, за понатамошно негово стручно усавршување. Времетраењето на специјалистичките студии се решава со наставниот план според видот на дефектолошкото подрачје.
Во рамките на институтот, исто така, се организираат и едногодишни дополнителни дефектолошки студии за предметни наставници. Овие студии се организираат како дополнително дефектолошко образование за предметни наставници што дипломирале на соодветен наставнички факултети, а работат или сакаат да работат со деца и младинци со пречки во развојот.
Наставни планови
Според наставниот план за редовните четиригодишни студиии се предвидени да се слушаат и полагаат 35 предмети и тоа:
-
Во I и II семестар: општа дефектологија, општа педагогија, општа психологија, физиологија со функционална анатомија, филозофија, социологија, македонски јазик со култура на говорот, светски јазик и одбрана и заштита.
-
Во II и III семестар: хумана генетика и невросихологија со психомоторна реедукација;
-
Во III и IV семестар: предучилишна педагогија, историја на педагогијата со компаративна педагогија, развојна психологија, педагошка психологија, медицински основи на хедикипираноста, структурална дефектологија и општа логопедија;
-
Во IV и V семестар: логика
-
Во V и VI семестар:психологија на хендикепирани лица, дефектолошка дијагностика, ортопедагогија, дидактика со специјална дидактика, методика на ран третман и предучилишно воспитание на деца со пречки во развојот, методологија на истражување во дефектологијата и статистика;
-
Во VI и VII семестар: социјална заштита на хендикепирани лица и економика на образованието;
-
Во VII и VIII семестар: методика на одделенска настава со лесно ментално ретардирани ученици, методика на одделенска настава со глуви и наглуви ученици, методика на одделенска настава со телесно инвалидни ученици, методика на воспитна-образовна работа со тешка и комбинирана хендикепираност, професионална ориентација и оспособување на хендикепирани лица и физичко воспитување.
Според наставниот план е предвиден и еден од следните изборни предмети:
Во конципирањето и реализацијата на наставниот план им е дадена предност на вежбите и на практиката и тоа по три основи:
Прво, односот на бројот на часовите е 40:60, односно 40:70, во корист на вежбите и практиката;
Второ, вежбите се изведуваат исклучиво претпладне, а наставата попладне; и
Трето, студентите од трета и четврта година, во текот на учебната година имаат работна практика од 30 дена.
Наставата ја изведуваат наставници, асистенти и стручни соработници од институтот за дефектологија, другите институти при Филозофскиот факултет и други факултети на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и тоа:
- 14 редовни професори,
- 5 вонредни професори,
- 8 доценти,
- 4 стручњаци од практика,
- 4 асистенти во настава, и
- 10 асистенти што изведуваат вежби.
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE