JSER Policies
JSER Online
JSER Data
Frequency: quarterly
ISSN: 1409-6099 (Print)
ISSN: 1857-663X (Online)
Authors Info
- Read: 9973
Наташа ГАЛЕВСКА
ПРИМЕНА НА КВАЛИТАТИВНИОТ ИСТРАЖУВАЧКИ ПРИСТАП ВО СПЕЦИЈАЛНАТА ЕДУКАЦИЈА
Потребата од квалитативен пристап во истражувањата особено е нагласена во специјалната едукација поради специфичните околности во кои се одвиваат истражувањата. На еден научен собир посветен на методите на истражување и евалвацијата во специјалната едукација, еден од учесниците истакнал: “Премногу специјалисти од нашата област настојуваат да ги направат истражувањата научни применувајќи експериментални модели какви што се користат во природните науки и нашироко во психологијата. Истовремено, прегледот на литературата од истражувањата покажува дека мошне често се користат сосем едноставни експериментални модели иако субјектите што треба да се истражуваат бараат многу поиздиференцирана истражувачка стратегија” (Schindele, RA, 1985, 12). Проучувањето на масовни истородни појави, статистичкото заклучување и генерализацијата на заклучоците, својствени за номотетичкиот, квантитативниот пристап не соодветствува со карактеристиките на популацијата што се проучува во специјалната педагогија. Во овие истражувања обично се проучуваат помали групи на субјекти, групи што се екстремно хетерогени и потешко достапни. Третманот на субјектите во групите е комплексен, специфичен и различен за секој поединец, како што се различни и специфични потребите на секоја индивидуа. Поради овие причини примената на класичното експериментално истражување станува неадекватна или невозможна. Методолошки проблеми се јавуваат при формирањето и изедначувањето на групите во експериментот, потоа се јавува проблемот на репрезентативност на субјектите (примерокот), а сето тоа придружено со етички и морални проблеми на внесување на експерименталните фактори кои може да предизвикаат значителни позитивни или негативни ефекти кај испитаниците. Позитивните ефекти од воведувањето на експерименталните фактори подоцна може да доведат до негативни последици бидејќи по завршувањето на истражувањето субјектите ќе бидат лишени од нивното влијание. Ова се само дел од недостатоците и ограниченостите на квантитативните истражувања во областа на специјалната педагогија кои може да бидат надминати со квалитативниот пристап, односно со комбинирана примена на различните истражувачки стратегии.
Разлики меѓу квалитативниот и квантитативниот истражувачки пристап
На еден симпозиум на кој се расправало за квалитативните и квантитативните методи на истражување, еден од учесниците (Halfpenny,1979) направил листа на термините кои во текот на симпозиумот биле користени за да се истакне разликата меѓу едните и другите. Листата ја презентираме во малку модифициран облик:
Квалитативни Квантитативни
флексибилни фиксирани
дескриптивни/истражувачки објаснувачки
субјективни објективни
индуктивни дедуктивни
спекулативни/илустративни тестирање хипотези
интерпретативни позитивистички
неригорозни ригорозни
меки тврди
добри лоши
лоши добри
Карактеристиките на квалитативните и квантитативните истражувања уште подобро може да се разграничат преку конкретни примери на извршени истражувања. За таа цел може да ни послужат два типични примера на квалитативно и квантитативно истражување презентирани во книгата на Бриман “Квантитативноста и квалитативноста во општествените истражувања” (Bryman, A, 1993).
Квантитативното истражување е спроведено од истражувачот Хирши (Hirchi) во 1969 година. Во ова истражување тој ја проверувал валидноста на три различни теории за деликвентност кај младите од кои едната била негова, сопствена. За таа цел било спроведено анкетирање (survey) за испитување на ставови кај младите со помош на прашалник. Внимателно бил избран примерок од 5.545 училишни деца застапени еднакво по пол и раса, со цел примерокот да биде репрезентативен за регионот на Калифорнија. При статистичката анализа на податоците била применета коваријанса, корелација, и мултиваријантна анализа за сортирање на директните и индиректните ефекти од контролираните варијабли.
Второто истражување што е типично квалитативно, е извршено од Адлер (Adler) и нејзиниот сопруг во осумдесеттите години. Основна цел им била етнографски да истражат определени девијантни случаи во општеството, конкретно дилерите на дрога. Идејата за едно вакво истражување произлегла од нивното пријателство со соседот за кого се покажало дека е дилер на дрога од висок ранг. Бидејќи оваа популација е тешко достапна за испитување, тие биле охрабрени да направат етнографско истражување со што ќе покажат како овие луѓе живеат, мислат, дејствуваат, односно, како изгледа светот од нивна перспектива. Истражувањето било теренско, со примена на методот на партиципативно набљудување. Адлерови поминале 6 години во секојдневно набљудување на дилерите на дрога, патувале со нив, оделе на забави и средби, ги следеле нивните планови и бизниси, разговарале и правеле с# она што тие го прават, освен продавањето дрога.
Во истражувачките пристапи на Хирши и Адлер постојат значителни разлики. Ќе истакнеме некои од нив:
- Разлики постојат во целта и приодот кон истражувањето.
Хирши во предговорот на својата книга вели дека цел на неговото истражување е да се тестира и да се провери една теорија за деликвенција. Тој ја создал својата теорија претходно, а истражувањето требало да покаже дали е таа точна или не.
Квалитативните истражувачи се противници на идејата однапред да се тргне со некаква теорија што би го насочувала истражувањето. Адлерова на крајот извлекува заклучок дека занимавањето со дрога е компонента на еден хедонистички стил на живеење, но тоа не било теорија од која претходно тргнала или настојувала да ја провери, туку индуктивно извлечено сознание од нејзиното истражување.
- Разлики во третманот на испитаниците и користените истражувачки тхеники.
Хирши ги третирал сите испитаници еднакво, применувал ист прашалник и исти упатства за сите. Адлерова користела помалку стандардизиран пристап, нејзиниот примерок трпел промени, врските со испитаниците биле на различно ниво, користела набљудување, конверзација, неформално интервју.
- Разлики во анализата и интерпретацијата на резултатите.
Хирши високо и прецизно дефинирал с#, барал каузалитет, резултатите статистички ги обработил и ги претставил во табели. Адлерова резултатите ги интерпретирала дескриптивно, со многу наводи и детални описи. Тоа биле квалитативни, а не нумерички податоци.
Како да се гледа на овие две стратегии? Што би станало ако двата истражувачи меѓусебно би ги замениле проблемите на истражување, а би ги задржале истите методи. Веројатно ни едниот ни другиот не би извлекол некои позначајни сознанија. Се работи за две стратегии, за две парадигми, за два различни начина на раководење на истражувањето. Изборот дали да се користи едниот или другиот зависи од адекватноста и можноста тие да одговорат на определени истражувачки проблеми.
За потенцирање на разликите меѓу истражувачките техники што се користат во квантитативните и квалитативните истражувања може да ни послужи табела 1. Како што гледаме, некои истражувачки техники, како на пример, систематското набљудување и анкетирањето се карактеристични за квантитативните истражувања, додека други, од типот на партиципативното набљудување и слободното интервјуирање се типични за квалитативните истражувања. Постојат и истражувачки техники, како на пример, техничката анализа на содржина, што се применуваат и во едните и во другите истражувања, но во зависност од тоа дали станува збор за квантитативно или квалитативно истражување, тие добиваат различен облик и се модифицираат според целта на конкретното истражување
Природата на квалитативните истражувања
Иако и меѓу самите квалитативни истражувања постојат разлики, сепак сите тие имаат заеднички обележја што ги одделуваат од другите видови истражувања. Најсуштествени карактеристики што ја определуваат природата на квалитативните истражувања се следните:
А. Истражувањето се одвива во природна средина.
Квалитативните, особено етнографските истражувања често имаат за цел да ги откријат односите или културните белези на некоја заедница, односно да дојдат до сознанија за начинот на кој индивидуите гледаат на појавите и односите во нивната заедница. За да се дојде до вакви видови податоци истражувачот мора да работи теренски, во природни услови. Дури и кога се работи за видео или аудио снимање на определени појави, сепак не може с# да се остави на апаратите, туку истражувачот мора да ги запознае и да ги земе предвид условите во кои се врши снимањето на податоците.
Квалитативните истражувања секогаш се одвиваат во природна средина, не постои вештачки создадена истражувачка ситуација, ниту внесување на надворешни варијабли.
Б. Истражуваните појави се гледаат низ очите на испитаниците.
Најчеста цел на овие истражувања е да се открие и да се разбере начинот на кој луѓето го перципираат светот и ги толкуваат настаните во општеството. Наместо толкување акцентот е ставен врз разбирањето на перспективите на субјектот, неговиот начин на резонирање и доживување на стварноста. Истражувачите се воздржуваат од објективни проценки и го респектираат субјективното искуство.
В. Дескриптивност
За разлика од квантитативните истражувања каде што обично истражувачот има за цел да утврди определени причинско-последични односи, квалитативните истражувачи ги опишуваат феномените како што се дадени, како што постојат во стварноста. Дескриптивноста, како карактеристика на квалитативните истражувања, е условена од целта на истражувачот да се приближи до испитаниците и да разбере како размислуваат тие за определени социјални ситуации. Затоа во извештаите на овие истражувања се присутни детални описи на појавата што се следела, со користење на наративен стил, за разлика од егзактниот и прецизен јазик со кој се служат квантитативните истражувачи.
Г. Флексибилност
Квалитативните истражувања се карактеризираат со флексибилност. Кај нив не постои строга рамка по која би се водел истражувачот, туку таа може да се менува во зависност од текот на истражувањето. Проектот на истражување иако е претходно разработен, не е цврст, непроменлив, туку може да се менува и да се дополнува во текот на истражувањето. Флексибилноста на дизајнот на истражување нормално доведува и до флексибилен редослед на етапите на истражувањето. Процесот на истражувањето не се одвива линеарно, етапа по етапа, туку две или повеќе етапи на истражувањето може напоредно да се одвиваат или циклично да се повторуваат. На пример, често се случува по анализата на добиените податоци повторно да се вратиме на етапата “собирање податоци”. И етапите на формулирање и докажување на хипотезите не се строго определени, туку во самиот процес на истражувањето се јавуваат и се формулираат нови хипотези.
За определување на карактерот на квалитативните истражувања, кај различни истражувачи среќаваме различни дефиниции. На пример, професорот Поасо од Квебек (Yves Poisson) до суштината на квалитативните истражувања доаѓа преку основното значење на терминот квалитет. Тој вели:
“Зборот квалитет често во мислите на луѓето поттикнува идеја на нешто значајно, суштествено или нужно. Тоа е точно и значењето што треба да се задржи кога станува збор за квалитативните истражувања, зашто истражувачот настојува да дојде до суштината на човечките феномени.”
(Poisson, 1990, 16)
Од досега кажаното може да заклучиме дека современите квалитативни истражувања се одвиваат во природни услови, се фокусирани на единката, и настојуваат да допрат до суштината на појавите, односно да ги проучат во интензитет, а не во екстензитет. Истражувачот во квалитативните истражувања ги проучува процесите, а не продуктите. Тој е близок со своите испитаници и се обидува да го разбере начинот на кој тие резонираат.
(продолжува во наредниот број)
ЛИТЕРАТУРА
- Adler, PA (1985): Wheeling and Dealing: An Ethnography of an Upper-Level Drug Dealing and Smuggling Community. Columbia University Press, New York.
- Bryman, A (1994): Quantity and Quality in Social Research. Roultledge, London.
- Cohen,L, Manion,L (1994): Research Methods in Education (4th ed), Routledge, London.
- Halfpenny, P (1979): The Analysis of Qualitative Data. Sociological Review, vol. 27, no.4. 799-825.
- Hirschi, T (1969): Causes of Delinquency. University of California Press, Berkeley.
- Poisson, Y (1990): La Recherche Qualitative en Éducation. Presses de l'Universitе du Ouеbec, Ouеbec.
- Schnidele, RA(1985):"Research Methodology in Special Education:AFramework Approach to Special Problems and Solutions". Research and Evaluation Methods in Special Education (eds.Hegarty, S, Evans,P), NFER NElson, 3-26
Share Us
Journal metrics
- SNIP 0.059
- IPP 0.07
- SJR 0.13
- h5-index 7
- Google-based impact factor: 0.68
10 Most Read Articles
- PARENTAL ACCEPTANCE / REJECTION AND EMOTIONAL INTELLIGENCE AMONG ADOLESCENTS WITH AND WITHOUT DELINQUENT BEHAVIOR
- RELATIONSHIP BETWEEN LIFE BUILDING SKILLS AND SOCIAL ADJUSTMENT OF STUDENTS WITH HEARING IMPAIRMENT: IMPLICATIONS FOR COUNSELING
- EXPERIENCES FROM THE EDUCATIONAL SYSTEM – NARRATIVES OF PARENTS WITH CHILDREN WITH DISABILITIES IN CROATIA
- INOVATIONS IN THERAPY OF AUTISM
- THE DURATION AND PHASES OF QUALITATIVE RESEARCH
- REHABILITATION OF PERSONS WITH CEREBRAL PALSY
- HYPERACTIVE CHILD`S DISTURBED ATTENTION AS THE MOST COMMON CAUSE FOR LIGHT FORMS OF MENTAL DEFICIENCY
- DISORDERED ATTENTION AS NEUROPSYCHOLOGICAL COGNITIVE DISFUNCTION
- AUTISM AND TUBEROUS SCLEROSIS
- PEDAGOGICAL DIMENSIONS OF THE LEISURE